дома блог страница 562

Јорданчо Рујаноски најдобар полицаец за 2024 година во Полициското одделение Кривогаштани

Јорданчо Рујаноски 31-годишен полициски службеник од Полициско одделение Кривогаштани при СВР Битола, е избран за најдобар полицаец за 2024 година.

Рујаноски веќе 5 години работи во службата, а неговата желба е да помага на сите каде што е потребна помошта од полицијата.

-Пет последователни години исполнети со истрајност, работа, ред, дисциплина, пожртвуваност и многу непроспиени ноќи. Ако ме прашате од каде наоѓам мотивација и ентузијазам за работата, jас ќе ви одговорам дека љубовта и желбата за помош на другите од секогаш биле и ќе останат моја ѕвезда водилка која ми го осветлува патот и ме води низ предизвиците кои секојдневно ни ги сервира животот. Патот не е лесен, затоа што пред се за да се биде полициски службеник треба да се биде добар човек, човек кој се грижи за безбедноста на граѓаните. Некои работи немаат цена, туку имаат вредност. И за крај… Успешни луѓе се тие кои го работат тоа што го сакаат. Верувај во твојот сон еден ден ќе ти се исполни – напиша Рујаноски на ФБ.

Храмот Св. Петка со повик: Донесете ги децата кај новороденчето Христос, па преку причесна да се соединат со него

Покана од храмот Св. Петка:

Драги деца, за неколку дена ќе го славиме Божик – празникот исполнет со радост и значење за сите семејства. Божикното празнување е целосно кога вие, младенците, со вашите чисти срца и искрени насмевки ќе дојдете при јаслите на Богомладенецот, како ангелите кои пееја: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја.“

Богомладенецот, Кој наскоро ќе го прославиме, ја покажува својата голема љубов кон децата. Тој рече: „Оставете ги децата да дојдат кај Мене“, и додаде: „Зашто на таквите им припаѓа Божјото царство“ (Мк. 10, 14). Со својата едноставност, чистота и искреност, вие сте пример за сите нас, возрасните, кои треба да ги следиме вашите добродетели за да станеме Божји деца.

Затоа, како што Христос ги повикувал децата да појдат при Него, и ние како храм, повикуваме и советуваме: Дојдете кај Новороденчето Христос! Вие родители, баби, дедовци, донесете ги младенците при Богомладенецот па преку причесната да се соединат со Него. На овој голем ден, апелираме и советуваме децата да се причестат. Пост не е задолжителен за децата особено за оние до седумгодишна возраст ниту, пак, некој друг (мајка, баба …) треба да пости за нив. Утрото пред богослужбата младите треба да бидат гладни и жедни, освен бебињата до едногодишна возраст.

Драги деца, Бог ве сака! Овие празници се ваши, и ви посакуваме да ги поминете во радост, мир и љубов со вашите семејства. Љубовта што ја чувствувате треба да ја споделите со сите околу вас, за да донесете светлина таму каде што е најпотребна.

Со радост ве очекуваме во нашиот храм „Св. Петка“ за да ја доживеете Божикната радост и да ја проследите изложбата на творбите од вашите врсници, создадени во чест на празникот. Божик е празникот на љубовта, мирот и радоста – празник токму за вас, децата!

В.д. старешина на храм “Св. Петка” -Точила
Протоереј Љупче Петрески

Доаѓа студен бран: Попладне очекувајте дожд и снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. По одделни котлини претпладне ќе има појава на магла. Попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд во пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта кон сабота врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и наместа ќе бидат пообилни (20 л/м2).

Од УХМР информираа дека поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер, врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла. Во вечерните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а во текот на ноќта во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува слаб јужен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.

Во сабота претпладне времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските, а во повисоките места и на планините и од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. На планините снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места. Попладне облачноста ќе се намали. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со појава на магла по котлините.

Се омажи Мелиса Зијадиќ, талентираната девојка од прилепско Лажани која беше финалистка на “Ѕвездите на Гранд” (ВИДЕО)

Мелиса Зијадиќ, супер талентираната девојка, која минатата година беше финалистка на шоуто “Ѕвездите на Гранд”, заполови во брачните води.

Преубавата девојка од долненско Лажани, која плени со својот глас и редовно го воодушевуваше жирито во Гранд, денеска го напушти татковиот дом и стана невеста во семејсвото Ахмедоски.

Нејзин избраник е Ајдин Ахмедоски, инаку внук на еден од најпознатите пејачи на овие простори, Јашар Ахмедоски.

Според обичаите, денеска беше побарана раката на Мелиса и се одржа гламурозно испраќање на невестата, а главната веселба – свадбата, ќе се одржи во август годинава.

Младите зрачеа од убавина и ги пленеа погледите на најблиските.

Погледнете дел од атмосферата на семејната веселба:

Mицкоски поканет на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е еден од европските лидери кои добија покана за присуство на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД а 18 јануари.

Македонскиот премиер на 20 јануари ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл.

Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски.

Можни се и средби со Ричард Гренел, пратеник за специјални мисии на претседателот на САД, со државниот секретар Марко Рубио и со Илон Маск, кој е назначен за шеф на Министерството за владина ефикасност.

Посетата ја потврди и премиерот во интервјуто за МИА.

– Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот – вели Мицкоски.

Прилепската болница со доделување благодарници им оддаде признание на сите донатори во 2024 година (ФОТО)

Прилепската општа болница со проширена дејност “Борка Талески”, со доделување благодарници им оддаде признание на сите донатори за нивната хуманост во 2024 година.

-Нека нивната хуманост во Новата 2025 година биде пример и за другите компании кои што се во можност да изразат хуманост за подобри услови на сите наши пациенти! На нашите граѓани им посакуваме многу здравје во годината што е пред нас! Не заборавајте да се посветите на сопственото здравје, правете редовни прегледи, а ние како здравствена установа ќе настојуваме секој од вас да добие квалитетна здравствена услуга. Среќна и бериќетна 2025 година – напишаа од болницата на социјалните мрежи.

Прилепчанец кој живее и работи во Америка, донираше спортска опрема за најмладите од тенискиот клуб “Топ спин” од Прилеп (ФОТО)

Гастарбајтерот од Прилеп, Љупчо Костоски – Бубио, ги посети најмладите членови на тенискиот клуб “Топ спин” и им подари колетчиња, како и тениска опрема и топки.

Донацијата е повеќе од добредојдена за клубот, чии млади надежи сега ќе можат да учествуваат на сите првенства во државата кои ги организира Тениската федерација.

Костоски кој живее и работи во Америка важи за човек со големо срце, кој редовно на најразличен начин помага спортски клубови, организации и културни настани во својот роден град.

Честитки за убавиот гест и веруваме дека ќе биде поттик за други нашинци од дијаспората да го направат истото во иднина.

Празникот Св. Игнат традиционално одбележан кај параклисот на Плетвар (ФОТО)

Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.

Во Прилеп празникот традиционално се одбележува кај параклисот посветен на светецот, кој се наоѓа на патот Прилеп-Градско, кај Плетвар.

И оваа година од рано наутро голем број верници го посетуваа параклисот, запалија свеќи за здравје и уживаа во топлото време.

Нека е за многу години и напомош!

Кога свети Игнатиј бил дете Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Бил ученик на ап. и ев. Јован Богослов. Во народното верување на овој ден започнале родилните болки на Пресвета Богородица. Како што се пее во народните песни: „Се замачи Божја мајка, од Игната до Божика“.

Се пофалил со строго забрането – заменик директорот на Македонија пат убил мечка? (ФОТО)

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, објави фотографии од заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, фотографиран со мечка што ја застрелал во декември.

-Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Фотографиите до кои дојде „Анима Мунди“, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи – реагира здружението.

Тие велат дека станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.

-Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин? Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години – додаваат од „Анима Мунди“.

Од Здружението порачаа дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и вооружен до заби убива.

„Анима Мунди“ најави дека ќе поднесе кривична пријава против Дранго, и очекуваат негово разрешување од функцијата, бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат.

-Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон – порачаа од Здружението.

Запросување на Нова година на ски центарот “Стрежево” – Битолчанецот Борис ја побара раката на својата сакана Николина (ФОТО)

Нема правило за нови почетоци… Нова година, нов почеток, нека е полн со среќа, љубов и успех… На младите им посакуваме многу разбирање и љубов, да се чувате еден со друг, а на сите вас ви посакуваме безгрижна година со многу радост и убавини. Нека им е со среќа во заедничкиот живот – напишаа од ски центарот “Стрежево” на социјалните мрежи, откако битолчанецот Борис на Нова година ја побара раката на својата сакана Николина, на ски стазите од македонскиот убавец Пелистер.

Токму на Нова година, Борис на големо платно напиша “Омажи се за мене”, потег кој ги изненади присутните кои го поддржа во убавиот гест, a од неговата сакана Борис доби “ДА”.

Да им посакаме среќа и долг заеднички живот!