дома блог страница 658

30 години музички репрезент и бренд на Прилеп: Октетот Прилеп ќе го одржи својот традиционален годишен концерт!

Октетот Прилеп во петок, 15. ноември, со почеток од 19.00 часот, во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ ќе го одржи традиционалниот годишен концерт, на кој ќе се претстави со избор на убава македонска и прилепска староградска музика.

Октетот Прилеп цели 30 години ја негува староградската песна и го претставува градот на бројни фестивали. Во изминатите три децении овој сосотав прерасна во вистински музички репрезент и бренд на градот под Марковите Кули.

Оваа година гости на концертот ќе бидат: победникот од балканското шоу “Никогаш не е доцна”, Сашо Башески, Белинда Ристеска и изворендниот вокал, Викторија Георгиоска.

Картите за концертот се по цена од само 100 денари.

Досега има издадено неколку албуми. Работи под покровителство на ЦК„Марко Цепенков“.

Премиерно прикажан документарниот филм „3 титули“ посветен на Игор Стефановски-Иџе

Во Синеплекс во Скопје Сити мол премиерно беше прикажан документарниот филм „3 титули“, посветен на успесите на македонскиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе.

Ова е приказна за посветеноста, адреналинот и љубовта кон спортот што инспирира иліадници Македонци да го бодрат Иџе на секоја трка.

Филмот е посветен на историскииот подвиг на Иџе кој трипати беше европски шампион на ридски патеки. Ова е прв документарен филм на стриминг платформата Глеј во продукција на Дивисион, а режисер е Јордан Дуков.

Ова е втор документарец за спортските подвизи на Иџе.

„Како спортист, ова претставува особено признание за целата моја кариера и труд вложен во автомобилските трки и во мојата љубов кон овој спорт. Ова е приказна не само за мене, туку и за сите оние што стојат зад мојот успех и ја поддржуваат мојата страст. Благодарен сум на тимот, спонзорите и сите фанови кои веруваат во мене и се дел од оваа возбудлива авантура“, порача Иџе.

ПрилепНаТочак: “Во два дена, прегазени двајца велосипедисти, Прилеп е град во кој имате две опции за движење, или со летање, или со автомобил”

Втор ден со ред во Општина Прилеп страдаат двајца велосипедисти во она што се нарекува сообраќајна несреќа.
Тоа може да го викате секако, само несреќа не. Не може на две од пет главни улици во Прилеп да бидат соборени и изгазени двајца наши сограѓани на точак во само 48 часа од кој едниот на пешачки премин во сам центар на град, а другиот исфрлен на шофершајбна како да е несреќа на автопат, а не во сред населено место – пишуваат на социјалните мрежи од иницијативата “ПрилепНаТочак”

-Полиција има и навистина е присутна, речиси во секое кафуле, ресторан, кафеана, кладилница навистина секаде се забележува засилено присуство.

Секаде доаѓаат после несреќа, никаде ги нема да превенираат, цел град е паркинг, тротоар нема, патека пак воопшто…
Да сумираме Прилеп е град во кој имате две можности за движење, или со летање или со автомобил. Трето нема.

Затоа што и во летањето и во возењето автомобил ограничување нема, возете колку брзо сакате, возете каде сакате, паркирајте секаде, отворете бизнис и улицата направете ја паркинг од фирмата, нема никаков проблем…

Правете се, само немојте да одите пешки, на точак, во инвалидска количка, на тротинет, со детска количка…

Се друго е дозволено – стои во објавата од “ПрилепНаТочак”

Победа и нерешен резултат за прилепските боксери денеска во Куманово

Во Куманово денеска се одржа 5.коло на Првата и Младинска бокс лига. Прилепскиот боксерски клуб “АС” во ова коло настапи со тројца свои боксери, кои ги постигнаа следните резултати:

Влатко Димески настапи во категорија до 63кг. против боксер од “Фамилија Демирови” – Штип. Димески покажа одлична борба, со добро прикажана техника, а борбата заврши со нерешен резултат.

Стефан Пупалески настапи во категорија до 80кг. против боксер од “Универзалци”- Скопје. Прилепскиот боксер борбата ја заврши со победа експресно, со прекин во права рунда.

Давид Карапеев во ова коло остана без противник.

Фатен крадец во маркет во Прилеп

-На 08.11.2024 во 18 часот во маркет во Прилеп при вршење на кражба бил фатен Е.А.(31) од Скопје.

При извршување на делото бил фатен и спречен од обезбедувањето на објектот.

Лицето е приведено во полициска станица Прилеп и ќе следува соодветен поднесок – информираат од МВР.

Граѓаните се жалат, Водовод смирува – Дали водата во Прилеп е исправна и чиста?

Изминатите два дена на социјалните мрежи се водат полемики околу тоа дали водата за пиење во Прилеп е исправна и чиста. Од Јавното комунално претпријатие Водовод и канализација информираа дека издашноста на изворот Суденчица е на многу ниско ниво, и поради тоа претпријатието ги стави во употреба бунарските постројки.

Коментарите на граѓаните пак се дека водата за пиење во одредени делови од градот има некаква миризба и дека создржи големи количества на хлор.

Од Водовод смируваат и велат дека водата е безбедна за употреба:

-Како што информиравме претходно, бунарските постројки ќе бидат ставени во водоводната мрежа. ЈКП”Водовод и канализација”Прилеп го провери квалитетот на водата и истата ги задоволува потребните квалитети – напишаа од претпријатието на ФБ.

Исто така од јавното претпријатие повикуваат граѓаните максимално рационално да ја корирстат водата и да покажат лична одговорност.

23-годишник од Битола заврши во притвор! Нападнал две девојки и се обидел да ги силува

Основното јавно обвинителство Битола до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор против 23-годишник осомничен за две кривични дела – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 1 од Кривичниот законик, велат од ОЈО Битола.

Против него е поведена постапка, бидејќи во два одвоени настани, на 9 септември и на 7 ноември, полово нападнал две млади девојки и започнал да ги допира.

Жртвите и во двата случаи успеале самите да го оттурнат и да се ослободат, по што осомничениот бегал од местото на нападот. Бидејќи се работи за кривично дело против половата слобода и моралот и затоа што постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би ги повторувал ваквите напади доколку остане на слобода, надлежниот јавен обвинител предложи определување притворска мерка, која од Судот е прифатена, истакнуваат од ОЈО Битола.

Женскиот камерен хор „Керамија“, ќе одржи концерт пред прилепчани

На 11.11.2024 година / понеделник/ со почеток во 19:00 часот во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт на женскиот камерен хор „Керамија“.

На програмата ќе бидат изведени дела од духовен карактер, македонски народни песни, песни од македонска забавна музика и англиски хитови. Диригент Катерина Попоска. Музички соработници на концертот на Женски камерен хор „Керамија“ ќе бидат Иле Иваноски пијано, Менде Ташкоски тамбура, Филип Бурнески тарабука, тапан.

Гости на вечерта се поетите Лина Димоска и Филип Димкоски и ПопРок хор „BIT VOX“ од Битола под диригентска палка на Марина Коруновска и пијано корепетиција Александрa Ристовска .

Битолчанка го пријавила тетинот од Прилеп дека ја допирал по телото нејзината малолетна ќерка

-На 08.11.2024 во 02.00 часот во ОВР Прилеп, 35-годишна жена од Битола пријавила дека нејзината малолетна ќерка, додека било на гости кај нејзината тетка во Прилеп, била допирана по телото од нејзиниот тетин.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од МВР.

Утрово измерени -2 во Прилеп, а -5 во Битола: Денеска сончево и топло, од утре големо заладување

Минималните температури утрово се -8 Берово, -5 Битола, -4 Струмица, -3 Демир Капија, -2 Скопје-Петровец, Куманово, Штип, Велес, Тетово, Прилеп, -1 Гевгелија, Кавадарци, 0 Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Маврови Анови, 1 Претор, 2 Охрид, Виница, Попова Шапка, 5 Крушево.

Во текот на ноќта времето беше претежно ведро, тивко и студено. Утрово е сончево со мала локална облачност и со слаб северен ветер. По одделни котлини има појава на слаба магла.

Наутро студено со појава на слаба магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Максималната температура ќе достигне од 15 до 21 степен.

Во Скопје утрото студено, во текот на денот сончево со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 19 степени.