дома блог страница 740

Две лица повредени после судар на два моторцикли во Прилеп

Фото/илустрација

На 17.08.2024 во 05.25 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека на бул.„Гоце Делчев“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед со прилепски регистарски ознаки, управуван од П.С.(49) од Прилеп и друг мотоцикл, кој по несреќата го напуштил местото.

Во несреќата, возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, додека неговиот сопатник М.Т.(50) од с.Мало Коњари, прилепско, се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската болница во Прилеп.

Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Прилеп и се работи на расчистување на случајот – информираат од СВР Битола.

Моќна фотографија која топи срце! Близначиња родени синоќа во “Плодност”, утрово се’ уште се држат за рачиња

Близнаците Јаков и Игнатиј се две од трите бебиња кои синоќа на свет дошле во болницата “Плодност” во Битола, а утрово тие се уште се држеле за раце. Една моќна фотографија која ја споделија од болницата и предизвика лавина позитивни реакции на социјалните мрежи.

-Работна ноќ во Болница Плодност, во која на свет дојдоа три новороденчиња. Од нив, две се близначиња, кои се уште ја имаат меѓусебната поврзаност. Во моментов на неонатолошкото одделение имаме 12 новороденчиња, заедно со нивните мајки – напишаа од “Плодност” Битола.

Жена пронајдена почината во својот дом во Битола

На 16.08.2024 во 08.00 часот во СВР Битола било пријавено дека во сопствениот дом во Битола била пронајдена почината Љ.Г.(62) од Битола, информира МВР.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.

18. август Ден на Армијата на Република Македонија: Се одбележуваат 32 години постоење!

Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.

На присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

– На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштија од Министерството за одбрана.

На свеченоста се поканети премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, дипломатскиот кор во Република Македонија.

Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот (16 август) со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.

По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.

Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.

Од вкупните трошоци на Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура. Сличен сооднос на распределбата на средствата има кај повеќето членки на НАТО, со исклучок на Португалија, Бугарија, Хрватска и Белгија, каде над 50 проценти од трошоците се наменети за воениот персонал, Полска, Унгарија, Финска и Луксембург каде над 40 отсто се за опрема, истражување и развој и Шведска, САД и Данска кои над 40 отсто од средствата ги предвиделе за операции и одржување.

Во периодот 2014-2024 година, земјава бележи раст на трошоците за одбрана за 148,87 отсто од 106 милиони долари во 2014 на 263 милиони долари годинава. Во 2014 година трошоците за одбрана изнесувале 1,09 отсто од БДП, за сега да достигнат до 2,22 проценти.

Претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА изрази благодарност на Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

– Навистина да ѝ се заблагодарам на Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа, нагласи Смит.

Таа најави дека веројатно следната седмица НАТО ќе објави нов извештај за споделување на товарот, кој ќе покаже дека околу две третини од членките на Алијансата сега трошат над два проценти од БДП за одбрана, што според неа, е важно бидејќи значи дека сојузниците можат да ги исполнат своите обврски.

EПСКА ФОТОГРАФИЈА! Најпознатите прилепски рокери и “СКОПСКО” го собраа цел Прилеп на едно место

Синоќа и денеска СКОПСКО слави еден век постоење на градскиот плоштад “Методија Андонов – Ченто” во Прилеп. Синоќа на роденденската сцена настапија најпознатите прилепски рокери од THE HOUNDS и групата “ЉУБОЈНА”, а прилепскиот состав како и секогаш имаше енергичен настап и го крена цел град на нозе.

Преку епска фотографија на социјалните мрежи, THE HOUNDS го најавија и концертот за својот 16-ти роденден, кој пак ќе се одржи на 21. август во клуб “КАЛИНКА”.

ФОТО: Karos Photography

Вечерва пред прилепчани ќе настапат NEXT TIME и SHINE!

Дали вака намерно се палат планините во Македонија? На социјалните мрежи се шири шокантно видео

Вознемирувачко видео и фотографии се појавија на социјалните мрежи откако мештани од Село Вирово фатија како непознати пиромани со „огнени балони“ ја палат Илинска Планина.

-Споделувајте итно, сите селани го видоа со голо око, над село дојде како љубовен балон запален со оган и директно се упати за Еврејка, и уште 3-4 се во придружба. Е вака се пали нон стоп, Македонијо преземај нешто!, стои во објавата.

Прилеп ќе “гори”: Мото дефиле и одлична музичка програма за најновото издание на “Мото Фестивал Рисови 2024”

За сите љубители на моторите и добрата музика, на 31 август во Прилеп ќе се одржи незаборавниот Мото Фестивал Рисови 2024!

📍 Локација: Плоштад Александрија (камена бина) – Прилеп
🕔 Почеток: 17:00h
🏍 Мото дефиле: 18:00h
🎸Музичка програма: 18:30h

Настанот ќе биде збогатен со неверојатни музички настапи на:

🎸 𝐂𝐫𝐨𝐬𝐬𝐫𝐨𝐚𝐝 𝐁𝐥𝐮𝐞𝐬 𝐁𝐚𝐧𝐝 𝐑𝐞𝐥𝐨𝐚𝐝𝐞𝐝
🎸 𝐓𝐡𝐞 𝐒𝐨𝐥𝐮𝐭𝐢𝐨𝐧 𝐁𝐚𝐧𝐝
🎤 𝐈𝐬𝐚𝐤 𝐒̌𝐚𝐛𝐚𝐧𝐨𝐯𝐢𝐜́

Не ја пропуштајте можноста да бидете дел од највозбудливиот настан ова лето во Прилеп!

Настанот е поддржан од Општина Прилеп*

Заменик министерот Ристески уживаше во звуците на Љубојна и Скопско пиво

На градскиот плоштад “Методија Андонов-Ченто”, СКОПСКО синоќа и денеска слави 100 години постоење. Во огромен број прилепчани наздравија за овој јубилеј, а на фестивалската сцена ги забавуваа најдобрите прилепски рокери од THE HOUNDS, како и познатиот македонски бренд Љубојна.

За 100 години СКОПСКО наздрави и новиот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, кој на социјалните мрежи напиша:

-Скопско, Љубојна и се е можно…

122 години од раѓањето на Методија Андонов – Ченто

На 17 август 1902 во Прилеп е роден Методија Андонов – Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија.

Поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на ДФ Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години.

Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година. Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети.

Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година.

На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија посмртно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.

Кривични за двајца вработени во МВР: Прилепчанка била меѓу најдобрите студенти на безбедност и добила договор за вработување, арно ама….

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против М.Б. и М.С. поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело ,,повреда на правата од работен однос“ по член 166 од Кривичниот законик.

Првопријавениот М.Б. – виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во БЈБ, а во моментот на сторување на делото на работно место државен советник – шеф на кабинет на Министерот за внатрешни работи и второпријавената М.С. – началник на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување во Оддел за правни работи и управување со човечки ресурси, не придржувајќи се на законските одредби од Законот за внатрешни работи, кои се однесуваат на засновање на работен однос, повредиле, одзеле или ограничиле право што на работникот му припаѓа.

Имено, М.Б., свесно и со намера да не се склучи договор за работа помеѓу Министерството за внатрешни работи и С.Т. од Прилеп, на 27.10.2023 издал наредба на второпријавената М.С. да го повлече веќе изработениот, потпишан од Министерот за внатрешни работи и заведен во писарницата на МВР, договор за работа на С.Т., а второпријавената М.С. постапила по издадена наредба од првопријавениот и го повлекла веќе изработениот и потпишан договор за работа.

На тој начин на С.Т. ѝ го одзеле и ограничиле правото да заснова работен однос во МВР како дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност Скопје, а била вклучена во постапката за вработување како еден од најдобрите студенти од факултетот по препорака на Деканот на факултетот за безбедност, а која воедно успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување и ги исполнила сите потребни услови за засновање на работен однос во МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.Б. и М.С. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки да бидат отстранети од работното место до завршување на дисциплинската постапка.