дома блог страница 739

(ФОТО) Езерцето во паркот кај судот во Прилеп стана мучуриште – пајките одамна ги нема, изумираат и рибите

Во крајно лоша состојба, затревено и со тиња е езерцето во паркот кај Основниот суд во Прилеп. Во езерцето веќе одамна ги нема пајките по кои ова езерце беше препознатливо, а полека изумираат и рибите.

Граѓаните постојано апелираат ЈКП Комуналец да не служи само за плаќање сметки, туку да води повеќе грижа за зелените површини и местата за одмор и рекреација во градот.

И не е само паркот кај судот, во лоша состојба се голем број маалски парковски површини, каде тревниците со месеци не виделе вода, а за косење и хортикултурно уредување да не правиме муабет…

Ем инспектор, ем крадел струја

МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против В.Р. – инспектор за прекуграничен криминал и миграции Струга во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија во Регионалниот центар за гранични работи Запад, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“.

„На 11.6.2024, вработени во ЕВН Струга констатирале дека пријавениот В.Р. врши неовластено преземање на електрична енергија на три фази во неговата куќа во с.Делгошти, струшко. Пријавениот, кражбата на електрична енергија ја вршел од бандера на ЕВН преку електрично броило поставено во куќата на неговиот починат татко, од каде бил пуштен кабел за електрична енергија до неговата куќа. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против В.Р. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина“, извести МВР.

(Фото галерија) Прилеп одличен домаќин! Врвна организација на Светското јуниорско првенство во воздухопловно спортско моделарство

Два меѓународни воздухопловни спортски натпревари од највисок ранг ја збогатија овогодинешната прилепската спортска сцена.

Во организација на Воздухопловниот Спортски Клуб „Фил Феникс“ од Прилеп во периодот од 3 до 10 Август на прилагодениот спортски терен кај с.Веселчани, се одржаа двата натпревари во воздухопловно спортско моделарство, во категорија на модели за слободен лет (едрилици, модели со погон на гумен мотор и модели со погон на клипен мотор).

Во чест на Светското првенство Македонски Пошти – одделот за филателија, издаде јубилеен плик и поштенска марка, кои им беа доделени на сите учесници, институции и заслужни поединци.

Оваа воздухопловна гранка секојдневно се усовршува и се подобруваат перформанските, па затоа ова беше прилика за домашните но и за странските учесници да се запознаат со новите технологии, иновации, електронски системи, материјали за изработка и се друго што овозможува постигнување на подобри резултати на воздухопловните спортски модели.

На Светското првенство во три категории учествуваа 104 натпреварувачи од 16 држави, од кои покрај Македонија присутни беа САД, Кина, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка Република, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Полска, Романија, Словачка, Шведска и Украина.
Монголија поради проблеми со транспортот пред почетокот на првенството го откажа учеството.

Педесетина лица, од кои над 40 судии и помошници-судии, и покрај комплексноста и оранизационата сложеност на овој вид на меѓународни натпревари истите успешно ги реализираа.

Комплексноста и сложеноста на овој вид на натпревари кои ги прават најтешки за организаторот и за натпреварувачите произлегува од времетраењето на натпреварите и изложеноста на метеоролошките услови во кои се одржуваат.

За судиите е неопходна максимална концентрација но за натпреварувачите е неопходна голема психофизичка подготовка и спремност, во зависност од интензитетот на ветерот да истрчаат 10 па и повеќе километри во тек на натпреварот, а да имаат концентрација да го подготват моделот и да го стартуваат секој нареден турнус. Сето тоа на на температури блиски до 40 Ц.

Редовниот дел од светското првенство се реализираше од 07.00 часот па се до 15.35 часот кога натпреварувачите во 7 турнуси, секој во траење од 1 час, реализираа седум натпреварувачки летови, а во периодот од 18.30 па до стемнување се одвиваа полуфиналните и финални летови после кои беа добиени победниците.

Оваа година успешната организацијата дополнително ја овозможија и поволните метеоролошки услови, умерениот ветер и погодноста на теренот на кој се одржуваа натпреварите.

На светското првенство македонската репрезентација ја сочинуваа претставници од два македонски воздухопловни клубови.

Ф1А (едрилици) – членови на Воздухопловен Клуб „Фил Феникс“ Прилеп

1 Лука Најдоски – натпреварувач
2 Михаил Пожарски – натпреварувач
3 Дино Најдоски – натпреварувач
4 Дарко Пожарски – тим менаџер
5 Станислав Најдоски – асистент ТМ

Ф1Б (модели со погон на гумен мотор) членови на Аеро Клуб „Охрид“ Охрид

1 Петар Цветановски – натпреварувач
2 Климент Масин – асистент ТМ
3 Митко Цветаноски – асистент ТМ

Постигнатите резултати на нашата репрезентација со малку спортска среќа можеа да бидат и подобри, но сепак истите се повисоки од очекуваните.

Во категорија едрилици во исклучително висока конкуренција Лука Најдоски го освои четиринаесеттото место од 49 натпреварувачи што претставува солиден пласман. Еден лет пресуди тој да не биде дел од финалистите.

Вториот член, малиот Михаил Пожарски го имаше својот прв настап за репрезентацијата, кој што со сеуште незалечена повреда на стапалото, со голем напор успеа да ги реализира сите летови по што го освои 28 место.

Третиот член, малиот Дино Најдоски кој исто така првпат настапување за репрезентацијата успеа да ги резлизира сите летови и се пласира на 45 место.

Постигнатиот висок резултат на Лука Најдоски и придонесот на Михаил и Дино овозможија младата македонска репрезентација во едрилици да оствари одличен пласман освојувајќи го 8-то место во екипен пласман од вкупно 16 учесници, оставајќи зад себе голем број квалитетни и силни репрезентации.

Во категорија модели со гумен мотор репрезентативецот Петар Цветановски настапи како поединец.
По реализацијата на сите седум летови со максимално времетраење тој се пласира во полуфиналето, по што го освои одличното 10 место во конкуренција од 38 натпреварувачи.

Светското првенство од страна на ФАИ е оценето како одлично организирано, а ние можеме да бидеме задоволни со фактот дека Македонија има перспективни млади спортисти кои се голем потенцијал и се способни да постигнуваат високи резултати.

Во генерален пласман најдобри беа репрезентациите:

1. Естониа
2. Кина
3. Украина

Владиката Петар чиноначалствуваше со вечерна празнична богослужба во црквата Св. Преображение во Прилеп – Храмот блескаше од убавина! (Фото галерија)

Денеска е Преображение Господово, еден од осумте големи празници, кога и планината и водата почнуваат да се преобразуваат во зори, најавувајќи ја претстојната есен.

Овој празник е востановен во спомен на собитието на Тавор, кое се случило четириесет дена пред Христовата смрт и распетие. Кога Господ забележал дека апостолите не можат да ги разберат претстојните Негови страдања и дека во срцата се исполнуваат со тага, за да не ослабнат во својата вера, ревност и љубов кон Него ги извел на Таворската гора, и им се покажал во Својата ненадминлива и несоздадена слава.

Ако, како што веќе спомнавме, овој празник се случил непосредно пред страдањата Христови, односно пред точно четириесет дена, тогаш би требало тој да се празнува некаде во месец март, според празнувањето на Воскресението. Но, тоа време се совпаѓа со периодот на Светата Четириесетница и бидејќи не би можело да се торжествува во периодот на Великиот Пост, затоа овој празник е пренесен на 6/19 август. Датумот не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот „Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст“ (14/27 септември), кој наликува на Велики Петок. Празникот Преображение, започнал да се слави во источниот дел на Византиската Империја во периодот помеѓу VI – VIII век. Веќе во VIII век тој е раширен низ сиот христијански Исток, а додека на Запад, иако почнал да се празнува малку порано, својот конечен облик го добил дури во XV век.

Во пресрет на празникот, синоќа во храмот Св. Преображение во Прилеп, со Празнична Архиерејска Вечерна Богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар – Митрополит Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиско – новозеландски.

Храмот го посетија голем број верници кои ја примија светата причесна. Нека е за многу години и напомош!

За многу години, денеска е Преображение Господово: Листовите почнуваат да жолтеат, а водата станува постудена

Преображението Господово е еден од осумте големи празници, кога и планината и водата почнуваат да се преобразуваат во зори, најавувајќи ја претстојната есен.

На Преображение, листот во планината и каменот во водата се преобразуваат, листовите почнуваат да жолтеат и да паѓаат, а водата станува постудена, па затоа не е погодна за пливање.

На Преображение, небото се претвора трипати во мpтBa ноќ. Кој го гледа тоа и им кажува на другите, се верува дека ќе го изгуби умот.

Според верувањата, не е добро да спиете во текот на денот за време на Преображението Господово, затоа што секој што заспива тој ден ќе се преобрази, па ќе биде дремлив во текот на целата година.

Не е добро некој да плаче тој ден, ниту е вредно луѓето да го поминат целиот ден во таверна – за да не се навикнат на тоа и да се погубени.

Празникот Преображение е во Богородичниот пост на кој задолжително се пости.

Грозјето се јаде за прв пат по Преображението, лешниците се берат на Преображение и се чуваат како лекови во текот на целата година, кога некој има болka во ушите.

Се верувало дека кога на пациентот му се давале вакви лешници за јадење, ќе се опорави.

Во некои места било обичај на Преображение жени и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)да бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.

Патриотизмот уште живее! “Едно име имаме”, “Бисер балкански”, “Ja излези Ѓурѓо”…Цел Прилеп синоќа во еден глас пееше со “Некст Тајм” (Фото/Видео)

Еден од најголемите македонски брендови, “СКОПСКО” пиво, во петокот и синоќа на градскиот плоштад во Прилеп, прослави 100 години постоење. Скопска Пиварница големиот јубилеј со прилепчани го прослави заедно со музичките групи: Љубојна, The Hounds, Shine и Next Time.

Кулминацијата се случи токму со настапот на последните – близнаците од Next Time, кои како и секогаш предизвикаа бура од емоции со изведбите на: “Таму горе Крушево”, “Ја излези Ѓурѓо”, “Кога падна на Пирина”, “Нешто ќе те питам бабо”, “Едно име имаме”….

Цел Прилеп од прва до последна минута пееше во еден глас, а она што радува беше присуството на огромен број млади луѓе на концертот.

Еве дел од атмосферата:

ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈ 100 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА “СКОПСКО”, НАЗДРАВЈЕ ЗА СЛЕДНИТЕ 100!

Со шаховски турнир во спомен домот на Блаже Конески во прилепско Небрегово, одбележани 76 години од основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија (Фото галерија)

По повод 76 години од основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија, НУ Завод и музеј Прилеп, КЕЦ „Небрегово“ и Шаховскиот клуб „Прилеп“ организираа меморијален турнир во шах на кој учество зедоа неколку реномирани екипи од Македонија при што заслужено победи екипата на ШК Шах Шех од Битола пред ШК Штајниц од Битола и ШК Прилеп.

Турнирот се одржа во с. Небрегово во родната куќа на првиот претседател на ШСМ академик Блаже Конески – основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик кој е душата на еден народ, дел од културната меморија и стожер на идентитетот. Македонскиот јазик, литература и култура Конески го промовираше и негуваше насекаде низ светот.

-Посебна благодарност до организаторите директорот Горанчо Цветкоски, професорот Атанас Конески и ИМ Тони Кироски кои направија настан за паметење со оглед на преземената обврска секоја година да го чествуваат 18 Август денот на основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија. Само за потсетување Блаже Конески бил голем љубител на шахот и настапил на првиот екипен шампионат на Југославија во далечната 1946 година играјќи за екипата на Работнички при што ремизирал против велемајсторот Александар Матановиќ еден од најдобрите југословенски шахисти. Настапот во полуфиналето на Југославија бил негов прв и последен официјален настап на едно напреварување. Поради неговата голема љубов и посветеност кон шахот, во 1948 година на изборното собрание Блаже Конески бил избран за прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија. Според кажувањата на постарите љубители на шахот бил многу ревносен како претседател, но поради обврските на факултетот и писателската дејност по неколу години се повлекол од функцијата и и дал предност на литературата – стои во соопштението од организаторите.

Организација од Прилеп го започна проектот “Навивај коректно”: Да се подигне свеста за коректно навивање, со посебен фокус на родителите како навивачи

Oрганизацијата “ИДЕАЛ СПОРТ” со задоволство го претставува проектот “Навивај коректно”, во кој се вклучени сите фудбалски школи од Прилеп и основното училиште ООУ “Гоце Делчев” од нашиот град.

-Целта на проектот е да ја подигнеме свеста за коректно и позитивно навивање и да ги поттикнеме сите на фер игра и поддршка. Идејата на проектот „Навивај коректно“ е да создадеме пријатна и поддржувачка атмосфера на фудбалските терени, со посебен фокус на родителите како навивачи – велат од оваа организација.

Благодарение на компанијата Globe Logistics Inc.,,секоја фудбалска школа доби по 20 комплети, дресови и шорцеви, што значи вкупно 140 комплети со инспиративни позитивни пораки.

На предната страна на дресовите се испишани следните пораки: Навивај коректно!, Поддршка Д, Насилство НЕ!

-Со овие пораки, сакаме да поттикнеме позитивно навивање и да го зајакнеме спортскиот дух и дружбата меѓу играчите и навивачите. Најважно од сè, сакаме да бидеме позитивен пример за нашите деца и да покажеме дека спортот е забава, љубов и другарство. Придружете ни се и навивајте коректно – стои во соопштението од “ИДЕАЛ СПОРТ”.

Прилепчанец предизвикал пожар и избегал, го пријавил негов сограѓанин

-На 17.08.2024 во 18.00 часот во ОВР Прилеп, Х.Р.(33) од Прилеп пријавил дека на ул.„Илија Игески“ во Прилеп, С.Н. запалил поголема количина на сува трева и различни стари предмети, по што го напуштил местото. Пред да се прошири, огнот бил изгаснат од Х.Р. и соседите.

Се работи на расчистување на случајот – информриаат од МВР.

Kраткометражниот филм “ТИ МОЖЕШ” на прилепчаните Никола Димески и Марјан Беџоски, единствен претставник на Македонија на престижниот фестивал UNiCA 2024 во Полска

Меѓу 70-те филмови од целиот свет, сместени во неколку категории, a во конкуренцијата од 24 филмови, во категоријата краткометражен игран филм, филмот на Никола Димески и Марјан Беџоски од Прилеп, “ТИ МОЖЕШ”, кој говори за разбивање на стереотипите и инклузивноста на лицата со попреченост, годинава е единствениот учесник од Македонија на престижниот интернационален филмски фестивал UNiCA 2024, кој од 18 до 23 август, се одржува по 84-ти пат во градот Познањ, Полска.

На Меѓународниот филмски фествал, кој воено претставува натпревар помеѓу нациите, UNiCA 2024, филмот на прилепчаните претставува еден од посериозните и поинтересни филмски продукции на фестивалот, во категоријата на некомерцијални и непрофитни кратки играни филмови. Филмот претендира на една од интернационалните награди на фестивалот, а истиот е во продукција на „Фото Беџо„ и веќе има добиено неколку награди на републичко ниво.

Минатата година на 52. Државен фестивал на непрофесионален (аматерски) филм во Кочани, во организација на Кино сојузот на Македонија и Народна техника на Македонија, филмот “ТИ МОЖЕШ” доби две награди, и тоа: „Златна Плакета за сценарио„ и „Златна плакета за краток игран филм“. Со тоа филмот се стекна со право да учествува на интернационалниот филмски фестивал UNiCA MOVIE.

Филмскиот фестивал UNiCA има натпреварувачки карактер.

Членовите на UNiCA се национални организации кои ги претставуваат филмаџиите на нивната земја. UNiCA е основана во 1937 година во Париз и е членка на ClCT на УНЕСКО. Таа поддржува не комерцијални филмови, преку промовирање на видео и филм како средство за меѓународна комуникација.