дома блог страница 509

Пијан ја прегазил и и’ ги скршил нозете – ОЈО со детали за сообраќајката во која 47-годишник со автомобил удри во девојка од Битола

Мерки на претпазливост кои вклучуваат привремено одземање возачка дозвола и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува на одредено службено лице во судот, како и привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница предложи јавниот обвинител за 47-годишник против кого е поведена истрага затоа што постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

На 2 март веднаш по полноќ, осомничениот учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал автомобил „Мерцедес“ по левата сообраќајна лента од ул.”Св Кирил и Методиј”. Но притоа не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што свесно го довел во опасност животот и телото на луѓето. Возилото го управувал со алкохол од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената и не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин. Од тие причини, со предниот дел од возилото удрил во левата страна од телото на една оштетена која како пешак попречно го преминувала коловозот на пешачкиот премин. Од ударот жртвата се здобила со тешки телесни повреди – скршеница на долни екстремитети.

Мерките на претпазливост се предлагаат со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката и спречување од повторување на делото.

Прилепчанец пријавил дека сопругата го истепала

44-годишен прилепчанец пријавил дека во семејниот дом бил физички нападнат од неговата сопруга со која се во бракоразводна постапка.

На 03.03.2025 во 00.10 часот во ОВР Прилеп, 44-годишен прилепчанец пријавил дека во семејниот дом бил физички нападнат од неговата сопруга со која се во бракоразводна постапка.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Втора недела по ред поевтинуваат горивата: Ова се новите цени кои ќе важат од полноќ

Поевтинуваат горивата од полноќ со новата одлука на РКЕ.

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на горивата, која стапува на сила од денеска на полноќ. Цените на ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 денари по литар во однос на претходната одлука од 24 февруари 2025 година.

Со ова намалување, новите малопродажни цени на горивата се:

ЕУРОСУПЕР БС-95 – 77,50 ден/литар
ЕУРОСУПЕР БС-98 – 79,50 ден/литар
ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) – 72,00 ден/литар
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 71,50 ден/литар

Дополнително, цената на мазутот М-1 НС е намалена за 1,226 денари по килограм, со што неговата нова малопродажна цена изнесува 44,952 ден/кг.

После 12 години се враќа авиолинијата од Скопје-Амстердам, за кратко време владините политики донесоа десетина нови дестинации

После 12 години се враќа авиолинијата Скопје-Амстердам, информираше на социјалните мрежи министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

-Политиките што ги спроведуваме во авиосообраќајот даваат конкретни резултати. После 12 години успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје-Амстердам. Авиокомпанијата Трансавиа ќе лета двапати во неделата и тоа во четврток и во недела на релација Амстердам-Скопје-Амстердам. Ова е нова можност граѓаните да ги искористат бенефитите од воведувањето на нови дестинции низ Европа и светот. За многу кратко време успеавме да овозможиме нови десетина дестинации од двата домашни аеродроми со што даваме силен поттик и развој на воздушниот сообраќај, поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните – напиша Николоски.

Полна сала за премиерата на „Жиголо“ и распродадени следни изведби во Битолскиот театар

Во Битолскиот театар се одржа првата премиера за оваа година, „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Во претставата која е драма комедија се поставуваат прашањата: Што се сме спремни да направиме за љубовта? Дали постојат граници? Дали сме спремни да преминеме преку истите?.

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостасува и сите го посакуваме. Всушност како неискреноста не води на еден пат, не става во еден вртлог во животот кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видео игрите, вештачката интелегенција, виртуелниот свет, кои не ставаат во машина која не носи во вртлогот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски.

Андоновска Илиевски истакна дека истражувала кој е начинот нејзиниот темперамент да се смири и без навидум никаков напор да се раскаже една комплексна приказна, за луѓе кои секојдневно се дружат, работат, сакаат. „Јас го играм ликот на психијатарот Карине, кај кого доаѓаат сите ликови од претставата, и на кој начин луѓето гледаат на менталното здравје денес“.

„Се отвораат прашања кои се тригер во општеството.Колку користиме социјални маски за да можеме да функционираме во истото“, истакна Марјан Георгиевски.

„Се отвора прашањето дали треба да сме искрени, во што јас не верувам дека секогаш се треба да кажеме. Верувам дека е важна намерата со која жиголото во претставата одлучува да помогне на својата жена на која и е потребна помош во борбата со нејзината болест“, додава Никола Пројчевски.

„Во различни фази од животот сите ние поминуваме различни избори, различни провокации од различни страсти, цели, но во третото доба паѓаат маските, изборите и човек се соочува многу повеќе со себеси“, вели Соња Михајлова.

„Жиголо“ е претстава што ги брише границите меѓу маската и вистината Некои приказни се кажуваат. Некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не можете да ја избегнете – ќе ве најде во очите на ликовите, во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога светлата ќе згаснат.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак, драматург е Оливера Павловиќ. Претставата е реализирана од сопствени средства. Следните изведби на „Жиголо“ за кои сеуште има влезници се на 21.03 и 24.03.

Фотографии: Ивона Кочов

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Танцот на ангелите, НАЈ МАСКА на карневалот “Прочка 2025” – Учениците од ООУ “Кочо Рацин” ги воодушевија жирито и публиката

Над 30 групни маски со околу 600 учесници и голем број поединечни, од Прилеп и од други градови низ Македонија, се претставија на централното дефиле од 23-то издание на Карневалот Прочка 2025.

Maската “Танц на ангелите” од ООУ “Кочо Рацин” ја освои наградата за НАЈ МАСКА на карневалот. Совршената кореографија и костими на учениците ги освоија членовите на стручното жири и повеќе од заслужено ја добија главната награда.

Учениците од истото училиште освоија и прва награда за маската “Принцови и принцези”.

Останатите наградени маски се:

ВТОРО МЕСТО: “Вили Вoнка и фабрика за чоколада” oд ООУ “Добре Јованоски”

TРЕТО МЕСТО: “Времеплов” oд ООУ “Климент Охридски” и – “Сакај се, сакај ме и чувај се” oд ООУ “Гоце Делчев”

Најдобра поединечна маска е “КИТИ БРДИ” oд Мила Спиркоска, ученичка во ООУ “Климент Охридски”

За најдобра традиционална маска избрана е маската “Јаничари” oд учесниците од с. Врбјани, општина Кривогаштани

Награда за посебен придонес на карневалот добија најмладите учесници од детските градинки “Наша иднина” oд Прилеп, со маската – “Штрумфови”.

Полицаец од Крушево останал без пиштолот – му го украле од шкафот во станица

„На 01.03.2025 во 08.00 часот во ОВР Крушево М. Х. (38) од Крушево, вработен како полициски службеник во ОВР Крушево, пријавил дека во временскиот период од 31.10.2024 до 01.03.2025 од страна на непознат сторител од металниот шкаф, кој пријавителот го користел за сместување на опремата и службеното оружје, во просториите на ОВР Крушево му бил одземен службениот пиштол со рамка во која имало 13 куршуми“, стои во полициското соопштение.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопшти МВР.

Битолчанката Анета Павловска доби бронзена значка, сега ќе може да суди на Грен слем, АТП и ВТА турнири

Анета Павловска Деспотоска од Битола, го живее сонот на многумина – таа е тениски судија и веќе неколку години е присутна на најголемите тениски турнири во светот.

Mинатата недела во Париз, Анета се стекна со највисока бронзена значка, со што стана главен интернационален судија кој може да суди и на Грен слем, но и сите други АТП и ВТА турнири.

По стекнувањето на бронзената значка, Павловска за веб-сајтот на тениската федерација зборуваше за големиот успех. По ова достигнато ниво, останува уште златната значка.

„Среќна сум да споделам дека минатата недела во Париз се стекнав со бронзена значка и станав главен интернационален судија кој може да суди на Грен слем, АТП и ВТА турнири. Ова ме прави вториот судија од Македонија во историјата со овој ранг, по Климе Буловски од Охрид. Кога јас ја започнував својата судиска кариера, тој веќе престануваше да суди, така што немав многу можности да учам од него, но сепак беше добар пример кој вреди да се следи.

Кога започнав со судење, не можев ни да замислам дека еден ден ќе стигнам до ова ниво. Но, со постојано учење, надградување, судење на турнири на различни нивоа и стекнување искуство, постепено ги отворав вратите кон светскиот тенис. Ова достигнување е резултат на многу труд, посветеност и љубов кон тенисот. Сега, со бронзената значка, ме очекуваат нови предизвици, но и нови можности на најголемите тениски сцени во светот“, изјави Павловска.

Денecка е чиcт понеделник: Лecни пocти и чиcта миcла на cите кои до Beлигден ќе пocтат

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

За време на велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота- Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение кој секогаш е на 7 април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.

Доделени „Оскарите“, најдобaр филм е „Анора” (ВИДЕО)

Американската Академија за филмски уметности и науки утрово ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот „Анора” (Anora) триумфираше со пет освоени одличија, од вкупно шест номинации. Емисијата ја водеше Конан О’Брајен.

На годинашното, 97-то доделување „Оскари“, независниот филм „Анора” ги доби признанијата за најдобар филм, женска главна улога (Мајки Медисон), монтажа, како и наградите за најдобра режија и оригинално сценарио, коишто му припаднаа на Шон Бејкер.

Најдобри споредни глумица и глумец, соодветно, се Зои Салдања (за филмот „Емилија Перез“) и Кијеран Калкин („Вистинска болка“). Статуетката за главна машка улога отиде кај Адријан Броди за остварувањето „Бруталист“ коешто ја има и најдобрата кинематографија.

„Злобница“ (Wicked) ja има најдобрата костимографија, „Субстанција“ (The Substance) – најдобра шминка, а „Дина 2“ – најдобри звучни и визуелни ефекти.

Најдобро адаптирано сценарио има филмот „Конклава“.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби „Сѐ уште сум тука“ (Ainda Estou Aqui) продуциран во Бразил и Франција.

Најдобра филмска песна е „El mal“ на Клемен Дукол, од „Емилија Перез“.

Најдобар цртан филм, според американската Академија, е „Течение“ (‘Straume’, ‘Flow‘). Најдобар краток филм е „Не сум робот“. Најдобар краток цртан филм е „Во сенката на чемпресот“.

Најградата за документарен филм отиде кај „Нема друга земја“ (No Other Land), во палестинско-норвешка со-продукција, како што стои во описот на филмот.

Најдобар краток документарец е „Единственото девојче во оркестарот“.