дома блог страница 624

Внимавајте доколку патувате: Намалена видливост поради магла на Плетвар

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози.

Намалена видливост поради магла до 50 м. има на планинскиот превој Плетвар.

Сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања, информира ЈП Македонијапат.

Груби се повлекува од јавниот живот – вели дека бил чист како солза

Соочен со кривичниот прогон кој го најави обвинителот Коцевски за случајот со мито за опструкција на судски процес за Мијалков, поранешниот „прв“ вицепремиер , десна рака на Ахмети и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, кој се најде на црната листа на САД, вечерва преку социјалните мрежи објави дека се повлекува од политичкиот живот и дека за тоа го информирал лидерот на партијата Али Ахмети.

Во соопштението кое за граѓаните е од сферата на „верувале или не“ – Груби наведува дека бил „чист како солза“, но дека решил да се повлече за да не биде, како што вели, ничиј политички товар и дека одлуката ја донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет. Во превод, притисокот на ДУИ и Ахмети по шлаканицата од амбасадорката Агелер и САД си го сторил своето. Груби стана и првата „СОЛЗА“ на Црната листа на САД. Претходно беше и ПРВ ВИЦЕПРЕМИЕР на Заев и Ковачевски…

-Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и за зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети, вели Груби во објава на Фејсбук.

Вели дека бескомпромисно е посветен на еднаквоста на Албанците во Македонија, на целосната интеграција во НАТО, на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и на членството во Европската Унија.

-Тоа се вредности кои не се само моја мотивација, туку и обврска која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите достигнувања, на кои сите бевме сведоци, не се само заслуга на мојата и посветеноста на моите колеги, туку и на искрената и континуирана поддршка на нашите пријатели од Соединетите Американски Држави и на Европската Унија. Фактот што денес Северна Македонија е членка на НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската унија е јасен доказ за оваа соработка и заендичка посветеност. Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство, наведува Груби во објавата.

Стејт департментот ја прошири црната листа со имињата на Груби и судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд, обзнанувајќи дека примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на поранешениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.

Од Јавното обвинителство вчера информираа дека е оформен предмет за обезбедување на докази за евентулна кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.

-Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание, истакна државниот обвинител Љупчо Коцевски на брифингот со новинарите.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера во изјава за медиумите рече дека партијата не ги оспорува одлуките на Стејт департментот и дека Груби ќе го води процесот со факти, посочувајќи на неговото право на жалба.

Ветувањето на Николоски станува реалност: Од март идната година, Туркиш ерлајнс започнува да лета на линијата Охрид-Истанбул

Реномираната авиокомпанија Туркиш ерлајнс од идната година, од 27ми воведува линија Охрид-Истанбул, објави на социјалната мрежа на Фејспук вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Од 27-ми март, Туркиш ерлајнс започнува да лета на линијата Охрид-Истанбул.

Летовите од аеродоромот Св. Апостол Павле во Охрид ќе започнат со летниот ред на летање на 27 март и ќе сообраќаат четири пати неделно и тоа во понеделник, четврток, петок и недела, пишува во својата објава Николоски.

WIK покажа како се сака градот во кој се инвестира и профитира (Фото галерија)

Со донација од германската компанија “ВИК”, се реновираа детските игралишта во населбата “Рид” и спортските игралишта во “Паркот на револуцијата”.

Донацијата за реновирање на спортски игралишта и паркови од оваа странска фабрика, која успешно функционира во Технолошко-индустриската зона “Алинци”, беше примена на 50-та седница на Советот на општина Прилеп, и веднаш почна реализацијата.

Денска претставници од компанијата и претставници од општината, заедно со претседателката на Советот на општина Прилеп, Ирена Стерјовска, ги посетија и ги отворија игралиштата.

Еден убав гест кој треба да го следат и останатите странски инвеститори кои работат и профитираат во општина Прилеп. Тука пред се’ апелираме до раководствата на првиот комшија на “ВИК”, фабриката “ГЕНТЕРМ” и Мермерниот Комбинат, компании кои многупати ја покажале својата општествена одговорност, но имајќи во предвид во каква состојба се наоѓаат детските и спортските игралишта во градот, помош би била добредојдена.

По теркот на македонската новогодишна, Грција објави Божиќна кошничка

Постоечката „Кошничка за домаќинствата“ во грчките супермаркети со производи, чии цени треба да останат исти или да има минимални покачувања, се проширува со „Божиќната кошничка“, односно се додаваат шест категории продукти неопходни за празничната трпеза, па така ќе вклучува мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Министерството за развоја на Грција, цените на производите во „Божиќната кошничка“, што стартува денеска се очекува да бидат исти или пониски споредбено со лани, а ќе трае до 3 јануари 2025 година.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот преку Фејсбук соопшти дека и оваа ги воведуваат традиционалните празнични кошнички, а од 18 декември ќе биде воведена „Кошничката на Дедо Мраз“ со десет категории на играчки за најмладите.

– Божиќ секогаш им носи радост на семејствата, а особено на децата. Но, значи и дополнителни потреби за возрасните. Затоа, државата мора да биде покрај нив. Не само со општи мерки кои ја подобруваат заработката или ги намалуваат даноците. Туку и со насочени иницијативи за трошоците за празниците, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Во Македонија Министерството за економија и труд од 15. декември до 15. јануари, ќе спроведе слична на грчката Новогодишна кошница, каде во моментов со листа на свои продукти пријавени се 76 производители и дистрибутери, или над 800 производи, а учество имаат пројавено и 36 маркети низ државата, кои дел од овие производи ќе ги стават на своите рафтови по намалени цени. Намалувањето кај одредени продукти се очекува да биде и до 20%.

Очекувањата на Владата и министерството се дека со Новогодишната кошница граѓаните значително ќе заштедат, а семејствата ќе имаат можност да имаат пристојна трпеза за време на празниците.

Листата на производи не е затворена и истата се дополнува со нови компании и производи на дневна основа.

-Ги повикуваме сите заинтересирани компании и маркети да се приклучат на мерката и да ја покажат својата општествена одговорност, да понудат производи со намалени цени од најмалку 10 проценти и да им излезат во пресрет на граѓаните во текот на новогодишните празници – велат од Министерството за економија и труд.

Граѓаните и компаниите листите на производи можат да ги погледната на веб страната: www.mojakosnica.mk

“Да ги заштитиме децата во сообрaќајoт” – Aвто Контрол организираше уште една општествено одговорна едукација, овојпат за првачињата во ООУ “Кочо Рацин” (Фото галерија)

Станицата за технички Преглед “Авто Контрол”, како една од најголемите општествено одговорни компании, денеска по барање на наставникот по одделенска настава во ООУ “Кочо Рацин” Прилеп, Гоце Бумбароски, организираше кампања под назив “Да ги заштитиме децата во сообрaќајoт”

Едукативниот настан го помогнаа екипа на ОВР Прилеп и ученици од сообраќајната струка во СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, a целта беше децата уште од најрана возраст да стекнат знаења за основните сообраќајни правила и прописи.

На првачињата од ООУ “Кочо Рацин” им беше доделен и прирачник за едукација и воведување во сообраќајната култура.

Децата се нашата иднина, во нив вложуваме многу љубов, енергија и средства за да можат да пораснат во здрави индивидуи кои ќе бидат корисни за себе, за своето семејство, но и за општеството во целина. Како општествено одговорна компанија се вклучивме во едукативна акција, бидејќи животот на децата е приоритет на секој поединец. Првите форми на едукација почнуваат во семејството, а потоа во училиштето и вон училиштето, со голем број на вакви проекти и кампањи. Сообраќајната култура е важна за безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи, туку истовремено претставува и навика, почитување и применување. Истовремено сакаме да апелираме до сите учесници во сообраќајот за почитување на сообраќајните правила и прописи, бидејќи од нашите постапки зависи и однесувањето на нашите деца. Да ги научиме децата на правилно однесување и да бидеме нивниот позитивен пример. Затоа што тие треба да растат и пораснат безбедно! Не заборавјте, ние сме нивните идоли – истакна Даниела Перканоска, генерален менаџер на “Авто Контрол”.

Без закажување термин до најубавите новогодишни фотографии! Дедо Мраз и оваа година ги чека вашите најмали во “ФОТО ДАНО”

Новогодишните фотографии со вашите најмили се спомени кои остануваат вечно да зборуваат.

Во “ФОТО ДАНО” и оваа година царува вистинска снежна бајка, која посебно ќе ги израдува најмалите. За фотографиите и квалитетот на услугата да не правиме збор – “ФОТО ДАНО” со години се меѓу најдобрите и знаат само за задоволни муштерии.

Новитет оваа година е што ФОТО ДАНО ви нуди фотографирање со Дедо Мраз без закажување на термин, и тоа: секој работен ден од 12:00 до 20:00часот, а во саботите од 10:00 до 15:00часот.

Сите фотографии ги добивате електронски, а три фотографии по ваш избор во хартиена форма со димензии 13×18.

Цената одговара за сечиј џеб и чини само 400 денари. Започнуваат од 14.12.

Ќе ги најдете на улица “11-Октомври” – во новата зграда “Табана”. Вашиот семеен албум дополнете го со прекрасни новогодишни фотографии изработени од професионалци.

“Прилепска пиварница” донираше опрема во вредност од 600.000 денари за Одделот за урологија во прилепската болница (ФОТО)

Денеска, Прилепска Пиварница, под рамките на кампањата „ Мовембер – На здравје, за машкото здравје“ ја реализираше донацијата за Одделот за урологија во Општата болница Прилеп, преку набавка на медицинска опрема во вредност од 600.000 денари.

И оваа година Прилепска Пиварница, преку својот бренд Златен Даб, ја спроведе кампањата „Мовембер – На здравје, за машкото здравје“ и месецот ноември го посвети на глобалното движење за подигнување на свесноста за редовна грижа за машкото здравје.

„Ноември стана симбол на машкото здравје во светски рамки, а кај нас преку брендот „Златен Даб“ веќе неизоставен дел од нашата стратегија за општествена одговорност, која се фокусира на подигнувањето на свеста за рана превенција од најчестите заболувања кај мажите, но и за општото психофизичкото здравје. Годинава, во духот на одбележувањето на 100 годишнината на Прилепска Пиварница одлучивме донацијата да ја направиме на Одделот за урологија во Општата болница во Прилеп и нашата грижа и солидарност за градот да биде пример кој треба да го следат и другите успешни компании“– изјави Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница.

Прилепска Пиварница веќе трета година се придружува на глобалната иницијатива за подигнување на свесноста за поголема грижа за целокупното машко здравје, апелирајќи за редовна лекарска посета.

И покрај тешките услови за тренинг, прилепската гимнастика бележи успеси: Дамјан Атанасоски во топ 8 на силниот турнир во Нови Сад (ФОТО)

На 5. декември во Нови Сад, Србија, се одржа Меморијалниот турнир во гимнастика “Лаза Крстиќ и Марица Џелатовиќ”, каде свој претставник имаше и Прилеп преку гимнастичкиот клуб “Партизан Соколи”.

Честа да го претставува градот под Марковите Кули му припадна на Дамјан Атанасоски, кој во супер тешка конкуренција и помеѓу натпреварувачи од 16 земји, како четврторангиран се пласираше во финалето.

Атанасоски беше во конуренција на гимнастичари од: Финска, Србија, Словенија, Азербејџан, Казахстан, Јужна Африка, Бугарија, Хрватска…

Младиот гимнастичар во финалето заврши во осумте најдобри, што е уште еден огромен успех за гимнастиката во Прилеп, ако се има во предвид во какви услови спортуваат и се подготвуваат овие спортисти во спортската сала “Партизан”.

И покрај тоа, тренерите вложуваат натчовечки напори да создадат шампиони, а резултатите на секој натпревар во земјата и странство тоа го потврдуваат.

Крајно време е надлежните да ги помогнат овие спортисти и да им овозможат пристојни услови за тренинг и напредок.

Честитки за Дамјан, честитки за неговите тренери и желби за уште поголеми успеси во иднина!

(ФОТО) Чатлески во друштво на легендарните боксерски шампиони во Хамбург – Нивната посветена работа ја внесе Македонија во Светскиот Боксерски Совет (WBC)

На 9 декември 2024 година, во хотелот Grand Elysee во Хамбург, Германија, официјално започна годишниот конгрес на Светскиот Боксерски Совет (WBC). Настанот собра претставници од професионалниот бокс од 176 земји, кои се вклучени во креирањето и развојот на професионалниот бокс на глобално ниво.

Претставници на Македонија на овој значаен настан беа Весна Чатлеска, претседателка на Про Бокс Македонија, и Дарко Чатлески, секретар на организацијата. Нивното присуство ја претставува кулминацијата на тимската и посветена работа на Про Бокс Македонија, која успеа да ја внесе земјата во Светскиот Боксерски Совет (WBC).

Вториот ден од конгресот започна со свечено отворање, кое беше проследено со низа состаноци поврзани со планирањето на активностите за 2025 година. Овие состаноци беа фокусирани на унапредување на боксот. Денот заврши со гала-вечера на која присуствуваа многубројни познати имиња од боксерскиот свет.

Меѓу гостите на конгресот беа легендарните шампиони Владимир Кличко и Ленокс Луис, Артур Абрахам, актуелниот шампион Теренс Крафорд, како и истакнати боксерски имиња како: Себастијан и Габриела Фундора, Конор Бен, Јунто Накатани и Маријана Хуарез. Настанот претставуваше уникатна можност за вмрежување и размена на искуства помеѓу сегашните и поранешните шампиони, промотори и претседатели на организациите.

Гостин на вечерта беше Турки Алал Шикт, кој доби специјална награда од WBC за неговата поддршка и придонес во развојот на боксот. Наградата беше доделена во знак на признание за неговите напори и посветеност во промоцијата на спортот.

Една од главните точки на дневниот ред беше повторниот избор на претседател на WBC. Делегатите едногласно го поддржаа актуелниот претседател Маурицио Сулејман, кој доби нов мандат за водење на организацијата, потврдувајќи ја неговата улога како лидер кој ги поставува стандардите за иднината на професионалниот бокс.

Првото учество на Македонија на WBC конгресот е значаен чекор за позиционирање на македонскиот професионален бокс на меѓународната сцена. Овој успех е доказ дека преку тимска работа, посветеност и визија, Македонија може да биде важен дел од глобалното спортско семејство во професионалниот бокс.

Конгресот на WBC продолжува со активности во следните денови, со акцент на унапредување на боксот и поттикнување на нови проекти за иднината на овој спорт.