дома блог страница 553

Градоначалникот објави како се чисти снегот: Научна фантастика за голем број општини (Видео)

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, објави како во градот под Исарот се справуваат со снежните наноси.

https://www.facebook.com/share/v/12EDCLwB43o/

Научна фантастика за голем број општини!

Проект вреден 37.300.000 евра: Премиерот Мицкоски утре ќе ја пушти во употреба делницата Градско-Дреново

Премиерот Христијан Мицкоски утре во 11 часот ќе присуствува и свој говор ќе има на пуштање во употреба на делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш).

Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус 1 километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат.

Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.

Делот што се пушта во употреба содржи 3 клучки Градско, Росоман, Дреново, 4 вијадукти, 1 мост, 4 надпатници и 3 подпатници.

Повторно поскапување на горивата од полноќ: Ова се новите цени

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која цените на нафтените деривати се зголемуваат од полноќ.

Согласно одлуката, малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,50 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,426 ден/кг и сега ќе изнесува 45,285 ден/кг.

Од 14.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 79,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 81,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,285 (денари/килограм)

Без засилувања во одбраната, РК Прилеп ги започна подготовките

Ракометарите на РК Прилеп ги започнаа подготовките за вториот дел од суперлигашката сезона. Aко во првиот дел најслаба алка во тимот на Божидар Мојсов беше одбраната, се чини така ќе биде и во пролетната полусезона.

Тимот неодамна го напушти пивотменот Томче Трајчески, кој важеше за еден од подобрите поединци, а засега замена за него нема.

Ракометните вљубеници од Прилеп велат дека најдобро решение во една ваква ситуација, и решение кое нема да предизвика поголеми финансиски импликации, е враќање на екс капитенот Филип Велески на терените.

Велески кој со крајот на минатата сезона стави крај на играчката кариера, важеше за столб во одбраната и често неговите голови беа пресудни за бодови минатата сезона.

Останува во периодот кој следи да видиме како ќе реагира раководството и стручниот штаб на клубот.

РК Прилеп во првиот дел од сезоната забележа шест победи, два нерешени резултати и осум порази. Со 14 освоени бодови, прилепчани се на делба на седмото место, два помалку од Бутел на петтото место, кое води во плеј-оф разигрувањето.

Промоција на книгата „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски во фоајето на “Марко Цепенков” во Прилеп

Под мотото „Совреме муабети за современ театар “ на 15 јануари 2025 /среда / од 18.00 часот во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“, ќе се одржи промоција на книгата „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски, во која се објавени и осврти за претстави од театарот „Војдан Чернодрински“.

Промоцијата ќе ја модерира Оливера Андоноска.

Промотор ќе биде Габриела Стојаноска Станоеска.

Дизајн на насловна фотографија: Civette Production

– „Современи театарски осврти“ е иницијална збирка аналитички профилирани размисли на Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри. Оваа книга, со суфикс „1“, едновремено е најава и за втор дел од овие анализи кои умешно балансираат по работ на личниот есеистички израз и дискурзивниот пристап кон анализираната проблематика. Солидно исполнувајќи ги формалните естетски, стилистички и јазични филтри, ова четиво нуди удобност да се фокусираме на суштината и содржината на истото. Истовремено, со дистанцата од личните ставови преку обраќањето во граматичко трето лице множина, авторот се позиционира од страната на пошироката публика, а не како осамен и ригиден критичар. Со тоа, недвосмислено поканува на отворена, аргументирана и пријателска дебата за истите меѓу сите на кои театарот и драмската уметност им се од посебно и суштинско значење. Во време кога релевантната критика во доменот на литературата, уметноста и културата, генерално, во Македонија е целосно отсутна и непостоечка (ако некогаш и воопшто сме ја имале – покојниот академик Милан Ѓурчинов во едно негово обраќање во МАНУ беше категоричен уште во првата реченица: „Во Македонија не постои критика“), ова дело можеме да го поздравиме како благородна претходница за сите слични публикации, муабети и споделени искуства од кои ќе излеземе духовно и естетски побогати – вели Александар Еленин за книгата на Димоски.

Денеска се празнува Преподобна Меланија Римјанка

Родена е во Рим од благочестиви и многу имотни родители. Родителите ја присилија да стапи во брак со некој угледен млад човек по име Апинијан. Кога го роди второто дете, таа се разболе и му рече на мажот ѝ дека ќе може да оздрави само ако тој се заколне пред Бога дека во иднина ќе живее со неа како брат со сестра. Мажот ѝ се заколна, а таа од духовна радост и телесно оздраве. Потоа Му беше угодно на Бога па им ги зеде двете деца, а тие се решија да го распродадат сиот свој имот и да им го раздадат на сиромасите, на црквите и на манастирите. Многу патуваа по странските земји и градови вршејќи добри дела од своето богатство.

Ги посетија прочуените духовници во Горен и Долен Египет и од нив многу се научија и се вдахновија. За сето време Меланија се подвизуваше во строг пост, срдечна молитва и читање на Светото Писмо. Имаше обичај секоја година трипати да го прочита целото Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет. Со мажот ѝ живееше како со свој брат и соподвижник. Кога дојдоа во Александрија, зедоа благослов од светиот патријарх Кирил. Потоа заминаа за Јерусалим и се населија на гората Елеонска. Овде Меланија се затвори и целата се предаде на богомислие, пост и молитва. И така проживеа четиринаесет години. Потоа излезе да им послужи на другите на патот кон спасението. Основа машки и женски манастир. На покана од својот роднина сенаторот Волусијан, незнабожец, појде во Цариград и го обрати него во верата Христова (иако претходно блажениот Августин не успеа во тоа).

Потоа, повторно се врати на Елеонската гора и таму се упокои во Господа, во 439 година, во педесет и седмата година од нејзиниот живот.

Нафтата се поскапа: Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика денеска попладне ќе ги објави новите цени по кои по полноќ ќе се продаваат нафтените деривати на бензинските пумпи низ Македонија.

Минатата недела Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми цените и тоа за 1 денар на бензинот и за 1,5 денари на дизелот.
Во моментов 95 октанскиот бензин чини 78 денари, 98 октанскиот 80,5 денари а дизелот се продава по 72,5 денари. Тоа е највисока цена на горивата од август минатата година.

Имајќи ги предвид движењата на цените на светските берзи, очекувано е и денеска да добиеме ново поскапување.

Цената на суровата нафта во моментов се движи над 81,5 долари за барел што е значително повеќе од оние нешто над 77 долари по кои нафтата се продаваше на крајот од минатата недела.

Вечер е Стара нова година, а утре Василица и Обрезание Господово

Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Стара нова година, која почнува утре на Василица (1 / 14 јануари).

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

Инаку, Црквата си има свое празнување и почеток на Новата година, но тоа се случува на 1 / 14 септември.

Поради снегот, автобусите на градскиот превоз Прилеп нема да сообраќаат по овие улици

Важно известување од јавниот градски превоз Прилеп до граѓаните:

-Се информираат сите корисници поради временските услови има измена во возниот ред на сите три линии и тоа:

-Линија 1 не оди до Салида (Могила), исто така не поминува и пред болница, се движи пред стадион.

-Линија 2 сообрајќа до Стерна (не поминува на болница и Ридтекс), за Точила се движи по улица “Марксова” и не оди до факултет.

-Линија 3 се движи по “Александар Македонски” и не поминува по улица “Петта Прилепска бригада”.

Снег вее низ цела Македонија – на овие патни правци е воведена забрана за камиони

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонијапат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава, информира АМСМ.

Од 06:30 часот е нормализирано движењето за тешки товарни возила на автопатот А1 од клучка Демир Капија до клучка Смоквица.

Активни забрани за движење на камиони има патните правци Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, на Пресека, Плетвар, Ѓавато, Струга – г.п. Ќафасан, Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема) и Струмица – Берово

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.