Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како членка на Алијансата на европски универзитети COLOURS, е домаќин на дводневен колабораториум (CoLab) посветен на примената на вештачката интелигенција, одржливите прехранбени системи и зелените технологии како двигатели на регионалниот развој.
На настанот се вклучени претставници од бизнис-секторот, Стопанската комора, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и државните институции. Активно учество земаат и студентски тимови од Технолошко-техничкиот факултет – Велес, Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола и Техничкиот факултет – Битола.
Меѓународната димензија на настанот ја надополнуваат гостите од партнерските универзитети во рамките на COLOURS, проф. д-р Ивана Мајиќ од Универзитетот во Осиек, Хрватска, и Бенгт Фелбе, претставник на Општина Бјув и соработник на Универзитетот Кристијанштад од Шведска.
Главната цел на CoLab е да се поттикне поврзување на научните сознанија, потребите на стопанството и иновативниот потенцијал на студентите, преку разгледување на можностите што ги нудат дигитализацијата, вештачката интелигенција и зелените технологии.
На отворањето се обратија претставници на академската заедница и бизнис-секторот. Проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, ја нагласи определбата на Универзитетот да биде активен партнер на заедницата и да придонесува кон остварувањето на целите за одржлив развој.
Тој посочи дека концептот на COLOURS се темели на принципот на четирикратен хеликс, односно соработка меѓу академската заедница, јавниот сектор, бизнисот и граѓанското општество. Притоа, истакна дека УКЛО континуирано работи на промоција и афирмација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
За предизвиците поврзани со дигитализацијата на производствените процеси и значењето на младите во нивното унапредување зборуваше проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска. Таа ја истакна потребата од особено внимание при управувањето и заштитата на податоците, нагласувајќи дека и малите пропусти во дигиталните системи можат да предизвикаат сериозни последици. Воедно, ги охрабри студентите да бидат поактивни во ваквите иницијативи и да ја зајакнуваат соработката со академскиот кадар.
Претседателот на Регионалната стопанска комора на Битола, м-р Мирко Велковски, ја потенцираше важноста од партнерството меѓу Универзитетот и компаниите. Според него, УКЛО претставува значаен мост меѓу науката и стопанството, овозможувајќи научниот потенцијал да се преточи во практични придобивки за бизнис-заедницата и поголема конкурентност на европските и светските пазари.
Програмата на првиот ден опфаќа два мастеркласа и тркалезна маса на тема „Четирикратен хеликс – Регионални потреби и предизвици“. Преку нив, претставниците на академскиот, јавниот, бизнис и невладиниот сектор заеднички ги разгледуваат најважните потреби и предизвици со кои се соочува регионот.
Вториот ден ќе биде посветен на практичната работа. Ќе се формираат интердисциплинарни студентски тимови кои ќе развиваат конкретни предлози и решенија врз основа на идентификуваните регионални потреби. Предвидено е презентирање на резултатите, стручни коментари и дискусија за можностите за примена на предложените решенија.
Професорката Елизабета Тошева, раководителка на работниот пакет 9, во чии рамки се организира настанот, најави дека најдобрите студентски идеи ќе добијат можност за почетна финансиска поддршка.
Таа истакна дека посебната вредност на ваквиот пристап е во директното поврзување на студентите со реалните потреби и очекувања на компаниите, при што стопанството добива можност да го препознае и искористи потенцијалот на младите.
По завршувањето на колабораториумот, УКЛО планира да објави посебен повик за почетно финансирање (seed funding), преку кој ќе се поддржи понатамошниот развој на идеите создадени во текот на настанот.
Со оваа иницијатива, УКЛО продолжува да ја зајакнува соработката меѓу универзитетот, стопанството и институциите, отворајќи простор за иновативни решенија кои можат да придонесат кон одржливиот развој и економскиот напредок на регионот.































































