Дваесетгодишните темелни истражувања на Археолошкиот локалитет „Старо Бонче“, во непосредна близина на Прилеп, потврдуваат дека токму тука се наоѓал еден од четирите големи градови на Кралството Пелагонија, по кој што науката трага повеќе од два века. Станува збор за збир од околу 20 локалитети кои што се распространети на просторот помеѓу селата Подмол и Бонче, односно т.н. антички град Пелагонија – oбјави “АЛФА ТВ”.
„Градот Прилеп има еден Голем град, ние претпоставуваме дека тоа е градот Пелагонија. Тоа е четвртиот главен град кога доаѓаат Римјаните тука и кога ја делат Македонија на четири дела, четири мериди. Една од тие мериди се наоѓа во Македонија, тоа е Пелагонија и тука е Кралството Пелагонија. Така што ние мислиме дека токму на овој локалитет се наоѓа античкиот град Пелагонија по кој што науката трага повеќе од 200 години“, – објаснува проф. Антонио Јаскимовски, археолог.
Со цел поголема јавност на овие импознтни археолошки откритија, кои се од огромно значење и за светската археолошко-историска научна мисла, деновиве издадена е Монографијата „Археолошки комплекс Старо Бонче“, во авторство на реномираните археолози Антонио Јакимовски, Виктор Лилчиќ – Адамс и Душко Темелкоски.
„Идејата е сето ова, освен што ќе го имаме на книга, да може и да се види, освен што се полни витрините, туку и на терен да се појде, да се види ова грандиозно дело и другите локалитети“, – потенцира проф. Јакимовски.
Оваа идеа ја поддржуваат и од ЛС Прилеп. Очекувањата се дека во иднина од овие локалитети ќе може да се направи и атрактивна туристичка дестинација.
„Нашата цел е Старо Бонче да го добие местото што го заслужува, да прерасне во препознатлива културно-туристичка атракција, значајна не само за Прилеп и Македонија, туку и пошироко. Место кое ќе привлекува посетители, ќе поттикнува нови истражувања, ќе ја збогатува туристичката понуда и ќе ја раскажува нашата приказна пред светот“, – велат од Општина Прилеп.
Инаку, на овој Локалитет досега се откриени Монументалната кралска гробница од 4-3 век п.н.е, бронзени македонски штитови, акрополата и утврдувањето на врвот „Висока“, разни некрополи, како и средновековни погребувања.
КАРОЛИНА ДУРЛО за “АЛФА ТВ”
























