дома блог страница 1427

Прилепчанец заедно со скопјанец тепале друг скопјанец на Бит Пазар

На 13.09.2022 во 01.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар – Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.А.(29) од Скопје од една страна и М.С.(23) од Скопје и И.И.(24) од Прилеп од друга страна во која, според пријавеното, бил употребен и тврд предмет.

По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Џафери: Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е неуставна

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прими Граѓанската иницијативата за распишување на референдум, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ја прими Граѓанската иницијативата за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година) и на истата достави одговор до овластениот предлагач Проф. Д-р Христијан Мицкоски.

Во продолжение одговорот на претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери до овластениот предлагач Проф. Д-р Христијан Мицкоски.

„Согласно член 60, став 1, алинеја 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Ве известувам дека граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година), не е во согласност со член 118 од Уставот на Македонија, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот на Македонија.

Имено, во член 118 од Уставот на Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Енергетската криза ја “тресе” и Германија: Објавен список на залихи за домаќинствата

Германското здружение на градови и општини предупреди на можни големи прекини на струја во Германија поради енергетската криза и ги повика граѓаните сериозно да ги сфатат препораките за цивилна заштита. Здружението објави листа на залихи што секое домаќинство треба да ги има при рака во случај на прекин на струја, вода и гориво, а известува Fenix-magazin.de.

„Постои опасност од прекин на електричната енергија. Неопходно е однапред да се подготвиме за реални кризни ситуации“, изјави за „Велт ам Зонтаг“ извршниот директор на градскиот совет Герд Ландсберг. Ландсберг посебно предупреди на ризикот од преоптоварување на електричната мрежа, на пример, ако 650.000 продадени греалки оваа година се приклучат на мрежата, во случај на прекин на снабдувањето со гас.

„Непријателските хакерски напади се исто така реално сценарио. Не можеме да исклучиме широко распространето затемнување. Германија е недоволно опремена за оваа евентуалност“, рекол Ландсберг.

Тој ги повикал граѓаните сериозно да ги сфатат препораките на федералната цивилна заштита и да имаат вода и храна дома. Во случај на општо затемнување, „нема вода, не може да се полее, по два дена не можете да го полните мобилниот“, опишал тој.

Директорот на Федералната мрежна агенција Клаус Милер исто така предупредил на масовното користење на греалки.

„Дури и со високи цени на гасот, нивното користење е поскапо од греењето на гас. Покрај тоа, локалните електроенергетски мрежи може да се доведат до нивните граници ако многу луѓе користат грејачи на вентилатор во исто време“, рекол тој за Tagesspiegel.

Од друга страна, канцеларот Олаф Шолц (СПД) за време на викендот изјави дека Германија се подготвила. „Ќе го надминеме. Луѓето во Германија чувствуваат дека живеат во сериозни времиња. Но, ние се подготвивме, увери канцеларот“, во својата неделна видео порака, пренесуваат германските медиуми.

Преку стрес-тест на електричната мрежа спроведена од сојузната влада неодамна било заклучено дека кризните ситуации во електроенергетскиот систем кои би траеле еден час во зимата на 22/23 се многу малку веројатни, но не може целосно да се исклучат во моментов.

Сепак, експертите сметаат дека германската електрична мрежа е добро подготвена. Генералниот директор на германското здружение на градови Хелмут Деди рече дека сега не треба да се реагира со паника, туку со заеднички напор.

Градовите сакаат да заштедат 20 отсто на гас. Ако сите заедно ја остварат оваа цел, гледаме добри шанси да ја поминеме зимата без прекини на струја. Сепак, во исто време мора да се преземат мерки на претпазливост. Резервите на енергија се неопходни за итни случаи. Во цивилната заштита, државите и општините ја делат одговорноста“, рече Деди.

Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи ги советува жителите да складираат средства за итни случаи десет дена дома за да бидат подготвени за можни кризни ситуации. Затоа што: „Во случај на поголема штета, спасувачките служби не можат да бидат насекаде во исто време. Оние кои се подготвени можат да си помогнат себеси, на своите роднини и соседи додека не пристигне државната помош и да ја намалат штетата со заштитни мерки“, се вели на страницата на Агенцијата.

Како правилно да се складираат резерви за итни случаи, објаснува и началникот за помош при катастрофи.

Извор: press24

Од денеска можат да се пуштат предлози за третоноемвриски награди

По повод одбележувањето на празникот на Општина Прилеп 3-ти Ноември, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, традиционално секоја година доделува општински награди и признанија „3-ти Ноември“ како и награда за животно дело.

Овие признанија и награди се доделуваат на физички и правни лица за достигнувања во општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот.

Предлог за доделување награди и признанија можат да дадат претпријатија, здруженија и граѓани како и други субјекти.

Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Прилеп, на приемното одделение во новата општинска зграда или на адреса ул: „Прилепски Бранители“ бр. 1 Прилеп почнувајќи од денес 13.09.2022 до 13.10.2022 година.

Предлозите треба да бидат образложени, аргументирани и да ги задоволуваат критериумите за посебни достигнувања во Општината во соодветната област, за периодот од 3-ти Ноември 2021 година до денес, односно за животно дело на кандидатот, кој подолг период впечатливо е присутен со значајни остварувања во својата област.

Општина Прилеп
Комисија за одбележување празници и манифестации
и доделување награди и признанија

Во тек е аплицирање за сместување во студентските домови за бруцоши

Министерството за образование и наука информира дека во тек е аплицирање за сместување во студентски домови за студентите од прва година на студии. Аплицирањето се врши електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а крајниот рок е 16 септември 2022 година.

-Потребните документи за бруцошите се наведени во конкурсот, кој е објавен на посочениот портал и од каде треба да се симнат, пополнат и повторно прикачат во апликацијата, се наведува во соопштението.

Конечниот список со примени студенти ќе биде објавен на 30 септември 2022 година на огласните табли во студентските домови и на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.

Oд 23 до 25 септември BITOLA OUTDOOR FESTIVAL 2022: Ова е целосната програма

BITOLA OUTDOOR FESTIVAL 2022

Фестивалот ќе се одржи во месец Септември 2022 година (во период од 23 до 25 Септември) на повеќе локации низ Општина Битола и Националниот парк Пелистер. Во него оваа година ќе бидат опфатени четири планинарски спортски дисциплини коишто ќе се одржат и спроведат во Националниот Парк Пелистер и тоа: планинарење, планински велосипедизам, качувањето по карпи и спортското качување и две меѓународни планински трки коишто се влезени во календарот на ITRA (Интернационалната асоцијација за планинарски трки), и истатите ќе се бодуваат на светската ранг листа за квалификација на светското финале во планинско трчање.

Здружение за поттикнување и промоција на спортот, спортскиот туризам и здравиот начин на живот „ БОФ “ Битола е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани – спортисти и поддржувачи на спортот, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања, вршење на дејности и активности со цел развој и подобрување на планинските спортови, за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности, спортскиот дух, зајакнување на меѓуетничките односи и економски развој на територијата на Општина Битола и Република С. Македонија.

ПРОГРАМА

22 Септември (четврток) – Во 10 часот:
Прес-конференција за новинари и новинарски прашања

24 Септември – Отворање на Bitola Outdoor Festival

Во период од 12:00 – 18:00 часот свечено отворање на Bitola Outdoor Festival и подигнување на стартните пакети. Истовремено, на одредена локација во Битола ќе има брифинг на тркачите и доделување на стартни броеви со фестивалски пакети за секој учесник и секако, последно запознавање со временската прогноза и состојбата на патеките и протоколите за сите учесници во планинарските трки.

25 Септември – Трето издание на Pelister Ultra-Trail планинарски трки

Како главен настан во склоп на фестивалот ќе бидат две меѓународни планинарски трки, во должина од 20км и 46км кои ќе се одвиваат на паркингот кај Инфо центарот, Баба планина и Националниот Парк Пелистер. Пријавувањето за трките ќе се врши преку успешно пополнување на пријавата за една од трките преку веб страната www.pelisterultratrail.com каде на маил секој од пријавените ќе добие соодветна потврда за неговата пријава, правила и протоколи за учество.

Велосипедска тура

Велосипедска рекреативна тура. Собирно место кај Педагошкиот факултет во 8:30ч; тргнување во 9:30ч кон село Ротино и Ротинско езеро, потоа преку Голема ливада и Националниот парк Пелистер учесниците завршуваат кај Инфо центарот на Пелистер. Патеката е долга околку 20 км.

Планинарска тура

Со почеток во 8:00 часот и стартна точка Инфо Центар Пелистер, ќе се одржи планинарска тура до Црвени стени, локација на која секој учесник ќе има прилика повеќе да ги запознае убавините на Национални парк Пелистер движејќи се низ уникатната Моликова шума, и да ужива во прекрасните погледи од добро познатите Црвени стени на Пелистер.

Правила за учество

– трките се отворени за сите возрасти од двата пола, за лица кои имаат наполнето 18 години;

– не е опходна атлетска лиценца, ниту е потребно претходно искуство на вакви трки, меѓутоа секој учесник пред да го добие стартниот број ќе мора да потпише согласност за самоодговорност, односно дека е свесен за сите ризици коишто ги носи треил планинското трчање и движењето низ планина воопшто;

– секој учесник треба да е свесен и одговорен за сопствената психо-физичка подготвеност;

– секој учесник е должен да ги прифати правилата за еко одговорност, почитување на флората и фауната низ патеките по кои се движи;

– согласност дека за време на трчањето, според правилата на трките, секој учесник кој ќе направи прекршок (во зависност од прекршокот), ќе добие казнени поени, со додавање минути кон финишираното време или со директна дисквалификација од страна на организаторите.

1. Molika Тrail 46K
Национален Парк Пелистер, 25.09.2022 година, почеток во 06:00 часот.

Почнувајќи од срцето на Националниот парк, патеката ќе ве однесе низ срцето на Националниот парк Пелистер. Првата половина од патеката ќе ве однесе до длабоката уникатна Моликова шума, каде потоа преку контролната точка Цапарска пресека каде патеката продолжува низ длабоката Моликова шума кон самиот врв Пелистер на 2601м надморска висина каде се отвораат бескрајните прекрасни хоризонти и пејсажи на Баба Планина, како што се Преспанското езеро со националниот парк Галичица, Ниџе планина со врвот Кајмакчалан како и погледи кои стигнуваат сѐ до прекрасниот Олимп. Патеката потоа продолжува по широките планински ливади поминувајќи покрај Малото езеро, а потоа следува спуштање преку местото викано Широка се до финишот кај Инфо центарот на Националниот парк.

Трката носи 2 бода според ITRA (International Trail Running Association), и целосно е во рамките на Националниот парк Пелистер.

2. Baba Тrail 20K
Национален Парк Пелистер, 25.09.2022 година, почеток во 08:00 часот.

Трката е со должина од 20км со денивелација од 1170м. Со почетна точка од Инфо Центарот на Националниот парк, патеката продолжува до местото Цапарска пресека каде што почнува да се спушта до Голема Ливада. Патеката потоа продолжува низ срцето на Националниот парк Пелистер, длабоката борова шума Молика каде преку контролниот пункт на Горна Ливада и спуштањето до контролната точка Палиснопје ќе имате прилика да финиширате кај Инфо центарот на Националниот парк.

Трката носи 1 бод според ITRA (International Trail Running Association), а истата целосно е во рамките на Националниот парк Пелистер.

Крај на фестивалот 17:00 часот.

Веб страни: Сите настани организирани во 2020 година и резултатите од нив можи да ги погледните во делот на Архива и Резултати на двете веб страни. Исто така овде можи да ги видите и настаните за 2021 година, како и сите пријавени натпреварувачи од повеќе земји на меѓународните трки Molika Trail 46K и Baba Trail 20K.

www.pelisterultratrail.com
www.bitolaoutdoorfestival.mk

Митева: Не сме задоволни од сработеното на Арсовска

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денес по прес конференцијата беше запрашана од страна на медиумите кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ согласно вчерашните случувања со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

„Причините поради кои функционерите од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа оставки ги видовме во јавноста преку нивните изјави. Но, како партија која го поддржа концептот за модерно Скопје и која застана со поддршка зад независната кандидатура на Арсовска искрено верувајќи во овој концепт, можам да кажам дека не сме задоволни од досега сработеното од градоначалничката и сметаме дека малку е реализирано, а може и треба да се испорачаат многу повеќе резултати кои ги заслужуваат скопјани. Поддршката која ја дадовме на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако ние таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат“, појасни Митева.

Таа додаде дека поддршката која ја даде ВМРО-ДПМНЕ на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако истата поддршка ќе се повлече кога принципите нема да се почитуваат.

„Имено, ова значи дека во иднина само оние проекти, само онаа политика која е во функција на концептот модерно Скопје и која ја поддржуваме ќе биде одобрена и изгласана во Советот и секако ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но исто така ќе го задржиме правото да бидеме жестоки критичари на нејзините политики кои излегуваат надвор од тој концепт ветен пред граѓаните. Искрено, би и порачале на градоначалничката дека наместо неосновани пресметки и упади на прес конференции треба да се започне со проекти и со решавање на потребите на скопјани“, одговори портпаролката.

Турканици за шеќер во продавница – „Дајте ми едно пакување“ (Видео)

На социјалните мрежи се прошири видео снимено вчера во Нови Пазар, на кое се гледа како граѓани буквално се грабаат за шеќер во продавница, пренесуваат локалните медиуми.

„Дајте ми едно пакување. Дајте ми еден пакет“, се слуша глас на една жена на снимката.

Недостигот од основни производи е честа појава во Србија во последните неколку месеци, пишува „Нова.рс“.

Недостигот на шеќер во Србија трае веќе со недели. Во многу продавници се истакнати молбите до граѓаните да не земаат повеќе од пет килограми шеќер при едно купување, наведува медиумот.

Според анализите во медиумите, Србија лани веќе ги ограничи цените на млекото, брашното, зејтинот, свинското. Тие цени, според тамошните медиуми, сѐ уште се ограничени.

Како што соопштија од владата на Србија, целта на мерката е да се заштити пазарот, односно да се спречат нарушувања во формирањето на цените на споменатите стоки, кои се исклучително важни за понудата на потрошувачите, особено на посиромашните социјални категории, пренесува медиумот.

Годинава, анализира медиумот, во Србија имаше недостиг на некои производи, најмногу на шеќер и на млеко.

Се иcкapaл со целото ceмejcтво, а на кpaj ја пpeтепал coпcтвената ќepка

Нов случај на семејно насилство е забележан во билтенот на СВР Велес. Имено, во текот на вчерашниот ден, маж на 42 години прво се искарал со целото семејство, а на крај лошиот инцидент завршил како нов случај на семејно насилство. Татко си ја претепал сопствената ќерка.

„На 12.09.2022, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода Г.Ц.(42) од неготинско село затоа што претходниот ден, по кратка расправија со неговите родители, сопругата и децата, физички ја нападнал неговата ќерка“, кажаа од СВР Велес за Прес24.

„Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“, додадоа надлежните власти.

Овие случаи на семејно насилство, за жал се повеќе зачестуваат во нашата земја. Стручните лица апелираат до сите граѓани, доколку сетат и најмал сигнал на семејно насилство, веднаш да ги исконтактираат надлежните власти со цел да ја добијат соодветна помош при ситуацијата.

Но очигледно само апелите не се доволни за реакција, статистиките покажуваат дека се додека не дојде, до физичка пресметка или некој друг вид на посериозна ситуација, никој не реагира, поради неспособноста за препознавање на сигналите. За решавање на овој проблем, експертите велат дека е потребна едукација и отворено говорење за проблемите, кои лесно можат да прераснат во страшни ситуации на семејно насилство.

Народот спобудале: Се грабнаа со стапови среде бел ден (Видео)

Фејсбук страната “Аеродромци” објави видео од групна тепачка во населабата Ново Лисиче.

На видеото може да се забележат неколку лица кои физички се пресметуваат, а може да се примети дека едниот од нив има и стап во раката.

Засега не се знае кои се причините за тепачката, но ваквата глетка сигурно не е најпријатна за жителите на Аеродром.