дома блог страница 520

Ристески најавува драконски измени на законите: Наследивме хаос, се контролираа се’, следуваат измени кои ќе овозможат ред, безбедност и изрекување големи казни

Зголемување на безбедносните стандарди што ќе треба да ги исполнуваат сите објекти кои извршуваат угостителска дејност, поголема контрола на процесот на издавање на лиценци и утврдување на обврските на сите државни институции кои што се поврзани со целиот процес на издавање на лиценци, на овие теми и за тоа што точно ќе содржат законските измени кои ќе следуваат, во утринската програма на МРТВ зборуваше заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

-Според податоците од Државниот пазарен инспекторат, станува збор за фрапантни податоци на еден тотален хаос кој што се случувал во минатото, посебно со овие објекти поврзани со угостителството, а тука пред се’ ноќните клубови, дискотеки, вклучувајќи го и така нареченото кабаре кое во црно ја зави цела Македонија. Направени се 116 контроли, каде се контролирани овие лиценци за ноќни клубови и утврдено е дека 13 од нив не ги исполнуваат воопшто минимално-техничките услови, за кои е изречена забрана за вршење дејност, изречени се парични казни и е даден предлог да им бидат одземени лиценците. Исто така кај 10 угостителски објекти се откриени потполни неисполнувања на другите услови кои што се во законот. И кај нив е извршена забрана за дејност и изречени се парични казни. Шест од тие ноќни клубови, кабариња и дискотеки работеле со помината лиценца и кај нив е изречена забрана за вршење дејност. Меѓутоа направени се и други контроли кај угостителски објекти и изречени се казни од околу 500.000 денари, за неисполнување на други услови кои исто така се пропишани во Законот за угостителство, истакна Ристески кој потенцираше дека контролите до крајот на неделата ќе продолжат и кај објекти во кои се одвиваат разни свечености и прослави.

Ристески потенцираше дека со оваа опсежна акција, државата за прв пат има реална слика за тоа што се случува и како функционираат угостителските објекти на целата територија.

Заменик министерот ги потенцираше слабостите во моменталната законска регулатива, како норми кои се премногу либерални и многу работи оставаат на совеста на угостителите, а покрај тоа било забележано и дека изостанувала строга контрола во изминатите години од инспекциските служби.

– Промената на законската регулатива треба да се одвива во неколку насоки, пред се промена во критериумите за издавање на лиценци, исто така промена во контролата да биде засилена и не како досега да се остава на совеста на испекторите и да не биде воведувана во онаа годишна програма за инспекциски надзор, туку да имаат задолжителна контрола еднаш годишно, бидејќи и лиценците најчесто се со важност од една година. Исто така казнената политика да биде многу поригорозна, со оглед на тоа дека казните сега се многу мали, смешно од 100 до 500 евра. Можат и да се затвораат објекти, да се пломбираат, а не како досега било изрекувано забрана за 30 дена, и најчесто тие сопственици ги отварале пред истекот на казната или воопшто не ја почитувале казната. Дури и да има промена во кривичниот законик, за овие лица кои нема да ги почитуваат одредбите од законот, додаде заменик министерот Ристески.

Како eдно од можните решенија за зголемување на критериумите за издавање лиценци, Ристески го потенцираше и формирањето на стручна комисија која ќе ги контролира новите предвидени услови во Законот за угостителство и целиот процес на издавање лиценци.

– Всушност така било до 2008 година, кога стручни лица оделе, ги проверувале минимално-техничките услови за работа и со свој потпис гарантирале и после тоа се носело лиценца за тие објекти, истакна Ристески кој потенцираше дека во оваа комисија треба да има лица од различни области како машински и електро инженери, архитекти и слично и дека оваа комисија треба да биде составена од повеќе институции како Државниот пазарен инспекторат, МВР, Трудовиот инспекторат, општината каде се наоѓаат соодветните објекти, како и Дирекцијата за заштита и спасување.

Ристески го потенцираше и проблемот со недостиг на кадар во инспекторатите, за сметка на останатите институции каде постои и пренатрупаност со административни службеници.

-Една од идните работи на оваа Влада ќе биде докомплетирање на инспекторатите во било која институција, вклучувајќи ги тука Државниот пазарен и трудовиот инспекторат. И да напоменам дека ќе се врши не само зајакнување на инспекциските служби на централно ниво, туку и зајакнување на испекциските служби на локално ниво. Ние имаме општини со повеќе десетици илјади жители, кои немаат ниту еден или имаат еден градежен инспектор, истакна Ристески.

Претрес во прилепско, пронајдена пушка и муниција, лишено од слобода едно лице

-На 03.04.2025 полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола го лишиле од слобода Ј.А.(45) од Скопје. Врз основа на судска наредба од Основен суд Прилеп, извршен е претрес во викендичка во близина на с.Витолиште, прилепско, во сопственост на Ј.А.(45) од Скопје. При претресот била пронајдена ловна пушка со калибар 16мм , ловни патрони со калибар 16мм, 223 куршуми од автоматска пушка, 70 куршуми за пиштол, четири рамки од автоматска пушка, две рамки од полуавтоматска пушка и граната. По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Мицкоски: Зголемени плати, реален раст – Македонија се буди!

Зголемени плати, реален раст – Македонија се буди! Од 1 април започна исплатата на зголемените плати во јавното здравство: линеарно зголемување од 2.500 денари нето за сите! Со зголемувањето во ноември, вкупното зголемување достигнува 4.815 денари, а за медицинските сестри дури 6.200 денари, истакнува премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

-Со тоа, просечната плата се зголемува на околу 50.200 денари. Октомвриското зголемување изнесува 10.49%, а кумулативно – дури 17.18%! Со инфлација од околу 3.5%, реалниот раст за 2024/25 ќе биде околу 9.4%. За споредба, во периодот 2021–2023 реалниот раст изнесуваше само 3.8%. Промените се случуваат. Македонија повторно станува ваша, порача премиерот.

Обвинение за таткото на Васил Јованов: Му го давал автомобилот иако знаел дека нема возачка и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 50-годишен скопјанец за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази од кои произлегува дека обвинетиот, во периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.

Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот не смее да управува со автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година, информира Обвинителството.

Уапсен прилепчанец, следел и вознемирувал 30-годишна девојка од Прилеп

-На 02.04.2025 во 01.20 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп на ул.”Братство Единство” во Прилеп, го лишиле од слобода Г.К.(22) од Прилеп, затоа што вознемирувал и следел 30-годишна жена од Прилеп.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од ОВР Прилеп.

Влада: Најниската пензија 18.000 денари – Го исполнуваме ветеното

Исполнето е ветувањето за зголемување на пензиите од 5.000 денари на над 330.000 пензионери. Со исплата на мартовската пензија за 2.500 денари, се заокружи циклусот за линеарно покачување на пензионерите за 5.000 денари, велат од Владата.

Со сегашното зголемување, како што појаснуваат, најниската пензија во март изнесува 18.192 денари, додека просечната пензија изнесува околу 26.258 денари.

-Пензионерите заслужуваат сигурен и достоинствен живот. Дополнително дека работиме во интерес на граѓаните покажува и фактот што како Влада имаме став дека нема да ја зголемиме старосната граница за пензионирање која сега е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Грижата за пензионерите е наша обврска и цел, се вели во денешното владино соопштение.

Како Влада, додаваат, продолжуваме целосно посветено и одговорно да работиме за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.

По 11 години работа во Германија, се врати во родниот Прилеп: Д-р Јаков официјално потпиша договор за работа во прилепската болница (ФОТО)

Со големо задоволство ја споделуваме веста дека денес, специјалист хирург д-р Златко Јаков официјално потпиша договор за работа во нашата болница. Д-р Јаков, кој има долгогодишно работно искуство и зад себе успешна кариера во Македонија и Германија, реши да ја продолжи својата професионална приказна токму во својот роден град – информираа денеска од прилепската болница “Борка Талески”.

Д-р Јаков е врвен хирург со повеќе од две децении искуство. При неодамнешната посета на министерот за здравство, Арбен Таравари во прилепската болница, јавноста беше запознаена дека д-р Јаков после 11 години работа во Германија, одлучил да се врати во родниот град, да го сподели своето знаење и да помогне на своите сограѓани.

Пред да се пресели во Германија, д-р Јаков 10 години работеше токму во Прилеп.

Ексклузивно: Велески се врати на терените! Не одолеа на барањата на публиката и одлучи да помогне кога е најтешко (ФОТО)

Ракометарите на РК Прилеп вечерва против екипата на ФРУИТ ЛЕНД БОРЕЦ од Велес, ја започнуваат битката за опстанок во суперлигашкото друштво.

Натпреварот започна во 19:30часот, а прилепчани се надеваат на целосен плен бодови од овој натпревар.

На изненадување на публиката и ракометните вљубеници, во тимот камбек направи Филип Велески, екс капитенот се одлучи да се врати од “пензија” и да му помогне на клубот кога е најтешко.

И покрај тоа што ова за него е прв натпревар сезонава, со своето искуство и ракометната визија со која располага, со сигурност ќе придонесе за позитивни резултати во плеј-аут разигрувањето.

По театарот, затворени заради безбедносни недостатоци се и големата сала на ЦК “Марко Цепенков” и киното “Мис Стон”

Инспекцијата од Дирекцијата за заштита и спасување ги затвори големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киното „Мис Стон“ кое е во состав на објектот. Салата и киното се затворени за секаков вид манифестации и приредби сѐ додека не се отстранат сите недостатоци од заштитата.

Центарот го доби решението во текот на вчерашниот ден.

– Го добивме решението во кое, меѓу другото, се вели дека нема хидрант, односно тој никогаш комплетно не бил доопремен, нема громобран, не е функционален алармниот систем за пожари, резервниот извор – агрегатот за напојување со струја не е во функција, како и електромоторот за подигнување и за спуштање на завесата на сцената во големата сала од „Марко Цепенков“. Освен тоа, инспекторатот констатирал дека некои од излезите од сцената за евакуација се отвораат обратно – изјави директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“, Марија Попова Јованоска.

Салите ќе останат затворени додека не се отстранат недостатоците. Инаку Центарот за култура непречено може да одржува изложби, концерти и настапи во ликовната галерија и во фоајето.

Неодамна, по инспекциската контрола вон употреба е ставена зградата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, каде се најдени 15 безбедносни недоследности и пропусти. Со години Ансамблот и градот бараат да се изгради нов театар.

Центарот за култура „Марко Цепенков“ е ставен во употреба во 1979 година.

Општина Битола им објави војна на оние кои бесправно градат! Ќе се рушат дивоградби на неколку локации (ФОТО)

При инспекциски надзор од страна на одделението за градежна инспекција при Општина Битола, за три објекти утврдени се неправилности и преземени се соодветни мерки. Два од објектите се наоѓаат на патот за Ниже поле, а еден кај населбата Довлеџик – стои во денешното соопштение од општина Битола, кое во целост го пренесуваме во продолжение:

Кај последниот објект констатирани се работни активности за монтажа на настрешница – челична конструкција, без претходно обезбедено одобрение за монтажа од Општина Битола. Изготвен е записник за констатираната состојба, а градбата е стопирана.

На патот за Ниже поле, при вчерашниот вонреден инспекциски надзор, констатирано е дека се гради објект од челични профили и покривка од панели, а исто така на друг дел од парцелата се изведува конструкција од бетонски столбови, кровна конструкција од челични профили и покривка од панели, без претходно прибавено одобрение за градење издадено од градоначалникот на Општина Битола. Од страна на субјектот на надзор укажано е дека освен приложениот имотен лист, не поседува никаква друга документација за градбите. Врз основа на констатираното, согласно изготвниот записник, за нелегалните градби ќе следува решение за рушење.

И кај другиот објект на излезот од Битола, согласно инспекцискиот надзор, ќе бидат преземени истите мерки. Во овој случај, констатирано е дека објектот е дивоградба, а истиот бил изграден пред десетина години, како хала од челична конструкција покриен со панели и приклучен на електрична мрежа.

Од страна на градежната инспекција, извршен е увид на уште еден објект во КО Дихово, за кој во тек е прибирање на потребната документација за постапување, согласно законските надлежности.

Во изминатите три години, општинскиот инспекторат, бележи значително зголемен број на постапувања на терен, вклучувајќи ги и постапувањата при отстранувањето на нелегално поставените објекти – диви гаражи и хаварисани возила на јавни површини.

Покрај ваквото делување, во 2022 година, во Сектор општински инспекторат е постапувано по вкупно 1751 претставки, пријави и барања и тоа: во одделението за комунална инспекција, инспекција за животна средина и инспекција за домување, постапувано е по 1178 предмети, градежна инспекција, инспекција за патен сообраќај и патишта, постапувано е по 450 предмети, претставки дописи и слично, а во одделението за инспекција за приходи, туризам, угостителство, образование и спорт, постапувано е по 123 предмети.

Во 2023 година, постапено е по 1870 претставки, пријави и барања од кои: одделението за комунална инспекција и инспекција за животна средина имало 1285 предмети, градежна инспекција, инспекција за патен сообраќај и патишта 503, а инспекцијата за туризам, угостителство, образование и спорт, постапила по 82 предмети.

Во 2024 година, Секторот општински инспекторат постапил по вкупно 1559 претставки и барања, од кои: одделението за комунална инспекција и инспекција за животна средина постапило по 1038 предмети, градежна инспекција, инспекција за патен сообраќај и патишта по 347, а инспекцијата за приходи, туризам, угостителство, образование и спорт по 174 предмети.

Зголемените контроли, продолжуваат и оваа година, со зголемена транспарентност и информирање на граѓаните за случаите од јавен интерес, во согласност со важечките закони од соодветните области на делување за кои е надлежен општинскиот инспекторат.