дома блог страница 708

Филмска тепачка синоќа во Прилеп: Ги следеле со автомобил, па го натепале!

На 24.05.2024 во 03.30 часот во ОВР Прилеп А.С.(19) од Прилеп пријавил дека заедно со уште едно лице со возило се упатиле кон Могилата на непобедените во Прилеп, при што забележале дека возило „пасат” постојано се движи зад нив.

Кога пријавителот ја паркирал колата во паркот, од возилото „пасат“ излегле три лица и физички го нападнале. Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

Фатени дрвокрадци од Прилеп

На 24.05.2024 во 09.30 часот на место викано „Црници“, во атар на село Степанци, општина Чашка, од полициски службеници од СВР Велес биле затекнати И.Ш.(64) и Е.А.(33), двајцата од Прилеп, кои пренесувале дрва без соодветна документација за тоа.

Од нив било одземено патничко возило „лада“ без регистарски ознаки, натоварено со дрва, и две моторни пили.

По документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Керов продукција за вашиот посебен ден (ФОТО)

Честитки за претстојната свадбена сезона! Изборот на вистинскиот тим за вашата свадбена фотографија и видео е клучна одлука. Еве неколку причини зошто да ја изберете Керов продукција за вашиот посебен ден:

– познати по нивниот креативен и уникатен пристап на раскажување, што ги издвојува од другите продукциски тимови.
– искусни професионалци кои работеле на бројни свадби и настани.
– персонализиран пристап кон секоја свадба, тесно соработувајќи со парот за да ја разбере нивната визија.
– вниманието на деталите, што е видливо во секој аспект од нивната работа.
– професионална комуникација
– приспособени услуги за да одговараат на вашите специфични потреби и буџет.

Ова се само неколку причини зошто би можеле да ја изберете Керов продукција. за вашата свадбена фотографија и видео.

Тим кој ќе ја дели вашата визија и стил и со кој се чувствувате удобно да работите.

Митрополит Петар: Се покажа дека прашањето на МПЦ не е црковно туку политичко

И за владиката Петар се неприфатливи трите барања на Вселенската патријаршија поставува за да ѝ доделат томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј е епохално. Тие се најзаслужните рамноапостоли кои како најучени луѓе во 9 век го просветиле словенскиот род, почнувајќи со јазикот на Словените од Солун и солунско, а кој што речиси три века бил старо-словенскиот или старо-македонскиот, односно македонскиот јазик и кој всушност е основата на сите словенски јазици. Ова вчера го истакна митрополитот г.Петар на Свечена академија која се одржа во прилепската Црква „Св. Кирил и Методиј“ – „Параклис“, притоа додавајќи дека токму Кирил и Методиј биле оние кои што на православниот свет му ја предале и нашата православна вера, изворно и чисто, точно според Христовото учење.

„И тогаш, а и ден-денес ние се потпираме на нивното дело, бидејќи ги превеле Светите книги, Светото писмо на македонски, старо-макeдонски јазик и секако дека и богослужбените книги се преведени исто така, подоцна, од нивните свети ученици Климент и Наум Охридски – Чудотворци. Ние сме сведоци дека денес многу институции, просветни, образовни и воспитни го носат нивното име, но не го проповедаат нивното дело онака како што тие го проповедале, туку само формално се споменува нивното име“ – кажа митрополитот г. Петар.

Владиката Петар зборуваше и за трите барања од Цариград за признавање на нашата Македонска православна црква – Охридска Архиепископија:

-Ете сега веќе доаѓа до израз дека нашето прашање за црквата не било црковно туку било политичко и ден денеска од нас не се бара, не се кажува, не се тврди дека имаме било какви проблеми со каноничноста на црквата или со верата и учењето туку исклучиво од нас се бара да се откажеме од нашиот идентитет, потенцираше за „Сител“ Митрополитот Петар на одбележувањето на празникот на Светите Браќа Кирил и Методиј.

Прашан што конкретно бара Вселенската патријаршија, тој посочи дека биле поставени неприфатливи услови – откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина.

Од најмало до најстаро на велосипед: По 18-ти пат во Прилеп се одржа рекреативната тура “Сите на велосипед” (Фото галерија)

Традиционално во Прилеп денес, вчера на Денот на сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј, по 18-ти пат се одржа рекреативната тура „Сите на велосипед“- 2024.

Стотици велосипедисти од најмала до најголема возраст возеа до населеното место Мало Коњари и назад, а целта на трката како и секоја година, е да се промовира велосипедот како еколошко и најприфатливо средство за патување кое не ја загадува животната средина.

Се возеше од пред “реклами” до ООУ “Страшо Пинџур”, а организаторите – Велосипедскиот клуб “Илинден” во соработка со општина Прилеп, имаа обезбедено признанија и награди на најмладиот и највозрасниот учесник.

82-годишник истепал свој помлад сограѓанин

На 23.05.2024 во 13.00 часот во СВР Скопје, А.Ј.(66) од Скопје пријавил дека околу 12.00 часот во неговиот двор, на подрачјето на Гази Баба, по претходно нарушени меѓусоседски односи, бил физички нападнат од Е.М.(82) од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Tpeбало да ce вика Cв. Caва, но пpилепчани не попyштиле: Еве како е гpaден гpaндиозниот xpaм Cв. Kиpил и Meтодиj во Прилеп (Фото)

Храмот Свети Кирил и Методиј, познат и како Параклис и годинава свечено го одбележува својот празник. Светите браќа Кирил и Методиј се познати христијански светители, најмногу за словенските народи. За нив во црковните богослужби
се пее како за рамноапостолни, учители и просветители.

Учители и просветители се затоа што ја создале азбуката, преведувале книги и учеле многу народи на писменост и наука. Рамноапостолни се, оти се еднакви на апостолите. Ширејќи ја писменоста, го ширеле и христијанството. Голема е заслугата на Светите браќа за покрстувањето на словенските народи.

Огромно е почитувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Прилеп и пошироко. Тоа се гледа во тоа што голем број прилепчани ги носат имињата на овие светители и на овој ден слават именден. Има и семејства во кои, ако на едното дете му дале име Кирил, на другото му даваат Методија.

Во почетокот на 20 век во Прилеп е изградена грандиозната црква посветена на Светите браќа Кирил и Методиј. Градена е во време на српската окупација на Македонија.

И постои едно кажување дека властите во тоа време за градба на црквата го определувале местото кај денешната пошта, но црквата да биде посветена на Свети Сава, но иницијативниот одбор и народот не се согласил, па со отстапување на места од имотите на видни прилепски семејства, изградена е црквата на местото каде од порано постоела помала црквичка – Параклис од 1884 година, а која ја паметат постарите дека е урната во средината на 20 век.

Црквата Свети Кирил и Методиј претставува репрезентативно остварувања на познатиот белградски архитект Момир Коруновиќ, чија активност на овие простори во периодот меѓу двете Светски војни резултирала со значајни архитектонски остварувања.

Светиот дом е граден е во непосредна близина на стариот Параклис. Храмот има основа на впишан крст. Се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во велелепни стилови. Во подрумот на храмот се наоѓаат гробници од загинати војници од Првата светска војна.

Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп градена е во периодот од 1926-1936 година, аа на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, е положен камен темелник.

Првата служба е одржана во ноември 1930 година, веројатно во подрумските простории каде се изградени костурници за коските на оние кои загинале во Прилеп во војните од 1912-1918 година, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот епископ Охридско-битолски Николај (Велимировиќ).

Црквата е висока 23 метра. Покрај костурницата има балкон за жени и посебен балкон за пејачки хор. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година довршена е градбата на куполата, која не била крената при градбата на храмот, заради немање на финансии.

Последниве години во црквата се сликаше фрескоживопис во олтарниот дел.

Тешка сообраќајка кај Саат кулата во Битола – се судрија две товарни возила

На 23.05.2024 во 13.15 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата од бул.„1-ви Мај“ и ул.„Широк сокак“, кај Саат кула во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(45) од с.Долно Оризари, битолско и товарно возило „ивеко“ со битолски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(50) од с.Лопатица, битолско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатник од возилото „ивеко“ А.М.(48) од Битола, констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола – информираат од СВР Битола.

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ПРЕСЕЛИЈА НА МОРЕ – километарски колони на „Богородица“

Според видео камерите на „Јавното претпријатие за државни патишта“ во овој момент се гледа голема фреквенција и гужва на граничниот премин „Богородица“ за влез кон Грција.

Освен тоа може да се забележат и голема фреквенција на луѓе излезени од своите автомобили кои чекаат во редот за да поминат пасошка контрола, а на дел од кадрите се гледаат и некои луѓе со бебиња како се шетаат надвор додека нивните автомобили се заглавени во редот.

Инаку гужвите за влез во Грција започнаа вчера попладне кога исто така имаше голем наплив на автомобили на „Богородица“.

Христијанскиот свет ги празнува македонските просветители Св. Кирил и Методиј – Честит именден Кире, Кирил, Методиј, Менде, Методија…

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Именден празнуваат: Кирил, Методија, Кире, Киро, Методиј, Мето, Менде…

Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 фев. и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност.

Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен“.

Но, поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј.

Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи. Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лав бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво.

Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето„). Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил.

Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.Константин, пак, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград којашто имала ранг на денешен универзитет.

Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн.

По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, којашто имала државно-политички и религиозен карактер.
Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања.

Овде ги нашле и моштите на папата Климент I, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. За време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија.

Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници.

Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера, лично поред папата, да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик.

Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?

Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ ‒ им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент I, коишто св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија.

Во Рим во тоа време сè уште бил жив култот кон папата свети Климент I, кој маченички го завршил животот, поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.Папата, тргнувајќи од некои интереси на папската столица, дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата.

Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата „Свети Климент“.

Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија, одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето (по директна интервенција на папата), морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик.

Починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Грчката црква не го празнувала споменот на светите Кирил и Методиј. Словенските цркви, пак, споменот на смрта на св. Методиј го одбележувале на 6 април (с.с.) набргу по неговата смрт. Сведоштво за тоа е и „Асемановото евангелие“ (10-11 век) во кое датумот 6 април е забележан како „спомен на смртта на преподобниот наш отец Методиј, архиепископ на горна Моравија, брат на преподобниот Кирил Филозоф.“

Долго време споменот на св. Кирил Филозоф се одбележувал на 14 февруари (с.с.), а на 6 април (с.с.) се одбележувал заедничкиот спомен на двајцата браќа. Бидејќи овој празник е во велигденските пости кога не е дозволено повесело празнување потребен бил нов датум за таа цел.

Со указ на светиот Синод на Руската црква, по повод 1000 годишнината од првотро осветување на словенскиот јазик, во 1863 година решено е секоја година на 11 мај (с.с.) да се слави празникот на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен и со служба која за таа цел била напишана истата година.Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера.

„Најголема пофалба за нив, ‒ пишува Григор Прличев во Словото за св. Кирила и Методија, ‒ е оти папата, денешниот папа римски, оценувајќи ги нивните маки и трудови, оценувајќи ја величината на нивните дела, ги нарече рамноапостоли и издаде заповед, писмена заповед, строга повела по сето свое паство да го празнуваат сите денот на св. Кирил и Методија.“

Коментирајќи ја ваквата одлука на папата и на црквата воопшто Прличлев истакнува дека нивните заслуги се големи. „Иако биле болни тие многу направиле за афирмација на Христовата вера, тие пак се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите можеби Христови апостоли, ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи.“

Во ова свое Слово коешто не е датирано, но веројатно е кажувано за време на неговото учителствување во Солун 1884-1890, Прличев во едно свое вдахновено расположение искажува умерение дека солунската гимназија „ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.“

Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање. Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Во денешно време тенденцијата е заеднички да се празнуваат светите браќа како просветители на словенските народи.