Заврши куќниот притвор за пејачот Ламбе Алабаковски, кој се сомничи за подметнување пожар во Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, настан кој се случи на 4 јуни во раните утрински часови.
Како што информираше неговиот адвокат, Дарко Стефановски, пејачот од денеска е на слобода, но одземен му е пасошот како мерка на претпазливост.
Првично на Алабаковски му беше одреден 8 дневен притвор, кој беше заменет со куќен притвор, со образложение дека постои можност за бeгство затоа што пејачот има двојно државјанство, македонско и на САД каде живееше до неодамна. Пејачот сега се гони за предизвикување општа опасност по член 288 став 1 за што е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крушево, до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против Н.И.(39) од Крушево, в.д. директор на Јавното претпријатие „Комуна“ во Крушево и П.Н.(55) од Крушево, раководител на oддел во истото претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Пријавените, во периодот од втората половина на 2018 година до 2020 година свесно пропуштиле преземање службени дејствија, односно не изготвиле соодветни документи за прием на 10 тони – еуродизел гориво во магацинот на јавното претпријатие. Исто така, не биле извршени требувања за издаден материјал од магацинот со кои се евидентира потрошувачката на гориво и со тоа предизвикале штета од 7.080 литри еуродизел.
Н.И. постапил спротивно на законот и со отуѓување на работна машина – трактор ИМТ 539 без донесена Одлука за размена, отуѓување или расходување на основно средство за работа и со тоа го оштетил претпријатието за 400 евра.
Владата на денешната седница на предлог на Министерството за економија донесе Одлука за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
– Во консултација со бизнис заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која започнувајќи од утре, заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел – сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец, се утврдува трговска маржа во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало, информира министерот Бектеши на денешната прес-конференција пред Владата.
Тој додаде дека според Одлуката за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици.
– Со оваа Одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци, додаде Бектеши.
Според Одлуката, како што нагласи министерот, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година.
Секторот за внатрешни работи Тетово расчисти две кражби на златен накит извршени во април годинава во Тетово и тетовско Желино и поради основи на сомнение дека ги извршила кривичните дела до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против 55-годишната Х.А. од тетовска Палатица.
Имено, Х.А. се сомничи дека во куќа во Желино и стан во Тетово, каде била работно ангажирана, од нивните сопственици противправно одзела златен накит, кој го продала во златарница во Тетово за сума од 760 евра.
– Накитот е пронајден и вратен им е на сопствениците, информира МВР.
И покрај повеќето понуди кои доаѓаа надвор од Македонија, поранешниот репрезентативец и доскорешен тренер на РК Прилеп, Горан Кузманоски-Таста, тренерската кариера ќе ја продолжи во домашното првенство.
Таста кој сезонава одново обезбеди опстанок во најелитното ракометно друштво со РК Прилеп, во наредните две сезони ќе ја предводи екипата на РК Скопје.
Дека се работи за сериозен проект и екипа која во иднина високо ќе котира во македонскиот ракомет, говори и фактот што до него на клупата како помошник ќе седи поранешниот пивот во ЖРК Вардар, Ања Алтхаус.
Германската интернационалка која е омажена со Македонец, е шесткратен освојувач на Лигата на шампиони и своевремено беше силна алка во ѕвездениот тим на вардарки.
Информациите велат дека покрај новата тренерска двојка, клубот веќе договорил и неколку играчки засилувања што ќе придонесат екипата да се бори во плеј-офот.
На Кузманоски му посакуваме големи успеси во неговиот нов ангажман и веруваме дека ќе ја опрадва довербата во Скопје.
На 12.06.2022 во 19.10 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.К.(22) од Прилеп, бидејќи во автобус одзел пари од М.И.(61) од Гостивар.
А.К. бил приведен во полициска станица Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.
Со денешното асфалтирање на улицата „Брегалничка“, општина Битола, ја завршува реализацијата на проектот за рехабилитација на коловоз на оваа улица, во должина од 523 метри.
На крајот на минатата недела, завршено е асфалтирањето и на улиците „Штипска“, „Бранислав Нушиќ“ и „Христо Узунов“, со што локалната самоуправа, од почетокот на градежната сезона, ги заврши предвидените инфраструктурни активности на 9 улици, кои се дел од проектот на градоначалникот Тони Коњановски за „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици во општина Битола“, кој ќе биде комплетно реализиран до крајот на оваа година.
Пристигнаа и првите информации од туристите кои летово го одбраа јадранското приморје и Црна Гора за летен одмор. Иако важи за поевтина варијанта во однос на Грција за сместување и за храна, во некои од туристичките места низ Црна Гора годинава изкор скапо ќе ве кошта сетот лежалки со чадор.
На социјалните мрежи е споделена ценовна табла од плажа во Тиват, на која најевтиниот сет чини 25 евра, додека најскапиот – 80.
Повеќето туристи под фотографијата коментираа дека овие цени се превисоки. Работата да биде уште полоша, речиси повеќето од плажите на црногорското крајбрежје се исполнети со лежалки, па сакале или не, ќе треба да платите за сончање.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски синоќа во Тема на денот на Сител изјави дека смета дека ситуацијата со горивата ќе станува се полоша.
– Јас тоа што го гледам на светските берзи, ситуацијата со цената на нафтата ќе станува полоша и полоша. Многу се плашам, да не се доведеме во ситуација, во јануари или во февруари да кажуваме дека оваа цена што беше во мај и јуни беше супер, изјави Бислимовски.
Селективната исплата на и онака веќе два месеци задоцнетите субвенции во услови на енормно поскапување на сите животни трошоци, а која е во тек, повторно ги вознемири македонските тутунопроизводители. Велат, со часови чекаат пред банка, а излегуваат без пари. Стравуваат дека со секој нов ден нивните пари се’ повеќе се обезвреднуваат – oбјави “AЛФА ТВ”
„Скапијата е голема, едно шише масло, едно кило тутун и плус чекаме овде…не знаеме дали се пуштени субвенциите или не. На милост и немилост чекаме овде по вративе“, кажа еден тутунар.
„Чекаме овдека, а не знаеме зошто чекаме. Чекаме овде со саати, а никој не не’ информира дали има пари или нема. Значи, срамота е, на оваа жештина да се малтретира народот, значи срамота е.. Се’ се покачи, овие пари ништо не значат, бадијала и работа и се’“, – објаснува друг тутнопроизводител.
„Се троши, се иди од селава, се чека ред, а не знаеме дали има или нема. Никој не излегува да не’ информира, да рече – луѓе не чекајте, одете или чекајте – ќе има“, – посочува трет тутунар.
Тутунарите се жалат дека во последните две години имале катастрофално лоши услови за производство, катастрофални откупни цени, а следствено на тоа и катастрофални учиноци. Велат скапијата им ги изела парите уште не земени, а додека власта упорно се дистанцирала од се’ побројните проблеми во земјоделството. A сомнителен им е и начинот на исплата на субвенциите.
„Штом се случува по одредени монополи, по одредени откупни претпријатија да се делат субвенциите, јас чисто се сомневам дека субвенциите, оваа година како и претходната, ни ги исплаќаат самите откупувачи од парите кои што за време на откупот буквално ги украдоа од нас тутунарите…Од она што го гледам, мислам дека некаде околу 3-4 проценти тутунари можно е да имаат земено субвенции, сите други се само изманипулирани и честото одење на банка, тоа го потврдува“, – изјави Васко Јосифовски, претседател на ТЗ „Тутунска надеж“.
Заради сите овие причини, тутунарите дадоа подддршка, а упатија и апел за масовно приклучување на сите земјоделци на престојниот протест кој треба да се одржи на 18-ти, месецов, со цел промена на власта, бидејќи според нив, таа се откажала од земјоделците.
Инаку, исплатата на субвенциите, конечно започна на средината од минатата недела и според најавите од Платежната агенција истата треба да заврши за десетина дена.