дома блог страница 1403

Прилепските пожapникapи го добија новото теренско возило кое општина Прилеп го доби од Дирекцијата за заштита и спасување

Општина Прилеп минатата недела доби донација ново теренско возило од Дирекцијата за заштита и спасување, а денеска истото беше предадено на користење на Територијалната противпожарна единица.

-Подобрување на материјално-техничките услови во ТППЕ Прилеп е од витално значење затоа што вие сте тимот кој што има огромно значење за нашата општина и за безбедноста на нашите сограѓани.

Да се надеваме дека нашата противпожарна единица ќе треба што помалку да го користи ова возило за гаснење на пожари на отворен простор.

Благодарност за донацијата до Дирекцијата за заштита и спасување и верувам дека соработката со Локалната самоуправа ќе продолжи и во иднина – напиша градоначалникот Јовчески на ФБ.

Поскапува и кафето, секојдневниот утрински ритуал станува луксуз

Шолја кафе, секојдневната рутина со која многумина го започнуваат денот, ги чини македонските граѓани за 18,3 отсто поскапо отколку една година порано. Граѓаните на ЕУ, пак, пијат кафе поскапо за 16,9 проценти, покажуваат податоците на Евростат за август 2022 година, споредено со истиот месец лани.

За оние кои го пијат кафето со млеко или шеќер, овој утрински ритуал може да биде уште поскап и да стане луксуз бидејќи цените на тие артикли се зголемени уште повеќе во текот на изминатата година. Цената на свежото полномасно млеко во Северна Македонија е зголемена за 29 отсто, а на шеќерот за 58 проценти.

Во земјите од ЕУ, пак, во просек млекото поскапело за 24,3 отсто, а шеќерот за 33,4 отсто, најмногу во Полска за дури 109,2 проценти.

Според податоците на Евростат, цените на кафето, млекото и шеќерот се зголемиле во сите земји-членки на ЕУ, освен во Малта.

Кафето најмногу поскапело во Финска (43,6%), во Литванија (39,9%) и во Шведска (36,7%)

Млекото во Литванија (58,2%), во Хрватска (41,2) и во Естонија (38,9%).

Шеќерот, пак, во изминатата година најмногу поскапел во Полска (109,2%), во Естонија (81,2%), Летонија (58,3%) и во Бугарија (44,9%).

Завршена изградбата на патот до манастирот Пресвета Богородица кај Обршани (Видео)

Градоначалникот на општина Кривогаштани, Николче Мискоски информира дека завршена е изградбата на патот до манастирот Пресвета Богородица кај село Обршани во должина од 355метри.

-Реализација на проект “Искористување на конкурентските потенцијали во Пелагонискиот регион преку зголемување на капиталните инвестиции во инфраструктурата”. Финансирано од БРР преку центар за развој на пелагониски плански регион “Основен проект за изградба на -Локален пат до Манастир Пресвета Богородица” во должина 355 м. Во вредност од 3.940.209 ден од кои 82.730 ден финансирани од Општина Кривогаштани , Изведувач на проектот БВ инженеринг од Битола – напиша Мискоски на ФБ.

Објавена програмата за одбележувањето на Денот на народното востание – 11-ти Октомври во Прилеп

Општина Прилеп ја објави програмата за одбележувањето на Денот на народното востание – 11-ти Октомври.

Одбележувањето на празникот ќе започне викендов со Меѓународниот џудо турнир “Прилеп град херој 2022” во спортската сала во СОУ “Ристе Ристески Ричко”. Вечерта пак на 09.10. ќе се одржи и Интернационалниот детски фестивал “Ѕвездички”.

На 10.10 со почеток од 09:30ч. започнува Фестивалот на медот, кој во наредните два дена ќе се одржува на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”.

Централниот настан оваа година ќе биде на камената бина на плоштадот “Александрија”, каде ќе настапат Октетот Прилеп и бендот “Peaches”.

Традиционално ќе се одржи импровизиран напад на бугарскиот Участак, а потоа ќе следува огномет.

Целосната програма погледнете ја во продолжение:

Откако цените почнаа да рушат рекорди, Владата ја ограничи маржата за млечни производи

Владата на Република Северна Македонија, на денешната 87-ма седница донесе Одлука за дополнување на одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки. Со оваа одлука, на предлог на Министерството за економија, се замрзнува маржата и за млечните производи: урда, крајво бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, за коишто се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало.

При редовна контрола на Државен пазарен инспекторат во трговијата на мало и трговијата на големо, според Информацијата од Министерството за економија, укажано е на потребата од интервенција кај наведните стоки, поради растот на нивните цени. Како што е познато, од 14 јуни 2022 година, утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи: леб (бел), шеќер (бел), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица (тип 400 и тип 500), макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември 2022 година.

На Владината седница, што се одржа попладнево преку видео конференциска комуникација, е донесена и Одлука за престанување на важење на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки. Одлуката за ограничување на извозот се однесуваше на пченица и наполица, брашно од пченица и наполица и семе од сончоглед (кршено или дробено).

Во предлогот на Министерството за економија за прекин на нејзината важност, донесен, како што е посочено, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се исполнува и обврската од Договорот за безбедносни механизми за храна во Западен Балкан, потпишан на 2 септември 2022 година, на Самитот на Отворен Балкан, одржан од 1-4 септември 2022 година во Белград, а со цел да нема забрана за тргување со основните земјоделско-прехранбени производи, стои во соопштението на владата.

Кире Лазаров – Дефиниција за величина! Ново спектакуларно видео од велемајсторот од Прилеп кое го израдува и самиот Лазаров

Со еден збор кажано…СПЕКТАКУЛАРНО!

Најголемиот на сите времиња неодамна стави крај на неверојатната ракометна кариера, а тоа беше причина за мајсторот за видеа од Прилеп, Мартин Пресилски, да му посвети една ваква видео сторија. Според она што го дознавме, видеото му се допаднало и на самиот Лазаров, а како и не би.

Погледнете и уживајте!

Пpиведен дилep на мapиxyaна од Прилеп

На 05.10.2022 во Прилеп, од страна на полициски службеници од СВР Битола – Надворешната канцеларија за криминалистички работи од ОВР Прилеп го лишиле од слобода О.Т(30) од Прилеп затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот и биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и грутчеста материја.

Тој бил приведен во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Започна големиот саем за храна и пијалаци Интерфуд & Дринк, Витаминка е една од редовните изложувачи

Со целосниот асортиман веќе достапен на бугарската јавност, Витаминка и оваа година се претставува на Интерфуд & Дринк, една од најголемите саемски манифестации за храна и пијалаци во Југоисточна Европа што одржува во Бугарија. Најголемата кондиторска компанија во земјава го претставува своето богато портфолио, составено од производи од сите сегменти и од слатката и солената програма.

Интерфуд & Дринк е познат по тоа што претставува погодна средина за споделување искуство и иновативни пристапи во производните процеси. Освен од домашните компании, посетен е од голем број странски компании, дистрибутери, продажни ланци, деловни делегации, трговски друштва и слично.

„Витаминка и нашите производи се многу добро познати на бугарската јавност, и тоа ни дава голема предност при претставувањето тука. Но, тоа што Интерфуд & Дринк ги спојува најголемите компании од овој сектор во Југоисточна Европа и големото присуство на компании, дистрибутери и продажни ланци токму на овој саем, го прави клучен за нас за воспоставување директни бизнис релации и со тоа за создавање реални можности за проширување кон нови пазари“, вели директорот на Извоз, Љупчо Велески.

Како дел од саемските содржини и во насока на отворање можности за соработка, е и платформата за многу конференции, натпревари, презентации, семинари, деловни состаноци и друго. Интерфуд & Дринк се одржува од 5 до 8 октомври, оваа година по 21ви пат, со над 550 изложувачи, се претставуваат над 1200 брендови и се очекува посетеност од над 24 000 посетители и купувачи.

Општина Прилеп ќе додели парична награда за светскиот првак по англиски јазик, ученикот од ООУ “Климент Охридски” Вања Ѓорѓиоски

Вања Ѓорѓиоски, ученик во ООУ “Климент Охридски” Прилеп, учествуваше на Светското финале на натпреварот по англиски јазик “Хипо”, кое од 28-30 септември се одржа во Рим, Италија.

Вања се натпреваруваше со ученици од целиот свет: Италија, Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Латвија, Тунис, Малезија, Египет, Филипини, Виетнам…. и многу други.

Од 28 финалисти во категоријата Хипо 1, го освои ПРВОТО место и доби златен медал, светски признат сертификат за неговото познавање на англискиот јазик и школарина. Неговата менторка, наставничката Фросина Ацевска доби бесплатен TEFL курс.

Вања денеска беше на прием и кај градоначалникот Јовчески, кој вети финансиска помош на Вања и неговата менторка.

-Нашиот прилепчанец Вања Ѓорѓиоски ученик во ООУ „Климент Охридски“ заедно со неговата менторка Фросина Ацевска учествуваа на светското финале на натпреварот по англиски јазик Хипо во Рим на кој што се натпреваруваа со ученици од целиот свет.

На претходната наша средба во мојот кабинет му кажав на Вања дека го очекуваме во Прилеп после финалето со златен медал. Нашиот Вања заедно со менторката го послушаа советот и се вратија шампионски во Прилеп.

Општина Прилеп секогаш ќе бидe поддршка за сите талентирани млади како и за нивните ментори. Како награда за нивниот успех ќе им доделиме финансиска помош на Вања и неговата менторка со цел да поттикниме мотив плус кај сите наши ученици и учители, секогаш да го даваат својот максимум и достојно да го претставуваат Прилеп и Република Македонија, напиша Јовчески.

Цената на нафтата би можела да се искачи на 150 ден за литар?

Малопродажната цена на горивата повторно добива нагорен тренд. По вчерашната одлука на Регулаторна дизелот на бензинските пумпи низ земјава се точи по цена од 94,5 денари за литар. Цената на бензините не се промени и тие се точат по 86,5 односно 89 денари за литар.

Од вчера и организацијата на производителите на нафта ОПЕК заедно со Русија решија да не ги послушаат барањата на американскиот Претседател Бајден и дополнително го намалија производството на сурова нафта за 2 милиони барели на ден што ќе ја намали и онака проблематичната понуда што автоматски ќе ни донесе повисоки цени. Само што се појави информацијата дека се размислува за намалување на производството цените на берзата во Лондон во еден ден скокнаа за околу 5% и во моментов барел нафта се продава над 94 долари.

Имајќи го предвид константниот раст на курсот на доларот во однос на еврото, извесно е дека не чека голем скок на цената на горивата во периодот кој следи. Некои светски аналитичари стравуваат дека постои можност цената на барел нафта да достигне исклучително високо ниво кое би надминало и 150 долари што ќе има многу негативно влијание на пазарите на нафта кои очекуваат зголемена побарувачка во пресрет на зимата.

Во такви услови, цената од околу 150 денари за литар дизел не треба да биде никакво изненадување.

Извор: “Press24.mk”