дома блог страница 556

„Медицинска сестра во заедницата“ за изнемоштените лица – нов проект на Центарот за развој и едукација од Прилеп (ВИДЕО)

Се’ помасовното иселување на младите од земјава, во последниве години создава се’ поголем број на возрасни и изнемоштени лица кои остануваат сами да се грижат за себе, иако повеќе не се кадарни за тоа. Исправени пред овој нов и доста сериозен предизвик, а со цел да им помогнат на ваквите лица, од здружението Центар за развој и едукација од Прилеп веќе работат на нов двегодишен пилот проект – „Медицинска сестра во заедницата“, при што корисниците на оваа услуга од стручни медицински тимови ќе бидат посетувани во нивните домови – објави “АЛФА ТВ”

„Тоа значи дека ќе имаме мобилни тимови со медицински сестри, дека во рамките на проектот и со финансиската поддршка од проектот ќе се обезбеди и дополнителна опрема во домовите, и на лицата би им пружиле и медицинска грижа, воедно физио-терапија, психо-терапија, а ќе имаме и дополнително вработување на професионален кадар од овој тип“, – изјави Марина Тошеска од Здружението – Центар за развој и едукација, Прилеп.

Според Тошеска, во наредните две години, додека трае проектот, ќе се работи на следењето на бенефитите и продобивките што ги носи оваа услуга, со надеж дека понатаму и таа ќе стане достапна преку релевантните институции на државата, како што беше случајот и со претходниот проект „Помош и нега во домот“, а кој од месец август премина под капата на Министерството за труд и социјална политика. Ова значи дека во иднина Министерството ги презема финансиските импликации за оваа услуга да стане дел од системот за социјална заштита и услуги на ниво на држава. Со ставањето на ваквите социјални услуги под ингеренции на државата, Македонија се вбројува во земјите кои прават сериозен исчекор напред во институционалната грижа за оваа категорија граѓани која кај нас станува се’ побројна, велат упатените.

Каролина Дурло

Почна сезоната кај борачите, а со тоа почнаа да се редат и медалите за БК “7-ми Мај” од Прилеп – Ангела Трајкоска вистински шампион на турнирот “Јован Димитров” во Неготино (ФОТО)

На Меморијалниот турнир “Јован Димитров 2024”, кој изминатиот викенд се одржа во Неготино, Боречкиот клуб “7-ми Мај” од Прилеп настапи со 7 борачи и ги забележа следниве резултати:

Во категорија до 35 кг. во братското финале Христијан Аризанкоски беше подобар од Стефан Аризанкоски и го освои првото место.

Анабела Стојаноска го освои третото место во категорија до 49 кг., Марија Вејланоска беше втора во категорија до 46 кг., Андреј Тренкоски беше трет во категорија до 52 кг., а Петар Стојаноски беше трет во категорија до 60 кг.

Витински шампион беше Ангела Трајкоска, која го освои првото место во категорија до 49кг., а потоа беше прогласена и за најдобар техничар на турнирот.

Прилепските борачи и борачки на турнирот беа предводени од тренерот Теодора Димеска, која беше задоволна од прикажаните борби.

Ова воедно ова беше и последен тест за прилепските репрезантативки пред Балканското првенство, кое од 3-6 октомври ќе се одржи во Скопје.

Сто дена Влада: Мицкоски ќе ја презентира досегашната работа

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ќе ги презентира резултатите од првите 100 дена од работата на Владата. Под слоганот „100 проценти посветени, за тебе!“, премиерот ќе ги прикаже постигнувањата, проектите и мерките кои беа реализирани од новото раководство откако ја презеде извршната власт.

Меѓу активностите што го одбележаа работењето на Владата, покрај транзициите на функционерските позиции и ребалансот на Буџетот, се и задолжувањето од половина милијарда евра од Унгарија, од кои средства ќе се реализира повикот за финасирање инфраструктурни проекти на општините, како и поддршка на стопанството. Исто така и линеарното зголемување на пензиите што стартува од денеска во износ од 2.500 денари, а за уште толкав износ пензионерите ќе имаат покачување и од март следната година, како што е предвидено во неодамна донесените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Покрај борбата против криминалот и корупцијата и реформите во судството и во администрацијата што ги ветува Владата, меѓу предизвиците остануваат и високите цени на храната, за што неодамна донесе одлука за ограничување на профитните бруто маржи на 73 прехранбени производи, а се очекуваат пониски цени и со Законот за забрана на нефер трговски практики, што беше донесен пред шест месеци. Исто така, барањата за зголемување на платите од Сојузот на синдикатите на Македонија, од Синдикатот на вработените во образованието и науката….

На внатрешно-политички план актуелен предизвик е Предлог законот за бранители, што предизвика превирања меѓу коалициските партнери, а на полето на евроинтеграциите минатонеделната одлука за одвојување на Албанија од државава на европскиот пат, односно одложувањето на стартот на преговорите до исполнување на обврската за уставните измени.

Во периодот на новата Влада, Уставниот суд на иницијатива на поранешниот состав на Антикорупциската комисија донесе времена мерка за запирање на вработувањата по етнички клуч преку алатката „Балансер“, а ресорното Министерство за јавна администрација веќе испрати насоки до институциите како да постапувааат при јавните огласи.

Првите 100 дена од Владата веќе ги одбележа коалицискиот партнер Вреди, а лидерите на партиите од коалицијата на настан под слоганот „Преминуваме на дела“, порачаа дека следува институционална борба за санкционирање на сите кои се огрешиле пред законот од минатата Влада. Оценија дека за изминатите сто дена имаат направено значителна разлика со албанската опозиција и оти приоритети за иднината вклучуваат реформи во јавната администрација, енергетска транзиција и развој на човечки капитал.

Новата Влада беше избрана на 23 јуни и ја сочинуваат партиите ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди. Владата има вкупно 20 министерства, додека владиниот кабинет брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Има пет вицепремиери и еден прв вицепремиер. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

На гласањето на Владата со таков состав претходеа измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со двотретинско мнозинство. Со нив се изврши промена на бројот на министерствата и менување на делокругот на надлежностите на дел од постоечките министерства во Владата. По ангажманот на градоначалниците на Аеродром, Сарај и Гостивар во извршната власт, со двотретинско мнозинство, обезбедено со дел од пратениците од опозицискиот Европски фронт, неодамна беа изгласани и измени на Законот за локална самоуправа, со кои се продолжи до следните локални избори мандатот на в.д. градоначалниците.

СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: ЦАЦИ ќе го каже среќниот добитник од наградната игра на “АВТО КОНТРОЛ”

Една од најпознатите компании од Прилеп – АВТО КОНТРОЛ, по повод 10-годишниот јубилеј, организираше вредна наградна игра за сите клиенти кои при регистрација извршија технички преглед на возило во нивната станица за технички преглед.

Главната награда – скутер oд марката Yuki Margherita 50 CC, ќе биде извлечена денеска во 10 часот, а добитникот на овој прекрасен скутер ќе го соопшти неповторливиот Бубо Каров.

Следете го извлекувањето ВО ЖИВО на Фејсбук СТРАНАТА НА КОМПАНИЈАТА: АВТО КОНТРОЛ – Станица за технички преглед

-Ви благодариме што сте дел од нашата приказна и што ни ја укажувате вашата доверба, велат од “АВТО КОНТРОЛ”

Битолскиот театар започна со пробите за одбележување на јубилејот – 80 години постоење (ФОТО)

Ансамблот на НУ Народен театар – Битола, започна со пробите за претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, која на 14.ноември ќе биде изведена по повод 80 години постоење на оваа институција.

Јубилејот ќе го одбележат токму со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.

„Целата екипа е веќе на сцена, подготвена да ви го донесе ова ремек-дело кое ја доловува душата на македонската култура и историја. Не пропуштајте ја шансата да бидете дел од овој незаборавен театарски момент“, истакнуваат од Битолскиот театар.
На сцената ќе настапат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните.

„Сметам дека овој театар има потенцијал да се врати таму каде што беше, имаме потенцијал да бидеме повторно најобриот театар во Македонија, да го оправдаме приматот дека сме најстариот театар во државата каде за прв пат се проговорило на македонски јазик. Овој театар е идентитетски столб на Битола, културен храм каде се создава уметноста“, истакна на последната прес конференција директорот Васко Мавровски.

Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година, почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови. Низ годините Битолскиот театар стана бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, претставувајќи ги насекаде во светот.

ФАНТАЗИЈА! Витаминка организираше СЕМЕЕН ДЕН за вработените и нивните семејства – акробати, забава, музика… (Фото галерија)

Изминатиот викенд, Витаминка организираше Семеен ден, каде беа присутни повеќе од 500 вработени заедно со нивните семејства од Прилеп, Штип и Скопје.

Еднодневниот настан кој се одржа во кругот на компанијата, беше исполнет со забава, спортски активности и дружење и создаде незаборавна атмосфера за сите присутни, истакнувајќи ја посветеноста на Витаминка за одржување на позитивен корпоративен дух и зајакнување на тимската работа.

„Семејниот ден е еден од настаните кои се од најголемо значење за нас, бидејќи ни дава можност да се поврземе на еден посебен начин, не само како колеги, туку и како големо семејство“, велат од компанијата. „Ова е можност за нашите вработени да ги запознаат своите колеги во неформална и пријатна атмосфера, додека нивните деца и семејства уживаат во забавата и активностите“.

Програмата на настанот вклучуваше голем број активности за сите возрасти, од спортски игри до интерактивни работилници за децата, како и музичка програма со Викторија Лоба. Со создавање на можности за релаксација, дружење и тимско градење, Витаминка продолжува да се грижи за добросостојбата на своите вработени и нивните семејства.

Семејниот ден е дел од пошироките напори на компанијата за градење на позитивна работна култура и поттикнување на здрав баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот на своите вработени.

Kривични за шестмина прилепчани: Во семејниот дом нападнале двајца браќа и сестра, употребиле и тврди предмети

-СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.А.(24), Е.А.(48), Џ.А.(34), З.А.(41), А.М.(28) и Ш.А.(74) сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 18.08.2024 во домот на К.Ф. поради претходна меѓусебна расправија, пријавените почнале да му упатуваат закани, а во расправијата се вмешале братот на К.Ф., А.Ф. и нивната сестра Ш.Ф., со намера да ја смират состојбата, но пријавените физички ги нападнале К.Ф., А.Ф. и Ш.Ф., а употребени биле и тврди предмети – информираат од СВР Битола.

Левица го тужи прилепскиот новинар од “Канал 5”, Гоце Михајлоски

Зборува за Асанж и бара македонски новинари да гнијат в затвор, објавува еден од тужените новинари, главниот уредник на Канал 5 Гоце Михајловски, кој открива дека лидерот на партијата Левица Димитар Апасиев бара зандани за објавен партиски документ.

,,Кога ќе го слушнете лажниот месија како беседи за Асанж и “расипаниот Запад”, имајте на ум дека бара новинари да одат во затвор оти објавиле некаков безначаен партиски документ”, пишува Михајловски.

Предходно Здружението на новинарите на Македонија објави дека Апасиев поднесоол таканаречена SLAPP тужба против новинари.

,Партијата Левица поднесе приватна кривична тужба против Гоце Михајловски и Михаела Димовска од Канал 5 за неовластено објавување на партиски документ. Овој случај содржи елементи на SLAPP тужба, чија цел е заплашување и замолчување на медиумите.

👉SLAPP тужбите се удар врз слободата на медиумите”, објави ЗНМ.

Бензините поевтинуваат од полноќ

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за половина денар по литар, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,19 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 74,5 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 76,5 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) останува 67,5 денари за литар, додека Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за половина денар и ќе чини 67 денари.

Со одлуката на РКЕ за 0,155 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 41,672 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 0,339 отсто, кај дизелот има зголемувањето е за 0,612 отсто, кај екстра лесното масло за 2,039 отсто, додека кај мазутот има намалување за 0,206 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,2553 отсто.

82-годишен дедо од прилепско, полово вознемирувал малолетници – доби кривична пријава

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против П.Н.(82) од прилепско село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полово вознемирување“.

На 26.08.2024 во селото, пријавениот, полово вознемирувал три малолетници – информираат во билтенот на МВР.