дома блог страница 551

Ја напуштија седницата, ама паушалите од над 400 евра си ги зедоа? (ВИДЕО)

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа 55-та седница, каде на дневен ред беа 30 точки, каде се разгледуваа и усвојуваа финансиските извештаи за 2025 година на јавните комунални претпријатија и финансиските извештаи на образовните институции.

Опозицијата на стартот ја напушти седницата, со образложение дека не сака да присуствува, бидјеќи информацијата за зимското одржување, како дополнителна точка на дневниот ред предложена од нив, не е ставена на дневен ред.

„Се надевавме дека градоначалникот Борче Јовчески ќе се свести и ќе ангажира повеќе фирми да го чистат снегот. Градоначалникот не не’ удостои со неговото присуство и наместо да биде овде, тој на неговиот фејсбук објавува слики како дели парички.
Заради тоа, нашата советничка група ќе ја напушти оваа седница за побрзо да ја завршите, а потоа со истите лопати од пожарите со кои се сликавте, да излезите и да го исчистите снегот“
, порача советникот Никола Мариноски.

Притоа советниците од опозицијата не се изјаснија дали со денешното напуштање на седницата на Советот, се откажаа и од месечните хонорари, кои изнесуваат нешто над 400 евра.

Овие паушали народните избраници во Советот ги добиваат редовно секој месец, за една до најмногу две седници…Па редно и чесно пред граѓаните би било ако не се учествува во работата на некоја седница, да не се трошат и пари за хонорари.

Бил вработен во казино и зел пари од прометот – Битолчанец заработи кривична пријава

-СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Г.(33) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“.

На 15.11.2024, пријавениот одзел пари од дневниот промет во казино во Битола, во кое бил вработен – информираат од МВР.

Знамето со сонцето од Кутлеш забрането во Хрватска: Важна информација за македонските навивачи

Хрватската ракометна федерација го објави кодексот на однесување на навивачите што ќе бидат присутни во Пореч, Вараждин и Загреб на натпреварите од Светското првенство.

Нивното известување вели: „За безбедност и пријатно искуство на сите посетители, ве молиме придржувајте се до следниве правила за внесување знамиња во салата“.

1. Максимални димензии на знамето: 200 cm x 150 cm (2 m x 1,5 m)

2. Забрането:

-Знамиња кои го покриваат погледот на другите гледачи.

-Знамиња со навредлива содржина или политички пораки.

3. Дозволени се само официјалните знамиња на земјите учеснички на првенството.

Објавено е точно кои знамиња смеат да бидат внесени во салата. Меѓу нив е официјалното државно знаме, но познато е дека навивачите често доаѓаат со знамето со сонцето од Кутлеш. Тоа сега е забрането.

Листата на предмети забранети за внесување во салите за време на натпреварите може да ја најдете ТУКА.

Деталите за внесувањето на знамињата може да ги прочитате ТУКА.

Валентина Конеска е среќниот пронаоѓач на паричката за Василица во Прилеп

Валентина Конеска е среќниот пронаоѓач на паричката за Василица оваа година во Прилеп. Настанот “За Василица во Прилеп”, четврта година по ред се одржа на платото пред Градскиот Саат, каде општина Прилеп во соработка со неколку општествено одговорни пекари, и оваа година подели над 600 парчиња бурек, а во едно од нив имаше паричка.

Најсреќна од сите беше Конеска, која денеска доби пригодни подароци од градоначалникот на општината, Борче Јовчески.

-Денеска имав чест и задоволство да остварам средба со Валентина Конеска, која вчера беше најсреќна на манифестацијата „На Василица во Прилеп 2025“, со наоѓање на паричката во бурекот – симбол на среќа и благослов.

На Валентина и посакав најискрени желби за многу здравје, среќа и успех, како неа, така и на нејзината фамилија.

Овој настан уште еднаш ја покажа убавината на нашите обичаи и важноста од нивното зачувување. Да продолжиме да ги негуваме заедно, затоа што тие се темелот на нашата заедница и култура – напиша Јовчески на социјалните мрежи.

(ФОТО) Снегот го сруши кровот во градскиот пазар во Прилеп – нарушена безбедноста на пазарџиите и купувачите

Снежните врнежи кои деновиве ја зафатија општина Прилеп им приредија големи потешкотии на градските власти.

Освен чистењето на улиците и пешачките патеки, каде голем број граѓани реагираат со критики, особено за расчистувањето на споредните улици, вистинска катастрофа се случи и во градскиот пазар, каде падна дел од кровот.

Завеани со снег се повеќе тезги, а нарушена е безбедноста како на пазарџиите, така и на купувачите.

За состојбата со покриениот дел на пазарот, каде кровот е дотраен и е потребна итна реконструкција, реакции имаше и во минатото, а сега се докажа дека раководството на ова јавно претпријатие требало да реагира многу порано.

Реакција стигна и од ОО СДСМ Прилеп, од каде објавија фотографии и побараа оставки:

Познати финалистите за избор на градоначалник? Едниот нудел оставка од пратеник?

По бурните и слабопосетени средби со членството, неофицијално се искристализирале два кандидати од СДСМ за градоначалничката функција во Прилеп.

Иако се очекувало еден од нив да е Кристијан Пиличев, во последен момент неговото место наводно го зазел Пачешкоски, можеби и оправдано, бидејќи и тој долго време беше дел од високата политика и носител на најзначајните функции.

Но, по се изгледа пресуден ќе биде моментот и потегот на вториот кандидат, кој според нашите соговорници убеден во неговиот рејтинг и победата на локалните избори, ја понудил и оставката од пратеничката функција?

Тоа е голем потег и доказ како се сака партијата и членството.

Вечниот функционер Талевски, од тој момент се смета за најсериозен кандидат за татко на градот. Следната недела ќе се знае и поконкретно начинот на избор и гласањето во ова финале. Секој си има свој табор и тим што би застанал зад него.

На неколку часа од првиот натпревар на СП, тpaгедиja ја потресе ракометна Македонија

Ракометната федерација на Македонија се прости од поранешниот македонски репрезентативец и тренер, Александар Јовиќ кој почина ненадејно ноќеска.

-Почина Александар Јовиќ – човек кој сиот свој работен и животен век го посвети на ракометот. Ракометната и спортската јавност, денес изгубија вреден спортски работник , Ракометната Федерација на Македонија упатува искрено и длабоко сочуство до семејството на Јовиќ, стои во објавата на РФМ.

Јовиќ почина на 51-годишна возраст, а последно работеше како тренер на македонскиот суперлигаш Пролет.

Низ тренерската кариера беше асистент на Лино Червар во Металург, а самостојно го водеше и Металург 2 и Еурофарм Пелистер со кого стана шампион на Македонија.

Како играч, Јовиќ беше дел од Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец од Македонија, како и Болоња од Италија, Сплит од Хрватска, Апатин од Србија, и Слобода Тузла од БиХ.

Ќе направат крст во замрзнатите води! И оваа година празникот Водици ќе се одбележи кај езерцето на Плетвар, пријавувањето е во тек

Она што пред неколку години го започнаа триесетина спортисти и ентузијасти од Прилеп, денеска прерасна во една прекрасна традиција.

И оваа година големиот христијански празник Богојавление – Водици, ќе се одбележи со осветување на водите во езерцето кај Плетвар.

Изминатите години настанот доби голема масовност и голем интерес кај прилепчани, а голем број учесници се очекуваат и оваа година.

Интересно е тоа што во годините кога езерцето беше замрзнато, организаторите правеа крст во мразот, а учесниците влегуваа во ледените води.

Оваа година домаќини и кумови се: Валентин Трајкоски, Даниел Димоски, Тони Дамкоски, Александар Најдоски и Бојан Минчески, кои ги покануваат сите верници и посетители кои сакаат да бидат дел од овој настан, да се јават на телефонскиот број: 078 520 792, или во порака најкасно до 17-ти јануари.

Кривична пријава за 17-годишно момче од Прилеп – злоупотребил туѓи податоци од картичка и плаќал преку мобилен

-Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против 17-годишник од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.

Во периодот од 19.08. до 23.08.2024 во Дојран, пријавениот искористил прилика и неовластено обезбедил податоци од дебитна картичка на едно лице, по што со мобилен телефон од друго лице извршил четири трансакции со картичката – информираат од МВР.

Прилепчанка ограбена на улица во Аеродром

-На 13.01.2025 во 13.00 часот во СВР Скопје, Љ.С.(28) од Прилеп пријавила дека на 10.01.2025 околу 23.08 часот на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила ѝ ја одзело чантата со документи, пари и други предмети.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од МВР.