дома блог страница 519

МВР се огласи за видеото со непрописно паркираното „порше“: Возачот е казнет, но не е полицаец

Во врска со видеото на социјалните мрежи на кое се гледа непрописно паркирано возило со скопски регистарски ознаки на територија на Дебар Маало во Скопје, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека конкретниот настан се случил на 22.03.2025. Имено, возилото е подигнато од страна на ПОЦ, а од страна на СВР Скопје преземени се мерки по член 63 став 6 од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и на возачот на возилото С.К. издаден му е платен налог. Исто така ве информираме дека предметното возилото не е на полициски службеник.

Во врска со постапувањето пак на полициските службеници при подигнувањето на возилото, веќе постапува Одделот за внатрешната контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и по завршување на целокупната постапка соодветно ќе ја известиме јавноста.

Петти и последен Акатист од Великиот пост денеска во црквата Параклис и предавање на тема: “Љубовта како начело во Благодатта Божја”

Во последниот петок од Великиот Воскресенски пост во храмот св. Кирил и Методиј – Параклис, ќе се служи Мало повечерие на кое ќе се чита акатист посветен кон Пресвета Богородица и ќе се осветува петтолебие за здравје и спасение на верниот народ.

Потоа ќе се одржи и предавање од овогодишниот циклус на предавања на тема: “Љубовта како начело во Благодатта Божја”, на кое ќе предава протоереј Дејан Секулоски , во просториите на административната зграда.

Воедно упатуваме и ПОКАНА до верниот народ на Прилеп со помасовно присуство на предавањето – стои во поканата од храмот Св.Кирил и Методиј.

Храбра наша Војвотко победоносна,
ние, слугите Твои од зло избавени,
песни пофални Ти воспеваме, Богородице.
Но Ти, Која крепост имаш непобедлива,
од секоја беда ослободи не, да повикуваме:
Радувај се, Невесто Неневестна!

Драма со паркирано “Порше” во Дебар Маало: Граѓани ја принудија пајак службата да го крене (ВИДЕО)

На социјалните мрежи е споделено видео на кое се гледа расправија помеѓу граѓани и пајак служба на ПОЦ поради непрописна паркирано „Порше Кајен“ во Дебар Маало.

Според она што се слуша на видеото возилото стоело повеќе од 4 часа на велосипедска патека а полицаецот кој е присутен заедно со вработените во пајак службата вели дека возилото е службено, сопственикот е полицаец на должност.

„Каква е таа должност четири саати пред кафеана, прашуваа граѓаните кои како што може да се види од објавата на социјалните мрежи го пријавиле случајот.

По неколку минутна расправија и откако полицаецот на должност се консултира со некого, пајак службата го крева возилото.

Пожарот во “Пулс” ја зеде и шеесеттата жртва – Почина управителот на фирмата, кој работел како шанкер во дискотеката

Почина Александар Карадакоски, кој што бил управител на ММММ Кафе дооел, кој што управувал и со дискотеката Пулс во Кочани во која изби пожарот и животот го загубија 59 млади лица. Според информациите тој всушност работел како шанкер во ноќниот клуб – објави “КУРИР”

Инаку, според медиумите Александар Карадакоски кој почина во Литванија всушност бил шанкер, а вистински газда на дискотеката „Пулс“ бил Дејан Јованов – Деко.

– Оваа дилема лебдeше во јавноста затоа што таканареченото кабаре Пулс има еден сопственик на хартија, а друг во реалноста. Александар Карадаковски е всушност шанкер во диското. Тој е сопственик на фирмата ММММ Кафе на која е издадена спорната лиценца за кабарето ПУЛС, а во реалноста е Дејан Јованов – Деки кој се јавуваше во сопственоста на фирмата Класик се до нејзиниот стечај 2023, беше објавено во емисијата “КОД”.

Карадакоски е 60-та жртва од трагедијата која што ги погоди Кочани и Македонија.

Карадакоски на лекување беше испратен во Литванија каде и починал.

Новото раководство на Победа воведува промени: Објавен оглас за нови тренери, влезниците бесплатни за деца и социјални категории на граѓани

Соопштение од фудбалскиот клуб Победа:

-Почитувани љубители на фудбалот, новото раководство на ФК Победа АД Прилеп изразува почит и се заблагодарува до сите навивачи што беа дел од минатиот натпревар и учествуваа во хуманитарната акција за помош на семејствата на настраданите жртви од Кочани.

Ве известуваме дека парите се донирани. Воедно ФК Победа АД Прилеп ве кани да бидете дел од следниот важен натпревар, кој ќе се одигра во сабота, 05.04., со почеток од 15:00часот, против Вардар Неготино, и тоа во што поголем број да дадеме поддршка на нашите играчи.

Како што е познато во јавноста ФК Победа во моментов се наоѓа во период на реорганизација, новото раководство донесе едногласна одлука со која клубот се смета за општествено одговорна организација и сите љубители на фудбалот кои се дел од ранливите категории на граѓани (социјални случаи, граѓани со физички хендикеп…) можат да ги подигнат своите сезонски билети во просториите на клубот.

Влезот за деца до 14 години исто така ќе биде бесплатен. Како дел од новите промени во клубот, ве известуваме дека ФК Победа има слободни позиции за тренери во академијата, сите заинтересирани кандидати може да ги достават своите резимеа на официјалниот е-маил на клубот, или во клубските простории.

Кандидатите треба да се на возраст до 35 години, да зборуваат англиски јазик и да имаат основно познавање за работа со компјутери, како и да поседуваат Б лиценца.

Клубот исто така информира дека влезници за натпреварот помеѓу Победа и Вардар Неготино можат да се набават и денеска, од штандот на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, лоциран кај Тргачо.

Протоереј Александар Стојаноски со реакција за хуманирарните концерти: Зарем место во црква, во страсната седмица ќе бидеме на концерти?

Откако Тамара Тодевска и Антонија Гиговска најавија хуманитарни настапи за семејствата на жртвите од пожарот во Кочани, нивната иницијатива предизвика поделени реакции. Тие од една страна добија поддршка за тоа што настапите ќе им бидат од хуманитарен карактер, но од друга страна добија и критики затоа што „никому не му е до играње и пеење“.

Реагираат и свештените лица, меѓу кои Протоереј Александар Стојаноски напиша: „Зарем место во црква ќе бидеме на концерти?“

-Се слушаат најави за хуманитарни концерти од некои пејачки, поконкретно од две, нема да ги именувам јавноста ги знае, за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, и тоа ни помалку ни повеќе во страсна седмица. Прво секој што сака и може да донира има сметки на кој може да се уплати, а можете и да ги побарате и лично да ги контактирате семејствата. И тоа е христијански однос. А концерт хуманитарен во страсна седмица? Луѓе зар ќе танцуваме и пееме во време кога е Христос плукан, исмеван и распнат? Зарем место во црква ќе бидеме на концерти? И на крајот после се што се случи, некому му е до играње и пеење? Изгледа најважните, духовните лекции не ги научивме. И на крајот да не бидеме лешинари, ако сакаме тајно да помагаме , а не да стекнуваме публицитет на големи хуманитарци, пеејќи и играјќи на Велики Четврток и Велики Петок , само четири недели по страшната трагедија. Мислењето во овој став е лично мое и ги изразува моите лични ставови и согледувања, пишува Протоереј Александар Стојаноски.

Како што може да се забележи и од коментарите Протоереј Александар Стојаноски доби голема поддршка од граѓаните. Погледнете повеќе во продолжение.

И покрај критиките, Тодевска најави хуманитарен концерт на 17 април во МКЦ Скопје. Гиговска, пак, викендов ќе настапува во Куманово и Штип, а својот хонорар ќе го донира преку платформата „Support Kochani“, со поставени кутии за донации.

Иницијативата доби и поддршка, но останува дилемата – дали времето за вакви настани е соодветно? Граѓаните со поделени мислења.

Делови од Прилеп и неколку населени места во долненско, утре ќе бидат без струја

ЕВН – Македонија информира за планирани прекини на електрична енергија, за утре (04.04.), во следните населени места во oпштина Прилеп и oпштина Долнени, и тоа:

-Викенд населба Кишовица и ул.,,Леце Котески” од 09.00 ч. до 11.00 ч. и с. Небрегово, с. Дупјачани и с. Дреновци од 09.30 ч. до 15.00 часот во ЕЛС- Долнени.

Витаминка го поддржа настанот на СОС Детско село, кој има за цел да обезбеди топол дом и сигурност за децата без родителска грижа

Македонскиот бренд број еден, прилепска ВИТАМИНКА, со гордост ја поддржа мисијата на СОС Детско село на настанот “ЕДНО СЕМЕЈСТВО”, кој собра над 150 претставници од 50 компании со заедничка цел – да се обезбеди топол дом и сигурност на децата без родителска грижа.

-Годинава фокусот беше на позитивното родителство и јакнењето на семејствата, со цел да се спречи раздвојувањето на децата од нивните биолошки семејства. Почесен гостин беше Н.Е. Мартин Памер, амбасадорот на Австрија, кој ја најави зголемената поддршка од австриските компании. Доделени беа признанија на 20+ компании кои направија разлика во животите на децата. Витаминка продолжува да биде дел од хуманоста што обединува – напишаа од компанијата.

СНЕГ ВО ПРОЛЕТ! Викендов драстичен пад на температурите во Македонија

Денеска попладне и во текот на ноќта, во западните, а утре во источните делови ќе има повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (над 15 л/м2), соопшти УХМР.

Во сабота ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во недела ќе има брз продор на студена воздушна маса од север и ќе има врнежи од дожд, на планините и на повисоките места од снег. Ќе дува засилен северен ветер, температурите значително ќе опаднат и врнежи од снег се очекуваат и во некои од пониските места. Во понеделник наместа ќе има провејување на слаб снег, а утринските температури на повеќе места ќе бидат негативни.

Потоа следува период на стабилно и постудено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нула.

Во Скопје, попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни (10 – 15 л/м2). Утре ќе се задржи променливо облачно време со повремен дожд. Во сабота ќе има преодно стабилизирање на времето, а во недела ќе биде претежно облачно, ветровито и студено со повремени врнежи од дожд. Во вечерните часови во повисоките делови од котлината ќе има услови за повремен слаб снег.

Мицкоски од собраниска говорница изваде документ против Левица и Апасиев: Kупиле деловен објект од 295.000 евра по само 721 евро за квадрат? (ВИДЕО)

Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев, искажа сомневање за кривично дело при купување нделовен простор по ниска цена во центарот на Скопје преку Универзална инвестициска банка. Апасиев, на денешната седница за опозициски пратенички прашања постави прашање до премиерот Мицкоски, за како што рече, неговиот однос и селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, и изрази сомнеж од опасност за несоодветни обвиненија.

– Политичката партија Левица купила деловен имот од 409 метри квадратни на адвокатската улица за 295.000 евра со ДДВ или 721 евро во центар на Скопје. Ќе ви кажам какво е ова кривично дело. Градот Скопје ви пресметал цена квадрат од 1.150 евра, па сте платиле данок во вредност од 739.285 денари. Ќе видиме дали е кога ќе се позанимаваат органите, рече Мицкоски.

Мицкоски во одговорот на прашањето од Апасиев посочи дека кога станува збор за кривични дела, се надева оти органите ќе имаат можност длабински да истражат што е тоа што претставува кривично дело.

– Тоа што јас можам да ви го кажам е дека со криминалците нема играње, вклучително и со оние кои се потенцијални криминалци. Без разлика од која политичка партија доаѓаат, дали се од СДСМ, дали се од ДУИ, Левица или од ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Апасиев рече дека е незадоволен од одговорот, а тоа што го прави Мицкоски го оквалификува како „реторика која се нарекува синдром на коза“ или „вербална дијареа“, дека зборувал за сè, само не за она што прашал. Апасиев, во репликата напомена дека не му било одговорено на поставеното прашање. Тој потврди дека партијата Левица купила простор подрумски простории и дека тоа е причината за ниската цена.

– Зборувате за сè освен за тоа што ве прашав. А тоа што ве прашав е всушност констатација дека вашите часовници вредат повеќе од таа зграда. Ние купивме подрумски простории со приземје, ете затоа е толкава сумата. Уште утре да ни поднесете кривична пријава. Исто како што јас следната недела ќе поднесам против вас, дело „Попречување на правдата“ и за кривични дела „Оддавање службена тајна“ одговори Апасиев.

Во тек на дебатата беа изнесени и ставови за обвинителите во истрагата, при што Мицкоски алудирајќи на Гаврил Бубевски рече дека првпат го сретнал на трагедијата во Кочани, а на што Апасиев прочита, како што рече, „препорака издадена во 2009 година од ВМРО-ДПМНЕ ОК Пехчево, на која се потпишани 8 членови на Партијата од комитетот во Пехчево, за вработување на Бубевски како јавен обвинител во Скопје.