Герила акција со „паметна канта што зборува“ ги поттикна битолчани на поголема грижа за животната средина (ВИДЕО)

Во рамките на активностите за подигање на јавната свест за заштита на животната средина во Битола, Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битолареализираше герила акција на градското шеталиште со поставување на паметна канта за отпадоци што зборува.

Преку интерактивни пораки и директна комуникација со минувачите, паметната канта ги поттикнуваше граѓаните правилно да го одлагаат отпадот и да размислат за сопствената улога во одржувањето на чиста и здрава животна средина. Акцијата предизвика голем интерес кај граѓаните од различни возрасти, кои со љубопитност ја следеа необичната инсталација и активно се вклучуваа во нејзината едукативна порака.

Целта на оваа герила акција беше да се поттикне поголема јавна свест за одговорното управување со отпадот, да се охрабрат позитивни навики кај граѓаните и да се истакне дека секој поединец има важна улога во создавањето почиста, поуредена и позелена Битола.

Активноста се надоврзува и на мерките предвидени во Програмата за животна средина на Општина Битола за 2026 година, која предвидува значајни инвестиции за подобрување на квалитетот на животната средина. Меѓу планираните мерки се изработка на Стратегија за развој на зеленило со буџет од 1.500.000 денари, како и поставување подземни садови за комунален отпад, за што се обезбедени 3.000.000 денари.

Со комбинација од едукативни активности, активна вклученост на граѓаните и реализација на планираните локални мерки, Битола има можност да стане почист, позелен и поодржлив град.

Герила акцијата е реализирана во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).Содржината и изнесените ставови во оваа објава се одговорност на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија или на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.