дома блог страница 682

Изгореа над 100 возила во Македонија, пожар во три авто плацеви

На 01.09.2024 во 13:35 часот во Полициската станица Велешта било пријавено дека настанал пожар во три авто плацеви во с.Велешта, струшко.

Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека во авто плац сопственост на А.Х.(59) од с.Велешта биле опожарени осум патнички возила во возна состојба и 20 неисправни возила, во плац сопственост на П.Х.(39) од с.Велешта биле опожарени околу 80 исправни и неисправни возила, додека во авто плац сопственост на А.Р.(51) од с.Велешта биле опожарени пет возила во возна состојба и еден четирицикл.

Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалните противпожарни единици од Струга и Охрид, а повредени лица нема.

Увид бил извршен.

СЕКОЈА ЧЕСТ! Пратеничката од Македонски Брод покажа како треба! Донираше 20 комплети со училишен прибор за потребите на учениците (ФОТО)

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од општина Македонски Брод, Бисера Златеска, направи гест за почит донирајќи 20 комплети целосен училишен прибор, потребен за целата учебна година, на дечиња од прво до деветто одделение во ООУ “Климент Охридски” во оваа општина.

-На почетокот на новата учебна година ви посакувам многу петки и многу успеси! Напредувајте и растете во стабилни, цврсти и образовани личности на кои ѝм припаѓа нашата иднина – напиша пратеничката Златеска на ФБ.

Училиштето за овој општествено одговорен потег и’ додели на пратеничката Благодарница. Честитки за пратеничката и нека ова биде поттик за сите функционери во државата. На довербата од граѓаните треба да се возврати на секаков можен начин, а ова е еден од начините да се направи тоа.

(ФОТО) Тренерот кој во Прилеп се појави по влечни на теренот, доби отказ

Ракометниот клуб Тиквеш го отпушти тренерот Драган Марковиќ, кој требаше да биде замена за Раде Стојановиќ, но не издржа долго на кормилото.

Тиквеш разочара на турнирите во Струга и Прилеп, а Марковиќ на меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски“ се појави и по влечки на теренот. Маркукуле напиша за овој невообичаен аутфит на тренерот кој наиде на критики кај голем број вљубеници во ракометот.

Eкипата која ја предводеше Марковиќ го освои третото место на турнирот, преку победата над домашниот тим на РК Прилеп и со триумф над гостите од Врање, но тоа се чини беше недоволно и ги разочара челниците од клубот кои напишаа:

„Ја известуваме ракометната спортска јавност дека Драган Марковиќ повеќе не е тренер на ГРК ТИКВЕШ“, соопшти клубот од Кавадарци.

Најпознатите битолски панкери имаат нова песна и видео спот – Уживајте во “Пустинско вино” (ВИДЕО)

Најпознатите панкери од Битола, групата “Паркети” имаат нова песна и видео спот. Песната го носи името “Пустинско вино” и иако отскокнува од нивниот жанр на панк музика, е прекрасно парче во кое сите ќе уживаат.

Музика, текстот и аранжманот за песната се дело на Сашо Паркет, микс и мастер е направен во студио „Подрумот“ на Анѓел Ќосев, а во спотот покрај членовите на групата игра и актерката Ана Грамосли.

Уживајте во продолжение:

Изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, утре во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”

На 3 септември /вторник/ 2024 од 19.30 часот во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“.

Изложбата содржи 35 панели поделени во два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: Грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови

Автори на изложбата се Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Промотор на изложбата е публицистот Ставре Џиков.

Изложбата по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија и 10 Јуни, светскиот ден на хералдиката, ја реализираат НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ и Македонското грбословно друштво, а на поставката ќе бидат претставени над 70 грбови поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век.

**********************************************************

На 10 Јуни 1128 година, во Руен (сегашна Франција) англискиот крал Хенри I го прогласи својот иден зет, Годфри Плантагенет за витез. Во таа прилика му е доделен грб, на син штит, шест златни лавови 3-2-1, кој се смета за прв запис за доделување на грб во историјата. Затоа овој датум се прославува како светски ден на хералдиката.

Хералдика или грбословие — наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји.
Хералдиката е уметноста на исцртување на грбовите.

Млеко, брашно, кафе, риба, шампони: Поевтинуваат 700 основни производи во српските маркети

Српскиот премиер Милош Вучевиќ на прес-конференција истакна дека цените се пониски од промотивните во трговските синџири, а ќе се применуваат во 2.500 малопродажни објекти, објави Новости.

Исто така, беше истакнато дека преку оваа кампања домаќинствата ќе успеат да заштедат од 8.000 до 22.000 динари месечно.

Инаку, акцијата ќе трае до 31 октомври, а опфатени се речиси сите категории на храна кои ќе се продаваат по ниски цени.

Премиерот рече дека се подготвуваат и многу други работи за да им се помогне на граѓаните и посочи дека Владата пред сѐ мора да се грижи за граѓаните и дека е проблем доколку трговците имаат екстра профит од нив. Тој рече дека мора внимателно да се подготви за да не се наруши принципот на пазарната економија и да не се оспорува ничие право на бизнис:

– Повторувам, немам проблем некој да профитира, туку имам проблем само ако некој создаде екстра профит. Како влада мораме да се грижиме и за граѓаните и за економијата, кои и двете ја сочинуваат средината на една земја. Пред сѐ, треба да се грижиме за граѓаните, за луѓето со помали примања, за пензионерите, за да ја почувствуваат грижата на државата.

Екипата на РК Охрид победник на Меморијалниот ракометен турнир “Миле Нешкоски” – шампионскиот трофеј го добија од заменик градоначалникот (ФОТО)

Екипата на РК Охрид е победник на овогодишното деветто по ред издание на Меморијалниот ракометен турнир “Миле Нешкоски” во Прилеп. Охриѓани во финалето синоќа беа подобри од Еурофарм Пелистер 2 со висок триумф од 10 гола разлика (33-23).

Тренер на Охрид е македонската ракометна легенда, Стевче Алушовски, кој изгради силна екипа во пресрет на новата натпреварувачка сезона.

Третото место на турнирот му припадна на ГРК Тиквеш. Кавадарчани со 24:25 беа подобри од гостите од Врање, додека пак РК Прилеп турнирот го заврши како петтопласиран. Во натпреварот за петтото место прилепчани со 26:30 беа подобри од Куманово.

По кревањето на пехарот, кој на победниците им го додели заменик градоначалникот на општина Прилеп, Диме Бозоски, беа доделени и признанијата за најдобрите, па така за најкорисен играч на турнирот е избран Теимураз Орјонокидзе (лев бек, РК ОХРИД), најдобар голман Мартин Јовановски (РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2), а најдобар стрелец е Гал Цирар (десно крило, РК ОХРИД)

Наградата за животно дело му беше доделена на Гоце Бозароски.

Организаторите се надеваат дека направија се’ за уште едно успешно издание на овој турнир и се надеваат дека наредната година, десетгодишниот јубилеј ќе биде во Универзалната сала.

ФОТО/АНДРЕЈ РИСТЕСКИ – @risteski98

Притвор за битолчанец: Со закани од своја сограѓанка изнудил 400.000 денари

-На 31.08.2024 во 10.30 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Н.Д.(29) од Битола. Тој се сомничи дека од февруари 2023 до 31.08.2024 во повеќе наврати преку социјална мрежа упатувал закани кон 49 – годишна жена од Битола и нејзиното семејство и на тој начин од неа изнудил околу 400.000 денари. Н.Д. бил затекнат при примање пари од жената, кои биле пронајдени и одземени.

Со наредба на Основен суд Битола, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени две ловечки пушки, различни видови патрони за ловечка пушка и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.

Лицето било приведено во полициска станица и против него по брза постапка е поднесена кривична пријава по член 258 од Кривичниот законик, додека од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена – информираат од МВР.

Тешко повреден германски параглајдерист во Крушево

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека вчера во 18:11 часот на единствениот број за итни случаи 112 е добиена пријава за тешко повреден германски државјанин, параглајдерист.

Тој има отворена скршеница на едната нога и, како што наведува ЦУК, веројатна повреда на рбето, а бил земен од полетиштето за параглајдери пред Мечкин Камин во Крушево.

Поради сериозноста на повредите од екипата на итната медицинска помош и градоначалникот на Крушево е побаран итен хеликоптерски транспорт.

-Полицискиот Ми-171, во кој се наоѓам во моментот, итно го пренасочивме кон тешко повреденото лице и моментално сме во непосредна близина на Крушево, информира ЦУК.

Дечки со среќа! За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна 2024/25 година

За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна 2024/25 година. Учебната година ќе трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај. Наставата почнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има само за учениците од неколку училишта каде не е завршена на време реконструкција или набавка на опрема, како клупи и столчиња за учениците. Во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која надлежните се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.

Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. На првиот училиштен ден учениците ќе ги добијат учебниците. Според ресорното министерство, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени.

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека веќе до училиштата испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае.

Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.

Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.

Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1 000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.

Според МОН, досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а обезбедени се средства и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.

Поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември за 12 отсто, како што бара синдикатот, но зголемување ќе има во март.