дома блог страница 653

Kривична пријава за дрвокрадец од Прилеп – со моторна пила им се заканувал на полициски службеници

СВР Битола поднесе кривична пријава против Н.А. (41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “спречување на службено лице при вршење на работи од безбедноста”.

На 04.02.2024, полициски службеници го затекнале пријавениот како со запрежно возило превезува бесправно исечени борови дрва, при што тој им се заканувал со моторна пила.

Директори на Пошта си ја зголемиле платата за над 50 проценти, загубите не им пречеле: Катастрофални наоди од државниот ревизор

Во последните седум години, акционерското друштво Пошта на Северна Македонија во континуитет прави загуби, отстапува од европските стандарди за давањето поштенски услуги, има еден куп кредити, набавува без спроведени јавни набавки… Ова се само дел од наодите што ги констатирал Државниот завод за ревизија.

Ревизорите констатирале и дека „во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето-плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно“. Ова значи дека Бујаре Абази, која на функцијата генерален директор и претседател на УО дошла на 13 март 2023 година, веднаш се фатила за работа – си ја зголемила платата, ама им поделила повисоки плати и на вработените од првиот ешалон. На крајот од 2023 година, Пошта завршила со негативен резултат од 2,2 милиони евра! Ревизорите потсетуваат дека ова е спротивно на Законот за трговски друштва каде што децидно пишува: „Во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор, може да се намалат“.

За седум години акумулирана загуба од 17 милиони евра
Во Извештајот се забележува дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.

Од 2017 година, заклучно со 2023 година АД Пошта има акумулирана вкупна загуба од околу 17 милиони евра. Пред тоа, имало години кога имало добивки, а имало и години со загуба. Во континуираниот период на загуби, најлоша е 2022 година во износ од над 3,7 милиони евра.

Во случај кога трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година, АД Пошта на Северна Македонија има право на надоместок од Компензацискиот фонд, но за да го оствари ова право мора да води посебно сметководство за универзалната услуга, за резервираните услуги, како и за другите поштенски услуги што ги обезбедува. Ревизорите утврдија дека вакво сметководство не е воспоставено поради што досега не е поднесено барање до Агенцијата за остварување на правото за надоместок на нето трошоците.

Ненавремена достава на пратки
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 проценти биле доставени во период подолг од три дена.

„Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки, велат ревизорите“, пишува ДЗР.

Во 2023 година, Агенцијата за пошти спровела истражување за задоволството на корисниците на поштенските услуги и 79 отсто од граѓаните и 80 отсто од формите се изјасниле дека брзината на доставата на пратките е главна причина поради која се определиле за друг поштенски оператор.

Многу често во јавноста се пласира веста дека нема доволно поштари. Но, ДЗР открива дека „друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување други административни задачи“.

До гуша во кредити и камати
Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушува ликвидноста, велат ревизорите. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 3,6 милиони евра, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 1,6 милиони евра и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 2 милиони евра. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 109.000 евра.

„Сите земени кредити се со висока каматна стапка, која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.“, истакнал Државниот завод за ревизија.

Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, Пошта требало да плати 380.000 евра, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со камата од над 32.000 евра.

За студија за подобро работење платени 795.000 евра
Министерството за транспорт не донело Стратегија за развој на поштенските услуги, која треба да биде усвоена од Собранието на Република Северна Македонија. Во 2021 година, за спроведување длабинско снимање на работењето на АД Пошта на Северна Македонија и изготвување физибилити студија, биле исплатени 795.000 евра. Иако АД Пошта на Северна Македонија располага со направената студија, таа не се применува.

„Со извршената ревизија се констатирани и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат врз изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби, дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, заклучуваат ревизорите.

МОН: Историја, географија, биологија, физика и хемија се враќаат како посебни предмети

Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период, како што  наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.

-Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст, соопшти МОН:

Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

-Министерството за образование и наука изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во креирањето на образовните промени, наведува МОН во соопштението.

Советниците на СДСМ Прилеп со став за новиот општински буџет

Советничката група на СДСМ Прилеп денеска одржа прес конференција на која ги изнесе своите ставови во врска со работата на јавните претпријатија, планираните развојни програми на општината и буџетот за идната 2025 година.

Прилеп ќе добие центар за дијабетичари – прв ваков центар надвор од главниот град (ВИДЕО)

Во Македонија има околу 150.000 луѓе кои страдаат од дијабет, а меѓу нив и голем број деца. Ова автоимуно и доживотно заболување веќе добива размери на епидемија, ама ние против него се’ уште се бориме со застарена технологија, несоодветно организирано и стихијно, реагираат од прилепското Здружението на дијабетичари „Сина револуција“. Иако во последниве години имало извесен напредок, сепак, предизвиците да се живее со дијабет и понатаму се големи, болни и неизвесни – објави “АЛФА ТВ”.

„Пред се’ се соочуваме со дискриминација…Сензори се добиваат само до одредена возраст. Сите лица што се повозрасни, не добиваат сензори. Добиваме инсулин кој е на задоволително ниво, ама има недостиг од одредени инсулини…Користиме застарена технологија на која не можеме да и’ веруваме, тука спаѓаат глукометрите и лентичките за мерење на шеќер“, – изјави Менде Цветкоски, Здружение на лица со дијабет „Сива револуција“ – Прилеп.

Ангела е медицинско лице, но и мајка на дете со дијабет. Нејзиниот син дијабетисот го добил на 9 години. Не знае од што, но вели, дека многу добро ги знае непроспиените ноќи и секојдневниот трепет за неговиот живот.

„Кај дечињата со Тип 1 треба редовно мерење на гликемија, минимум 8 пати. Добро е што сега државата почна да ни дава сензори. Претходно си ги купуваваме. Мачно е, напрно е, бара голем режим на исхрана…Со сензорите ни се овозможува мирно да спиеме ние родителите, бидејќи самиот сензор не’ известува кога имаме пад на гликемијата, а кога имаме хипер гликемија и многу ни е полесно да аплицираме соодветна терапија или да дадеме нешто благо“, – кажа Ангела Мирческа, аптекар во Инсулинска аптека и мајка на дете со дијабет.

Со цел идно поорганизирано превентивно, дијагностичко и терапевско делување, во прилепската Болница наскоро треба да профункционира и првиот Центар за дијабетичари, за што денеска беше потпишан и Меморандум со Здржението „Сина револуција“.

„По барање и на пациентите, и на докторите, сакаме да ангажираме доктори-ендокринолози од Клиника за ендокринологија, специјализирани за дејабет, а и ендокринолози од Клиника за педијатрија за пациентите да не патуваат Скопје, туку контролите да ги прават во Прилеп, – изјави д-р Кире Јоноски, директор на ЈЗУ Општа болница – Прилеп.

Во Прилеп има околу 10.000 регистрирани дијабетичари, од кои 3.000 се на инсулинска терапија, а од нив дури 100 се деца. Инаку, 14-ти ноември е Светски ден на дијабетот.

KAРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”

Половина Прилеп без струја oд рано утрово – Револтот кај прилепчани кон ЕВН огромен!

Поголем дел од Прилеп денеска е без електрична енергија од раните утрински часови

Регионалниот центар за управување со кризи по известување од ЕВН – Македонија информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа на 14.11.2024 год. ( четврток ) без напојување со електрична енергија ќе останат следните корисници во Општина Прилеп од 08.00 ч. до 15.00 часот: населбите Маркова Чешма, Поводеници, Вишне, Аличаир, Детска градинка Аличаир, ООУ ,, Кире Гаврилоски“ , селата Беловодица, Ореовец и Плетвар, Рудник Теракота, Маврово Асфалтна база и Рудник Ларин Мрамор.

Сепак, и после 15 часот поголеми делови од Прилеп се се’ уште без електрична енергија. Во ек на грејна сезона, кога температурите надвор се ниски, ЕВН ги остави без струја голем број семејства со мали деца.

Револтот кај прилепчани во моментов е огромен, особено ако се знае дека сметките за струја постојано растат.

Сите славиме, но еве како правилно треба да се слави ИМЕНДЕН!

Празникот или светителот што се слави се смета за заштитник на самиот човек кој го носи неговото име во негова чест, но не само како заштитник на оној кој го носи тоа име туку и заштитник и на неговото семејството и домот. Семејството е мала Црква, а и самиот празник значи заедница со роднините, блиските и пријателите – како Црква Божја, па затоа и најмалата семејна заедница треба да има свој домашен празник.

Светителот не е само наш посредник и молитвеник пред Бога, туку претставува и жива врска со сите наши семејни претци, со кои нè поврзува во едно живо семејство, кое трае со стотици и илјадници години.

Имендените се прославување на светител чиешто име некој го носи. Во минатото во православните народи, кога ќе се родело дете му ставале име на светителот, што се слави тој ден или пак по најблискиот поголем празник, а, некаде, пак, и според името на дедовците и бабите. Носењето христијанско име, е многу важно, за да имаме пример во нашиот живот, да се угледуваме на животот и делата на светителот што му го носиме името. Обврска и должност е, секој христијанин да знае за својот светител, за неговиот живот, дела, и зборови со кои ја докажал својата вера во Господ Христос. И особено е важно и молитвено да му се обраќа за помош и застапништво пред Бога.

КАКО ПРАВИЛНО ТРЕБА ДА СЕ СЛАВИ ИМЕНДЕН?

Овие празници имендените се одбележуваат и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Најважно е да се дојде во Црква и да се присуствува на Божествена Литургија. Секако, се прави колач или помало лебче, наречено Панагија (во спомен на Пресвета Богородица), варена пченица (коливо) и се носи во Црква, покрај колачот (лебот) и пченицата, треба да има и црвено вино и свеќа.

Ако не се направи овој најважен и суштински дел, а се посвети целото внимание и време на ручекот со блиските, тогаш е напразно. На Бога и на светителот не му е угодно такво славење. Без молитва и без благослов. Тогаш, таквиот ден нема многу да се разликува од останатите денови.

Треба да знаеме дека, светителите коишто ги славиме како имендени, тие самите Бог Го прославиле во својот живот. Тие се светилници што го покажуваат патот кон Бога и вечниот живот. Светителите се неодвоив дел од животот на Црквата. Бесмислено е да славиме без да се отиде во Црква, без молитва и да се благослови (крени) лебот со виното и варената пченица.

Ако именденот е во ден кога се пости (среда или петок), или во повеќедневни пости, трпезата задолжително треба да се состои од посни јадења. За жал, во последно време сè поголем е бројот на оние семејства, кои, за да им угодат на гостите и за што подобро да ги „пречекаат“ и „нагостат“, го нарушуваат светиот поредок на Црквата. Но, на таков начин, тие семејства во суштина не слават именден, туку слават гозби, со кои се исмејуваат и на Бога и на самиот светител. И за жал, многумина имендените ги слават на таков начин, а благословување (кревањето )на лебот не го исполнуваат.

По молитвите на Мајката Божја и сите наши светии според кои се именуваме со нашите имиња, Господ Бог да не спаси и помилува со Неговата милост!

Денеска ги славиме Светите Врачи – Козма и Дамјан: Честит именден на сите славеници!

Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника, на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар).

Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…

Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар.

Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар).

Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија.

Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух.

Останувајќи верни на ветувањето што ѝ го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила.

Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. (Матеј, 10, 8) Поради тоа и двајцата се наречени бесребреници.

Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство, ги повикала и овие двајца лекари. Тие со Божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле.

Сепак, помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб.

Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека, сепак, казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица.

Поради тоа, но и затоа што заедно лекувале, ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.

Според друга верзија родени се во Рим. И во однос на нивната смрт, исто така, податоците се непрецизни, односно различни. Според едно предание умреле од своја смрт во Мала Азија во местото Ферман.

Според друго предание, пак, откако биле наклеветени пред царот дека се занимаваат со маѓии, и откако го излекувале и царот по што тој станал христијанин, нивниот учител завидувајќи им на славата ги однесол во планината да берат лековити билки и ги каменувал.

Ако се земе предвид дека во историјата нема податок дека некој цар го примил христијанството од овие причини, ова предание останува малку веројатно. Според трето предание загинале во Рим во 284 година при едно големо прогонување на христијаните.

Овие свети браќа, Господови исцелители освен за време на животот се прославиле и после смртта. Имено кога на некој човек при спиењето му влегла змија низ устата и кога му се заканувала сигурна смрт се спасил со тоа што во претсмртната агонија ги повикал св. Кузман и Дамјан. И така Господ и по смртта ги прославил тие што го славеле во текот на целиот свој живот.

Според некои истражувачи нивниот спомен се празнува два пати во годината, веројатно затоа што едниот од браќата умрел на 1 јули, а другиот на 1 ноември.

Меѓутоа има некои истражувачи што сметаат дека се работи за две или три личности исцелители со исти имиња Кузман и Дамјан, поради што доаѓа и до мешање на нивните празници.

На иконите светите врачи Кузман и Дамјан се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки итн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија.

На пример има села што носат името на светите врачи, (Светораче, Кичевско) во селото Едуарци, во минатото се одржувал голем собир, а градот Сандански во пиринскиот дел на Македонија порано го носел името Свети Врачи.

Мала црква посветена на светите врачи Кузман и Дамјан има во скопското село Говрлево. Во црквата има и света вода, а според преданието оваа црква е изградена откако на некој човек му се сонило дека на местото каде што извира водата треба да се изгради црква.

Според други преданија Јустинијан Први во 6 век на тоа место бил излекуван. До црквата има уште една чешма за која се верува дека подмладува поради што, овде луѓето доживуваат длабока старост.

Денешниот ден по народното верување е добар за молитва за оздравување. Постои и верување дека денес е добро да се работат тешки физички работи, но дека без потреба не треба да се излегува од дома.

Запалено возило во сопственост на агенција за обезбедување во Прилеп

-На 12.11.2024, во 21 часот, во ОВР Прилеп било пријадено дека на ул. “Димче Мирчески – Бањарот” во Прилеп настанал пожар на патничко моторно возило “рено” со прилепски регистарски ознаки, сопственост на агенција за обезбедување.

Пожарот бил локализиран од страна на Територијалната противпожарна единица Прилеп.

Повредени лица нема. Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп.

Водовод Прилеп: Водата денеска е исправна за пиење, речиси целото водоснабдување е од Студенчица

Oд Јавното комунално претпријатие Водовод и канализација Прилеп, информираат дека водоснабдувањето денеска ќе биде нормално со здравствено исправна вода за пиење.

-Вкупната произведена количина на вода 232л/с, од кои 202/с од Студенчица, 0л/с од бунари и 30л/с од сопствени извори. Прекин во водоснабдувањето заради санација на дефекти и приклучоци во периодот од 08 до 14 часот ќе има на следните улици и делови од Општина Прилеп:

– ул. Пчиња
– ул. Илија Василески
– ул. Бошко Јанкоски
– ул. Киро Фетак
– ул. Кеј 1ви Мај
– Бунари