дома блог страница 709

Утре “Сите на велосипед” по 18-ти пат во Прилеп – Може да учествуваат од најмали до најстари!

По повод Денот на сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“ утре во Прилеп, по 18-ти пат ќе се одржи спортско-рекреативната манифестација “Сите на велосипед”

Стотици велосипедисти од најмала до најголема возраст ќе возат до населеното место Мало Коњари и назад, а целта на трката е да се промовира велосипедот како еколошко и најприфатливо средство за патување кое не ја загадува животната средина.

Стартот е закажан во 12 часот пред “реклами”, a ќе се вози до ООУ “Страшо Пинџур” во Мало Коњари.

Предвидени се награди за најмлад и најстар учесник, а организаторите – Велосипедскиот клуб “Илинден” во соработка со општина Прилеп, имаат обезбедено освежување и закуска за сите учесници.

Девојчиња изнатепале соученичка кај “Бизнис центарот” во Прилеп

Фото/илустрација

Вчера, 22.05., во 14:55часот, П.С.(50) од Прилеп пријавил во Полициската станица Прилеп, дека по завршување на часовите, а во близина на “Бизнис центарот” во градот, неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзини соученички.

Се работи на расчистување на случајот – информираат од МВР.

Спасовски: Однесувањето на ДУИ имаше влијание за лошиот изборен резултат на СДСМ

Оливер Спасовски, пратеникот од редовите на СДСМ кој доби пратенички имунитет како носител на листата во ИЕ2, во „Клик Плус“ на ТВ21 ги наведе причините за кататрофалниот резултат на партијата на изборите.

Спасовски како една од причините го наведе однесувањето на коалициските партнери ДУИ, визави состојбите во државата.

„Има повеќе причини за таквиот резултат, но ако треба неколку да одвоиме, тие се самата поставеност на партијата да ги направи најтешките работи за државата да може да чекориме напред, а тоа е Договорот со Бугарија, која беше цело време зборуван од јавноста. Однесувањето на ДУИ визави СДСМ, визави состојбите во државата. Настаните кои ни се случуваа во текот на сите овие години, кадровскиот потенцијал итн, сметам дека има големо влијание“, изјави Спасовски.

Дури петмина прилепчани играа во синоќешното финале – Тројца се радуваа на шампионскиот пехар

Дури петмина прилепчани и сите поранешни фудбалери на ФК Победа, синоќа беа во редовите на Тиквеш и Воска, а тројца се радуваа на шампионскиот пехар во Купот на Македонија.

Кавадарчани го добија натпреварот со 2:1 и се радуваа на првиот трофеј во речиси 100-годишната историја на клубот.

Благојче Спиркоски и Даниел Карчески ги одиграа сите 90 минути за Тиквеш, а во редовите на Воска настапи Николче Шаркоски, кој постигна и гол во 62-та минута од натпреварот.

Покрај Карчески и Спиркоски, кај Тиквеш на клупата беше и Зоран Даноски.

110 пушки од Првата светска војна пронајдени при ископ во старата касарна во Битола (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

На 21.05.2024 во 10.48 часот во СВР Битола, вработен во градежна фирма пријавил дека при вршење на ископ во Старата касарна во Битола пронашле поголем број на стари пушки.

Увид извршила екипа од СВР Битола, а на 22.05.2024 пушките биле подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, кој констатирал дека станува збор за 110 стари нефункционални пушки со потекло од Првата светска војна – информираат од СВР Битола.

На просторот во поранешната касарна, на локацијата каде што Општина Битола ја започна изградбата на новиот противпожарен дом, пронајдена е поголема количина на оружје, поради што градежните работи се привремено стопирани. Надлежните служби, веднаш излегоа на терен и постапуваат согласно законската регулатива. Градоначалникот Коњановски, очекува проверката на теренот и постапувањето со оружјето да бидат брзо завршени, за да може градежните работи, непречено да продолжат:

„Во текот на вчерашниот ден, од страна на изведувачот на градежните работи на локацијата каде што треба да „никне“ новата противпожарна зграда, најдена е поголема количина на лесно оружје. Активностите во моментот се стопирани. Пријавено е според правилата до Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и заедно сме тука со претставниците на Дирекцијата, видовме и дел од оружјето, тоа се претежно пушки, над 100 парчиња кои се извадени на оваа локација. Според нивното кажување датираат од периодот на Балканските војни. Битола знаете во тој период и како територија и како регион била една од најбомбардираните места за време на Балаканските војни и Првата светска војна, така што ова не е нешто невообичаено. Активностите се прекинати се додека оваа локација не биде обезбедена онака како што треба и како што законската регулатива тоа го налага“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски при денешниот увид на терен.

Имајќи ги предвид ваквите чести појави, Градоначалникот Коњановски и претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување, разговараа и за потребата од преземање на организирани едукативни активности во соработка со воспитно образовните институции, со цел едукација на младите за начинот на постапување и соодветно пријавување во случаи на затекнато старо оружје на одредени локации – стои во соопштението од Општина Битола.

Убав настан утре во храмот Св. Кирил и Методиј во Прилеп – Секој е поканет!

По повод празникот посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските и македонските просветители, Здружението „Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ – Прилеп“ во соработка со Локалната самоуправа на Општина Прилеп и храмот „Св. Кирил и Методиј„ – Прилеп ве покануваме да присуствувате на завршниот настан од проектот „Денови на Свети Кирил и Методиј“.

На 24.05.2024 година во дворот на храмот „Св. Кирил и Методиј“ – Параклис, со почеток од 11:00ч после светата литургија со која што ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г-дин Петар,
ќе бидат презентирани делата изработени од страна на учениците од основните училишта од Прилеп кои во текот на претходниот и овој месец учествуваа на работилниците кои што беа дел од проектот.

А исто така ќе бидат одржани и предавања за значењето кое Светите браќа го имаат како во Македонија, така и во светот!

Aирлија: Просечната нето плата во март скокнала на 40 496 денари, пресмета државна статистика

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март годинава, изнесувала 40 496 денари, и е за 16 отсто повисока од истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен
во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (21.9 %), Јавна управа и одбрана;
задолжително социјално осигурување (21.3 %) и Образование (20.5 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано
во секторите: Рударство и вадење на камен (7.8 %), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (7.3 %) и
Преработувачка индустрија (6.2 %).

Просечната месечна исплатена бруто-плата, пак, во март 2024 година, изнесувала 60 803 денари.

Кавадарци синоќа не спиеше! Фудбалерите на Тиквеш испишаа историја (ВИДЕО/ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Екипата на Тиквеш забележа голем успех и за првпат во својата клупска историја го освои Купот на Македонија во фудбал.

Мотивирани од поддршката од околу 10.000 свои фанови, Тиквеш доминираше од самиот старт и создаваше шанси пред голот на Захов.

За прв гол на натпреварот се чекаше до завршницата од првиот дел кога Кристијан Стојкоски со едно ремек-дело од слободен удар го матираше чуварот на мрежата на охридскиот тим. Тоа беше и единствениот гол во првиот дел.

Воска иако немаше премногу прилики, сепак по грешката на голманот Ренер постигна гол на надеж во 77. минута, стрелаше Шаркоски.

Кавадарци славеше до доцна во ноќта. И младо и старо беше на нозе, а имаше и зошто – Тиквеш обезбеди излез во Европа и ќе игра во квалификациите на Конференциската лига.

Уживајте во оваа прекрасна спортска еуфорија во продолжение:

Испокршени клупите на плоштадот “Александрија”, фрлени цели гарнитури мебел во паркови…ваква е културата на поедини прилепчани во 21век! (ФОТО)

Искршени клупи на плоштадот “Александрија” преку ноќ, исфрлено купишта мебел до контејнерите на ул,, Васко Карангелески,, кои го попречуваат дури и сообраќајот, исфрлен мебел во парк во “Точила” – ова е сликата од Прилеп која ја пренесуваат од прилепското јавно комунално претпријатие “Комуналец”.

-Што и да се напише, каква порака да се испрати, ништо не стигнува до поедини граѓани. Клупите се од општо добро за секој граѓанин.
Не е потребно секој да критикува, потребно е да го почитува Законот, правилата, доброто совесно однесување, културата на живеење.
Но, казните се неизбежни во цел Свет, и мораат да се практикуваат и применуваат и кај нас – велат од ова претпријатие, и потсетуваат дека ваквиот вид на отпад бесплатно се подигнува секој четврток со пријавување на телефонскиот број: 048/428 992.

Koвачевски поднесе оставка – побара тоа да го направат сите функционери во партијата

Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати

Димитар Ковачевски повеќе не е лидер на СДСМ.

-Ве информираме дека на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, велат од СДСМ.

Интегралната содржина на дописот на Ковачевски до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор, Славјанка Петровска, прочитајте ја во продолжение:

На 8 Мај 2024 година се одржаа парламентарните и вториот круг на претседателските избори во фер и демократска атмосфера, согласно европските стандарди, што претставува огромен исчекор кој е резултат на високиот степен на демократија, слободата на медиумите и на мирот и стабилноста која ја воспоставивме во изминатите години во државата.

Им благодарам на нашите членови и подржувачите кои и покрај големиот пораз во првиот круг на претседателските избори, достоинствено излегоа на изборите во вториот круг и овозможија да се постигне цензусот за избор на Претседател на Република Северна Македонија. СДСМ со тоа повторно покажа и ја докажа својата врвна државотворност и одговорност. Покажавме дека Македонија ни е најважна и секогаш ќе биде така.
На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции.

И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност.

Овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки.
СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа.

Тој процес не смее да биде долг, но никако ни брзоплет, стихиен и експресен. Тој процес на длабока внатрешна промена и консолидација може да го изведат само оние кои се подготвени да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата во државата. Оние кои немаат багаж од било каков вид, особено не такви карактеристики, заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција и на локално и на централно ниво.
Согласно член 26 став 2 и став 4, барам да се свика Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, со следниот Дневен ред:

1. Избор на работно претседателство и Претседавач со Конгресот.
2. Реферат на Претседателот на СДСМ за периодот декември 2021 до Мај 2024 година.
3. Реферати на раководството
4. Извештај од ЦИШ за парламентарните и претседателските избори одржани во 2024 година.
5. Единствена расправа од делегатите на Конгресот по втора, трета и четврта точка.
6. Изјаснување за довербата на органите на СДСМ избрани од Конгресот.

Согласно член 68б став 3, а врз основа на изборните резултати на парламентарните и претседателските избори 2024 година, како и врз основа на очигледната пасивност на дел од членовите и симпатизерите на СДСМ, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и локално ниво, како високо морален чин се повлекувам од функцијата Претседател на СДСМ .

Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата.

Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех.

Барам од ИО, Претседавачот со ЦО и ЦО на СДСМ да ги донесат сите потребни одлуки, акти и постапки согласно Статутот на СДСМ за организирање на Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ и организирање на внатрепартиски избори согласно Статутот на партијата.

Првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновување на идеолошката и вредносна матрица која ќе ги собере сите прогресивни сили на левиот центар во државата.

Вториот чекор, треба да биде длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал, со вистински и докажани социјалдемократи, со вредности и знаење, со чесност и енергија, со мотив и со искреност кон партијата.
Во овој процес на обнова согласно статутот мора сите да работиме со разум, искрено и со срце, без тесногради и ситни лични интереси. Треба да работиме во партиски интерес и да мотивираме во органите и телата на партијата да се вклучат лица кои ќе бидат препознаени од членовите на партијата и од граѓаните како автентични социјалдемократи, чиешто однесување е водено од принципите и вредностите на социјалдемократијата.

И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата која ќе овозможи целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки.

Но, додека се случува овој процес на внатрешна обнова, ние не можеме и не смееме да ја занемариме нашата одговорност кон државата и граѓаните. И затоа СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција.

Актуелниот систем во кој живееме, води повеќе сметка за ПР-от отколку за суштината, за површината, отколку за длабината. Граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо. Многуте кризи придонесоа голем број наши граѓани да се иселуваат, да се чувствуваат несигурни, обесправени и без верба во својата држава. Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција и изневерените очекувања на граѓаните, нискиот просечен раст на економијата во изминатите три декади, непотизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот, кој ја јаде и разорува државата и кој мора конечно да се промени. Таа промена треба да започне од СДСМ, која ќе може најпрвин да ја препознаат членовите и симпатизерите на партијата, за да може да ја препознаат и граѓаните.
Во изминатиот двегодишен период за мене беше најважно што во услови на најголема и тотална криза, никого не оставивме сам, се грижевме за сите, и за младите и за пензионерите, и за работниците и за земјоделците, ги зголемивме и платите и пензиите и ја намаливме невработеноста на најниско ниво по тешката и долга транзиција од деведесетите години. Кризите не ги користев како оправдување или бегство од проблемите. Напротив, работев како што знаев и умеев, искрено, директно, чесно и посветено да се помогне на државата и граѓаните и знам дека постигнавме многу и дека за дел од работите, времето ќе ме потврди дека бевме во право.

Како што кажав во изборната ноќ, им порачувам на сите оние кои мислат дека гласањето било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до Европската Унија, блокирањето на патот кон Европа не само што ќе донесе голем пад на нашиот животен стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии во земјата, ќе ги наруши односите со соседите и ќе не изложи на безбедносен ризик, кој никој не може навистина да процени колку може да биде голем. За земја како Македонија нема средина. Нема играње на две столчиња. Тоа е или напред или назад. Местото на Македонија е во НАТО и Европската Унија. Местото на Македонците со својот македонки јазик, македонска култура и македонски идентитет е во Европската Унија, место во кое припаѓаат и сите други граѓани на Северна Македонија без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Ми беше чест што во овие повеќе од 2 години го предводев СДСМ, што ја предводев македонската Влада и тоа ќе го чувствувам како силен мотив за мојот понатамошен ангажман во застапувањето на социјалдемократските, прогресивните и евроатлантските вредности на нашата држава.
Сакам да се заблагодарам за соработката на моите соработници, во Владата и во партијата.

Сакам да им се заблагодарам на сите прекрасни членови на СДСМ кои и во најтешкото не калкулираа заради лични амбиции и интереси, туку се бореа за партијата, а не во партијата. Тие се најголемата вредност на СДСМ.

Поминавме заедно тешки години, години на кризи, години на тешки но големи одлуки за државата, бевме изложени на јавен притисок, неосновани закани и линч, се жртвувавме за нашата татковина, а поголема жртва од тоа нема.

Нема поголемо задоволство да работиш воден од социјалдемократските вредности во кои веруваш од најмлади години. Но, исто така, нема поголемо задоволство кога знаеш дека си дал се од себе за земјата во која си родени и која ја сакаш.

Со почит,

Проф. д-р Димитар Ковачевски