Младите во Битола ги преточуваат локалните предизвици во конкретни проекти и решенија

Денес, во рамки на проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации, 30 средношколци од Битола ги финализираа своите проектни идеи и се подготвуваа за нивно претставување пред општинска комисија.

На работилницата им се обратија градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски, истакнувајќи го значењето на младинското учество и соработката со локалните институции.

„ Ми претставува задоволство што нашата општина е дел од проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации, кој им овозможува на младите активно да придонесат во развојот на својата заедница. Младите се иднината, но и сегашноста на нашата општина. Нивната енергија, креативност и нови идеи се од исклучително значење за создавање подобра средина за сите нас. Затоа е важно не само да го слушаме нивниот глас, туку и да им дадеме вистинска можност да учествуваат во креирањето на локалните решенија“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Преку досегашните работилници, младите ги мапираа локалните проблеми и ги преточија во конкретни, иновативни проектни решенија. Најуспешните идеи ќе бидат претставени на претстојниот Национален форум на ЛАПСИ.

„Сите проекти и идеи што ќе бидат предложени во иднина ќе бидат разгледани и вклучени во соодветните програми на Општина Битола, со цел дел од нив да добијат можност за реализација. Младите ќе бидат активно вклучени во процесот и ќе бидат поканети да ги промовираат своите идеи и проектите што ќе бидат реализирани. Нашата цел е младите да не бидат само предлагачи на идеи, туку активни учесници во создавањето на иднината на Битола“, истакна претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Проектот го спроведува Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, во рамки на програмата BOOST, координирана од ALDA, со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (AFD), во соработка со Општина Битола.

Од препознавање проблеми до создавање решенија – младите покажуваат дека можат активно да придонесат за развојот на својата општина!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.