Каролина Дурло за “АЛФА TВ”/“ВЕЗИЛКА”
Веќе подлго од еден век, вгнезден како вечно-пулсирачко срце во центарот од градот под Марковите Кули, црковниот храм „Св. Кирил и Методиј“, меѓу прилепчани попознат и како „Параклис“, гордо му пркоси на времето, сведочејќи за исконската православна вера и македонскиот нескршлив дух. Првично поставен во старата куќата на семејството Мотевци, која била откупена и приспособена за богослужбен објект, параклисот служел за исполнување на духовниот живот на прилепчани. Во тоа учествувале свештеникот Спасе Игуменов и прилепчаните Стеван Зарески и Томе Шапче.
„Каде бил првичниот Параклис на „Св. Кирил и Методиј“, не можеме точно со сигурност да кажеме, но најверојатно е тука на некои 10-тина метри напред-назад, бидејќи и објектите се изменети. Тоа било куќата на Мотевци. Имаме историски податоци запишани, и од истражувања и од други дека куќата била тука. Но, дали била вака мала или малку поголема, бидејќи тоа го гледаме од иконите на Иконостасот, зашто тие биле истите икони од првичниот Параклис и тоа не било само Параклис, тоа било црква, веќе голема црква. Колку голема – не знаеме, бидејќи била куќа која била приспособена за богослужба. Но, она што сепак треба да го знаеме дека тоа било пред 1884 година. Во 1884 година, еден свештеник, познат и како национален будител, тоа е поп Спасе Игуменов, или поп-Спасе Игумен кој што ги собрал своите верни чеда Македонци и овдека во „Варошко маало“, кое е старото „Варошко маало“. И заедно со нив се приклучува и една исклучителна личност која што ние Македонците не сме ја запамтиле точно, а треба да ја памтиме и спомнуваме – тоа е протојерејот Алекса Попов, или Алекса Кочов, Кочовиќ. Тоа е парохиски свештеник во храмот „Св.Благовештение“ – Стара црква, но заради неговиот силен национален дух, му била одземена парохијата и бил избркан од храмот „Св. Благовештение“ и тој доаѓа овде и се приклучува на таа мала група и овдека развива една голема и просветителска дејност, но и јакнење на самата свест на самиот Македонец“, вели протојереј Емилијан Зелнички, старешина на црквата „Св. Кирил и Методиј“, Прилеп.
Од малиот Параклис кој полека почнал да пропаѓа заради дотраеност, и покрај силните пропаганди на соседните држави во тоа време, во 1926 година сепак започнува да се гради новата поголема црква, како проект на српскиот арахитект Момир Коруновиќ. Темелите биле осветени точно на 4 октомври 1926, а црквата се градела цели 10 години, кога било направено и големото осветување на храмот.
„Запишано е дека немале доволно средства да ја изградат, но сепак јас сметам дека не било баш заради тоа, туку архијерејот кој што ја осветил црквата, тоа е светиот владика Николај Велимировиќ, за неколку недели требало да ја напушти Охридско-битолската епархија, бидејќи бил преместен во Жичката епархија. Тој брзал да го освети храмот и со тоа да ја круниса неговата архијерејска кариера или неговото архипастирствување во Прилеп со осветувањето на храмот „Св. Кирил и Методиј“. Она што е битно е – од каде Св. Кирили и методиј ? Во 19 век имаме прослави на 1000 години од Моравската мисија и од блаженото упокојување на Св. Кирил Солунски и истиот век е илјадагодишницата од Св. Методиј Солунски, од блажената смрт негова и во тоа време толку силно се развива култот на Светите браќа Кирил и Методиј. А тоа е фактот кога дошле Србите и кога ја изградиле црквата настојувале таа да се вика „Св.Сава“, но борбениот дух на кој што била посадена таа национална свест на овие двајца свештеници…не дозволиле никако да биде преименувана, туку таа ќе биде на „Св. Кирил и Методиј“, на сесловенските и семакедонски учители и просветители и не попуштиле во тоа“, раскажува отец Емилијан.
Храмот „Св. Кирил и Методиј“ е трикорабна црква со триконхална основа, како спој на моравската традиција и романтичарски архитектонски израз. Иконите во црквата се особено значајни поради тоа што главно се дело на Јован Атанасов Будимовски, еден од позначајните прилепски иконописци од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Неговите икони се препознатливи по употребата на злато за нимбовите, драпериите и на одредени позадини што им дава карактеристичен сај и декоративност.
„Кога била изградена криптата, долниот дел од храмот, со иконостас, со сите параметри што треба да ги има еден храм, веднаш дошле од стариот Параклис во новиот и богослужбата била префрлена и црквувањето почнало да се одвива под нас, каде што сега ние стоиме. Од 1930-1936 се гради овој дел кој што не е ни готски стил, ни рококо стил, туку некаков правец – романтичен експресионизам, кој што така е и запишан….Последната градба од проектот ја врши надлежниот архијереј митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар со тоа што инсистира да се доврши проектот и да се изгради Куполата која што е над нас“, посочува отец Емилијан.
Денес овој импозантен црковен храм има богат и редовен богослужбен и литургиски живот. Има и свој црковен женски хор, кој постои откога и самио храм, а се изведуваат и други проекти меѓу кои и зографисувањето на стариот Параклис, по што за првпат ќе саледи и негово осветување. Исто така, во овој храм се чува и честица од моштите на патронот на нашата Црква – Св. Климент Охридски.



























