дома блог страница 722

Важно известување до граѓаните од СВР Битола: Бидете внимателни, сериозни измамници се јавуваат на телефон

Во текот на изминатите денови и денес во СВР Битола стигнуваат пријави од измамени граѓани, а во врска со наводни сообраќајни несреќи во кои се учесници наводно блиски членови на семејството и плаќање на големи суми – велат од СВР Битола.

СВР Битола апелира до граѓаните, посебно до повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични информации добиени од непознати лица и секој таков случај да го пријават на телефонскиот број 112 и 192 или во најблиската полициската станица – стои во соопштението од СВР Битола.

Гордана Силјановска Давкова го доби Уверението за претседател на државата

Државната изборна комисија (ДИК) денеска издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, на Гордана Силјановска Давкова, откако на седница ги објави конечните резултати од Претседателски избори одржани на 24 април и 8 мај годинава. Уверението на Силјановска Давкова и го врачи претседателот на ДИК Александар Даштевски и во име на Комисијата посака успешен мандат.

Даштевски на седницата констатираше дека за Претседател е избрана Гордана Сиљановска Давкова со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251.899

Државната изборна комисија на седницата утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, а гласале 861 218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47.47.

За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за Претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актуелниот претседател и нејзин противкандидат истекува утре.

Универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги започнува преговорите со коалицијата „Вреди“

Првата средба на работната група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот лидер Христијан Мицкоски и претставниците на коалицијата „Вреди“ на партиите на Албанците се очекува да се одржи денеска напладне.

На средбата ќе стартуваат разговорите меѓу двата политички субјекта за евентуалната соработка во рамки на идната влада.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој вчера во телевизиско гостување ја потврди оваа информација, истакна дека не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните.

-Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик, посочи Муцунски.

Муцунски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе презема конкретни мерки за, како што вели, формирање на контурите на изгледот на идната влада и додава оти очекувањата се дека и без поголем политички субјект може да се стигне до бројката од 61 пратеник бидејќи сè повеќе пратеници во моментов сакаат да бидат дел од мнозинството.

Мицкоски вчера пак оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на која било констатирано дека оствариле успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.

(ФОТО/ВИДЕО) Патриотско БЕРАНЦИ крена знаме со шеснаесеткрако македонско сонце! Нека се вее за навек!

Жителите на село Беранци, општина Могила, денеска поставија јарбол со сонцето од Кутлеш кое ќе се вее над Пелагониско поле.

Знамето е поставено на крстот кај манастирот Св. Јован Крстител, едно прекрасно свето место кое вреди секој да го посети.

Во изминатиот период се повеќе зачестува поставувањето на јарболи со македонското шеснаесеткрако сонце, па пред десетина дена вакво знаме беше кренато и во прилепската населба “Жабино маало”.

Браво за беранчани кои важат за големи патриоти!

Нека се вее за навек!

На Св. Василиј Острошки во прилепско Чумово: Управата на манастирот во изградба ги кани сите верници во недела

Во прилепското село Чумово во тек е изградба на манастир кој ќе го носи името на Св. Василиј Острошки. Управата прави надчовечки напори и успева да ја турка оваа убава идеја, а се со цел на прилепчани да им подари уште едно свето место во убава природа.

На 12. мај православните христијани го слават токму тој празник, па по тој повод управата на овој манастир во изградба ги поканува верниците, да присуствуваат на света литургија, што ќе се одржи во 11 часот, а потоа следува ручек и пригодна празнична забава.

Посетете го ова место, уживајте во убавата природа и дајте свој придонес оваа убава идеја за скоро време да се реализира.

Бојан Миовски номиниран за фудбалер на годината во Шкотска

Напаѓачот на Абердин и на македонската репрезентација Бојан Миовски е номиниран за наградата за најдобар фудбалер во сезоната 2023/24 во шкотската Премиер лигата, која традиционално од 1965 година ја доделува Здружение на фудбалски новинари (SFWA).

Миовски, како што е соопштено денеска, номиниран е за престижното признание заедно со голманот на Глазгов Ренџерс, Џек Батланд, Мет О’Рајли од Селтик и капитенот на Хартс, Лоренс Шекланд.

Миовски од почетокот на оваа сезона постигна 24 голови во сите натпреварувања и беше избран за фудбалер на годината на Абердин, а се најде во тимот на сезоната во шкотската Премиер лига.

Наградата за најдобар играч во изборот на шкотското Здружение на фудбалски новинари ќе биде доделена на гала свеченост на 19 мај.

Престижната награда се доделува од сезоната 1964/65 кога прв носител на признанието беше легендата на Селтик, Били Мекнил.

Низ историјата само четворица фудбалери на Абердин го освојувале престижното признание кое го доделува SFWA – Мартин Бухан (1970/71), Гордон Страхан (1979/80), Вили Милер (1983/84) и Алекс Меклиш (1989/90).

Боки пушти кривични за цело СДСМ – Заев го има во секоја од нив (ВИДЕО)

Ислам Абази и Бојан Јовановски се поздравија откако Боки 13 поднесе кривични пријави против претходничката Вилма Русковска, експремиерот Зоран Заев, сите поранешни генерални секретари на СДСМ меѓу кои и Оливер Спасовски. Изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства се само дел од кривичните дела кои според Боки 13 ги сториле посочените во пријавите.

„Именувани директори, лица кои вршеле јавни функции, судии и обвинители, ексфункционери – сите беа дел од кривично-правната операција Бумеранг. Имавме прв распит пред предметен надлежен обвинител. Се работи за кривични дела за изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства. Станува збор за повеќе дела за кои се поднесени кривични пријави“, рече Јовановски.

Јавна тајна во Македонија бил криминалот за кој Јовановски предал докази во Обвинителството на Абази. Боки 13 е уверен дека пријавите ќе резултираат со судски предмети и сите ќе одговараат. Тука ја посочи и екс-обвинителката Русковска која според него ја злоупотребила службената положба и примала поткуп.

„Мислам дека ќе произлезат предмети каде лицата од СДСМ ќе одговараат. Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службена положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е скоро во секоја пријава“, додаде Јовановски.

Јовановски тврди и дека Вилма Русковска знаела колку години ќе добијат осудените за 27-ми април, уште пред Добрила Кацарска да ја објави пресудата. Екс-шефицата во изјава за Алфа ги демантираше таквите тврдења на Боки 13, велејќи дека не ја знаела пресудата, а истата ја гледала онлајн, бидејќи била на патување во странство.

Прилогот на АЛФА погледнете го во продолжение:

11 претстави обединети под концептот „Ново читање“, на програмата на 58-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.

Единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма се селектирани на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. „Ново читање“ е именувана програмата на уметничкиот директор Ана Стојаноска, која денеска на прес-конференција ја образложи својата селекција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинешниот Автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес, вели Стојаноска.

Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.
Мотото на фестивалот годинава е „Промени се, промени сè“.

-Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ù фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава – рече Стојаноска и додаде дека „промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Таа е првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации“.

Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.
Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се:

1.„Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
2.„Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје;
3.„Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип;
4.„Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица.

Во „Ново читање на класиците“ го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите:

1.„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје;
2.„Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес;
3.„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар;
4.„Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје;
5.„На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола;
6.„Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија;
7.„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје.

Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција:

1.„Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар „Златен Елец“;
2.„Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion Network и НТ Штип;
3.„Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје;
4.„Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна;
5.„Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид.
6.„Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, што ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар.
-И годинава сакаме Прилеп да биде град-театар, ќе има уште фестивалски зони што ќе ги откриваме постепено. Им се заблагодарувам на сите што го помагаат фестивалот – рече Стојаноска.
За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, Работилницата за следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал. Повиците за учество на овие работилници ќе ги објавиме наскоро.

Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, ќе имаме и некои нови кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот.

За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.

Eден пензионер удрил во друг пензионер: Тешка сообраќајка на ул. “Борис Буџевски” во Битола

На 09.05.2024 во 11.30 часот во СВР Битола било пријавено дека дека на ул.„Борис Буџевски“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки, управувано од С.Н.(69) од Битола и мопед управуван од Б.С.(65) од Битола.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола – информираат од СВР Битола.

Добра вест за возачите: Се вратија старите цени на полисите за осигурување

Се вратија пониските цени на полисите за осигурување. Владината одлука е објавена во Службен весник попладнето на 7 мај, а намалените цени осигурителните компании почнаа да ги применуваат од денеска.

Дали ќе ги вратат парите на граѓаните кои плаќаа поскапи полиси изминативе две недели – се уште немаат став. Дополнително ќе ги консултирале правниците, но неофицијлано велат дека нема ни начин, ни основ за враќање на парите.

Процесот би бил сложен, затоа што полисите се продавале прегу агенти, на кои им плаќаат од 20 до 40% од вредноста на полисата. Но, ако некое осигурително друштво сака, може да им ги компензира парите во полисата за следната година.

Сепак, конечен став Групацијата на осигурителни компании, најавија за следниве денови. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето велат дека неделно во просек се регистрираат околу 10 илјади автомобили. Но, заради празниците и изборите, од 25 април до денеска бројката на граѓани кои платиле од 840 до 1,600 денари повеќе би била таа.

И додека се чека официјалниот став од Групацијата, реагираа само од Комората на Серозападна Македонија, кои велат дека:

– Амбиентот за водење бизнис станува дестимулирачки за локалните компании како и за странските инвестиции, со што, се оставаат долгорочни последици, но и во спротивност на ЕУ со законодавниот систем кој се уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување на автомобилите, што е спротивно на acquis на ЕУ.

Од комората додаваат дека со донесенатa одлука од страна на Комисјата за автоодговорност се ограничуваат ингиренците на другите релевантни фактори како што се компаниите, со која цените за автоодговорност се контролираат целосно од државата.