дома блог страница 498

Aко имате пријател во полиција, денеска треба да чести! Исплатена бонус плата од 41.239 денари на над 6.000 вработени

6.241 вработени во Министерството за внатрешни работи, кои оствариле над 150 часа прекувремена работа во текот на 2024 година им беше исплатена бонус плата во поединечен нето износ од 41.239 денари. Сите средства се обезбедени од буџетот на Министерството за внатрешни работи – информираше на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-Една од главните стратешки цели кои ги имаме поставено е враќање на достоинството на полициската професија и благородноста на повикот да се работи за својата држава, своите граѓани и нивната безбедност и сигурност. Исто така, со покачувањето на платата од 10% за сите вработени во МВР кое се реализираше овој месец, направивме чекор кон подигнување на социјалниот статус на полициските службеници бидејќи само задоволни полициски службеници можат да бидат вистински столб на безбедноста на граѓаните и државата – напиша Тошковски.

Жртвата од гром во прилепско е маж на 34-годишна возраст

-На 23.04.2025 во 17.32 часот во СВР Битола е пријавено дека на место викано Кисела Вода во атар на с.Мажучиште, прилепско, бил пронајден починат А.Е.(34) од Прилеп.

Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп при што е констатрано дека смртта настанала како последица на удар од гром.

Увидот извршила увидна екипа на ОВР Прилеп, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на семејството – информираат од СВР Битола.

Засадуваме вредности! Градиме иднина – MINT Финтек Груп

На Денот на планетата Земја, децата на вработените во MINT Fintech Group засадија 9 нови магнолии во парк-просторот кај Офицерски дом, во соработка со надлежното општинско претпријатие во Општина Битола.

Ова е третата година по ред како финтек компанијата со седиште во Битола ја реализира оваа еколошка и симболична акција, каде бројот на садници расте заедно со годините на компанијата.

Првите магнолии беа засадени во срцето на градот – кај Градскиот часовник, каде годинава пролетта ги пречека во полн цвет. Минатата година – во новиот парк кај Довлеџик. Оваа година – позади Офицерски.

Секоја магнолија е порака. Порака дека технологијата и природата не се спротивности – туку партнери. Порака дека иновативноста е најсилна кога расте со почит кон корените.

Магнолијата како симбол отсекогаш била присутна во Битола – најпознат пример е онаа во дворот на историската куќа на семејството Иконому на плоштадот Магнолија. Според народните верувања, магнолијата засадена пред куќа носи мир и задоволство, а позади куќа – финансиски просперитет. Совршена метафора за MINT.

„Нашата цел е оваа мала традиција да прерасне во голема магнолиска приказна за градот – каде секое дрво е жив симбол на одржливост, љубов и технолошка визија со локален пулс“, велат од MINT Fintech Group.

 

9 магнолии. 9 години. 1 град што расте.

Најмногу дожд во Крушево, времето денеска нестабилно, наместа со поројни врнежи и грмежи

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Крушево, 26 литри на квадратен метар.

Според мерењата на УХМР за наврнат воден талог во изминатото деноноќие, до 8 часот се измерени 13 литри на квадратен метар во Крива Паланка, 10 во Штип, 8 во Скопје – Петровец, 7 во Демир Капија, 6 литри во Берово, 5 во Струмица, 4 во Кавадарци, Гевгелија и на Попова Шапка, 3 литри на квадратен метар воден талог се измерени во Тетово, Охрид, Куманово и Лазарополе, 2 во Скопје – Зајчев Рид, Виница и Маврово и 1 во Прилеп и Велес.

За денеска УХМР прогнозира променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град.

Дневната температура ќе биде во интервал од 18 до 25 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе достигне 25 степени.

Лице загина од удар на гром во прилепско Мажучиште

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Битола, информира, дека преку 112 во ЦУК во 17.39 часот, била добиена пријава за починато лице за коешто јавувачот известил дека најверојатно е погодено од гром во с.Мажучиште, Општина Прилеп.

За ова, од Секторот за операции и координација на ЦУК, веднаш биле известени во МВР и во Итната медицинска помош (ИМП) за понатамошна постапка.

Според последната информација добиена од РЦУК Битола истите известиле до ЦУК дека лицето од село Мажучиште, Општина Прилеп било погодено од гром по што е пренесено во Итна медицинска помош во Прилеп и била констатирана неговата смрт.

Како страв немаат ваквите!? Маскирано лице краде во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај Обршани (ВИДЕО)

Маскирано лице во текот на ноќта помеѓу вторникот и средата, извршило кражба во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај населеното место Обршани, општина Кривогаштани.

Лицето е снимено на камерите од манастирот и се гледа како зема пари од касата и бега од храмот носејќи ја со себе фиоката.

Грозна слика која предизвика гнев кај илјадници корисници на социјалните мрежи…

БРАВО ДЕЧКИ! Прилепските гимназијалци вицешампиони на Државното првенство во ракомет (ФОТО)

Во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, на Државното првенство во ракомет во машка конкуренција за средни училишта, кое се одржа во Прилеп, екипата на гимназијата “Мирче Ацев” го освои второто место.

До успехот гимназијалците стигнаа преку двомесечни напорни тренинзи и интензивни подготовки, а активностите не запреа ниту за Велигденските празници.

Пожртвувано, гимназиските ракометари даваа сè од себе поразувајќи далеку пофаворизирани екипи од нашата и во тешки натпревари победуваа и стигнаа во финалето. На финалните натпревари кои се одржаа денес, силите си ги одмерија четири училишни екипи, од Битола, Скопје, Куманово и екипата од нашето училиште. Во полуфиналниот натпревар нашите ракометари направија вистинска пресвртница поразувајќи ја екипата на „Михајло Пупин“ од Скопје со што обезбедија пласман во финалето каде го освоија второто место.

Спортските херои кои беспоштедно се вложија и се надминаа себеси во овој голем успек се: Дамјан Талески, Леонид Богданоски, Бобан Вренцоски, Марко Граороски, Давид Ристески, Бојан Стојкоски, Божидар Тодороски, Матеј Зердески, Јован Соколоски, Христијан Црвенкоски, Трајан Дивјакоски, Андреј Бошкоски, Јордан Ангелески, Леонид Качкиноски, Антонио Крстески и Иван Кузманоски.

Тренер на машката ракометна екипа е професорот по спорт Даниел Василески.

Му се отвараат вратите за Олимписки игри: Светски резултат на прилепчанецот Ангелески

На ден 12.04.2025 година во воздушното стрелиште во Битола во организација на МССФ, а како домаќини С.К РЕК Битола и С.К Пелистер се одржа II -от Куп во спортско стрелаштво со воздушно оружје – пушка и пиштол на 10 метри, во категорија на мажи и жени, јуниори и сениори. Се натпреваруваа 13-тина клубови и околу 70-тина стрелци во сите дисциплини и категории.

Во дисциплината воздушна пушка мажи, а воопшто и во апсолутна конкуренција во дисциплината воздушна пушка најуспешен беше Мартин Ангелески од Прилеп, кој настапува за СК Стрелец Скопје. Мартин постигна личен и државен рекорд со испукан светски резултат од 630,5 кругови кој ветува финале на било кој меѓународен натпревар, Европско или Светско првенство. Мартин Ангелески ја започнува натпреварувачката сезона за 2025 со доста висок резултат и добра форма која ветува во наредниот период резултатот да се повтори и подобри со континуиран тренинг, што му отвара нови врати за веќе започнатиот олимписки циклус до Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.

По натпреварот Претседателот на МССФ Јордан Тасевски се заблагодари на сите клубови, тренери и стрелци за заедничкиот придонес и развој на резултатите и стрелаштвото во изминатите 5 години кои се резултат на новонабавената во континуитет опрема и оружје како и целосно електронизирани стрелишта во Битола, а наскоро и во Скопје во новиот Национален Стрелачки Центар во спортската сала Партизан во Општина Карпош каде воедно ќе се одржува и Европскиот Олимписки Фестивал за млади во Период од 18-26.07.2025 година.

Високите резултати кај Македонските стрелци се резултат на поддршката од МССФ на клубовите и спортистите како и макотрпната секојдневна работа во клубовите кои и во лоши и во добри услови не се откажуваа од работа и тренинзи во своите клубови со своите Претседатели и тренери.

Во развојот на МССФ и клубовите од големо значење се и субвенциите од Министерството за Спорт кои се користат за основни потреби на клубовите како и за набавка на софистицирана опрема за квалитетно функционирање и добар тренажен процес во клубовите и националниот тим.

ИЗВОР И ФОТО: mssf.org.mk

Уапсени двајца прилепчани – ја запалиле депонијата во Демир Хисар

-На 22.04.2025 во 13.30 часот полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги лишиле од слобода С.Ф.(28) и А.С.(48), двајцата од Прилеп, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од Кривичниот законик.

Тие се сомничат дека предизвикале пожар на градската депонија во Демир Хисар, а при преглед кај нив се пронајдени предмети со кои го предизвикале пожарот.

По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.

Изложбата “поВРЗИНО” од уметникот Стефан Анчевски во петок пред прилепчани

На 25 април 2025 /петок/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „поВРЗИНО“ од уметникот Стефан Анчевски.

Текст за изложбата

Стефан Анчевски поставува и создава сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира своите идеи низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата.

Стефан Анчевски со својата поетика и своите слики открива дека му е близок графолошкиот пристап кој се потпира на ликовните искуства на сликарството од ХХ век и ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Неговиот визуелен јазик како облик на комуникација е универзален и единствен.

Експериментирајќи со најразлични техники и материјали, авторот го создава циклусот „ВРЗИНО“ кој беше изложен во 2024 година во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Втората изложба со наслов „преВРЗИНО“ реализиран во Ликовниот салон на ДЛУБ во Битола ги покажува нештата кои довеле до создавање на овој проект, односно се она што е работено пред. Додека пак ова претставување „поВРЗИНО“ ги поврзува сите три излагања. Во третиот, развоен ликовен циклус на авторот Стефан Анчевски се поврзуваат сите заедно.

Податоци за уметникот

Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Има реализирано свои 11 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022), ДЛУМ (2023) и ДЛУП (2024). Во 2014 г. и 2023 г. добитник е на прва награда „TrashForArt“ и прва награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 г. – COE – Национална галерија Мала Станица – Скопје.