дома блог страница 499

Мицкоски со најава: Ќе протестираме и ќе им се случи народ ако корумпираните судии со изгласана недоверба не си дадат оставка, ќе бидам во првите редови

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија најави дека ќе се случат протести ако корумпираните судии за кои беше изгласана недоверба во Собранието не си дадат оставки, а на тие протести тој ќе биде во првите редови.

-Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи, истакна премиерот Мицкоски.

За тоа кој ќе ги замени, Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но едно е сигурно дека нема да биде исто, нема да има вакви луѓе за кои има докази, затоа што како што рече, правда не може да има како сега со судии или обвинители или пак членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови.

-Тука има луѓе за кои има докази кои се или како се. На крајот на денот ние сите овие процеси кои ги водиме, не ги водиме за да биде исто, немам причина за да биде исто, само со нови луѓе. Имаме извештај од Оценската мисија кој јасно дава насоки како да се движат реформите и истите ќе ги имплементираме. Ќе се држиме до извештајот, само нешто да смени, затоа што не оди вака, ако сакаме да имаме држава. Сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава и да основаат семејства во оваа држава, јас ќе се борам за таква држава, дециден е премиерот.

ЕЛС ја носи во Македонија најголемата светска платформа за гардероба „Шеин“

Најголемата приватна пошта Еко Логистик Сервис (ЕЛС) на денешната средба со новинарите најави повеќе новини за идните проекти на компанијата. Освен доставата на пратките од двете најголеми шопинг платформи, Али експрес и Тему, директорот на ЕЛС, Игор Гешовски, најави соработка со неколку нови онлајн платформи за нарачки.

Шеин, најголемата платформа во светот за текстил, се очекува да почне да функционира во земјава кон крајот на овој месец, а најдоцна до почетокот на април.

„Шеин годишно изработува 3 милиони модели. Тие го прават целиот процес, преку набавка на платно, ткаење, кроење, шиење, моделирање и продажба. Нема да бидат толку евтини, но се високо квалитетни производи. Очекуваме првата пратка да пристигне во земјава најдоцна до почетокот на следниот месец“, најави Гешовски.

Во меѓувреме, најавена е и соработка со платформите ForDeal и GD, а во тек се преговори со ТикТок и со Амазон.

Што се однесува до популарната платформа Тему, директорот на ЕЛС најави дека месецов веќе граѓаните ќе можат да купуваат и производи до 90 евра, на што ќе се плаќа ДДВ. Досега, максималниот износ за нарачка во Македонија беше 22 евра.

Гешовски најави уште еден новитет, односно отворање на фулфилмент центар што ќе почне со работа наредниот месец. Станува збор за магацин од 1000 квадратни метри каде што ќе им се чува робата на компаниите.

„Сето тоа ќе биде кодирано, сѐ е под камери, робата се евидентира. Компаниите ќе ни пишуваат која роба каде треба да се однесе, ние ќе ја сортираме, пакуваме, бележиме и ќе ја носиме до крајната дестинација. На тој начин компаниите ќе заштедуваат оти инаку секој треба да има магационери, управа, објекти, шофери и сл“, изјави директорот на ЕЛС, Гешовски.

Уште една поволност за македонските компании, како што рече тој, е иницијативата да се направи платформа и да им се помогне на компаниите да направат свои веб-страници и производите да ги пласираат на други пазари, и регионално но и пошироко. Дополнително, се прави кампања за поддршка на старт-ап компании, со промотивни попусти – 30% попуст во првиот месец, 20% попуст во вториот месец и 10% попуст во третиот месец на сите пратки преку ЕЛС.

Гешовски на денешната средба со медиумите информираше дека сега ЕЛС испорачува по 500.000 пратки месечно, а целта е до крајот на годината да се испорачуваат по еден милион пратки. Со оглед на зголемениот обем на работа, планирано е да се воведат пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време.

ЕЛС дополнително ќе воведе новитет во своето работење, преку достава на пратки за еден ден насекаде низ Македонија. Доколку пратката не биде доставена во рок од два дена, доставата ќе биде бесплатна.

Еко Логистик Сервис е единствената приватна пошта во земјава која ги поседува сите домашни и интернационални лиценци, има повеќе од 250 вработени, располага со повеќе од 200 сопствени возила и има 50 хабови низ државата.

По 25 години големиот хит „Во бело“ доживеа ремикс

По повеќе од две децении естрадна пауза се врати фолк пејачката Соња Тарчуловска.

Промовираше две песни, од кои „Црвено“ е нова, а другата по 25 години големиот хит „Во бело“ доживеа ремикс. И двете песни беа промовирани со спотови.

По толку голема пауза се вратив таму каде што припаѓам, во музиката. Што поради настаните кои веќе ви се познати, што порди мајчинството, требаше да се изрснат три деца, еве ме назад во музиката, мојата најголема љубов. Му благодарам на семеејството за поддршката, бидејќи да не беа тие не знам дали ќе направев ваков чекор, вели Тарчуловска.

За големиот хит „Во бело“, кој и ја обележа кариерата, рече дека направила ремикс на барање на пмладата публика.

Постојано ми велеа дека оваа песна треба да ја приближам до младите, најгласна беше ќерка ми Мелани, која ми рече дека многу ј барле на настапи. И така се случи „Во бело“ да продолжи да живее во еден поинаков, урбан стил, рече таа. Соња за во иднина најави и неколку изненадувања, но, како што рече, се уште е рано да се зборува за тоа. -Ќе има, но сега ми е најважно овие песни да прдолжт да живеат, вели таа.

Видеото за „Црвено“ го изработи „Томато продукција“, додека за ремикс верзијата на песната „Во бело“ миксот, мастерингот и аранжманот ги потпишува Andrejnik.

Најмладата читателска публика од Прилеп во сабота ќе може да се дружи со авторката Хана Корнети

Во сабота, 15. март 2025 г., на пладне, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“, уникатна можност за пријатна дружба за книга со кафе, заедно со родителите и најмладата и најскапоцена читателска публика.

Авторката Хана Корнети ќе ни биде гостинка за да ни (рас)каже малку повеќе за некои детали од авантурите на Илина и Папрат, придружена од промоторката Наташа Атанасова.

„Процеп во процес“ 5 е посветен на „Илина и шумските тролови“ од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

Фокусот на петтата по ред средба од промотивно-едукативниот циклус спонтано наречен „Илина и шумските тролови“ не е книга која им се чита на децата во рана возраст кога сакаме да ги заспиеме со некоја бајковита приказна. Ниту пак е приказна која би ги смирила децата кога се палави. Напротив, „Илина и шумските тролови“ е книга за „малку поголеми деца“ (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години, но ние тука не би се држеле ригорозно до таква категоризација) која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца, им го разгорува жарот за авантури.

Динамичната, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, ја прави оваа книга една од оние книги со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива – четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надоградуваат својата креативна фантазија.

„Замислете девојче кое има 11 години, а разбира можеби и повеќе од повеќето големи. И тоа девојче, замислете, раскажува толку заразно што без да трепнете чекате да видите каде ќе отиде и што ќе направи. Дали ќе замине на село со мајка ѝ иако е недела и е ден за корнфлекс и излежување, дали ќе го најдат селото Бабин Заб, дали вистина ама баш вистина запознава шумски трол кој се вика Папрат и кој му доаѓа како нејзина тролско-откачена верзија? И дали приказната на Папрат е за верување и авантурата на Илина за впуштање во неа и со неа…“ – Наташа Атанасова.
„Илина и шумските тролови“ има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.

Промотор на книгата ќе биде Наташа Атанасова, а модератор: Александар Еленин
Присутните (посебно оние најскапоцените – децата) ќе имаат можност директно да поразговараат со авторката на книгата, Хана Корнети и да ја прашаат за сето она кое ќе ги заинтригира и заинтересира.

За празник, за излегување, за секојдневни прошетки, удобна и квалитетна облека за секоја пригода – REPUBLIC KIDS Прилеп ве очекува! (Фото галерија)

Најмладите момчиња и девојчиња во Прилеп имаат ново место каде да се облечат од глава до пети. Прилепската чаршија е побогата со уште еден продажен објект на веќе докажаниот моден бренд.

Сопствениците на добро познатиот бутик REPUBLIC ја проширија својата дејност и го отворија REPUBLIC KIDS, урбано катче каде ќе најдете модерна бајка за вашите најмили.

Бутикот се наоѓа отспроти спомен обележјето на Пеце Атанасовски. Го краси еден посебен шарм, мирис на ново, стилска уреденост и пред се голема снабденост.

За квалитетот нема да ви раскажуваме, и самите веќе добро знаете дека сопствениците се познати по тоа што нудат врвен квалитет на своите муштерии. Не случајо REPUBLIC e eдна од главните дестинации во чаршијата за купување облека, и тоа не само за прилепчани, туку и за многумина кои доаѓаат од други градови.

Во REPUBLIC KIDS ќе најдете буквално се’ за вашите најмили, од лежерна и секојдневна облека, до модерна гардероба за свечени моменти, родендени, излегувања… Вашите дечиња ќе блескаат во секоја пригода.

Целта на сопствениците е да им понудат на купувачите врвен избор, квалитет и удобност, а сето тоа по пристојни цени достапни за сечиј џеб.

Велат дека REPUBLIC KIDS ќе биде место кое ќе зрачи со посебна љубов, бутик каде детските среќни очи ќе бидат најважни и каде малите господа и дами секогаш ќе го добиваат НАЈДОБРОТО! Всушност неговото височество – детето тоа секогаш и го заслужува.

На сопствениците им посакуваме успешна и плодна работа, а вам ви препорачуваме уште денеска да ги посетите.

Нека вашите најмили чекорат со самодоверба и растат во удобност!

Во продолжение погледнете дел од понудата:

Општината ќе додели субвенции од по 10.000 денари за возачки испит – пријавете се, јавниот повик е во тек

Општина Центар информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции на младите центарци за полагање на возачки испит Б-категорија. На овој повик може да се пријават сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година и живеат на подрачјето на општината најмалку една година.

Субвенцијата изнесува 10.000 денари и е наменета исклучиво за покривање на трошоците за возачкиот испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски нагласува дека овој проект има за цел да ги поттикне младите кон одговорно и безбедно учество во сообраќајот, стекнувајќи ги неопходните знаења и вештини под водство на професионални инструктори.

„Безбедноста во сообраќајот е најважна! Затоа е клучно младите да се обучуваат од искусни инструктори и од самиот почеток да развијат свест за одговорно возење. Со оваа мерка, им помагаме да станат безбедни и внимателни учесници во сообраќајот. Управувањето на возило без возачка возвола е недозволиво”, потенцира Герасимовски.

Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар.

Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на Општина Центар, односно до 31.12.2025 година.

Фатен прилепчанец кој се барал со потерница за издржување затворска казна

-На 12.03.2025 во 16.10 часот на ул.„Рајко Жинзифов“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слбода А.Е.(36) од Прилеп, кој бил баран по потерница врз основа на наредба од Основен суд Прилеп за издржување на затворска казна.

Лицето било спреведено во Казнено – поправната установа Затвор Битола за издржување на казната – информираат од МВР.

Од следната недела снег во Македонија

„Утре и во сабота времето ќе биде стабилно и топло со засилен јужен ветер (над 60 km/h). Во недела локално, а во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, краткотрајно во форма на невреме.

Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува засилен северен ветер и дневните температури ќе опаднат за 7 до 10 степени.“, велат од УХМР.

Во петок во храмот Параклис, втор Акатист кон Пресвета Богородица во Велигденските пости и предавање на тема “Молитвата на Св. Ефрем Сирин”

Во вториот петок од Великиот Воскресенски пост со почеток од 16 часот, во храмот св. Кирил и Методиј – Параклис во Прилеп, ќе се служи Големо повечерие, на кое ќе се чита акатист посветен кон Пресвета Богородица и ќе се осветува петтолебие за здравје и спасение на верниот народ.

Потоа ќе се одржи и предавање од овогодишниот циклус на предавања на тема: Молитвата на свети Ефрем Сирин, на кое ќе предава ереј Јове Тренчевски. Предавањето ќе се одржи во просториите на административната зграда.

Воедно упатуваме и ПОКАНА до верниот народ на Прилеп со помасовно присуство на предавањето.

Храбра наша Војвотко победоносна,
ние, слугите Твои од зло избавени,
песни пофални Ти воспеваме, Богородице.
Но Ти, Која крепост имаш непобедлива,
од секоја беда ослободи не, да повикуваме:
Радувај се, Невесто Неневестна!

Битолскиот Универзитет “Св. Климент Охридски” ќе прослави јубилеј 80 години постоење

Во чест на значајниот јубилеј – 80 години од основањето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, организираме низа активности кои ќе ја одбележат долгогодишната традиција, културната мисија и придонесот на Библиотеката во зачувувањето и промовирањето на знаењето, потенцира директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова.

-Програмата започнува на 17 март (понеделник) со панел-дискусија на тема „Библиотеката – срце на заедницата: 80 години култура, знаење и иновации“ во Офицерски дом – Europe House Bitola,12 часот. Истиот ден во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Факсимили на роднокрајни автори“, членови на ДПМ и каталог за Горан Стефановски, во Читалната „Горан Стефановски“.

На 18 март (вторник) во 12 часот ќе биде организирано доделување на награди. Наградите се доделуваат како признание за посветените читатели, најдобрите библиотечни приказни, роднокрајните автори и благодарници за поранешните вработени, кои со својата љубов кон книгата и знаењето придонесуваат за збогатување на културниот живот и библиотечната традиција. Истата вечер, во 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Елисиски ехо: Поезијата на меморијата на слободата“ од авторот Игор Трајковски Фоја, во просториите на Библиотеката. Оваа книга доби меѓународна книжевна награда во Рим, Италија, соопшти м-р Емилија Стефановска-Давкова.

Одбележувањето продолжува на ден 20 март (четврток) со настан под наслов „Стихови што обединуваат“, посветен на Светскиот ден на поезијата. Настанот ќе се одржи во Читалната „Горан Стефановски“ со почеток во 18 часот, заеднички настан со Македонското научно друштво.

„Свечената академија“ ќе се одржи на 21 март со почеток во 19.00 часот во Свечената сала на КИЦ- Офицерски дом -Битола.

Овие активности се дел од свеченото одбележување на 80 години постоење на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, потврдувајќи ја важноста на библиотеката како културен и образовен столб во заедницата, нагласи директорката на установата.