Општина Прилеп се вклучува во иницијативата ,,ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД” 2024, и за таа цел ги поканува сите граѓани, во петок на 17. мај, да се приклучат во акцијата за чистење на околината околу вештачкото езеро.
-Ве покануваме сите кои сте во можност да земете учество со почеток од 09:30ч. Да излезиме заедно, да го собериме отпадот од нашата непосредна околина и со тоа да придонесиме за поздрава и позелена иднина за сите! За секои 10кг собран отпад, Министерството за земјоделство ќе обезбеди по едно дрво за пошумување нови шуми. Да се извалкаме и да чистиме – стои во поканата.
Ставовите од ЕУ и НАТО, но и внатрешните реакции во Грција, односно позициите на опозициските партии и секако на Владата во однос на Договорот од Преспа и понатаму се во фокусот на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Катимерини“ во текстот под наслов „Атина ја очекува новата Влада во Скопје“ го пренесува ставот на актуелната грчка Влада дека државата има континуитет и дека покрај нивното несогласување пред да се изгласа Договорот од Преспа, сега го почитуваат.
Истакнува дека следниот чекор што се очекува е формирањето на Владата кај нас на крајот на мај, кога ќе биде претставена програмата „што ќе покаже каде одат соседите“.
Грчката телевизија „Опен“ во прилогот од Скопје, пренесува ставови на граѓани кои ја истакнуваат важноста на европската перспектива на земјата, но и изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, кој го коментира ставот на новата претседателка.
-Неусогласувањето носи одговорности и сериозни последици за државата што веднаш ќе се почувствуваат од граѓаните. Одговорноста не е само политичка, туку и правна. Па така, како носители на највисоките државни функции, ќе треба да ги почитуваат Уставот, меѓународниот Договор од Преспа и законите, вели Заев за телевизијата „Опен“.
Maтурантите ширум Македонија овие денови го прославуваат завршувањето на четиригодишното средно образование и ќе ги исполнат плоштадите во сите градови.
Денеска први кои го разиграа центарот на Прилеп, беа матурантите од СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, кои развиорија оро, заиграа чочек, а напред одеа двајца знаменосци.
Во пресрет на деновите кога треба да се одлучат каде ќе го продолжат своето образование, заслужуваат да се провеселат и за последен пат да се дружат со целата своја генерација.
На 14.05.2024 во 18.00 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода П.П.(42) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 19. мај кога се одбележува 5-годишнината од осветувањето на црквата Св. Петка во прилепско Ново Лагово, со почеток од 09часот, ќе се одржи света литургија, а ќе има и богата музичка програма.
Управата на црквата ги поканува сите верници и добронамерници да присуствуваат на настанот и заедно да поминат еден убав ден.
За музиката ќе се погрижат естрадните пејачи Анета Љумаковска и Спасен Силјаноски и оркестар “Маестрал”.
Овој прекрасен црковен храм беше осветен на 19.05.2019 година, а со чинот на осветувањето тогаш чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски господин Петар.
Темелите на црквата во ова населено место беа поставени и осветени во 2001 година.
Хрватскиот фестивал за едноминутни филмови е меѓународен филмски фестивал кој секоја година се одржува во Пожега.
Фестивалот прв пат се одржа во 1993 година, а 32-то издание ќе се одржи од 5-9 јуни.
На натпреварот со два филма ќе настапи Зоран Пиловски од Прилеп, кој воедно е и единствен претставник од Македонија на овој престижен интернационален фестивал.
Филмовите на Пиловски се насловени како: Carefree-selfie и Childhood is not for sale, а вкупно на програмата се 60 филмови од различни земји ширум светот.
На Пилоски му посакуваме успех и секако да се врати со некоја награда.
Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов смета дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 63 или 64 пратеници и без коалицијата Вреди на албанска опозиција.
-Направено е едно парламентарно мнозинство кое е стабилно и од тој аспект не може ниту една политичка партија да уценува. Според проценките и информациите во јавноста, некаде веќе 63 или 64 пратеници ќе има без албанската опозиција во Парламентот. Тоа е силно парламентарно мнозинство, рече вечерва Трајанов во гостување на ТВ 24.
Тој не прецизира кои се тие пратеници, но посочи дека се од помалите партии кои порано но и сега се дел од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
Трајанов наведува дека вака широкоорганизиран фронт на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен за гласање на измените на Законот за Влада со цел да дојде до реализација на изборните ветувања за нова структура на Владата.
18-годишната Мелиса Зијадиќ од село Лажани, општина Долнени, се пласираше во четвртфиналето на најпопуларното балканско шоу “Ѕвездите на Гранд”.
Мелиса победи во дуелот со една година повозрасната Адела Смајловиќ, но повторно доби благи критики од стручното жири.
На маестралниот настап и пеење, жирито и’ замери нареден пат да биде послободна на сцената, како и да се поклони кон публиката за добиените аплаузи.
“Мелиса душо моја, не е срамота да се поклониш кон публиката на аплауз, немој да бегаш. Тоа мора да биде составен дел од твојот настап и пеење. Немој да ти биде непријатно што си тука, инаку си супер”, коментираше Драган Стојковиќ – Босанац.
“Мелиса, премногу си скромна, тебе скромноста те убива кога ќе застанеш тука. Тоа може да биде мана во оваа работа. Ти си добар вокал и се’ што отпеа беше точно”, истакна Вики Мирковиќ.
Од друга страна пак Снежана Ѓуришиќ ја поздрави скромноста на нашата девојка.
“Мелиса сакам да ти честитам. Таа твоја скромност во однесувањето можеби се пренесува на пеењето, но немој да се грижиш, пееше фантастично”, истакна Ѓуришиќ.
Meѓу пораките од жирито беше и тоа дека Мелиса има потенцијал да стигне до големото финале.
За тие кои пропуштија, настапот на Мелиса погледнете го oд 38-та минута од емисијата во продолжение:
Поранешниот претседател Стево Пендаровски се откажа од правото на користење државна пензија, и одлучил да и се врати на академската кариера.
-Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, потврдија за МИА од неговиот тим.
Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават.
Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од неговиот поранешен кабинет.
-Во однос на административната и логостичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател, се посочува во изјавата за МИА.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима шефот на државата, на канцелариски простор со најмногу тројца стручни соработници, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.
Правата кои произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.