Пред параклисот кој го изгради прерано починатиот прилепчанец Ристо Тошески, денеска се празнуваше празникот Св. Злата Мегленска: Домаќин беше градоначалникот Јовчески (Фото)

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 октомври.

Денеска е Света великомаченичка Злата Мегленска. Именден празнуваат: Злата, Златка, Златица, Злате…

Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш, кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа.

Кога еден од нив ѝ нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ѝ рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините.

Но, витешката душа на света Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка – Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата.

Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ѝ даваше сила во страдањето. На крајот, ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така, оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.

Во Прилеп празникот најмасовно се празнува пред параклисот посветен на светицата на ул. “Петта прилепска бригада”, свето место кое го изгради прерано починатиот прилепчанец Ристо Тошески.

Кај параклисот денеска домаќин беше градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, а присутни беа голем број верници.

-Задоволството и честа денес да бидам домаќин е огромна, а исто така и честа која што со вашето присуство ми ја укажавте и заедно го одбележавме денешниот празник посветен на Света великомаченичка Злата Мегленска — македонска светителка и маченичка од времето на османлиското владеење. Пред параклисот на Св. Злата Мегленска на сите присутни им посакав здравје и среќа во нивните домови, многу бериќет и што е најважно како што велела и Света Злата Мегленска „Јас верувам само во Христа и нему му се поклонувам“ што значи вербата во Бог никогаш нека не не напушти. Сакам да им честитам на новите домаќини кои и наредната година ќе ја продолжат оваа прекрасна традиција. Да сте ми живи и здрави, за многу години – напиша Јовчески на ФБ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.