дома блог страница 510

(ВИДЕО) Без прилепските МЕЧКАРИ карневалот не би постоел! Годинава атракција беа и неколкуте мали мечкарчиња

Прилепскиот Карневал не може да се замисли без Прилепските Мечкари. Од рано изутрина тие одново ги разбудија улиците и го означија почетокот на Карневалот Прочка.

Откако вчера прошетаа по домовите на прилепските касапи, денеска се упатија во центарот на градот, каде со нивната игра беа центар на внимание, а годинава друштво им правеа и неколку мали мечкарчиња кои беа посебна атракција.

Посетителите на карневалот се фотографираа и ги поздравија со аплаузи.

Ниту дождот не ги попишмани учесниците: Се одржа 23-то по ред издание на карневалот “Прочка” во Прилеп (Фото галерија)

Над 30 групни маски со околу 600 учесници и голем број поединечни, од Прилеп и од други градови низ Македонија, се претставија на денешното централно дефиле од 23-то издание на Карневалот Прочка 2025.

Покрај дефилето имаше и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овој празник, а ниту дождот не ги спречи учесниците да ги претстават своите креации пред бројната публика.

Ви пренесуваме дел од карневалското шоу преку фотографиите во продолжение:

Пијан возач удрил во девојка од Битола синоќа во Скопје

На 02.03.2025 околу 00.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички, управувано од Н.Н. (48) од Гостивар удрило во Б.Л. (25) од Битола. Со возило на Итна медицинска помош Б.Л. е пренесена во Клинички центар „Мајка Тереза“, каде и се констатирани тешки телесни повреди.

Н.Н. е алкотестиран и утврдено е дека возилото го управувал под дејство на 1,35 промили алкохол по што, по наредба на јавен обвинител, е лишен од слобода, а возилото „мерцедес“ е одземено за понатамошна постапка.

По документирање на случајот, СВР Скопје ќе поднесе соодветна кривична пријава.

Нема кој не ги знае прилепските мечкари, но дали знаете зошто им се даваат пapи?

Тимот на најпознатата Фејсбук група “Патувања низ Македонијa” на одличен начин ја опишаа долгогодишната карневалска традиција во Прилеп и значењето на традиционалната маска Прилепски мечкари.

Текстот во продолжение е на Ангела Ризовска:

Прочка се празнува низ цела Македонија. Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Како дел од таа традиција е и заедничката вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата (На урка за предење волна се закачува конец и на него јајцето и на децата им се амка јајцето пред устињата за да го фатат), што претставува детска радост и добро расположение.

А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Во Прилеп кај нас, уште од рано сабајлето се преправаат дечињата кој во народни носии, кои во други интересни маски и одат кај своите баби и дедовци и роднини, со што бабите им даваат по едно бело јајце и паричка за среќа.

Карневалот во Прилеп е долгогодишна традиција низ прилепските улици, и е доста успешен и прилично посетен. Обично е организиран во неколку дена со најразлични интересни маски, претстави, а она што е најважно тие неколку дена е радоста на најмалите. Да не ги заборавиме и мечкарите без кои карневалот и самиот празник не би имал смисла.

Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место.

Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка.

Ви препорачувам да го посетите карневалот во Прилеп, да ја видите нашата традиција и да си поминете незаборавно со многу шеги и убава прилепска скара. Па, кај нас викаат: Простете ако сум ви згрешил/а, и вас нека ви е простено и од мене и од Бога! За многу години и нека трае вечно убавата традиција!

Путин: Трамп може да зборува и прави што сака, тоа е привилегија!

Американскиот претседател Доналд Трамп може да зборува што сака, тоа е привилегија, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Тој (американскиот претседател Доналд Трампн.з.), не само што го кажува она што го мисли, туку го прави она што го сака, добро, тоа е привилегија на лидерот на една од големите сили – рече Путин на ТВ каналот „Русија 1“.

Трамп има одврзани раце кога е во прашање ситуацијата во Украина, за разлика од европските лидери.

„Русија и САД мора да го направат првиот чекор кон зголемување на меѓусебната доверба за да се реши украинскиот конфликт“, рече Путин

Денеска е Прочка: „Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него”

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите … се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му
претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.

Од обичаите што се изведуваат на Сирни понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави „топејнца“ и со кисело млеко или „маштејнца“ се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца,/ в лето да дојш да вејме чејнца, / југу, југу, југу…“ Потоа храната се изедува до стежерот.

Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Во Велес, при проштевањето на жената се давало портокал, а на мажот лимон. Во овој град на овој празник се правеле сурати односно се маскирале и оделе по куќите во групи од по дванаесет души во кои имало: момче, невеста, дедо, ѓавол, доктор, благар итн. Благарот го собирал благото со кое биле дарувани по куќите.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.

Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп. Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените. Обичаите со варењето на посен (бел) грав, со синиите, пеењето на еротски песни и играње на орото „Црна кокошка“, посетата на Цареви Кули и сл. отсекогаш го привлекувале вниманието на намерниците и случајните минувачи. Во карневалот, пак, што се одржува во овој град по повод овој празник очигледни се влијанија на големите светски карневали. Карневалот во Прилеп е впечатлив по автентичните маски од мечки кои ја продолжуваат вековната традиција на празнувањето на касапите од овој град.

ГОЛЕМА РАДОСТ на градски во Прилеп! Лидерот на табелата падна после пресврт!

Фудбалерите на прилепска Победа попладнево, на домашен терен го запишаа највредниот резултат сезонава во Втората лига.

Совладан е лидерот на табелата, екипата на Македонија Ѓорче Петров со 2:1, триумф до кој младиот тим на Победа дојде по престврт.

Ѓорчепетровци водеа на полувремето со 0:1, а прествртот го најави капитенот Леонид Кофилоски, кој ја искористи грешката на противничкиот голман и лесно реализираше за 1:1 во 52. минута од натпреварот.

На голот за одлука се чекаше до 82. минута, кога Филип Фимоски донесе голема радост на градскиот стадион “Гоце Делчев”.

Црвено-белите сега се на 11. место на табелата, а во наредното коло гостуваат кај Арсими.

Најопременото катче за детска облека во Прилеп ви ја претставува новата колекција – Вашите најмали го заслужуваат најдоброто!

Во Старата прилепска чаршија на цветната улица, се најдува бутикот BABY BOOM, едно од најубавите катчиња каде ќе најдете се’ за вашите најмали.

Квалитетна облека изработена од убедливо најквалитетни материјали, облека во која вашите дечиња ќе се чувствуваат удобно, заштитено и што е најважно топло.

И за момчиња и за девојчиња, од најмали нозе, па се до школска возраст. Најмодерни блузи, кошули, огромен избор на вентијаги, палтенца, шпикозни, фустанчиња…

Во BABY BOOM ќе најдете и преубав избор на меки шалчиња и капчиња, како и богата бебешка колекција. Убавиот глас се слуша надалеку, па не случајно нивниот дуќан често го посетуваат и жители на други градови.

Со еден збор BABY BOOM е бренд на прилепската чаршија кога станува збор за детска облека!

Посетете ги уште утре, а во меѓувреме погледнете дел од нивната богата колекција и одберете нешто за вашите најмали.

Прилепската гимназијата добива ново фудбалско игралиште со вештачка трева (ФОТО)

Mинистерот за спорт, Борко Ристовски, во среда се очекува да ја посети прилепската гимназија “Мирче Ацев”, каде ќе го пушти во употреба новото игралиште со вештачка трева.

Игралиштето е реализирано со средства од министерството, а Ристовски во Прилеп сигурно ќе наиде и на парашањата за ставање во употреба на Универзалната сала, како и реновирањето на спортската сала “Македонија”.

Првичното ветување беше дека Универзална ќе биде ставена во употреба до есента минатата година, но таму се’ уште нема започнато аквности за изведување на потребните поправки.

Вредните раце на учениците од Прилеп изработија стотици креативни маски: Со традиционалната изложба започна карневалот “Прочка 2025”

Со традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ вчера започна карневалската магија која ќе кулминира со централното дефиле во центарот на Прилеп во недела.

Во ликовната галерија во Центарот за култура “Марко Цепенков”, беа изложени маски изработени од вештите раце на учениците од прилепските училишта заедно со нивните ментори и наставници, а најдобрите во секоја категорија беа наградени.

На настанот се обрати градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ги додели наградите заедно со претседателката на Советот, Ирена Стеројвска Локвенец.