дома блог страница 1485

Дизелот не мрда, а бензинот после долго време падна под стотка

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,88% во однос на одлуката од 18.07.2022 година.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалуваат за 2,50 ден/лит, додека на ЕУРОСУПЕР БС-98 за 2,00 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Од 21.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 98,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 101,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 100,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 98,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 50,044 (денари/килограм)

(Видео) Јовчески: Случајно не се палат автомобили на три прилепски семејства во неполн месец

Згрозен сум од информацијата за опожарените автомобили на пратеникот Петар Ристески. Ова е чин за најголема осуда бидејќи, да се стават во опасност животите на едно седумчлено семејство, во кое има стари лица и малолетни деца, е еднакво на лудост – истакна во денешната изјава за медиуми градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

Изјавата на Јовчески во целост ја пренесуваме во продолжение:

“Чинот на опожарување на автомобил го сметам за директен атак врз човекот, кој што деновиве беше еден од најголемите гласноговорници во Собранието на Република Македонија против таканаречениот француски предлог.

Воедно, овој грозоморен чин го сметам и како директен атак врз политиките на локалната власт, чие мнозинство советници во Советот на Општина Прилеп се од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Кога на ваков начин се загрозува животот и семејството на народен пратеник, како може да ја зачуваме безбедноста, јавниот ред и мир на останатите граѓани на Прилеп?!

За лошата безбедносна состојба во градов јавно говорев, апелирав и упатив барање пред неполн месец. Тогаш, Локалната самоуправа, јас како градоначалник и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски со останатите советници, бевме загрижени поради честите физички напади во градот, масовните тепачки на млади луѓе и криминалните дејствија.

Советниците побараа оставка на Полицискиот командир во ОВР Прилеп, поради неможноста да го зачува јавниот ред и мир во градот.

Но, добивме само статистички податоци и констатација дека безбедноста е на највисоко ниво, дури и беше упатен срамен демант од МВР на мојот говор одржан по повод лошата безбедносна состојба во Прилеп.

Овие немили настани за жал се повторуваат, еве имаме веќе четири опожарени возила во еден месец. Јавниот ред и мир, повторно е нарушен. Голема среќа е што немало човечки жртви и предизвикана е само материјална штета.

-Овој последен немил настан, говори дека Министерството за внатрешни работи, на чело со Оливер Спасовски ништо не презеле, ништо не решиле за безбедноста на граѓаните, и нивните тврдења дека Прилеп е безбеден град е само празна флоскула која е насочена да прикаже и да создава привиден мир во градот под Марковите кули, со цел да се продолжи со безредието и криминалните дејствија.

Состојбата и делата говорат дека ништо не е преземено за безбеден Прилеп!

Случајно не се палат автомобили на три прилепски семејства во неполн месец, освен добропознатите случаи, имавме уште еден случај пред две недели кога на уште еден наш сограѓанин кој што е вработен во општинската администрација му беше опожарено неговото возило.

Го повикувам МВР и Одделението за внатрешни работи – Прилеп да ги спроведат сите безбедносни мерки во мојот град, бидејќи како градоначалник барам сериозна одговорност од сите релевантни фактори и ќе упатам протестна нота и до меѓународнот фактор, амбасади и европски претставништва во Македонија, поради неможноста МВР да ја одржува безбедноста на граѓаните на Прилеп и да го штити и чува нивниот имот”.

Oд МВР тврдат дека уапсиле едно лице ocoмничено за палењето на автомобилот од пратеникот Петар Ристески

СВР Битола-ОВР Прилеп информира дека уапсен е осомничен кој доцна синоќа во 1:45 часот го опожарил автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

-Покрај возилото „шкода кодиак”, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на П.Р.(45) од Прилеп, од пожарот било зафатено и патничко моторно возило „пежо 206″ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко Б.Р, соопшти МВР.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема.

Претходно дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место на локацијата. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото.

(Видео) Проданоски: Дали со палење автомобили на пpaтеници, власта сака да обезбеди 2/3 мнозинство за промена на Уставот?

Тоа што Оливер Спасовски остана глув на апелите и барањата, како од градоначалникот Борче Јовчески, така и од Советот, за смена на командирот на ПС Прилеп, е само доказ дека на некој му одговара Прилеп да биде град на криминалот, безредието и мафијата – истакна на денешната прес конференција Дејан Проданоски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

Двете возила, на пратеникот Петар Ристески, кој пред само некој ден, јасно и гласно од собраниската говорница порача дека „Ни мртов нема да гласа за францускиот предлог“ се опожарени во текот на изминатата вечер. Веќе видени и познати методи на некакво заплашување, кога СДСМ е на централна власт. Прашуваме, дали можеби ова се методите и јаловите обиди, во трката за обезбедување на 2/3 мнозинство за смена на уставот? На ваков ли начин власта ја разбира демократијата, кога секојдневно на удар се неистомислениците, само затоа што имаат поинакво мислење?

Дали полицијата на Оливер Спасовски, ќе постапи брзо и ефективно и ќе го открие сторителот, како што претходно знаела да постапува, кога станувало збор за дела извршени кон функционери и блиски соработници на СДСМ? Или и овој настан, ќе биде евдентиран како настан „за кој се презеле сите мерки согласно законот“, за сторителот на крај да не биде откриен?

Потсетуваме, дека пред извесно време беше опожарено и возилото на директорот на ЈКП Комуналец Прилеп, Рубин Абрашоски, а сличен настан беше пријавен лично и од моја страна.

Очигледно Оливер Спасовски, нема храброст да изврши смена на првите луѓе на полицијата во Прилеп, како би се презеле конкретни и ефикасни чекори, во борба со криминалот. Тепачките, насилството, опожарувањето возила, станаа секојдневие, а прилепчани се оставени сами на себе да се штитат себеси, своите најблиски и својот имот.

Порачуваме дека не се плашиме! Ваквите методи, ваквите чинови на вандализам и дивеење, нема да не’ поколебаат да бидеме на страната на народот и вистината! Нема да не’ поколебаат да се бориме до крај против предавството на власта предводена од СДСМ.

После смена на централната власт, секој еден кој се огрешил пред законот, ќе си сноси одговорност. Бидете уверени во тоа!

Николоски: Мафиjaта во Прилеп нема да успее во обидот да го заплаши пpaтеникот Петар Ристески

-Мафијата во Прилеп нема да успее во обидот да го заплаши пратеникот Петар Ристески.Ќе има одговорност за криминалците на СДСМ и ДУИ и ќе одговораат за сиот криминал и сите кривични дела кои ги направиле. Поддршка за Петар Ристески – напиша на ФБ, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, за синоќешниот настан каде беше запален автомобилот на пратеникот од Прилеп, Петар Ристески.

Обвинителcтвото изврши yвид на опожapeното возило на пpaтеникот од Прилеп

Обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобил во сопственост на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески од Прилеп.

„По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото“, информираат од Обвинителството.

Претходно денес на својот фејсбук профил, информацијата за опожарениот автомобил ја сподели пратеникот од опозицијата, Драган Ковачки. Тој рече дека инцидентот се случува откако Ристески информираше дека ќе гласа против уставните измени. Ковачки обвини дека зад настанот стојат платеници инспирирани од, како што рече, предавничкото раководство на СДСМ.

Од утре пеколни температypи во Македонија

Од четврток до недела подрачјето на нашата земја ќе биде под влијание на топол бран и во поголем дел од земјава ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури.

Дневната температура на места ќе надминува 40 степени, информираат од УХМР.

И во Скопското подрачје дневната температура во овие денови ќе биде околу 40 степени.

Во Прилеп и регионот температурите ќе се искачат до 37. степен.

Победа го претстави третото засилување

Прилепскиот прволигаш Победа го доби третото засилување во летниот преоден рок.

Нов член на црвено-белите е 20-годишниот Хамза Рамани кој во Прилеп доаѓа по одличната претходна сезона и настапите за Беласица, а претходно го ноесел дресот на Велешта и Велазерими и на неговиот матичен клуб Шкупи, каде ги минува сите младински категории.

Хамза бил член на националните селекции за играчи до 18 и 19 години.

Се празнува Св. великомаченичка Недела

Света Недела (името е превод на грчкото Кириакиа) се роди во Мала Азија и живееше за време на царувањето на Диоклецијан.

Се роди како дете измолено од Бога, бидејќи нејзините родители Дорортеј и Евсевија долго време немаа деца. Кога порасна се разви во убава девојка, а телесната убавина ја дополни со убавината на душата што ја беше стекнала преку постојан внатрешен, невидлив подвиг.

Нејзината убавина привлекуваше многу просители, но таа одбиваше да се врзе со некој друг освен со Христос.

Еден од одбиените просители, откако во себе ги разбуди злите мисли, ги поткажа пред властите света Недела и нејзините родители како христијани.

Сите беа изведени на суд, мачени и најпосле погубени. Тоа се случи во 289 година во Никомидија.

Во македонски Бронкс запален автомобилот на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ (Фото)

Синоќа околу 2 часто по полноќ во ТППЕ Прилеп бил пријавен пожap на автомобил на Ул. “Цар Самоил”.

Екипа со тројца пожарникари излегла на терен и за брзо време пожарот бил ставен под контрола.

Опожарени се биле две возила, акако што дознаваме истите се во сопственост на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески.

Засега нема информации кој и поради која причина го подметнал пожаро, останува тоа да го открие истрагата на МВР.