дома блог страница 626

Македонија е богата со големи умови: Со поддршка од прилепски “Микросам”, студенти го составија првиот македонски формула болид (ФОТО)

Огромна чест ни е што сме дел од градењето и составувањето на македонскиот формула болид на амбициозните и талентирани идни инженери – визионери. Во областа на инженерството, иновациите често се поттикнати од сон – визија за нешто поголемо кое ќе ги надмине сите граници и ќе стане реалност. Микросам тимот беше дел од официјалната презентација на студентскиот болид кој ќе биде истакнат на натпревар ова лето во Хрватска – информираат од прилепската компанија.

Микросам го поддржа тимот преку изработка на делови за нивниот одличен болид.

MES Racing е тим од 20 посветени студенти од Универзитетот “Кирил и Методиј” – УКИМ. Целта им е да го изградат првиот македонски формула тркачки автомобил, истакнувајќи ги инженерските вештини на нашата држава глобално. Нивниот проект промовира диверзитет, инклузивност, и одржливост преку вклучување на жени во мотоспорт, реискористување на делови, минимизирање на отпад, и користење на еколошко гориво. Тие се стремат да направат траен впечаток на мотоспортовите, образованието, и околината – стои во соопштението од прилепската компанија.

Честитки до целиот тим. Навистина направивте нешто со кое сите ќе се гордееме и поддржуваме!

Николоски ги зеде работите во свои раце: Средба со Европската инвестициона банка, следуваат големи проекти во интерес на граѓаните

Владата е силно фокусирана на реализација на капитални инвестиции – напиша на ФБ, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој во текот на вчерашниот ден остварил средба со претставници на Европската инвестициона банка.

-Вчера имавме работна средба со претставници на Европската инвестициона банка, разговаравме за реализација на капиталните инвестиции и можноста за финансиска поддршка за истите од страна на ЕИБ. Ќе направиме многу големи инфраструктурни проекти – напиша Николоски.

ЗА СЕКОЈА ПОФАЛБА! Витаминка прва фабрика во Прилеп каде вработените сами избираат каков оброк сакаат во фабричките мензи (ФОТО)

Горди сме што сме првата компанија во прилепскиот регион каде вработените сами избираат каков оброк сакаат во фабричките мензи – информираат од прилепското царство на вкусови – компанијата “ВИТАМИНКА”.

-Преку имплементацијата на ново софтверско решение, достапно на паметните телефони, компјутери и директно во мензите, вработените можат лесно да ги изберат оброците за наредната недела од тековното мени.

Со понуда на избор на оброците, ние во Витаминка се стремиме да го зголемиме задоволството и благосостојбата на нашите вработени, овозможувајќи им да изберат оброк што ги задоволува нивните специфични потреби.

Овој принцип, исто така, помага и во рационално користење на храната, планирање на оброците и минимизирање на фрлање вишок храна.

Сите оброци се балансирани и нутритивно збогатени, со понуда од главен оброк (најчесто со месо), посен или вегетаријански оброк, и сув оброк, задоволувајќи ги преференциите и здравствените потреби на сите вработени.

Витаминка отсекогаш ги става вработените на прво место, посветувајќи особено внимание на нивната добросостојба. Нашата традиција на обезбедување топол оброк за вработените трае 60 години и продолжуваме да ја негуваме таа пракса и денес – стои во соопштението од компанијата.

Човекот кој загуби на сите избори во Прилеп – Миле Талевски, удри по Владата и Наум Стоилковски

Состојбата со пожарите низ државата е алармантна и излезена од контрола. Владата и надлежните институции целосно потфрлија и задоцнија во реакцијата со што дозволија да изгорат околу 1500 хектари зеленило ширум државата, а само во неготинско преку 1000 хектари на планината Серта – истакна на денешната прес конференција единствениот пратеник на СДСМ од Прилеп и човек кој додека беше прв човек на партијата во градот под Марковите Кули, ги загуби сите можни избори.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

Денес јавноста треба да ги знае фактите бидејќи тие нема да гу слушнете ниту од институциите, ниту од Мицкоски и неговите мегафони.

Пожарот во неготинско е започнат на 9 јули во 11 часот. До 13 јули на полноќ, односно цели 4 и пол дена откако СДСМ реагираше заедно со граѓаните дека состојбата е алармантна, не беше прогласена вонредна или кризна состојба. Со тоа директно се оневозможува барање на помош од странство. Цели четири дена до 13 јули до полноќ Владата ја игнорираше кризата која сега прераснува во еколошка катастрофа.

Од 9 до 13 јули, месното население, со многу слаба организација и поддршка се бори со огнот за да се спасат селата Пепелиште и Восјанци. За цел тој период, односно 9,10 и 11 јули градоначалникот на Неготино, Горан Стојков се сонча во Грција на одмор. На ум не му паѓа да се врати во Неготино. Тој не е присутен ниту на вонредната седница на советот на 10 јули, ниту за време на формирање кризен штаб. Неверојатна неодговорност на ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно информациите, за прв пат дури на 14 јули започнува реална организација околу гаснење на пожарите, или точно пет дена откако е почнат пожарот. Во тој момент според локалното население веќе се изгорени 1000 хектари површини.

Ова се почитувани граѓани фактите околу пожарот во неготинско. Одговорноста за катастрофата е кај институциите во доцната реакција и слабата организација и кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои не знаат каде тераат откако ја преземаа власта.

Додека граѓаните апелираа по социјалните мрежи, а СДСМ јавно бараше брза реакција, Мицкоски реши дека е подобро да оди во Охрид да фрла лопати околу да се грижи за безбедноста на граѓаните. Доколку кризниот штаб му беше приоритет на Мицкоски, а не лажните промоции на проекти, можеше да се спаси поголем дел од она што сега е уништено.

Во целата ситуација Претседателката Сиљановска исчезна и се занимава со протоколарни средби. Се што дознавме е дека Сиљановска не можеле да ја најдат два дена да ги потпише одлуките за прогласување на кризна состојба. Лежерноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ е реална опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните.

Каде е сега Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ да одржи некој прес од теренот? Го нема.

За оваа состојба мора да има одговорност.

Битола спасена: Со натчовечки напори целосно ставен под контрола пожарот кај обиколницата

Со целосна и континуирана ангажираност на екипите на ТППЕ Битола, поддршка од јавните претпријатија и дополнителна помош од Центарот за управување со кризи, целосно е ставен под контрола пожарот над Битола.

Претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои 3 од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.

Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот.

Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија.

Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен.

Голема благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб.

Прилепчанец со нож се обидел да си го нападне сопствениот брат

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Б.(67) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.

На 22.06.2024, пријавениот се заканувал на неговите брат и снаа, по што се обидел со нож да го нападне брат му – информираат од СВР Битола.

Внимавајте! Сообраќајот на патот Прилеп-Ресен кај обиколницата кај Битола е во прекин

Од синоќа од 22.54 часот на обиколницата Битола, патен правец Прилеп-Ресен се пренасочува сообраќајот низ градот Битола. Причина активниот пожар на обиколницата – информираат од АМС.

Сообраќајот од вчера од 16:15 часот поради пожар е во прекин и на регионалниот пат Р1103 Неготино – Штип, кај с.Пепелиште, за сите видови возила, во двата правци, поради безбедност на учесниците во сообраќајот.

Хрватска испраќа авион за справување со пожарите во Македонија – помош пристигна и од Турција

Министерството за одбрана на Хрватска испраќа авион Канадер со два екипажи во земјава на помош, за да обезбеди хуманитарна помош во гаснењето на пожарите.

„Авион Canadair CL-415 со два екипажи се испраќа во Северна Македонија по наредба на вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ“, се вели во соопштеието на министерството во Загреб, пренесе „Индекс“.

Во Македонија владее кризна состојба поради зголемена појава на пожари. Помош вчера испрати Турција, а се очекува денес да пристигне помошта и од Словенија, Србија и Црна Гора.

Продолжува борбата со пожарот над Битола (ФОТО)

Екипите на ТППЕ Битола, како во текот на ноќта, така и утрово продолжуваат да работат на целосно ставање под контрола на пожарот над Битола.

Заедно со екипите на јавните претпријатија во моментот на терен се над 100 лица, за кои се обезбедени доволни количини на храна и вода.

Паралелно се одржува комуникација со центарот за управување со кризи од каде е најавена поддршка од воздух во гаснењето на пожарот.

Јанчев: Бесплатен оброк за ученици од прво до петто одделение и од септември

Проектот „Бесплатен оброк за секое дете“, што ги опфаќа учениците од прво до петто одделение во сите основни општински и подрачни училишта, продолжува и следнава учебна година, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

-Општина Кавадарци е прва општина во Република Македонија која реализираше ваков проект. Успешно имплементиран и од почетокот на новата учебна година сѐ до крајот, се реализираше согласно претходно регулираните законски постапки за заштита на безбедноста и здравјето на учениците. Со овој проект, опфатени се вкупно 1.810 ученици од прво до петтто одделение. Менито е нутриционистички изготвено и вклучуваше разновидна храна, пијалак и овошје, а сумата изнесува 19.499.130 денари, од кои се истрошени 18.268.798 денари, појасни Јанчев.

Проектот, како што додаде градоначалникот, има за цел да им се олесни финансиски на родителите, како и правилна и навремена исхрана за развој на децата.