Зелениот рурален туризам бара финансиски шеми поблиску до граѓаните: се одржа Националниот форум за зелен туризам

Повеќе од шеесетина учесници од цела Македонија учествуваа денес на Националниот форум за одржлив туризам во Europe House во Скопје. Меѓу нив имаше даватели на услуги во руралниот туризам, претставници на општините и институциите, експерти, донатори и граѓански организации. Форумот го организираа Центарот за одржлив развој АЛКА и Фондацијата за развој на образованието и културата Албиз, како завршна активност на проектот Energy Wise.

Форумот го отвори Ана Зафирова, а со обраќање се присутните ги поздрави и г-ѓа Емили Бло од Амбасадата на Франција. Елизабета Ѓорѓиевска од АЛКА и Бесир Дерњани од Фондацијата Албиз ги претставија резултатите и искуствата од проектот Energy Wise:

  • Основната анализа на руралните туристички субјекти во однос на ОИЕ и ЕЕ. Анализата покажа дека за речиси 80% од нив енергетските трошоци се значаен товар, а повеќе од половина сè уште не користат обновливи извори на енергија.
  • Практична обука за даватели на услуги, жени и млади, одржана во септември во Комплексот „Македонско село“.
  • Energy Wise Eco-Steward повелба: доброволна обврска на давателите на услуги за одговорно користење на енергијата и водата.

Биљана Черепналкоска го претстави тријазичниот прирачник Energy Wise, на македонски, албански и англиски јазик. Тој содржи каталог на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори, од мерки без трошоци до поголеми инвестиции, и информации за можностите за финансирање.

Во панел-дискусијата „Зелен рурален туризам: од енергетска ефикасност и обновливи извори до одржлив развој“ учествуваа:

  • Здравко Стефановски, технички експерт за енергетска ефикасност и обновливи извори;
  • Блерант Рамадани, истражувач во областа на одржливата енергетика;
  • Александар Калиников, Министерство за култура и туризам;
  • Наум Налбанти, Крушевска Одаја.

„Со Форумот го заокружуваме проектот Energy Wise, но не и работата. Давателите на услуги во руралниот туризам сакаат да инвестираат во енергетска ефикасност и во обновливи извори на енергија. Ним им требаат знаење, стручна помош и финансиски шеми што се навистина достапни за малите семејни бизниси“, изјави Елизабета Ѓорѓиевска од АЛКА.

Учесниците се согласија дека зелениот рурален туризам има значителен потенцијал за развој, но неговото забрзано унапредување бара:

  • Достапни финансиски инструменти и механизми за поддршка поблиски до граѓаните и малите туристички даватели на услуги, со поедноставени процедури за аплицирање и реализација на инвестициите.
  • Информирање и стручна поддршка за идентификување, избор, планирање и реализација на зелени инвестиции, особено во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.
  • Системска институционална и донаторска поддршка за успешните примери и практики на енергетски паметен и одржлив туризам да се промовираат, надградуваат и реплицираат во други рурални средини.
  • Развој и етаблирање на зелени дестинации преку интегриран пристап кој ги поврзува одржливото управување, локалните туристички услуги, енергетската ефикасност, заштитата на природата и препознатливоста на дестинациите, по примерот на Крушево, препознаено во рамките на иницијативата Green Destinations со изборот меѓу 100 зелени дестинации.

За проектот:

Проектот Energy Wise – Зајакнување на руралниот туризам преку знаења за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност го спроведуваат Центарот за одржлив развој АЛКА и Фондацијата Албиз, во руралните општини на Скопскиот плански регион. Проектот е поддржан од програмата BOOST Balkans, која ја спроведува Европската асоцијација за локална демократија (ALDA) со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (AFD).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.