дома блог страница 1511

18 лица лишени од слобода на првата фестивалска вечер во Дојран: Пронајдени kokaин, мapиxyaна и екcтази

Во периодот од 19.50 часот на 01.07. до 03.00 часот на 02.07.2022 за време на одржување на музичка манифестација во Стар Дојран, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица извршиле контрола и ги лишиле од слобода М.Ж.(26), Ф.П.(25), Ж.Н.(26), К.Ј.(28), Ј.Р.(21), Д.Т.(22) и Ф.П.(34), сите од Скопје, И.Г.(25) од с.Кадино, општина Илинден, А.С.(26) и В.Б.(26) од Кавадарци, А.П.(26) и З.Т.(46) од Неготино, А.У.(23) и Ј.У.(30) од Нов Дојран, Ј.С.(19) од Тетово, С.И.(22) од село Ињево, радовишко, Р.Ј.(43) од Богданци и М.К.Е.(64) од Јамајка.

При преглед кај лицата биле пронајдени и одземени марихуана, кокаин и екстази. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Ќе им текне ли и кај нас? Хрватска воведува ваучери за гopиво за над 120.000 граѓани

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Осиек најави воведување ваучери за гориво за, како што рече, најчувствителните групи граѓани.

„Ваучери за гориво ќе има за најзагрозената група граѓани. Сето тоа се случува поради руската агресија врз Украина и пореметувањето на пазарот. Се надевам дека ќе донесеме решение за нашите граѓани , но и за малите дистрибутери“, рече Пленковиќ.

Тој потенцираше дека внимателно се подготвува пакетот за повеќе од 120.000 граѓани.

„Немаме никакви недостатоци, има се во хрватските продавници. Со овој проблем се бори целиот свет“ ,додаде хрватскиот премиер.

Бендевска го поддржа вечерашниот протест: Оваа лакрдија го повредува моето право на самосвест за национална припадност, нема да молчам

Актуелниот член на комисија за борба против дискриминација и поранешен пратеник на СДСМ, Весна Бендевска преку социјалните мрежи изрази поддршка за народниот протест кој ќе се одржи вечерва. Таа вели дека тоа го смета за лично право и за изразување протест гледа како лична потреба и борба.

-Утре излегувам да го изразам својот протест кон оваа лакрдија која го повредува моето лично граѓанско право на самосвест за национална припадност, посебност, мојот мајчин јазик и историјата на мојот народ со кои се гордеам. Свесно. Заради себе и својата совест, без калкулации за последиците. Моите идеали ми се поважни од се и ќе се борам за нив до крај. Апсолутно не ме допираат манипулативните повици на ниту една политичка партија или субјект. Ова е моја лична потреба, моја лична борба. За да бидам јас. За пред себе да сум чиста дека направив обид и не молчев. Без оглед на исходот. И никој нема право да ми го спори моето право, пишува Бендевска.

Народниот протест ќе се одржи денеска со почеток во 19 часот пред Владата.

Стојановски до сите “купувачи и продавачи”: Патриотот секогаш треба да биде подготвен да ја брани својата татковина од СОПСТВЕНАТА ВЛАДА!

Спортскиот коментатор, Тони Стојановски, кој од срце го искажа легендарниот коментар по победата на Македонија против Грузија и пласманот на Eвропското првенство во фудбал минатата година, објави реакција за францускиот предлог.

Мене не ме поканија на консултациите, таму имало побитни од мојата фела, па да си кажам вака, нели имам право затоа што француските просветители тоа го проектираа уште пред 2-3 века.

Непријателите ги разбирам, тие си тераат свое. Арно ама, што, дали и каде тераме ние? Овие што продаваат наше, не е можно да не знаат дека не можат да ја умрат Македонија!

Македонија е вечна и ќе живее, па што и да направите!

А што ќе правите Вие? Што? Другите, пак, што не сакаат да продаваат, може ли да ни кажат кога е протестот за МАКЕДОНСКОТО ИСТОРИСКО НЕ?

Утре откако продавачите ќе прифатат да продадат, или денеска, пред да продадат, се надевам со прецизно осмислено сценарио (не како на 27 април), подготвено одамна, зашто сегашната ситуација белки не е изненадување? Сепак, тоа е ваша работа, да водите, а ние да следиме!

До сите продавачи и купувачи: оваа држава МАКЕДОНИЈА настана со револуција, не една, туку повеќе, во јасна историска постојаност. Оваа држава нема да падне со еволуција на таканаречените европски вредности коишто се болни од најопасниот општествен канцер – нацизмот. Ако паднеме, ние МАКЕДОНЦИТЕ ќе паднеме само од „сила“!

И да не заборавиме: „Патриотот секогаш треба да биде подготвен да ја брани својата татковина од СОПСТВЕНАТА ВЛАДА“! Ова е американска мисла, отсега не цитирам Французи, нивните поколенија немаат никаков историски континуитет со просветителството – порачува Стојановски чиј коментар од Грузија влезе во аналите на македонското спортско, но и политичко коментаторство.

Започна 48-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” (Фото галерија)

Вечерва на камента бина на плоштадот “Александрија” во Прилеп, започна 48-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Повеќе од 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на земјава вечерва во Прилеп и утре на Рудина кај Долнени, ќе ги разлеат гајдата, кавалот, зурлите, тапаните и ќе ги изведуваат изворните песни што се дел од богатото македонско фолклорно наследство.

Утре во Долнени ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи. Манифестацијата вклучува и настани кои започнаа деновиве како и придружни активности.

Во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска од 11 часот е симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“ , а деновиве се одржуваше и семинарот за изучување на изворните инструменти. Учествуваа десетина млади кои со талентот сакаат да ја продолжат фолклорната традиција.

Советниците одлучија: Еве колку ќе чини паркингот за “Пиво Фест” – дел од парите ќе одат во хуманитарни цели

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 13-тата седница на чиј дневен ред се најдоа повеќе точки од интерес за граѓаните.

На денешната седница советниците ја усвоија Одлуката за проширување на средствата на Буџетот на ЕЛС Општина Прилеп за 2022 година а по однос на втората точката од дневниот ред, Одлуката за утврдување на цената за паркирање на патнички моторни возила за време на одржување на ПИВО ФЕСТ 2022 која едногласно беше усвоена советниците донесоа заклучок со кој се предвиува 30 денари од предложената сума од 80 денари да биде наменета за хуманитарни цели и тоа за лекување на деца со здравствени проблеми.

Советниците дадоа зелено светло и на Предлог – Оперативната програма за организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето на Општина Прилеп за сезона 2022/2023.

На седницата се усвои тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП Пазари – Прилеп за периодот од 01.01.2022 година до 31.03.2022 година, Одлука за давање согласност на Статутарна одлука за измена на Статутот на ЈКП Пазари-Прилеп и Решението за разрешување и именување на член во Управниот одбор на ЈКП Пазари Прилеп.

Со мнозинство гласови беа усвоени и Одлуката за давање согласност на Одлуката со која се утврдува цената на баждарење на водомерните инструменти – водомерите преку ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп, Одлуката за давање согласност на Ценовник на услуги за извршување на работи од страна на ЈКП ,,Водовод и канализација“-Прилеп, за потребите на ЕЛС Општина Прилеп, без примена на одредбите од Закон за јавни набавки и Одлуката за давање согласност на Статутарна одлука за измена на Статутот на ЈКП ,,Водовод и канализација“-Прилеп.

Советот на Општина Прилеп на денешната седница ги усвои и Одлуките за давање на согласнот на Годишниот план за вработување во 2023 година за четири основни и четири средни училишта како и Одлуката за отпис на компјутерска опрема на ООУ „Кочо Рацин“.

На 13-тата седница беа усвоени Одлука за донесување на урбанистички план за село Ореовец, КО Ореовец, Општина Прилеп за плански период 2019-2029 година и Одлука за донесување на Детален урбанистички план за блок 5.4.9 утврден со Регулациски План за ГУП на град Прилеп за четврт 5, блок 5.4, Општина Прилеп плански период 2022-2027 нацрт план.

Борко нема да оди на одмор заради протестот утре: “Oва зло мора да замине”

Утре наутро требаше да заминам на одмор. Одмор што го чекав цела година, како и сите. Меѓутоа ќе го одложам и утре се гледаме пред влада, истакнува еден од најдобрите македонски спортисти, Борко Ристовски.

-Ниту една политичка, верска или било каква разлика не смее да биде над Македонија и нејзините интереси. Затоа ве повикувам сите утре да ставиме крај на распродажбата на македонските интереси! Македонија е сѐ што имаме #оваЗлоМораДаСиЗамине – порача Ристовски.

Битолчани излегоа на пpoтecт пред францускиот конзулат на Широк Сокак (Фото)

Битолчани вечерва излегоа на протест пред францускиот конзулат на Широк Сокак.

Собирот е против така наречениот нов предлог текст на Франција за решавање за отпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија и тргање на бугарското вето.

Битолчани вечерва порачаа дека текстот за нив е неприфатилив и најавија големо присуство на утрешниот протест пред Владата.

ФОТО: ИГОР ПЕТКОВСКИ

Изнудиле над 1 милион евра: Пpиведени 3 лица, меѓу нив и еден полициски слyжбеник (Видео)

На 30.06.2022 од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал лишени од слобода се С.Д.(61), Н.К.(37) и М.Р.(43), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „изнуда“ по чл.258 од Кривичниот законик.

Имено, С.Д., поради претходен долг на оштетеното лице во износ од 63.500 евра во текот на 2004 година, до 2019 година со закани му наплатил околу 440.000 евра. Во периодот од 2019 до 30.06.2022 година, С.Д., заедно со Н.К., во име на М.Р., полициски службеник, со закани по живот, му изнудиле дополнителни парични средства во износ од 560.000 евра со рок на исплата до 30.06.2022 година. Притоа, со оглед на сумата, оштетениот се договорил со изнудувачите неделно да им предава од 5.000 до 10.000 евра, сѐ до конечната исплата на 560.000 евра.

По преземени мерки и активности од страна на полициски службеници, а во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, по примопредавање на пари во износ од 3.000 евра од страна на оштетеното лице, трите лица се лишени од слобода. Тие се задржани во полициска станица, а денеска (01.07.2022), против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка и изведени се пред надлежен Јавен обвинител.

Стои ли Владата на стаклени нозе? На Ковачевски не му дојдоа две партии кои имаат тројца пратеници во Собранието

Отсуството од владиниот прес на две партии со три пратеници во Собранието го отвора прашањето дали Владата на Ковачевски се соочува со губење на мнозинството во Парламентот.

Од прес конференцијата во владата денеска отсуствуваа Горан Милевски од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ.

Овие 2 партии имаат 3 пратеници во Собранието и ако решат да излезат од власта владата на Ковачевски е на ,,стаклени нозе”.

Во салата покрај ДУИ, ДПА и други помали партии беа лидерот на НСДП Горан Мисовски и екс премиерот Љубчо Георгиевски.

Засега од двете партии, ЛДП и ДОМ нема никаква реакција за тоа каков е нивниот став, односно дали премиерот ја има нивната поддршка за т.н. нов француски предлог.