дома блог страница 570

(Фото галерија) “Ронин” донесе грст медали во Прилеп од Државното првенство во кик бокс – Илчо Костовски пак стигна до сребро во Белград

Заврши Државното првенство во кик бокс 2025. организирано од КМФМ за сите возрасти и дисциплини. Кик бокс клубот “РОНИН” oд Прилеп после 4 години постоење конечно успеа да добие членство во федерацијата, а со тоа и рамноправност во истата.

На првенството прилепчани настапија со 10 натпреварувачи и освоија дури 8 медали. Постигнати се следните резултати:

Емил Степанулески и Мартин Маркоски освоија златни медали, Наумче Трајкоски и Мите Дамјаноски се закитија со сребро, а Марко Аврамоски, Јоаким Рутески, Лео Михајлоски и Симеон Сталески стигнаа до бронзени медали.

Покрај успесите од Државното првенство, од РОНИН се пофалија и со учество на нивниот член Илчо Костовски, кој боксуваше финале на престижниот турнир “БЕОГРАДСКИ ПОБЕДНИК” во Супер тешка категорија. Иако тоа не е негова категорија, Костовски во финалето боксуваше против искусен репрезентативец на Казахстан и го освои сребрениот медал.

-Јас како тренер сум повејќе од ЗАДОВОЛЕН! Следен предизвик ни е Пловдив, Бугарија, но таму одиме доколку обезбедиме барем дел од финансиските средства. Голема благодарност до Кандо Ристески, кој ни обезбеди поручек без никој да му побара – истакна тренерот на клубот Филип Сливјаноски.

Koнечно се наѕира крајот! Детската градинка “БАЈКА” во населбата “Точила” во Прилеп наскоро ќе стане втор дом за 218 дечиња

Му се наѕира крајот на долгогодишниот проблем со недостатокот од градинки за предшколските деца во Прилеп. Огромните листи на чекање чиј број на запишани деца со години не се менува и речиси секогаш е над 250 дечиња, најверојатно веќе од март ќе станат минато – oбјави “АЛФА ТВ”

Со изградбата на новата Детска градинка „Бајка“ за 218 деца, младите родители ќе можат да здивнат. Градежните работи, како и опремувањето се комплетно завршени, и во моментов тече огласот за вработување на потребниот кадар од 32 лица, по што Градинката ќе биде ставена во функција, уверуваат од ЈОУДГ „Наша иднина“.

„Огласот е објавeн за 32 лица од кои што има за воспитувачи, негователи, психолог и помошно-технички персонал….Распишан беше Огласот на 31 декември и излезе во дневни весници. Сега течат роковите и очекувам негде, најмногу за две недели, да се заврши постапката“, – ни рече Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“, Прилеп.

Новата прилепска градинка се градеше неколку години и според својот капацитет е втора по големина во земјава. Првично беше проектирана за 252 деца, но поради детектираните пропусти, што на некој начин го пролонгира и нејзиното пуштање, извршена е нужна преадаптација на просторот и намалување на капацитетот за дваесетина деца.

„Во објектот има 11 занимални во кои што ќе бидат згрижени деца од 9 месеци до поаѓање во училиште….Две од занималните не можат да се употребуваат за престој на деца, имало недостаток во проектирањето на објектот и двете занимални се без вц- шољи во санитарните јазли. А според Правилникот за стандардите за детски градинки, не можат да бидат употребувани како занимални за престој на деца“, објаснува Трпческа.

Инаку, Детската градинка „Бајка“ започна да се гради уште во април 2021 година. Вредноста на овој проект изнесува околу 2 милиони евра. Објектот се простира на површина од 5.030 метри квадратни и е со призмје и кат каде се сместени занималните и детските јассли. Има централно подно греење, фотоволтаици на зелениот покрив и ги задоволува сите современи европски стандарди.

Каролина Дурло

Мицкоски најави нова инвестиција од 25 милиони евра и 200 нови работни места

.

Преговорите за околу 15 инвестиции се во завршна фаза, а тие во земјава ќе донесат нови инвестиции. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски дел од преговорите се завршени, со дел се преговара, а со дел од нив се во потесна конкуренција со некои други земји

-Очекувам дека со огромен процент на реализација овие инвестиции ќе бидат успешни. Очекувам овој месец на една таква инвестиција со нови 200 работни места и околу 25 милиони евра инвестиција, да се стави камен темелник. Друга да се пушти во април месец. Некаде меѓу март и јуни барем нови 5 инвестиции, да се стави камен темелник или да се донесе одлука за инвестирање во земјава, посочи Мицкоски.

Претседателот на Владата истакна дека овој тренд на инвестиции очекува да биде поголем до крајот на годината.

-Со засилувањето на инвестициите ќе бидеме во регионот држвата со најголем број странски директни инвестиции по глава на жител

Николоски: Поголем проблем во судството од корупцијата е немањето морал и однос кон јавноста

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски во “Тема на денот” на СИТЕЛ ТВ истакна дека недостигот на морал и одговорност во судскиот систем го прават овој проблем уште посложен. Николоски нагласи дека иако е потребно да се решаваат многу проекти, без правда во државата, граѓаните нема да се чувствуваат безбедно. Николоски додаде и дека иницијативата за распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет е само првиот чекор кон подобрување на ситуацијата, а целта е да се врати довербата во судството и да се подобри правдата во земјата.

„Во моментов судството е најслабиот дел од општеството. Ние можеме цела Македонија да ја изградиме, да имаме десетици проекти, но луѓето бараат правда и очајно ја бараат правдата. Тие не прават разлика помеѓу властите, затоа што извршната власт, во која што сме ние, и судската се одвоени, но затоа што нас не не избираат на избори, одма бараат решение. Самото тоа што довербата е 2%, тоа е статистичка грешка, многу кажува. Тоа се луѓе кои што исто се занимаваат со јавен живот. Јас да би имал 2% поддршка, би ми било срам на улица да излезам, а камоли да се занимавам со јавна работа“, истакна Николоски.

Николоски нагласи дека членовите на Судскиот совет треба да поднесат оставка, бидејќи се избрани од Собранието, а поддршката за нив доаѓа од коалицијата СДСМ-ДУИ.

„Во моментот кога ние ја поднесовме оваа интерпелација, очекував членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, затоа што тие се бирани од Собранието. Ние не поднесовме првиот ден по формирање на владата, оставивме да видиме како ќе работат. Тие кои што ги поддржуваат, тоа е коалицијата СДСМ-ДУИ“, нагласи Николоски.

Николоски додаде дека неоправданиот отказ на оставки покажува дека членовите на Судскиот совет немаат морал и одговорност кон јавноста.

„Оваа коалиција која не ги поддржува, тоа е коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ВЛЕН-ЗНАМ, има 78 пратеници и многу јасна е разликата. И кога видоа дека ние поднесуваме интерпелација, очекував попладнето да поднесат оставки, но и со тоа што не поднесоа оставки покажаа дека нема никаков морал, дека нема никакво чувство за одговорност кон јавноста и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Николоски.

Николоски нагласи дека најголем проблем во судството е недостатокот на морал и односот кон јавноста, што ја прави ситуацијата неодржлива, а масовниот одлив на луѓе од Македонија е резултат на недостигот на правда.

„За мене поголем проблем во судството од корупцијата е немањето морал и однос кон јавноста. Со ова покажуваат и ова е причина плус да таа интерпелација побрзо заврши и да најдеме начин потоа да си одат, затоа што е неодржливо ова што се случува во државата. Масовно луѓе ја напуштаат државата, не од економски причини, туку затоа што нема правда. Не знам како не им е срам да продолжат да седат на тие позиции“, истакна Николоски.

Николоски истакна дека судството во Македонија не ги исполнува своите задачи и дека состојбата е очајна. Според него, оваа иницијатива на премиерот Мицкоски е важен чекор, бидејќи без правда луѓето нема да се чувствуваат безбедно во земјата.

„Ние предложивме целосно распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет, до денес подобра понуда не добивме. Ова е прв чекор во реализација на тоа што го ветуваме. Судството во Македонија мора да одговори на задачата, во моментов не е така, состојбата е очајна и мора итно да бараме решенија. Ова е проблем број еден и мислам дека е добро што премиерот Мицкоски ја потегна оваа иницијатива, го почувствува пулсот на народот, и мора да најдеме решенија. Ние можеме сите проекти да ги завршиме, ако нема правда во Македонија, луѓето нема да се чувствуваат пријатно во сопствената држава“, заклучи Николоски.

Девојките борачки од Прилеп и овој викенд на ТРОНОТ! Неприкосновени на Државното сениорско првенство во Штип

Изминатиот викенд боречкиот клуб “7-ми Мај” од Прилеп настапи на Државното сениорско првенство што се одржа во Штип.

Со преку 100 пријавени сениори, прилепчани повторно го освоија ПРВОТО место екипно во женска конкуренција.

-Поединечно Теодора Димеска, Михаела Тодороска и Деспина Богеска освоија златни медали во своите категории, Марија Велјаноска и Оливера Мицеска се закитија со сребро, а Леона Настоска освои бронзен медал. Додека во машка конкуренција, иако покажаа одлични борби, Стефан Стојаноски, Благојче Ѓорѓиоски и Михаил Илиески, не успеаја да се пласираат во првите три места, изјави тренерот Филип Јованоски

-На првенството правдата ја делеа прилепските судии Илчо Марковски и Душко Стојаноски.

Концерт на оперскиот тенор Илија Белистојаноски и пијанистот Дарко Мариновски во Прилеп

Во рамките на музичката програма при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 11.02.2025 година, /вторник/ со почеток во 19:00 часот, во фоајето, ќе се одржи целовечерен концерт на оперскиот тенор Илија Белистојаноски во пијано придружба на Дарко Мариновски. Публиката ќе може да ужива во серија на светски познати оперски арии.

Програмата на концертот ги опфаќа следните музички дела:
1. Amarilli – Џулио Качини – стари мајстори
2. Sento nel core – Алесандро Скарлати– стари мајстори
3. Caro mio ben – Џузепе Џордани – стари мајстор
4. O del mio dolce ardor – Кристоф Вилибалд Глук – арија од операта “Paride ed Elena” („Париде
и Елена“)
5. Un aura amorosa – Волфганг Амадеус Моцарт – арија од операта “Cosi fan tutte” („Така прават сите“)
6. Malinconia, ninfa gentile – Винченцо Белини – Sei ariette (од циклусот 6 мали арии)
7. Pourquoi me reveiller – Жил Масне – арија од операта “Werther” („Вертер“)
пауза
8. Che gelida manina – Џакомо Пучини – арија од операта “La bohème” („Боем“)
9. La donna e mobile – Џузепе Верди – арија од операта “Rigoletto” („Риголето“)
10. E lucevan le stelle – Џакомо Пучини – арија од операта “Tosca” („Тоска“)
11. Nessun Dorma – Џакомо Пучини – арија од операта “Turandot” („Турандот“)
12. „Кога падна на Пирина“ – македонска народна песна

Податоци за учесниците:

Илија Белистојаноски е роден во Прилеп каде го завршил своето основно образование. Потоа се запишува во Државното музичко училиште во Битола, отсек теорија на музика.

Во текот на неговото школување беше забележан како исклучително талентиран пејач и го претставува училиштето на натпреварот за камерна музика во Скопје каде ја освојува првата награда. Откако ги откри сопствените вокални способности, Илија решава своето понатамошно образование да го продолжи на Музичката Академија во Штип, во класата на реномираниот оперски пејач проф. Борис Трајанов.

Во склопот на академијата изучува правилно пеење и однесување на сцена (глума, движење и став). Учествува редовно на сите концерти во чест на проф. Коста Трпков заедно со оркестарот на Националната опера и балет.Дебитира на сцената на Националната опера и балет во операта “Macbeth” од Џузепе Верди, во улогата Малколм, заедно со италијански кастинг. Редовно одржува концерти низ сите градови во Македонија. Непосредно по дипломирањето, освојува прво место од стручното жири на натпреварот „Лазар Јованович” во Белград, Србија. Потоа освојува Гранд При на натпреварот „Руска Романсијада” во Софија, Бугарија, и со тоа влегува во 12-те финалисти на финалниот натпревар во Москва, каде што ја освојува втората награда од стручното жири. Следи покана за концерт и настап во една од најголемите сали во светот „Кремлинскиот дворец” во Москва. Учествува на натпреварот за „Руска вокална музика” во Скопје, каде што го освојува второто место при што во жири беше еден од најголемите басови во Русија, проф. Леонид Сметаников. Влегува во финалните рунди на светскиот натпревар
“Belvedere” во Рига-Латвија. Илија соработувал со познати педагози од музичкиот свет како: Михаел Пабст и Линда Плех (Виена, Австрија), Дануса Лукнисова и Мигел Гомез Паез (Пезаро,Италија) Елда Ларо (диригент, Германија), Паола Мариоти (Италија) инаку последна и лична пијанистка на Лучиано Павароти, Николас Клептон (Англија) и др.

Редовен учесник на мастер-класите на една од најголемите примадони во Италија, Проф. Капучине Киаудани. 3 концерти во Југоисточна Македонија во месец мај 2022 год. 2 концерт за дуо клавири, труба и глас во Кавадарци и Скопје во септември и настап по повод 78 годишнина од ослободувањето на Куманово, месец ноември. Настап на Охридско лето по повод Денот на македонскиот јазик, 5-ти мај, во црквата ,,Св. Софија”, 2023 година. Концерт во Прилеп за тенор, сопран и пијано поддржан од македонското Министерство за култура во јули. Учество на фестивалот „Златна лира“ со изведба на преработени македонски народни песни во октомври, 2023. Во 2024 година се реализираа два семинари и настапи на ЗАМ – Здружение на академиски музичари, на коишто учествуваа музичари од целиот балкан меѓу кои и Белистојаноски. Исто така, има учествувано на светскиот натпревар по пеење “Byulbyul” во Баку, Азербејџан во јуни, 2024.

Дарко Мариновски – пијанист

Роден е во Скопје 1974 год. Основно и средно музичко образование завршува во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј,, во Скопје. Дипломира на ФМУ- Скопје 1997 год. во класата на реномираниот професор Борис Романов. Магистерските студии ги завршува 2000 год. под менторство на проф. Јасминка Чакар.

За време на студиите одржува бројни настапи и концерти во Македонија во рамките на Скопско и Охридско лето како и концерти во Р.Бугарија.
Од завршувањето на студиите до летото 2013 работи како професор по пијано и корепетиција во МБУЦ ,,И. Н. Луј,, во Скопје. Неговите ученици бележат значајни резултати како награди на државни и мегународни натпревари.

Исто така учествуваше во работилниците по композиција во класите напроф. Илија Пејовски и проф. Томислав Зографски кај кои и редовно ги посетуваше часовите по модална хармонија. Од јануари 2009 година е декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, функција која ја извршува до 2019 год. На овој факултет ги предава предметите композиција на филмска и театарска музика, пијано, модална хармонија и музички стилови. Неговите студенти по композиција на филмска музика бележат значајни остварувања на разни манифестации низ земјава како и на мегународни филмски работилници и фестивали во БиХ, Бугарија, Хрватска, САД и други земји. Во април 2016 год. е избран во звање редовен професор од наставно-научниот совет на ЕСРА. Автор е на музика на неколку краткометражни филмови кои земаа учество на повеќе филмски фестивали во земјава и странство. Автор е на музиката на театарската претстава „Косара“ од Загорка Поп Антовска чиишто 4 изведби беа реализирани во ноември 2013 год. во МОБ. Како член на квартетот „Коскаров“ го снима ЦД-то “The best of Jazz and Blues” со музика од светската џез литература, издадено во 2011. Автор е на оркестарските аранжмани на 5 македонски родољубиви народни песни кои премиерно беа изведени на 24.12.2015 год. на гала концертот во салонот на МОБ по повод 30 години од кариерата на маестро Борис Трајанов, под диригентската палка на маестро Џорџе Павловиќ од Белград. Од септември 2013 работи на Музичката академија при УГД – Штип со студентите во класата на проф. Борис Трајанов како пијано соработник, како и во оперското студио при истата академија.

Од септември 2015 работи и на Филмската академија при УГД – Штип каде ги предава предметите Звук на филм и Акустика со психоакустика, перцепција и анализа. Мариновски работи и како уметнички соработник со повеќе истакнати македонски уметници со кои настапува во Македонија, како и во концертните сали во Рим, Париз, Вашингтон, Истанбул и др.

Во време на Ристески се проектираше, СДСМ го закочи – проектот кој ќе го решеше еден од најгорливите естетски проблеми на Прилеп (ФОТО)

Покривање и партерно уредување на Дабничка Река, на потегот од касарната „Мирче Ацев“ до вливот на Градската река, беше еден од амбициозните проекти кои локалната самоуправа предводена од Марјан Ристески го предвиде за реализација.

Со овој проект беше предвидено целосно покривање на каналот на Дабничка Река, а со цел да се подобри животната средина. Со спојување на двете улици, беше планирано да се добие булеварско решение, со зелен појас на средина, модерно енергетски ефикасно осветлување, нови деловни објекти, паркинг простор, детски игралишта и други содржини.

Проектот беше нацртан, добро осмислен, утврдено беше дека во тоа време ќе чини 60 милиони денари, или околу 1 милион евра.

За жал прилепчани до ден денеска не дочекаа да се израдуваат на реализацијата на овој проект, кој ќе решеше еден горлив естетски изглед на градот.

Иако имаа се на готово, челниците на СДСМ како и другите планирани проекти, ниту овој не го погледнаа и ја закочија неговата реализација.

Дабнички канал продолжи да го нагрдува ликот на градот, а често попуштаат и ѕидовите на речното корито, па каналот станува и безбедносен проблем.

Да се потсетиме како беше замислено да изгледа покривањето на Дабничка река:

Николоски: Започнуваме со интервенција на цената на станови во Битола, Скопје Охрид и Штип

Во Скопје ќе се градат 4 комерцијални згради, во Охрид и Штип по една. Во Битола од понеделник започнуваме со продажба на државни комерцијални станови по 1000 евра за метар квадратен. Се обидуваме силно да интервенираме на цената на пазарот на недвижности, истакна вицепремиерот Александар Николоски.

Тој потенцираше дека сегашната цена е превисока за животниот стандард на граѓаните и затоа државата ќе се обидува да интервенира преку изградба на комерцијални станови.

Моментaлно цената на комерцијaлни станови во неколку градови галопира, во Битола направивме интервенција и од понеделник почнуваме со продaжба на станови по 1000 евра за метар квадратен за стан, по 500 евра метар квадратен за гаража што е далеку пониска цена отколку што сега е во Битола. Во Скопје ќе почнеме 4 згради да работиме, во Охрид имаме активен повик за една, во Штип бараме локација, така што во овие четири места каде цената најмногу галопира, ќе се обидеме со наша интервенција цените на пазарот да ги намалиме. Сегашните цени на ниеден начин не одговараат на нашиот стандард, младите брачни двојки едноставно не можат сопствен дом да најдат, а по цена од 2500-3000 евра за квадрат никој не може со овој стандард да купи стан. Дополнително работиме на 5 социјални згради низ државата, истакна вицепремиерот Николоски.

ГОЛЕМА КРАЖБА KAJ ТРЕСКАВЕЦ: Арамии украле опрема од 10.000 евра и го оставија манастирот без водовод

Голема кражба спречи светски познатиот манастирски комплекс „Трескавец“ да го добие водоводот што ќе овозможи да бидат ставени во функција обновените конаци по пожарот од пред 12 години. Сега работите се одложени поради голема кражба на опрема и електроника за водоводот.

Прилепските локални власти допрва ќе бараат околу 10 000 евра да се надомести штетата, и комплексот, како загрозено светско културно наследство, да биде во функција.

Според Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп, кражбата се случила пред Нова Година кога требало водоводот да биде свечено ставен во функција.

-Пред Нова Година добивме повик од манастирот дека е направена кражба на сето тоа што е монтирано. Штетата е околу 10 000 евра. Тоа е пријавено во полицијата. Украдени се кабли, некоја електроника. Сега, во март, треба повторно да се обнови и повторно да се стави во функција. Беше ставен во функција, беа денови во прашање, двата резервоари беа наполнети. Но кражбата спречи да биде целосно во фукцвија. Во март сакаме повторно да го направиме тоа, вели Гулабоски.

Локалните прилепски власти овој месец ќе бараат средства за да се надомести штетата. Градоначалникот Борче Јовчески уверува дека тоа може да се среди за ден до два.

-Веќе бевме пред пуштање во употреба на водоводот. Настана кражбата. Работиме на тоа повторно да се обезбедат средства за обезбедување на тие материјали кои што може за ден-два да се имплементираат во тој водоводен систем. Инаку, изворот е комплетно обезбеден и останува да го дозавршиме и да го објавиме како завршен проект, објаснува Јовчески.

Конаците на манастирот Трескавец изгореа пред 12 години, на 4 февруари 2013 година. За нивната обнова државата вложи околу 2 милиона евра. Не може да бидат во функција без водоводот и мини пречистителна станица. Водоводот се градеше со 100 000 евра, обезбедени од ТАВ-програмата и со уште 3 милиона денари од буџетот на прилепската локална самоуправа. Најавите беа дека ќе биде готов до крајот на 2023 година.

Мицкоски: Јас сум реален оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде апсолутен победник на локалните избори

Јас сум реален оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори кои треба да се одржат во првата половина на октомври, годинава, вели премиерот Христијан Мицкоски и се повика на партиските анкети на јавното мислење според кои нивната предност е 4:1 во однос на вторангираната партија.

-Очекувам за нешто повеќе од седум месеци од денеска да отпочне официјално кампањата, таму некаде првата половина на октомври да се случи првиот и вториот круг на локалните избори. Јас сум реален оптимист дека коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде таа која што ќе биде апсолутен победник, врз основа на мерењата која што ние ги имаме. Сега ќе видиме на терен како ќе биде и каква е волјата на граѓаните. Но ние правиме редовно секој месец, најмалку две, а понекогаш и три мерења на јавното мислење преку одредени атрибути кои што ги тестираме преку одредени политики, да видиме дали сме на прав пат или не сме. И ценам дека досега од тие бројки кои што ги имаме од месец во месец сме се подобри. Јануари беше подобар од декември кој што беше најдобар. На последната теренска анкета која што ја добив рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше над 30 проценти, а втората партија беше со рејтинг од 6,8 проценти. Така што сега ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1, и очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, тоа е волуменот на гласачи, рече Мицкоски на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.

Што се однесува до имињата на потенцијалните кандидати за градоначланици, во тек е внатрепартиската процедура, при што како што нагласи, ќе биде земено предвид мислењето на членството, како и мислењето на граѓаните, од кое ќе се направи симбиоза по што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата.