дома блог страница 504

Двајца прилепчани измамени за работа во Германија: Уплаќале пари во повеќе наврати, виза не добиле

-На 18.11.2024 во 12.00 часот во ОВР Прилеп, две лица од Прилеп на возраст од 39 и 31 година пријавиле дека во август и септември 2024 година биле измамени од едно лице.

Според пријавеното, преку вибер контактирале со лицето за посредување за работа во Сојузна Република Германија и притоа во повеќе наврати уплатиле пари на сметка на лице од Скопје.

Како што е пријавено, до пријавувањето не добиле работна виза, а од пред една недела лицето престанало да комуницира со нив, по што сфатиле дека се измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од МВР.

Од 305 ваги, работат само 19 во цела Македонија, тутунарите засега резервирани – Во Тутунски Комбинат откупот се’ уште не е започнат

Откупот на тутунот од годинашнава реколта почна воздржано. Од 305 откупни ваги, во моментов се отворени 19 ваги на две компании, на „Сокотаб“ и на компанијата „Кавекс“. Од утре пунктовите ќе ги отвори фирмата „Пашоски“, а сѐ уште не се знае кога ќе почнат да откупуваат уште седум компании меѓу кои и прилепскиот Тутунски комбинат зошто отворањето на пунктовите, поради поверениците мора пет дена порано да го најават кај Сојузот на тутунските здруженија.

И со отворени 19 откупни ваги, од кои по две во Прилеп и Битола, па во Пелагонискиот и во источниот регион, тутунарите се воздржани да го носат родот, очекувајќи каква цена ќе биде постигната. Според последните информации, во Прилеп се презеле 150-тина килограми во прва класа по 375 денари за килограм. Од Сојузот на тутунските здруженија најавуваат дека ќе бараат цените да не бидат пониски од 420 денари што би било колку-толку исплатливо за производителите.

-Според нашите сознанија во источниот дел од земјава и во Пелагонискиот регион има однесено тутун за откуп и тие количества се проценети во прва класа која е 375 денари, со напомена дека откупувачите во моментов не го откупуваат влажниот и сувиот тутун. Но, се цени само на две ваги, веројатно откупувачите тактизираат, тутунарите не носат, сакаат да видат по која цена се откупува родот. Имаме разговарано со откупувачите за да не откупуваат по пониска цена. Ние инсистираме просечната цена да достигне 420 денари за килограм, и како лани, ќе бараме да биде како анекс во договорите, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Годинава, 10-те откупувачи имаат склучено договори за околу 26 000 тони тутун, а според Сојузот, реално реколтата е околу 17 000 тони.

-Тутунот е со висок квалитет и реално е тутунарите да бараат повисоки цени за да биде исплатливо производството и да се задржат помладите генерации да ја работат оваа индустриско-земјоделска култура која на државата ѝ обезбедува девизен прилив, вели Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од Долненско и член на Сојузот на тутунските здруженија.

Десетте лиценцирани компании откупот на тутунот мора да го почнат најдоцна до 15 декември.

Кузманоска брилијантна! Слушнете што порача најхаризматичната пратеничка во Македонија (ВИДЕО)

„Стратешките приоритети на Владата на ВМРО-ДПМНЕ при подготовка на Буџетот за 2025 година, се насочени кон одржување на макроекономската стабилност и одржување на стабилен и одржлив национален економски развој. Дополнително со ваквите инвестиции ќе се отворат нови работни места и ќе ја зголемат продуктивноста во долг рок, што ќе има позитивен ефект врз економскиот раст и животниот стандард на граѓаните“ , изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Биљана Кузманоска во своето излагање на денешната расправа за предлог-буџетот за 2025 година.

Кузманоска јасно даде до знаење дека веќе условите се променети. Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија секогаш е на страната на домаќинско и одговорно работење. Напомена дека партијата секогаш ќе биде верен партнер на граѓаните кои чесно работат и придонесуваат да изградиме квалитетно општество.

„Сега уловите се променија. Како одговорна партија, домаќинското работење е клучно за ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме партија која ги почитува граѓаните кои со труд, работа и капитал се борат за поквалитетен живот“ , децидна беше Кузманоска.

Кузманоска апелираше СДСМ да започнат да поддржуваат и поздравуваат добри политики и да не се служат со деструктивни критики. Истакна дека време е зрело да се делува во интерес на граѓаните, користа да ја почувствуваат и уживаат и идните генерации.

„Затоа колеги од СДСМ време е да почнете да почитувате, потребно е да почнете да делувате, а не само да критикувате. Да дадеме можност, а притоа да ги користиме сите механизми што ни се на располагање за вршење на задачите и обврски кои ни ги доделиле граѓаните, за добробит на сите, во настојувањето да градиме подобра иднина и да ја развиваме нашата државата на сите полиња, за нашите и идните генерации“ , заклучи Кузманоска.

Мицкоски: Постигнат историски договор за платите на здравствените работници

Денеска во македонската влада двата репрезентативни синдикати на здравствените работници во Македонија постигнаа историски договор со Владата на премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на платите на вработените во здравствениот сектор.

-Постигнат е историски договор. Освен корекцијата на коефициентите, зборуваме за зголемување за 10 насто на платите, од март месец следната година имаме зголемување за нови 5 проценти на паричната маса која се издвојува за здравствените работници. Следната 2026-та од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква кондиција ќе биде буџетот. Се надеваме дека ќе биде во здрава кондиција, работиме на тоа. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во следната 2027-ма година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028-та година. Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса потребна да се исплатат платите на здравствените работници помеѓу 40 до 50 проценти во следните неколку години, навистина нешто што претставува историско, изјави на прес-конференцијата претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски, кој изрази огромно задоволство што може да биде дел од овој историски настан, како и благодарност до синдикатите кои со свои идеи учествуваа во реализацијата на овој чин.

-За првпат во историјата се постигнува ваков договор кој на долг рок ќе ги корегира платите на здравствените работници, изјави Мицкоски.

Огромно задоволство изразија и двајцата претставници на репрезентативните синдикати на здравствените работници, кој овој историски чин го оценија како резултат на работата на двата синдиката, премиерот Мицкоски, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска и директорот на Фондот за Здравство Клековски.

-Договорено е покачување на платите ќе биде силна мотивација за здравствените работници, но и прв чекор во подобрувањето на здравтвената грижа за сите граѓани, изјави д-р Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центар

-Благодарност до премиерот и владата за реализацијата на овој чин, со анексот на колективниот договор се корегираат коефициентите на здравствените работници, со зголемување од 3.650 денари бруто или 2.450 нето на плата, а кај медицинските сестри имаме корекција на платите од 5.700 бруто или 3.850 денари нето на плата, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ.

Прилепските брендови на семејството Ѕвончар ја освоија меѓународната комисија во Кавадарци: Златен медал за “Љубовна ракија” на “Тиквешка ракијада 2024” (ФОТО)

Во организација на Здружението на производители на алкохолни пијалоци ,,Ж’та,,- Кавадарци, а под покровителство на градоначалникот на Општина Кавадарци и Локалната самоуправа, викендов се одржа традиционалниот Меѓународен фестивал во оценување на ракии “Тиквешка ракијада 2024”.

Производители од Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, се претставија со над 300 мостри на стари ракии, ликери и овошни ракии, па меѓународната комисија која ја сочинуваа сертифицирани од ЕУ членови, имаше тешка задача да ги избере најдобрите.

На настанот се претстави и семејството Ѕвончар од Прилеп со нивните брендови “Прва љубов ракија” и “Љубовна ракија”, при што “Љубовната ракија” се закити со признание Голем златен медал во категорија на лозови ракии постари од три години, а “Прва љубов ракија” доби бронзен медал.

Ова е само уште еден во низата успеси, кои овој прилепски бренд ги нижи на секој саем и секој натпревар. Ракијата на семејството Ѕвончар од Прилеп e мевлем кој ја освојува секоја душа. Станува збор за рецепт кој во ова семејство се негува со децении, се приготвува со многу љубов, трпение и огромно внимение.

Наградите се само признание за квалитетот и напорната работа! Честитки и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Важно известување од општина Прилеп до граѓаните – Ќе се стави ли сега ред во центарот на Прилеп? (ФОТО)

Oпштина Прилеп ги известува граѓаните дека врз основа на Одлука на Советот на Општина Прилеп, бр. 07-1144/6 од 06.05.2009 година улиците:

„Јане Сандански“ –цела, ул. 8 Март- цела и ул. „Републиканска“ од постоечката пешачка зона до спој со ул. „Херој Карпош“, се именувани во пешачка зона и за таа цел оваа одлука треба да се почитува со следната временска рамка за достава на роба:

-за потреба на деловните објекти кои гравитираат: Од 07-09 часот наутро и 17-19 часот навечер.

Известување од прилепските црковни храмови до верниците за престојниот празник Св. Архангел Михаил

За претстојната слава, на СВ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ, во хр. Св. Кирил и Методиј (ПАРАКЛИС) и во храмот Света Петка Точила лепчиња ќе се креваат преку целиот ден на 20.11.2024г.(среда) односно од 7:30 – 17.00 ч. И наредниот ден на 21.11.2024 г. (четврток) веднаш по завршувањето на Светата Божествена Литургија.

Лепчиња ќе се креваат во СРЕДА, на 20.11 и во:

-СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА) – од 07.00 до 17.00 часот.

-СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ (ГРЧКА) – од 15.30 до 17.00 часот.

-СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН (БОЛНИЦА) од 11.00 до 13.00 часот.

-СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА (ТИПСКИ) од 11.00 до 13.00 часот.

Како и на 21.11. утрото во СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА).

Нека светот Архангел Михаил се застапува за нас пред Господа, за да бидат примени нашите молитви и благодаренија. Напомош и за многу години на сите кои ја празнуваат оваа слава.

Поетско шлагерскиот перформанс “Пелагониска плетенка”, утревечер во фоајето на ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп

На 20 ноември 2024/ среда/ од 19.00 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи поетско шлагерскиот перформанс „Пелагониска плетенка“ при што ќе биде презентиран проектот „ПИЈАН СЛАВЕЈ“
(нова македонска шансона)

Пијан Славеј е музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век…… Пијан Славеј се сеанси на интимни посети крај диви маслини осамнати на брегот. Горчливо густа смола од винските мушички со деланки од бор облепени со каллив електро грув и еден нишан – поглед стрвен со излигавена и страствена мов од ракурсот на пијаниот Славеј. Страст што некогаш низ меланхолија и тага мами вечна љубовна тишина, и ако тлее нешто живо во неа – ќе пеам или само немо ќе љубам нешто што се’ уште не е мртво.”-  вели
Влатко Деловски.

************************************

Ќе настапат Бранислав Николов и актерот Игор Трпчески.

Бранислав Николов е музички перформер, автор и пејач во групата ФОЛТИН.

Како дел од групата, зад себе има десетина студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар “Медена Земја”, интернационално наградуваните “Исцелител”, “Со Љубов”, “Cash & Marry” и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.  За својата работа досега е повеќепати наградуван. 2018 г. одржал концерт со Македонската филхармонија.  Кон крајот на 2021 г. го оформува составот ПИЈАН СЛАВЕЈ, а настапува и самостојно како кантавтор.  Објавил четири поетски збирки (“Креветизам и хоризонтала” 2018, “Срчки” 2020, “Полиграф”, 2022 и “Јазик за двајца”, 2024).

*********************************************

Игор Трпчески

Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на проф. Владимир Милчин во 1997 година, а во 2005 година специјализира режија во Националната Академија за Театарска и Филмска уметност НАТФИЗ во Софија, Бугарија во класата на проф. Крикор Азарјан. Како актер има учествувано во преку 40 театарски претстави на матичната сцена и во неколку продукции како гостин во различни театри во Македонија. На сцената на театарот Војдан Чернодрински ги поставува претставите “Оркестар ТитаН” од Христо Бојчев, “Дневникот на Лудиот” од Гогољ, “Јас” од Илија Димоски, “Шаторо” од Петар Петрески, “Delirium tremens” од Благоја Ристески- Платнар. Добитник е на бројни награди меѓу кои се Гранд при на Лица без маски и Гранд при на ДАФ Кочани за Приказна за војникот од Шерл Ф. Рами, Најдобра претстава и Најдобра машка улога на интернационалниот фестивал АЛБА МОНО во Корча Албанија за претставата Delirium tremens. Од 2003 го регистрира Здружението на граѓани  Театарска Работилница и работи на повеќе детски, младински и аматерски претстави и проекти.

******************************

линкови од музиката на ПИЈАН СЛАВЕЈ


https://www.youtube.com/watch?v=VG1Y8qItMj0
https://www.youtube.com/watch?v=PL-0ypcWR6E
https://www.youtube.com/watch?v=JC9CUGnUtr0
https://www.youtube.com/watch?v=MjKKSujGdUE
https://www.youtube.com/watch?v=UD2VJnIi9fk

Николоски војува со Бугарите на сите полиња: Бугарија има план да направи од Македонија слепо црево на Балканот

Пруга кон Бугарија е во интерес за Македонија, но со изградба ќе продолжиме откако ќе се ревидираат сите недостатоци со посредство на Европската Унија, истакна вчеравечер во емисијата „Топ Тема” на ТВ Телма, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Како што рече министерот Николоски, проектот има три главни недостатоци меѓу кои цената, изводливоста и тунелското решение.

-Во однос на цената договорена e ревизија помеѓу македонската страна, бугарската страна и Европската Унија. Да видиме како се дошло до овие суми и кој тие суми така ги предвидувал. Многу е добро што во ревизијата ќе учествува и Европската Унија и тие ќе видат многу работи и ќе ги извадиме сите работи во јавноста. Друга работа, кај се видело тунел да се гради до половина? Да,ќе градиме пруга кон Бугарија, но не по овој проект. Македонија е единствена во моментов која има активности на коридорот 8 во железничкиот сообраќај”, истакна министерот Николоски и додаде:

„Компанијата која што го има проектирано третиот дел од пругата кон Бугарија е истата компанија која што не ја заврши штипската болница и со која што сега Република Македонија е на арбитража. Затоа е многу добро што од Европската Унија се согласија да се прави ревизија на цената и на проектот“, истакна министерот Николоски.

Во однос на прашањето зошто во бугарска страна нема активности на проектот за изградба на пругата, министерот потенцираше дека Бугарија работи на алтернатива на коридорот 10 и поставување на Македонија во незавидна положба.

-Бугарија има приоритет да работи на алтернатива на коридорот 10 и тоа е најголемата битка која што се случува позади сцената во моментов бидејќи коридор 10 во Јужна Европа е најисплатлив коридор. Бугарија прави огромни притисоци да изработи алтернатива на коридор 10, односно од Ниш, наместо пругата да се спушта надолу кон Скопје и кон Солун, истата да оди источно кон Босилеград, а потоа по реката Струма да се спушта низ Бугарија и после тоа да се поврзува со Солун. Тоа е битката што позади завесата се случува во моментов. Доколку оваа битка се реализира, Македонија ќе стане слепо црево на Балканот. И затоа се нервозни, затоа што ние им ја разбиваме таа стратегија, со тоа што ставаме фокус на коридор кој што е економски најисплатлив и кој што најприроден, во исто време го градиме и коридор 8, истакна министерот Николоски.

Приведени седуммина прилепчани – Се тепале на булевар во центарот на градот

-На 17.11.2024 во 04:15 часот на булеварот “Гоце Делчев” во Прилеп, поради нарушување на јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Д.Т.(22), Р.К.(22), Н.Ц.(34), И.Т.(30), Б.Р.(23), Б.Т.(27) и Н.Т.(26) сите од Прилеп.

По документирање на настанот против нив ќе следуваат соодветни поднесоци – информираат од ОВР Прилеп.