дома блог страница 717

Од мала занаетчиска работилница, до самиот врв! Авто Контрол слави 10 години постоење! Ретроспектива на една успешна бизнис приказна! (Фото/Видео)

Од мала занаетчиска работилница до една од најреспектираните компании во својата област. Компаниајта “АВТО КОНТРОЛ” од Прилеп деновиве прослави 10 години постоење, еден вреден јубилеј кој го одбележаа бројни успеси, бројни примери за општествена одговорност и илјадници задоволни клиенти.

Се започна на 14 мај 2014 година со големо отварање, кога Љупчо Перканоски и неговата сопруга Даниела ја започнаа мисијата да изградат современа станица за технички преглед, каде денеска на едно место можете да ги добиете сите услуги.

За жал, судбината не дозволи, Љупче да се израдува на овој голем јубилеј заедно со своите вработени и соработници, но веројатно таму од високо гледа и е среќен на целиот успех кој го постигна.

-Во мај 2014 година нашиот заеднички сон беше да создадеме компанија која ќе го достигне врвот од областа на Станиците за технички преглед. И успеавме! Но, животот е непредвидлива игра. Од една стана е судбината, а од друга се луѓето. Само тука победник нема. Нека овој ден е празник во чест на мојот сопруг Љупчо, за неговата неизмерна енергија и посветеност кон автомобилизмот. Сакам да изразам огромна благодарност до нашите вработени, соработници, клиенти и пријатели, продожуваме да чекориме на патот од успехот, рече Даниела Перканоска на затворањето на петтиот по ред Македонски оф-роуд 4×4, кој викендов се одржа во Крушево, притоа изразувајќи огромна благодарност до сите инволвирани актери во оваа успешна 10-годишнина бизнис приказна.

И имаат на што да бидат горди! Денеска “АВТО КОНТРОЛ” е компанија сионим за трудољубивост, посветеност, професионалност, компанија со задоволни вработени, најсовремени услови и единствена во регионот каде се достапни сите услуги, од технички преглед на вашето возило, до целосен сервис и извршување на најсофистицирани автомеханичарски зафати.

Со еден збор, “АВТО КОНТРОЛ” е ваш верен партнер во сите временски услови!

Она што вреди да се потенцира е општествената одговорност на компанијата, и посветеноста да се искористи секоја прилика да се возврати довербата кон заедницата. Тука Љупче и Даниела беа лидери и пример за секој стопанственик КАКО ТРЕБА! Донираа и помагаа во секоја прилика, од спортски клубови, здруженија, културни манифестации, медиуми, здравство… Нивната филантропија немаше граници низ годините, а ништо поразлично не е ниту денеска. Особено важен сегмент во нивното делување беше посветеноста за подигнување на свеста за сообраќајната култура, и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

На иницијатива на “АВТО КОНТРОЛ” во изминатите години се реализирани низа работилници, предавања, настани… сето со една цел – унапредување на сообраќајната култура и подигнување на свеста за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи.

“Авто Контрол” месец мај го посветува на своите соработници и клиенти со подароци при секој извршен технички преглед на возилото.

“На нашите клиенти им благодариме за довербата и лојалноста што ни ја покажувате секој ден. Вашата поддршка е наша инспирација за напредок и подобрување. Грижата за нашите клиенти отсекогаш ни била приоритет и тоа е една од нашите особини за континуиран успех и напредок, за што нашите клиенти не’ наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност. Благодарност за честитките, продолжуваме по истиот пат”, истакна Даниела Перканоска, генерален менаџер на Авто Контрол Станица за технички преглед.

За одбележување и е престижното признание кое Перканоска го доби во 2022 година од Aгенцијата “Maрли”, како една од 20-те најуспешни жени менаџерки во Македонија, што е од огромно значење, особено ако се земе во предвид за жена борец, мајка на две деца, која верува во способноста и рамноправноста на жените, и се вложува за успехот на припадничките од понежниот пол.

“Јас успехот не го барам, туку за него работам” – рече тогаш Перканоска.

Тимот на Маркукуле упатува искрени честитки за постигнатите успеси и десетгодишниот јубилеј на “Авто Контрол”. Нека им биде и повеќе од успешена и следната декада!

Златен медал за роботика, за гимназијалецот Иван Јованоски од Прилеп


(Иван Јованоски – на фотографијата трет од десно)

Од 22 до 25 април 2024 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје се одржа натпреварот „Robomac Junior“ во организација на ФЕИТ и Институтот за електроника (ИЕЕЕ) во кој учествуваа 54 ученици од четврта година од 26 средни училишта од Македонија, поделени во 2 категории и во тимови по тројца ученици од различни училишта.

На натпреварот од гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп учествуваа Иван Јованоски и Никола Василески – ученици во четврта година под менторство на професорката Анкица Стеваноска Јанческа.

Учениците се натпреваруваа во две категории.

Во категоријата АВТОНОМНА МОБИЛНА РОБОТИКА – ученикот Иван Јованоски освои златен медал.

Учесниците во оваа категорија се натпреваруваа во програмирање, управување и паметна навигација на мобилни Arduino роботи, со цел роботите самостојно и најбрзо да решат зададени задачи (избегнување препреки, следење патека, паметно паркирање).

Во категоријата ПАМЕТНА ЕЛЕКТРОНИКА ЗА АВТОНОМНИ ВОЗИЛА – се натпреваруваше ученикот Никола Василески кој доби сертификат.

Учесниците во оваа категорија се натпреваруваа во развој на алгоритам за извршување на специфична задача на вградливи компјутерски системи, електронски сензори, електрични мотори, драјвери за нив и имплементирање на алгоритмот во соодветен програмски јазик за вградлива Arduino платформа.

Освен натпреварувањето, овој настан имаше и едукативен карактер бидејќи професори и експерти одржаа предавања за основните принципи на роботиката, вештачката интелегенција и електрониката.

ФОТО/feit.ukim.edu.mk

Ореовчани се кренаа на нозе! Започнуваат со секојдневни протести – велат дека “Бехтел и Енка” ги загрозуваат природните извори на вода во Прилеп

Кулминира револтот на жителите од елитното прилепско село Ореовец и од неколку други околни села. Тие од денеска започнуваат со секојдневни блокади од 8 до 16 часот на главниот пат кон селото, кој е и пат до новите рудници на „Бехтел и Енка“ за ископ на градежен материјал за изградба на патиштата од Коридорите 8 и 10Д. Велат, на овој досегашен еко-предел, каде се наоѓаат и единствените четири природни градски изори на вода, му се заканува невиден екоцид, а и луксузните куќи и викендици веќе трпат штети од секојдневните минирања и силните детонации – oбјави “АЛФА ТВ”.

„Направија спореден, паралелен пат со нашиот пат, возат и по нашиот, и по нивниот пат. Ни го искршија патот…Немаат никакви дозволи. Си зеле некои приватни ниви под кирија на пет години, на десет. Втора работа, ни минираат на 200 метри од куќите наши. Концесијата им е земена на 20 години, а селото се развива. Значи, тие ни ја загрозуваат околината. Водата почнува да тече матна, животните, змиите од планината слегоа долу в село, бидејќи им го расчистија теренот и ја исекоа шумата“, – изјави Рубин Рујаноски, сопственик на куќа во с. Оревоец.

„Никакви работи во врска со изградба на пат не се отпочнати. Ние колку што знаеме ни експропријација на земјиште не е направена, а веќе се копаат нови рудници за тампон. Тампон можеме да им препорачаме да си земат на само километар одовде, од Рудникот „Сивец“, – кажа Ѓорѓи Ѓорѓиески, член на Комитетот за заштита на природното и културно наследство на Македонија.

Ореовчани поддршка добија и од градоначалникот Борче Јовчески.

Ова е втор протест на револтираните мештани кои уште пред десетина дена испратиле и писма до „Бехтел и Енка“ и до ЈПДП со барање ископувањата да престанат. Бидејќи одговор се’ уште не добиле, си ангажирале и адвокат со цел правдата да ја бараат на суд.

Од ЈПДП пак, уште минатата недела, одговарајќи на нашите прашања, се правдаа дека се’ било законски и дека ископите ќе продолжат се’ до завршувањето на изградбата на патиштата од двата коридори.

Каролина Дурло/ТВ АЛФА

Maeстрални! Прилепскиот бенд “Тhe Doctors”, го освоија првото место на Државниот натпревар (ВИДЕО)

На 14.05., бендот при СОУ “Ѓорче Петров” Прилеп, ,,The Doctors” учествуваше на државен натпревар, кој беше организиран од страна на ЗДРУЖЕНИЕТО НА МУЗИЧКИ ПЕДАГОЗИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, а истиот се одржа во Кичево.

Дечките освоија 89 поени од можни 100, со што се закитија со ПРВОТО место.

Им честитаме на учениците за постигнатиот резултат, со желби за уште многу освоени награди и убави песни во иднина.

Слушнете ги во продолжение:

Промовиран најновиот роман на Билјана Тинтоска – “Симфонија”

“Симфонија” е насловот на новиот роман од писателката Билјана Тинтоска, кој беше промовиран на 14 мај во СОУ “Ѓорче Петров”.

Промотор на четвртиот по ред роман на Тинтоска беше Габриела Стојаноска Станоеска, а модератор Лидија Ристеска.

Романот е различен од другите. Говори за тоа како човекот се справува со болката заради загубата на блиските и како ја споделува радоста со другите. Романот крик за болката, но и достоинственото носење на сопствениот крст, но и химна на смислата на животот и љубовта.

Романот беше промовиран пред преполна сала и атмосфера полна со љубов.

Честитки за професорката Тинтоска!

ФОТО/Трене Тренески

Хуманитарна забава во “Кафе Пауза” за манастирот Св. Недела во Стровија: Дајте свој придонес за едно од најубавите духовни места во околината на Прилеп

Управата на манастирот Св. Недела кај село Стровија, во соработка со кафе “Пауза” од Прилеп, во петок (17.05) организираат хуманитарна забава, на која ќе се соберат средства за потребите на манастирот.

Забавата ќе започне во 21ч, во омиленото кафуле во населба “Точила”, а за музиката ќе се погрижат од дуото “Леонид бенд”.

Резервирајте на време на телефонскиот број: 078 242 671, забавувајте се и дадете свој придонес во развој на ова прекрасно духовно место.

Нека е напомош на сите!

Претставата „Чернодрински се враќа дома“ на МТЦ “ЗОНА” во Прилеп и во Кочани

После подолг временски период Прилеп и прилепчани ќе имаат можност да проследат театарска претстава – премиера и прва реприза. И тоа не би била некоја вест доколку стануваше збор за професионалниот театарски ансамбл “Војдан Чернодрински”, но во овој случај главните актери се членовите на Младинскиот театарски центар “Зона”.

После неколкумесечна подготовка Младинскиот театарски центар „Зона“ ќе го има своето деби токму пред прилепската публика. Премиерата на средношколската група при МТЦ „Зона“ е закажана за 22.5.2024, среда, од 20.00 часот на сцената на НТ „Војдан Чернодрински„ – Прилеп. Првата реприза е закажана за наредниот ден, четврток, 23.5.2024 од 20.00 часот.

„Чернодрински се враќа дома“ по текст на Горан Стефаноски е предизвикот кој го прифати „Зона“ па квартетот едукатори и ментори во името на Даниела Иваноска, Марија Спиркоска Илијеска, Мартин Наумоски и Кирил Петрески. Секако, главниот товар го презедоа младите актери кои покажаа фантастична желба и посветеност па токму затоа поддршката од прилепската публика, се надеваме, нема да изостане.

Филип Стојаноски, Вања Младеноски, Андреј Димитриоски, Стефан Петрески и Горјан Ристески се петтемина момци кои се дел од трупата, а Ангела Чупетреска, Марија Јованоска, Матеја Илијеска, Искра Спиркоска, Марија Јовеска, Сара Атанасоска, Илина Радеска, Евгенија Димитриоска и Дора Иваноска го сочинуваат женскиот дел од тимот за сите заедно да создадат мозаик кој ќе донесе освежување, младешка енергија и одлична актерска игра.

Веднаш после прилепското претставување екипата заминува на гостување во Кочани на престојниот фестивал ДАФ Кочани со гореспоменатата претстава, а настапот таму е закажан на 25.5.2024, сабота, во 21.00 часот.

Напоменуваме дека влезниците за премиерата се распродадени, но најбрзите ќе имаат можност да резервираат билет за првата реприза. Информациите ќе ги најдете на facebook и instagram страната на МТЦ “Зона”.

ЕВРОПА ВО ШОК! Обид за убиство на словачкиот премиер – ранет пренесен во болница

Словачкиот премиер Роберт Фицо е ранет во пукање, пренесува “РИА НОВОСТИ”.

Kaко што неофицијално пишуваат медиумите од регионот, кон премиерот Фицо биле испукани неколку куршуми после седница на словачката Влада.

Првиот човек на Словачка е итно пренесен во болница.

Засега нема информации за мотивот за нападот.

Изложба на фотографии “ПРОЧКА 2024”, утре во ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков” Прилеп

Фото Кино Клуб „Прилеп” Ве поканува на изложба на уметнички фотографии „Прочка 2024″.

Изложбата ќе се одржи во ликовната галерија на НУЦК “Марко Цепенков” – Прилеп во петок, 17 мај, со почеток во 19:00 часот.

На изложбата ќе можете да уживате во 30 избрани фотографии од учесници на конкурсот кој беше објавен во април 2024 година.

Денеска е летен Атанасовден: Честит именден Атанас, Атанасија, Тане, Насте, Борче…

Освен Танасовден зимски кој се слави на 31 јануари, денеска е летен Танасовден, кој во многу места низ Македонија се празнува како селска или куќна слава.

Роден во Александрија во 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар, и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја.

На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието.

Го напиша Символот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, свети Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците.

Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватните куќи, по пустините. На двапати бегаше во Рим.

Едвај недолго пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како светиот Атанасиј. Но, неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба.

За совет, утеха и морална потпора често одеше кај свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.