дома блог страница 561

Николоски денес ќе присуствува на глобалниот состанок на добавувачи и логистика на дивизијата за автомобилска електроника

Денеска (среда 19.02.2025 година), заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, ќе присуствува на глобалниот состанок на добавувачи и логистика на дивизијата за автомобилска електроника.

Состанокот ќе се одржи во компанијата Костал во Охрид.

Изјави за медиуми се предвидени во 11:00 часот.

Изјавата ќе можете да ја следите во живо на линкот во продолжение:

Владата ПРЕСЕЧЕ, Ристески им соопшти на трговците, отсега ќе биде вака (ВИДЕО)

Владата на Република Македонија и Министерството за економија и труд го заштитуваат стандардот на граѓаните – истакна на денешната прес конференција заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Прес конференцијата на Ристески во целост ја пренесуваме во продолжение:

По опсежни анализи на ценовните текови на основните производи изминативе 4 месеци, како и по извршени меѓусекторски консултации и повеќе средби со претставници на бизнис секторот (производители, добавувачи и трговци), на денешната седница Владата на Република Македонија донесе две одлуки кои треба да придонесат на намалување на инфлацијата и ефектите од ценовните шокови на семејните буџети на граѓаните.
Со мерките се опфатени 102 групи на основни прехранбени и хигиенски производи или над 1000 производи, каде имаме три категории и тоа:

1. Во првата категорија, која опфаќа 8 групи основни прехранбени производи, се замрзнуваат цените од нивото од 1 февруари и на истите се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 5 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 5 % во трговијата на мало.

Тука влегуваат:

– Бел и полубел леб, векна, индустриски тип од 350 гр. до 500 гр..(цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
– брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
– брашно пченично, тип 500 во пакување од 1кг до 2кг;
– трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;
– јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 кг и 1,5 кг ;
– кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2 %, во пакување од 300 г до 500 г;
– свежи јајца од кокошка и
– масло за јадење од сончоглед

2. Во втората категорија, која опфаќа 55 групи на производи се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 10 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 10 % во трговијата на мало. Тука влегуваат млечни производи (сирење, кашкавал…), свежо месо, замрзнато месо, преработени месни производи, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, шеќер, путер, кондиторски производи (чоколадо, бисквити…), кечап, мајонез, кафе и безалкохолни пијалаци…

3. Во третата категорија, која опфаќа 39 групи на производи се определува највисоката бруто профитна маржа во вкупен износ до 15 % во трговијата на големо и во вкупен износ до 15 % во трговијата на мало. Тука влегуваат дел од свежото овошје и зеленчук, дел од основните хигиенски производи (течен сапун, гел за туширање, детергенти, паста за заби…), како и неколку бебешки продукти (бебешки пелени, кашички и сокови).

Како и во претходните мерки, трговците се обврзани истите јасно да ги обележат со ознаката „Помалку трошоци, повеќе за нас“, а истата ќе се применува до 30 април 2025 година.

Со оваа мерка очекуваме намалување на цените на поголемиот дел од производите, а на останатите да се спречи нивно понатамошно зголемување и задржување на ова исто ниво.

Екипите на Државниот пазарен инспекторат ќе бидат на терен и ќе го контролираат спроведувањето на оваа мерка, а сите кои нема да се придржуваат до истата ќе бидат ригорозно санкционирани.

Во Крушево ќе се организираат меѓународни турнири во фудбал за најмладите

Општина Крушево и спорстките работници од Прилеп Благоја Гешоски и Миле Гаврилоски, денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Предмет на овој меморандум е организирање на меѓународен турнир во фудбал за деца на возраст до 12 години, со цел турнирот да се одржува еднаш во годината во следните десет години на територијата на Општина Крушево.

-Овој меморандум ќе придонесе за развој на фудбалот, особено на децата до 12 години во Република Северна Македонија, значителни економски и туристички придобивки за Општина Крушево, зголемена видливоста и препознатливоста на Општина Крушево како значајна спортска и туристичка дестинација, привлекувајќи голем број на учесници и посетители, развој на локалната економија преку активирање на сместувачки капацитети, ресторани и други услуги, засилување на инфраструктурните инвестиции – напиша на ФБ градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски.

(ФОТО) ГОЛЕМ ПОЖАР кај Универзалната сала во Прилеп

Голем пожар попладнево избувнал во пекара отспротива на Универзалната сала во Прилеп. Засега не е познато кои се причините за пожарот и дали има повредени лица, а екипи на Територијалната противпожарна едница се на терен.

Повеќе информации во текот на денот!

Tретоодделенци од ООУ “Блаже Конески” Прилеп порачаа: “Различни цвеќиња прават букет, ретките се силни, ретките се храбри” (ВИДЕО)

Под мотото “Различни цвеќиња прават букет, многу сме, ретки сме, силни сме сите заедно”, учениците од III-3 одделение во ООУ “Блаже Конески” Прилеп, под менторство на наставничката Весна Арсиќ го одбележаа месецот ФЕВРУАРИ , како “редок” месец со најмалку денови, месец за подигнување на свеста за ретките болести и сите предизвици со кои се соочуваат луѓето засегнати од истите.

Време кога сите се обединуваме за да ги засилиме поддршката и промените за лицата со ретки болести, да се подобри квалитетот на животот на лицата заболени со ретки болести.

Учениците се запознаа со ретките болести:

АЛПОРТ СИНДРОМ/ АLPORT SYNDROME

РЕТ СИНДРОМ / RETT SYNDROME

АЛПОРТ СИНДРОМ/ АLPORT SYNDROME

•Алпорт синдром претставува ретко генетско бубрежно заболување, која се карактеризира со зафаќање на бубрезите ,при што полека води до губење на нивната функција,сензоринеурална глувост и понекогаш со очни абнормалности, зачестеност , симтоми,третман.

–РЕТ СИНДРОМ / RETT SYNDROME претставува генетско невролошко нарушување кое влијае на развојот на мозокот и предизвикува прогресивно губење на моторните вештини(одење,трчање,движење,пишување..) и говорот, зачестеност, симптоми, третман.

Во знак на поддршка направивија шарени рачиња, испратија силни, јасни и гласни пораки, прифаќање на лицата со ретки болести, лица кои заслужуваат да бидат запознати , лица кои можат секогаш да направат од нас, подобри ЛУЃЕ!

-Ретките се инспирација! Ретките се силни! Ретките се храбри! Вашата реткост Ве прави УНИКАТНИ – порачуваат дечињата и нивната наставничка преку видеото во продолжение:

Прекрасна мaнифестација: Битола ги избра најдобрите во спортот за 2024год. – Филип Кузмановски избран за најдобар спортист

Во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка од Општина Битола, синоќа во Народниот театар се одржа 61 по ред манифестација „Избор на најдобри спортисти и екипи на Битола“.

Претседателот на Сојузот на спортови, Сашко Павловски, ги поздрави присутните, нагласувајќи дека големиот број на пријавени спортисти кои конкурираа за наградите говори за развојот на спортот во изминатата година, а комисиите на Сојузот на спортови и Управниот одбор немале лесна работа да го направат изборот на најдобрите, а Сојузот се потруди да награди и поединци, клубови и компании кои дале продинес во спортот и направиле добри резултати надвор од натпреварувачките шампионати.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, честитајќи им на добитниците на наградите нагласи дека влогот кој го има локалната самоуправа, како во финансиска поддршка, така и во постепено обезбедување на соодветна инфраструктура, покажува дека сите планови и инвестиции се оправдани, затоа што со вака врвни спортисти, докажано е дека на Битола и се потребни спортски сали, спортски игралишта, спортски комплекс.

„Затоа, заложбата на општината мора да биде насочена на подобрување на условите на сите нивоа, од училишните спортски сали и игралишта, од кои дел направивме, а дел оваа година ќе ги градиме и реконструираме, боксерската сала, до објектите за професионален спорт, во кои продолжуваме да вложуваме, како што тоа го направивме во спортската сала “Боро Чурлевски“, како и подобрувањето на инфраструктурата на стадионот „Петар Милошевски“. Сите вие кои вечерва сте дел од оваа манифестација, имате достигнувања со кои истовремено сте промотори на Битола, Македонија, но и поттик за младите генерации. Затоа, искрено ви благодарам за секој постигнат резултат и Ве охрабрувам да продолжите напред, давајќи го најдоброто од себе, затоа што Вие сте нашата гордост. Ви честитам на сите добитници на наградите вечерва и верувам дека заедно со сите вас, Битола чекори во вистинска насока кон голем спортски напредок“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Коњановски ја додели наградата за најдобар спортист на Битола за 2024 година, на капитенот на РК Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски кој минатата сезона го предводеше својот тим до титулата, а достоинствено се натпреварува и во Лигата на шампионите.

Второто место му припадна на боксерот Ален Рустемовски, третото на Леа Бошевска – кикбокс, а следуваа и други награди во повеќе спортови.

За најдобра екипа за 2024 година е прогласен рекометниот клуб Еурофарм Пелистер, боксерскиот клуб Пелистерски јунак е второ пласиран и на трето место е кошаркарскиот клуб Пелистер.

Плакети за ветерани на спортот – за животно дело добија Анте Костелиќ, Ѓуро Илиќ, Абдула Јосифовски и Златко Пецаковски.

За општествено одговорни компании посебни награди добија “КС Групација“ и “БВ инжинеринг“, двете од Битола.

Настани кои ја обележаа 2024 година се отворањето на нова трибина на стадионот “Петар Милошевски“, параглајди на Пелистер, Балканско првенство во џудо и организацијата на Куп на Македонија во кошарка.

На синоќешната манифестација беа доделени и посебни признанија, награди за најдобри младинци во 2024 година, а награди од училишен спорт добија професорите Златко Трајчевски и Михајло Силјанов, а како екипни победници на ноќна трка “4-ти Ноември“, наградени беа ОУ “Стив Наумов“ и гимназија “Јосип Броз Тито“.

Маестрален старт на 2025! Прилепчани отидоа со 12 натпреварувачи на турнир во Грција и се вратија со 12 медали

На 16.02.2025 во Аминдео, Грција се одржа Меѓународен турнир во џудо, каде учество зедоа околу 500 натпреварувачи од 5 држави. ЏК Сеишин од Прилеп настапи со 12 натпреварувачи, и освоија исто толку медали (3 златни, 5 сребрени и 4 бронзени)

Резултати поединечно:

1. Габриел Илиоски 1. место
2. Бисера Цветкоска 1. место
3. Елдина Пупаловиќ 1. место
4. Јаков Цветкоски 2. место
5. Иван Јошески 2. место
6. Матеј Јованоски 2. место
7. Хари Фазлиќ 2. место
8. Ајла Јеина 2. место
9. Лејла Јеина 3. место
10. Петар Ангелески 3. место
11. Матеја Николоска 3. место
12. Владан Стрезоски 3. место

Стручниот тим е задоволен од прикажаното и продолжува со подготовки за идните натпревари на домашно и меѓународно ниво.

Бог да им даде долго здравје! Соња (57) и Марко (69) конечно ќе се израдуваат на дете благодарение на ин витро направено во Скопје (ВИДЕО)

По 22-годишна борба за потомство, 57-годишната Соња и 69-годишниот Марко Миротиќ од Грбавац, кај Подгорица го очекуваат новиот член на семејството во април. За нивната неверојатна борба за потомство и спасот кој конечно го пронајдоа во Скопје, зборуваа на порталот „Дан“.

-По осум спонтани абортуси, многу труд, маки, операции, оплодувања, паузиравме, малку се откажавме од тоа. Случајно, Вања (Милошевиќ, гинеколог) ми е братучетка, неколку пати ја посетив и ме упати кај д-р Ана Јеремиќ, која потоа нè испрати во Скопје, бидејќи таму не постои возрасна граница за донација на јајце-клетки. Така ја продолживме таа борба и ете, се оствари, вели Соња, која за неколку дена влегува во осмиот месец од бременоста, а борбата за потомство ја почна на 35 години.

За овој брачен пар откажувањето не е опција, па се надеваат дека, ако им дозволи здравјето, ќе продолжат и понатаму. Им порачува на сите парови кои минуваат низ слична борба да веруваат дека тоа сепак е можно.

-Прво, треба да веруваат во себе и во партнерот и да имаат огромна желба за тоа. Можеби ќе им се случи да помислат дека треба да се откажат, тоа е нормално, тоа е психата, но тоа е и удар по нивниот џеб, но само нека бидат упорни и веројатно ќе им се оствари желбата. Оние кои веруваат во чуда создаваат чуда. Нека не се откажуваат, вели таа.

Во борбата за потомство сопружниците побарале стручни совети од лекари во многу земји, а имало и моменти кога губеле надеж. Сепак, тие верувале дека нивната желба ќе се оствари.

-Никогаш нема да го заборавам моментот кога мојот сопруг дојде и ги донесе резултатите. Ги видов бројките и почнав да скокам од среќа, да плачам, да викам, да се смеам. Марко едвај ме смири. Веднаш му се јави на внукот, а потоа му кажа дека неговата стрина е бремена. Тоа беше прекрасен момент, се присетува Соња.

Во Саудиска Арабија почнаа преговорите помеѓу САД и Русија за крај на вojната во Украина

Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад почнаа преговорите помеѓу руската и американската делегација за завршување на војната во Украина.

Како што јавија руските медиуми, преговрите се водат во една од палатите на кралското семејство, Дирија во комплексот Албасатин,

Во Ријад допатуваа шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и помошник-претседателот на Русија, Јуриј Ушаков. Американската делегација е предводена од државниот секретар Марко Рубио.

Во Прилеп и Битола пред стопанствениците одржани презентации за пренасочување и искористување на соларната енергија (ФОТО)

Во двата најголеми центри во Пелагонискиот регион, пред 20 локални мали и средни претпријатија, се одржаа две презентации за зелени иницијативи, дизајнирани да го трансформираат начинот на кој компаниите генерираат и трошат енергија.

Двата настани беа организирани од Стопанската комора на Северна Македонија во нејзините локални центри во Битола и Прилеп, во рамки на претставувањето на кредитната линија на Европската Инвестициона Банка (EIB7), со цел да се поддржат локалните бизниси и да се пренасочат обновливите извори на енергија и да го намалат нивниот јаглероден отпечаток. Презентациите беа претставени од страна на консултантскиот тим на конзорциумот (adelphi, IPC и iC consulenten).

Учесниците беа од различни индустрии: од производство на храна, земјоделство, градежништво и архитектура до хотели и ресторани, научија за практиките и придобивките од повеќето современи соларни, фотонапонски и батериски технологии на македонскиот пазар и се вклучија во дискусии за размена на искуства, предизвици и можности меѓу себе.

Меѓудругото, компаниите се информираа за процесот на аплицирање за кредитната линија EIB7, која е имплементирана во соработка со Развојна Банка на СМ и локалните комерцијални банки, и чија намена е за подобрувања на енергетската ефикасност и проекти за обновлива енергија за микро, мали и средно-капитализирани компании и нуди атрактивни услови за финансирање како што се повластени каматни стапки, опција за грејс период и долги рокови за исплата. Кредитната линија EIB7 изнесува 100 милиони евра, има за цел да влијае на намалување на јаглеродниот отпечаток во земјата, и да овозможат раст на малите бизниси кои ќе бидат отпорни на климатските промени.

Заинтересираните инвеститори можат да аплицираат за EIB7 во една од петте партнерски банки: Комерцијална банка, НЛБ банка, ПроКредит банка, Стопанска банка и Шпаркасе банка

Катерина Бурник, сопственик на “Бурник Мебел“, од Битола изјави: “Присуството на настанот за кредитна линија на EIB7 беше одлично искуство за нашата компанија. Добивме одлични сознанија за зелените иницијативи кои го менуваат начинот на кој компаниите произведуваат и трошат енергија. Одржливите можности за финансирање и иновативните соларни и фотонапонски технологии ни дадоа доверба да ги истражуваме решенијата за обновливи извори на енергија и за подобрување на нашата ефикасност и долгорочна заштеда.”

Павлина Василевска, член на Советот за женско претприемништво при Општина Битола изјави: „На нашите жени претприемачи им требаат повеќе вакви настани и информации за одржливо финансирање, како и консултации за трансформација кон решенија за зелена енергија“.

Професорот Д-р Драган Дамјановски, претседател на Управниот одбор на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Регионален центар Битола, истакна: „Овој настан ја засили нашата посветеност за намалување на јаглеродот во животната средина. Со нетрпение очекуваме да ги искористиме овие можности меѓу нашите мали и средни претпријатија за да поттикнеме одржлив раст“.

Клаудија Лутовска, косопственик на малата соларна централа „КБМ Енергија“ подвлече дека настанот е одлична платформа за размена на знаења и искуства во секторот за обновливи извори на енергија. Како сопственик на мала соларна централа, бев инспирирана од дискусиите за одржливо финансирање, регулаторна поддршка и иновативни соларни технологии. Настанот го засили моето уверување дека малите и средните претпријатија играат клучна улога во зелената транзиција и со соодветни стимулации и поддршка, и само така можеме значително да придонесеме за енергетската независност на Македонија.

Дополнителни информации

За Европската инвестициска банка и EIB Global

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е институција за долгорочни заеми на Европската унија во сопственост на нејзините земји-членки. Финансира инвестиции кои придонесуваат за целите на политиката на ЕУ. Проектите на ЕИБ ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации, промовираат одржлив развој, ја подобруваат социјалната и територијалната кохезија и поддржуваат праведна и брза транзиција кон климатска неутралност.

За Европската инвестициска банка во Северна Македонија

ЕИБ е активна во Северна Македонија од нејзиното основање во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучни инфраструктурни проекти, локални власти и мали бизниси. ЕИБ обезбеди финансирање од 1,6 милијарди евра за мали бизниси и проекти за транспорт, енергија и комунална инфраструктура. Својата техничка и финансиска експертиза ја става на располагање на своите локални партнери преку приспособени совети и техничка помош. За повеќе информации во врска со проектите на ЕИБ во Северна Македонија, посетете ја Северна Македонија и ЕИБ.