дома блог страница 1497

Организаторот на “Пиво Фест”: Срамота е наши музичари да бараат по 10.000евра за настап, кога народот живее со 300евра месечно

Едноставно, нема логика наши музичари да бараат по 10.000 евра за еден час настап на Пивофест во Прилеп, кога знаеме дека во нашата земја најголемиот дел од народот живее со месечна плата од 300 евра – за ,,Фокус” вели Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција, кој е организатор на настанот годинава.

Организаторот ова го истакна откако вчера светски познатиот музичар Владимир Четкар на Фејбук напиша дека организаторот се соочува со финансиски проблеми и затоа е откажан неговиот настап на фестивалот.

-Не би сакал да ја коментирам објавата на музичарот Владимир Василевски – Четкар, кој вчера напишал дека поради финансиски проблеми на фестивалот неговиот настап е откажан. Деталите за тоа што се случило и зошто не бил постигнат договор со него ги имаат лицата од организација задолжени за финансискиот дел. Но, имавме случаи кога наши музичари бараат навистина големи суми, се нема разбирање за актуелната ситуација, и на крај не се нашол заеднички јазик. Од друга страна пак, имавме и многу наши пејачи кои се согласија да настапат за навистина симболични суми, бидејќи чест им е да бидат дел од манифестацијата, да го расположат народот – вели Стоикоски за “ФОКУС”.

Па, дури и легендарниот Мајкл Џексон во тек на својот живот има одржано бесплатни концерти! Не е ова бунар без дно, треба да се биде реален во барањата, без оглед на популарноста.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Мицкоски до пратениците на СДСМ: Одбијте го предлогот и послушајте го народот

Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест.

Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија“, вели во своето обраќање Христијан Мицкоски, лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачев до Пендаровски: Кога ќе го прифатите францускиот предлог ќе мора да признаете дека Миладиновци се Бугари

Европратеникот Андреј Ковачев, познат по своите контроверзни ставови кон Македонија и Македонците на Фејсбук-пост го пoвика македонскиот претседател Стево Пендаровски да престане со, како што вели тој, „манипулативните и двосмислени изјави“ за историски личности како што се браќата Миладиновци, Гоце Делчев и други, кои „ќе дојдат на ред за расправа во Мешовитата историска комисија“.

Ковачев ја коментираше вчерашната посета на претседателот Пендаровски кој во спомен-куќата на браќата Миладиновци во Струга го испочитува нивното дело и за кое на Фејсбук напиша дека „е од од суштинско значење за македонската култура и традиција“.

„Ова треба да биде последната објава што Стево Пендаровски, и кој било друг функционер на Северна Македонија, ja пишува на овој начин. Со францускиот предлог почитување на Договорот за пријателство и добрососедство ќе биде клучен, хоризонтален критериум за напредокот на Скопје на патот кон преговорите за членство Упатувајќи се во самата преговарачка рамка на протоколите од членот 12 од Договорот бара македонските функционери да се придржуваат, во своите официјални настапи, до наративите веќе дефинирани од мешовитата историска вентилации од нашата заедничка историја“, пишува Ковачев и додава:

„Сo сигурност браќатa Миладиновци наскоро ќе дојдат на ред за расправа во Мешовитата историска комисија. Потоа, покрај тоа што е од големо значење за современата македонска култура, Пендаровски нема да може да биде поштеден од фактот дека тие имаат исто значење за бугарската култура, а најмногу од сè, нема да може да премолчи дека тие самите ја нарекуваат својата колекција „Б’лгарски народни песни“, јазикот на кој е напишана – бугарски, а самите тие Бугари“.

„На овој начин, верувам, на време ќе се престане со манипулативните и двосмислени изјави, како оние на самиот Пендаровски за Миладинов или за Гоце Делчев. Но, уште не сум сигурен дали ова ќе им помогне на вистинските Бугарофоби на Левица и на ДПМНЕ, како на оние од протестите (кои се случуваат) деновиве, каде при секое споменување на зборот „Бугари“ нив им излегува пена од устите“, заклучува бугарскиот европратеник.

Пред настапот на “Пиво Фест” во Прилеп, Ламбе Алабаковски објави нова песна и видео спот – ќе биде вистински хит (Видео)

Македонскиот пејач Ламбе Алабаковски објави нова песна по седум години пауза, а новото музико остварување е дело на Александар Тарабунов, а текстот е на Зоран Стојановски Зонда.

По скандалот со палењето на вратата на бугарскиот културен центар во Битола, Ламбе е главна тема во Македонија.

Исто така, Ламбе ќе биде една од ѕвездите на годишнешниот „Пивофест“ во Прилеп.

Над 800 македонски учители се потпишаа на манифест против францускиот предлог

Ние, македонските учители (наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници, новинари и сите што помагаме во воспитанието и образованието на нашите поколенија), кои целиот свој живот им го посветуваме на уката и науката на нашите деца, на нашиот македонски народ и на неговиот просперитет, повикувајќи се на Повелбата и на Општата декларација на ООН за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на КРУШЕВСКИОТ МАНИФЕСТ и МАНИФЕСТОТ НА АСНОМ, го искажуваме своето незадоволство од Предлогот на францускиот претседател г. Макрон во кој македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување.

Францускиот предлог, во кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ. Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик“ не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, додека Република Македонија ќе мора да изјави „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата кој е кодифициран во 1945 година.“

Македонски народе, драги Македонки и Македонци,

Ќе ве потсетиме на зборовите напишани во МАНИФЕСТОТ НА АСНОМ:

„Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво народно Собрание израснато од крвта и од животите на најарните свои синови, во твое име излегува пред лицето на цел свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода.“

Драги наши сограѓани од сите етнички и верски заедници во нашата заедничка татковина Република Македонија, ќе ве потсетиме на зборовите во Крушевскиот манифест:

„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотерат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава…

…Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо ‒ а тоа јет голема помошт. Да не се заортачите со душманите…“

Господине Пендаровски, претседател на Република Македонија,

Ваша света должност е да ги браните интересите на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во заедничката татковина Република Македонија. Да ве потсетиме дека дадовте свечена заклетва и дека во моментов Вие ги претставувате сите граѓани на Република Македонија, а не политичката елита, ниту пак која било партија на којашто ѝ должите нешто. Не заборавајте дека народот Ве избра!

Од Вас бараме јасно и гласно да кажете дека не се согласувате со предлогот на г. Макрон, кој всушност ги штити бугарските националистички идеи во кои се препознава идентитетска ликвидација на Македонија и македонската посебност.

Господине Ковачевски, претседател на Владата на Република Македонија,

Господине Османи, министер за надворешни работи, г. Маричиќ и сите министри во Владата на Република Македонија,

Македонија се наоѓа во најтешките моменти од своето постоење. Вашата согласност за Францускиот предлог во кој се промовираат етноцидните политики насочени против Македонија и Македонците, а легитимирани како „европски“ и „евроатлански интеграции“ никогаш нема да биде заборавена!

Не понижувајте се себеси, а со тоа и нашата заедничка татковина Република Македонија повторно! Не дозволувајте уште еднаш да учествувате во распетието. Дури и на Исус Христос му било многу полесно, зашто имаше само еден Јуда. Не бидете како Понтиј Пилат, миејќи ги рацете од гревот што сакате да го прикриете.

Господине Макрон, претседател на Република Франција,

Жално е за еден претседател на Франција, земја на слободата и демократијата, „локомотивата“ на европските вредности, земја во која се родиле великани со космополитски умови како Волтер, Русо, Даламбер, Декарт, како нобеловецот Анатол Франс, кој целиот свој живот се борел против неправдите и кој јавно се залагал за правата на Ерменците и на Македонците во новите констелации на светската геополитика, Вие да го промовирате спротивното.

Потсетете се, ако некогаш сте го прочитале, на делото на Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта“, во кое тој пишува што значи идентитетска смрт. Според него, а и според многумина, таа е најстрашна од сите видови на смрт!

Господине Мишел, претседател на Европскиот совет,

Госпоѓо фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија,

Госпоѓо Мецола, претседателка на Европскиот парламент,

Како одговорни политичари треба да знаете дека секое искривување на вистината е грев и неправда. А кога станува збор за објективноста и вистината, ние македонските учители да ве потсетиме дека вистинските заговорници и визионери на Обединета Европа не се Моне, ни Аденаур туку големиот француски поет и хуманист Виктор Иго и просветлениот руски анархист Михаил Бакунин. Затоа не сметајте го македонскиот народ за глупав и неписмен.

Виктор Иго се борел против смртната казна и против апсолутизмот во Франција, надевајќи се на подобри денови преку создавањето на „Републиката“ во цела Европа.

Михаил Бакунин, исто така се борел против руската монархија, надевајќи се дека еден ден сите Словени, Германци, Италијанци, Французи, ќе живеат во обединета Европа. Во изјавата упатена до рускиот цар Николај I Бакунин вели:

„Го сакате моето признание. Но, мора да знаете дека грешникот не е обврзан да ги открива неделата на другите. Јас ја имам само честа и совеста дека никогаш не сум ги предал оние кои ми веруваат, и ете затоа нема да ви дадам имиња.“

Македонскиот народ во својата вековна историја никогаш не се обидувал да зграби нешто што не е негово и љубоморно да го чува од другите, впрочем за тоа зборува и фактот што св. браќа Кирил и Методиј кај нас се нарекуваат сесловенски просветители, а во црковниот календар се сметаат како патрони на Европа. Јазикот на кој е создадена првата словенска азбука и на кој се напишани првите книги, ние го нарекуваме старословенски, а не како нашиот источен сосед старобугарски.

Неправедно е во 21 век од страна на ЕУ како чувар на европските и светските демократски вредности да се наметнуваат вакви понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја во ЕУ (Република Франција) каде што се врши геноцид кон цел еден народ. Длабоко сме уверени дека ова не се вредностите на „најпрогресивната“ заедница на народи и држави за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ и дека овој предлог во кој се наведени сите барања на официјална Софија за промена на историјата, за ограничување на правото на изразување на научната мисла, за негирање на македонскиот јазик како атрибут на македонската нација е неприфатлив и за вас.

Македонскиот народ е мирољубив и чесен, можеби според вашите критериуми е малуброен, но не е народ без достоинство и вредности, не е народ кој сака својата среќа да ја гради врз туѓа несреќа. Властите во Република Македонија се единствените политичари кои потпишале дека нивната држава се оградува од своите национални малцинства во соседството, единствените што се согласуваат на ваков срамен и понижувачки начин да се обезличи македонскиот народ, кој живее на библиска земја споделувајќи ја судбината со сите сограѓани од различна етничка и верска припадност, народ кој „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не поле за борба каде што луѓето се виртуелни фигури, без чувства и емоции, без колективна меморија, поле каде место емпатија се вгнездува културна и духовна агресија.

Ако тоа е условот македонскиот народ да влезе во ЕУ, тогаш ние, македонските учители велиме НЕ!

ПРОГРАМСКИ ЦЕЛИ:

1. Обединување на сите прогресивни и демократски сили во Република Македонија во борбата против ретроградните и романтичарските идеи од минатото;

2. Почитување на волјата и сувереноста на македонскиот народ, а не ултиматумите како нелегитимно и недемократско средство;

3. Замрзнување на преговорите за членство во ЕУ, сè додека Република Македонија и македонскиот народ не добијат извинување за повредата на достоинството, суверенитетот, идентитетот и интегритетот;

4. Почитување на принципите на лингвистиката, историјата, географијата, културологијата како објективни науки, вградени во македонските национални дисциплини.

5. Неоткажување од македонскиот историски, културен и јазичен континуум.

На документот се потпишани повеќе од 800 македонски учители и просветни работници. Списокот можете да го погледнете ТУКА

Што мисли еден наш албански сограѓанин за пpoтecтите пpoтив бугаризација на Македонија?

Фејбук статус на наш албански сограѓанин кој прави разлика во македонското сивило

-Вчера на мој пријател кој постојано ми викаше дека ние сме Албанци и не треба да ни е гајле за Македонија му се слоши и викнавме брза помош. Арно ама, брзата помош не дојде ниту од Приштина ниту пак од Тирана туку од 8-ми септември Скопје. Од вчера и на него му стана јасно за кого треба да се бориме. За Македонија! – напиша на својот ФБ профил младиот правник Умејр Муамеди.

Бугарите плачат: Натпреварот Македонија Ѓ.П. – ЦСКА Софија да се играл во Ниш, во Скопје било ризично за нив

Во вчерашните изданија на бугарските медиуми се појавија реакции околу малиот број билети доделени на софискиот клуб за натпреварот со Македонија ЃП во Конференциската лига на УЕФА.

Имено, клубот од Ѓорче Петров натпреварот како домаќин ќе го игра на „Петар Милошевски“ во центарот на ФФМ. Според правилата на УЕФА, обезбедени се 5 % од капацитетот на гледачи за гостинската публика.

– Македонија, Ѓорче Петров ќе пушти само 60 билети за симпатизерите на „црвените“. По итни разговори по ждрепката, македонскиот клуб првично беше подготвен да пушти во продажба уште многу места за симпатизерите на ЦСКА. Оттаму не ја прифатија идејата на челниците на ЦСКА натпреварот да се игра на националниот стадион во Скопје, за да можат сите заинтересирани да присуствуваат на натпреварот. На крајот, домаќините по консултација со локалната федерација и полицијата, решија да го намалат бројот на 60, пишува „Труд“.

Се бара дури Скопје да биде изземен од организација на натпреварот.

– Дали овој натпревар воопшто треба да се игра во главниот град на Северна Македонија? УЕФА има практика брзо да реагира на политичките тензии и да ги испраќа натпреварите на неутрални терени. Во конкретниот случај, дури и ова е повеќе од погодно, бидејќи српскиот град Ниш е блиску до двата главни града. Во последните години, УЕФА не дозволува тимови од Ерменија и Азербејџан, како и од Русија и Украина да се сретнат на турнирите. ЦСКА мора да ја посети базата на репрезентацијата на Северна Македонија, именувана од „Македонија ЃП“ за арената на натпреварот. Доколку „Црвените“ ја контактираат УЕФА за проблемот, голема е веројатноста Нион да направи промена. Ова не важи за гостувањето на „Македонија ЃП“, бидејќи во Софија нема слична атмосфера, стои во анализата на бугарскиот дневен весник „Труд“.

Натпреварот Македонија ЃП – ЦСКА е закажан за 21 јули со почеток во 17:30 часот.

Денеска е Петровден: Честит именден Петар, Петре, Петра, Петранка…

Денеска е Св. апостоли Петар и Павле – Петровден.

Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна.

Димитар Атанасовски – три “НЕ” за да не’ биде

НЕ за разнебитување на Македонија, НЕ за заборав на македонскиот народ, НЕ за македонскиот јазик да биде некаков си дијалект затоа што сме посебни од памти век па до ден денеска говориме на македонски јазик и така ќе остане, изјави Димитар Атанасовски на денешниот протест насловен „Ултиматум НЕ, благодарам“.

Атанасовски повика на обединување, на национално обединување на сите граѓани на Република Македонија: „Но, не само на граѓаните кои живеат овде туку и на сите Македонци во целиот свет кои ги засега оваа тематика. Освен Македонците ги повикувам и Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Ромите и сите кои им значи Македонија“.

-Повикувам да излеземе во што поголем број и да кажеме не, не заради тоа што сега или никогаш е дојдена работата. Не смееме да поминеме преку ова, не смееме да дозволиме историјата да не пишува како хибридна нација затоа што не сме такви, затоа што Македонци сме се родиле и Македонци се и нашите деца и сите идни поколенија, рече Атанасовски.

Атанасовски замоли секој ден во 19:00 на протест затоа што гласот на македонскиот народ е најважен и тој е гласот којшто ќе победи.

„Ги повикувам сите граѓани кои не можат да дојдат овде во Скопје да го изразат својот револт да се соберат во секој град и во секое село што помасовно за да кажеме дека ова е важно за цела Македонија“, кажа Атанасовски.

Откажан настапот на Четкар на Пиво Фест: Светски познатиот музичар вели фестивалот имал финансиски проблеми

На само три дена до фестивалот, отпишано е името на еден од најпопуларните артисти кои требаше да настапат во Прилеп.

Прилеп по 18. пат ќе биде домаќин на најмасовниот и најпопуларниот фестивал на пивото, скарата и убавата музика „Пивофест 2022“. И додека веќе одбројуваме до почетокот на фестивалот, организаторот маки мачи да ги задржи веќе договорените музички имиња кои требаше да настапат овој викенд.

Имено, едно од имињата е веќе избришано, а причината е лошата финансиска состојба на фестивалот.

– Почитувани Дами и Господа, за жал настапот на Пивофест, Прилеп кој беше закажан на 17 Јули нема да се случи поради како што бев информиран финансиски проблеми со кој се соочува фестивалот.

Сите оние кој планираа да ме слушаат во Прилеп на 17 Јули, тоа можат да го направат на 15 и 16 Јули на Вино и Џез Викендот кој ќе се одржи во Винаријата Монастери, Село Опеница, Охрид, напиша Четкар на својот Фејсбук профил.