дома блог страница 623

ОДИМЕ НА СВЕТСКО? Македонија доби група по мерка за квалификации

Фудбалската репрезентација на Македонија ги дозна своите ривали во квалификациите за СП 2026 година во САД, Мексико и Канада.

Ждрепката во Цирих, Македонија ја стави во групата Ј, каде за противници ги добивме селекциите на: Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.

Група по мерка, каде фаворитската улога секако ја има Белгија, но сите останати три репрезентации се противници со кои можеме да направиме резултати.

Ако пак ги земеме во предвид резултатите со фаворитите, кои нашата фудбалска репрезентација ги имаше во изминатите години, тогаш ниту Белгија нема да спие мирно.

Светското првенство за две години ќе има рекорден број учесници – 48.

Утре проекција на анимираниот филм “Божикната магија на животните” во киното “Мис Стон” во Прилеп

На 14.12.2024 во 12.00 ч. /сабота/ во кино Мис Стон ќе се одржи проекција на детскиот анимиран филм „Божикната магија на животните“ . Филмот премиера имаше на најпрестижниот фестивал за анимиран филм во светот, „Анеси” во Франција.

Влезници на билетарницата од киното,

денес / петок/ од 10 до 12.00 ч. и еден час пред проекцијата на филмот.

Кратка содржина 

Волшебни приказни се расплетуваат во „Божикната магија на животните“, каде празничните чуда оживуваат. Нурнете во овие прекрасни и модерни сказни во кои животните тргнуваат на магични патувања од Франција до Јапонија, до Далечниот север и неговата поларна светлина, ширејќи радост и великодушност. Секоја приказна е чудна и шармантна авантура зачинета со хумор и убавина специфична за зимската сезона. Дозволете поезијата да ви го плени срцето и да ве пренесе во свет каде божиќната магија нема граници.

Режија:  Camille Alméras, Ceylan Beyoglu, Natalia Chernysheva, Haruna Kishi, Olesya Shchukina, Caroline Attia Larivière

Година: 2024

Земја: Франција, Германија – француски, англиски, германски

Времетраење: 72 мин

Жанр: Анимација, фамилијарен

IMDB: https://www.imdb.com/title/tt33077003/?ref_=fn_al_tt_1

Возрасна категорија: цела публика (таргет група 3 -6 години)

Есента помина ,зимата дојде, пак ништо со Универзална сала

По долгогодишна иницијатива на спортистите, спортските клубови и општина Прилеп, за враќање во функција на Универзлната сала – или спортскиот храм на прилепчани, летоска конечно некој висок функционер го посети Прилеп и даде цврсто ветување дека работите ќе тргнат од мртва точка и дека прилепчани наскоро ќе се вратат на трибините и ќе ги бодрат своите спортски миленици.

Тогаш во посета на Прилеп беше министерот на новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, кој вети враќање во функција на овој спортски објект до есен, но во Универзална се’ уште нема активности.

Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.

Ристовски со себе тогаш донесе стручни лица и архитекти, кои беа зачудени зошто за толку банална причина, салата зјае празна и не функционира.

Покрај во Универзална, министерот во јули месец беше и во посета на спортската сала “Македонија”, уште една спортска величина која буди спомени кај прилепчани. За овој спортски објект министерот рече дека допрва ќе се прави анализа и ќе се испитува договорот за концесија.

Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.

Момироски: 120 договорни од болница си одат дома?

Во најновата петочна колумна, новинарот Зоран Момироски се осврна и на случувањата во прилепската болница “Борка Талески”, каде претходната гарнитура остави околу 120 вработени без решен работен статус.

-Новогодишни ,,непријатни колетчиња,, ќе добијат поголем дел од околу 120 работно ангажирани во прилепската општа болница. Ова и покрај нивната потреба, согласност за продолжување на договорите нема. Ова значи по повеќе годишно нивно вложување на трудот ама и ветување од СДСМ дека само што не им е трансформиран работниот однос од договорен во постојан испадна лажна надеж. На колку од овие околу 120 нема да им биде продолжен договорот, наскоро ќе се знае. Но за наши услови не ќе биде мал.

Е сега ред е некој да праша:КАДЕ ЌЕ ВИ ОДИ ДУШАТА АКО ИМАТЕ ДУША ?!? АКО ИМАТЕ ЧУВСТВО НА ОДГОВОРНОСТ АКО НЕ ЗА НАРОД, БАРЕМ ЗА ОНИЕ КОИ ЦЕЛО ВРЕМЕ ГИ ДРЖЕВТЕ КАКО ЗАЛОЖНИЦИ ПОД ПРЕВЕЗОТ ,,СИГУРНИ ,, ГЛАСАЧИ?!? Се што беше” ваше” сместивте?!? Некои се сомневаат и дека се што ,,чесно си го има платено ,, работното место во кеш или натура, си добило решение. Ами овие другиве?!?

Поради ова мора да се знае кој на кого му ветувал. Кој на кого евентуално му барал и добил пари или е платено во натура. И кој ја играше оваа валканата игра – напиша Момироски.

Денеска се празнува Свети Андреј Првоповикан, првиот следбеник и прв апостол Христов

Православната црква денеска го празнува Свети Андреј Првоповиканиот, првиот следбеник и прв апостол Христов, кој умре на крстот поради неговата посветеност на новозаветната вера.

Син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на свети Јован Крстител, но кога свети Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса.
Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух, на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, a потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострада. Во Византија постави прв епископ во лицето на свети Стахиј; во Киев забоде крст на една височина и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез приведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патра изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господа, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат.

Разјарен заради ова, Егеат го подложи светиот Андреј на маки, а потоа го распна на крст. Додека беше жив на крстот, апостолот им кажуваше корисни поуки на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле, апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна, апостолот Му ја предаде својата душа на Господ. Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него. Пострада за својот Господ во 62 година.

Додека ги лекувал сиромашните и болните за време на неговиот живот, чудесните ефекти на неговите мошти продолжиле и по неговата смрт, според традициите. Главата на светителот сега е во Рим, а едната рака е во Москва.

Според народните верувања, Свети Андреј се смета за заштитник на големите животни. Тој разговара со нив, а тие го слушаат. Во минатото, мечкарите го славеле празникот на Свети Андреј, верувајќи дека овој светец ги скротува мечките како кучиња и дека патува низ светот јавајќи го овој ѕвер.

Во пресрет на Андреј, за мечките се варело пченка, или се правело специјална торта, со која наводно и била врзана вилицата на мечката, за да не го заколе добитокот.

Се верува дека на тој ден мечките не им прават штета и не ги допираат луѓето и затоа не е соодветно да се оди на лов за нив.

Денес во „модерно време“ не треба да перете, пеглате, шиете или да правите нешто со облеката.

(ВИДЕО) Со денови поплава на улица “Цане Илиоски”

Со денови грга вода на улицата “Цане Илиоски” во Прилеп, се пожалија жителите, кои бараат екипите на ЈКП Водовод и канализација дефектот што поскоро да го санираат.

Граѓаните велат водата е драгоцена течност и жално е со денови да се создаваат вакви загуби, особено сега кога сметките за вода не се воопшто ниски.

Апелираме до надлежното јавно претпријатие побрзо да ги санира дефектите, се со цел загубите на вода да се сведат на минимум.

И оваа година блеска од убавина: Погледнете како изгледа новогодишната бајка во ООУ “Климент Охридски” Прилеп (ВИДЕО)

За оваа убавина не е потребен посебен коментар, само уживајте во видеото во продолжение:

Секоја чест на колективот, на директорот, на сите ученици и технички персонал во училиштето! OOУ “Климент Охридски” прерасна во бренд образовна институција на Прилеп.

Во една недела опожарени две возила на иста улица во Прилеп

-На 12.12.2024 во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Октомвриска” во Прилеп било опожарено патничко моторно возило „ауди” со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Ј.Н.(51) од Прилеп.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема.

Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од МВР.

Ова е втор случај на опожарено возило на истата улица во Прилеп во само една недела.

Претходно на 06.12.2024 во 03.40 часот во ОВР Прилеп беше пријавено дека на ул.„Октомвриска“ во Прилеп било опожарено патничко возило „мазда“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Б.T.(32) од Прилеп.

По 250 евра ќе добијат студентите да си купат таблет, компјутер или телефон – Мерката влезе во буџетот

Владата објави дека во Буџетот за 2025 година обезбедени се средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти.

За следната година,како што соопштија од таму, има и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади.

„Ваучерот за студентите од 250 евра за купување на електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет.

Додека пак, финансиската поддршка до 30.000 евра за младите за отпочнување на бизнис, значи дека младите ќе можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови“, информираат од Владата.

“Децата во чест на Св. Никола” – храмот Св. Петка од Прилеп организира духовно-образовна детска академија

Храмот Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп, по повод заштитникот на градот Св. Никола, организира духовно-образовна детска академија насловена како “Децата во чест на Св. Никола”.

Поканата од храмот во целост ја пренесуваме во продолжение:

-Со радост Ве известуваме и покануваме во сабота, на 14 декември 2024 година, со почеток во 11:00 часот, во храмот „Св. Петка“ во Прилеп кога ќе се одржи духовно-образовна детска академија „Децата во чест на св. Никола“ а во соработка со ООУ „Блаже Конески“.
Настанот ќе вклучува музички хорски изведби и рецитал со содржини инспирирани од христијанските вредности и верата, изведени од ученици од основното училиште. Покрај тоа, посебен момент ќе биде промоцијата на детската книшка „Приказна за св. Никола“, адаптирана за најмладите, збогатена со икони и православни илустрации кои ги прикажуваат клучните моменти од животот на св. Никола, патронот на нашиот град Прилеп.
Овој настан е плод на заедничката соработка меѓу храмот „Св. Петка“ и ООУ „Блаже Конески“, со цел да се поттикнат младите кон духовен, културен и образовен развој преку уметничко и книжевно изразување.