дома блог страница 1417

Ќе одат ли учениците оваа зима во училиште или ќе учат од дома, еве што вели министерот Бектеши

Се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

– Тоа е надлежност на општините, но децата многу изгубија во време на ковид пандемијата и сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши во централниот дневник на телевизија Сител.

Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март.

Несериозно е, смета Бектеши, тоа што 2487 правни субјекти во државата сеуште немаат склучено договори за снабдување со електрична енергија. Од нив, 60 проценти се под надлежност на локалната власт.

– Не е во ред училиштата да се остават без снабдувач со електрична енергија затоа што кога немаш снабдувач со електрична енергија, а на берза цената е 400 евра, автоматски треба да платат 600 евра за да не останат неснабдувани објектите со електрична енергија. Сите правни субјекти ги знаеле роковите кога им истекуваат договорите, истакна Бектеши, додавајќи дека во надлежност на општините е набавката на електрична енергија за училиштата.

Полициjaта одзеде “голф” од жител од прилепско и му напиша кpивична пpиjaва

На 22.09.2022 околу 13.30 часот во Прилеп, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола од Н.К.(67) од с.Десово, прилепско, одзеле патничко возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, поради сомнение за сторено кривично дело по член 378 од Кривичниот законик.

При контрола на возилото било констатирано дека бројот на шасијата бил фалсификуван.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Браќа доктори на науки од Прилеп дел од македонскиот тим научници што освои прва награда на престижната меѓународна конференција Ubicomp во Англија

За време на водечката меѓународна конференција за паметни технологии и уреди – Ubicomp и ISWC 2022 во Англија, македонски тим на научници и инженери заедно со своите англиски колеги од Emteq Labs, се здобија со прва награда за најдобра демострација на иновативна технлогија –  паметните очила OCOSense.

Победничката демонстрација покажува паметни  очила кои што преку иновативни сензори и Вештачка Интелигенција ги препознаат изразите на лицето, а преку тоа даваат информации за емоционалната сосојба и однесувањето на корисникот што ги носи.

Македонскиот тим на научници и инженери кои што ги создаваат наградените алгоритми за Вештачка Интелигенција во Emteq Labs, го сочинуваат: браќата д-р Христијан Ѓорески и д-р Мартин Ѓорески од Прилеп, м-р Ивана Кипријановска, м-р Симон Станковски, Филип Панчевски, и Бојан Софрониевски.

Д-р. Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ/УКИМ) и водечкиот научник за Вештачка Интелигенција во Emteq Labs, со ентузијазам говори за следните чекори во развојот на очилата OCOSense: „Ова е втора година по ред како Emteq Labs  со своите решенија ја добиваат првата награда на конференциите Ubicomp и ISWC. Ова научно признание е голема мотивација за нашиот млад, но силен тим на истражувачи за Вештачка Интелигенција“.

Д-р. Чарлс Ндука, извршен директор и водечки научник во Emteq Labs, изјави: „Оваа технологија е првата платформа за препознавање на изрази на лицето, човечки активности, и однесување во светот. Познат како „Fitbit за чувства“, OCOSense наскоро ќе биде достапен за сите истражувачи. Многу корисници ќе имаат корист од можноста за следење на далечина на домашен третман или медицинска терапија, вклучувајќи ги луѓето со депресија, Паркинсонова болест, парализа на лицето, и други слични состојби.”

Демонстрациите во живо на технологии и решенија за носење (анг. wearables) се составен дел од конференцијата UbiComp/ISWC. Учесниците имаат можност да ги прикажат своите прототипи и комерцијални производи на пошироката публика и медиумите. Интердисциплинарното поле на истражување “Сеприсутни Технологии” (анг. Ubiquitous computing) употребува и интегрира безжични, вградени и/или носливи мобилни технологии за да ги премости границите помеѓу дигиталниот и физичкиот свет. Конгеренцијата UbiComp/ISWC обединува врвни истражувачи заинтересирани за ова научно поле.

Целата приказна на македонскиот тим започна со основањето на компанијата АИДЕА Лаб од страна на Христијан и Мартин Ѓорески, и со создавање на иновативна платформа за следење на здравјето со помош на Вештачка Интелигенција – mAIHealth. Потенцијалот на платформата го препозна англиската компанија Emteq Labs, кои што се одлучија да ја инкорпориаат платформата, но и целиот тим од Македонија во нивната компанија. Со тоа, АИДЕА Лаб стана главниот хаб за Вештачка Интелигенција и аналитика на Emteq Labs.

Повеќе информации за Emteq Labs и конференцијата Ubicomp може да најдете подолу.

Emteq Labs развива технологија за препознавање на емоции и овозможува аналитика во реално време. Очилата OCOsense се се-во-едно решение за снимање на сензорски податоци и означување на сензорските податоци користејќи одговори на корисниците. OCOsense може да се користат во реалниот свет или во проширената реалност. Паметните очила OCOsense може да се купат онлајн на https://www.emteqlabs.com/ocosense.

Д-р. Христијан Ѓорески и д-р. Мартин Ѓорески од Прилеп, основачи на АИДЕА Лаб во Македонија, главниот хаб за Вештачка Интелигенција на Emteq Labs од Англија.

Ubicomp е врвна конференција за Сеприсутни Технологии. UbiComp 2022 е заеднички организиран со меѓународниот симпозиум на ACM за компјутери што се носат (Wearable Computers) – ISWC’22.

Мечка ги вознемири жителите на прилепско Канатларци: Животното нападнало овчари и се движело во близина на трлата

Meчка синоќа околу 20 часот ги вознемирила жителите на прилепско Канатларци, откако се појавила блиску трлата кај местото викано Корија.

Жител на селото не’ информираше дека мечката нападнала овчари, а случајот го пријавиле во Ловното друштво “Мукос” во Прилеп.

Синоќа животното било забележано блиску до трлата, па жителите на селото се загрижени за нивните животи, како и за стадата.

Уaпceн малолетник од Битола: Укpaл електричен тротинет, новчаници, огpaбил книжара и пекapa

На 22.09.2022 во 22.00 часот на бул.„Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи – Одделение за криминалистчки работи Аеродром и Кисела Вода лишиле од слобода малолетник од Битола, поради сомнение дека е извршител на повеќе кривични дела.

Тој се сомничи дека на 20.06.2022 извршил „тешка кражба“ во пекарница на ул.„Мајски цвет“, при што одзел пари, на 17.09.2022 извршил „кражба“ во книжарница на бул.„Кузман Јосифовски Питу“, при што одзел паричник, на 20.09.2022 одзел електричен тротинет на ул.„Никола Малешевски“ и на 22.09.2022 извршил две „кражби“ во продажен објект на ул.„Варшавска“, при што одзел два паричника, додека од приватна медицинска установа одзел ранец со пари и лични документи.

Кај него бил пронајден тротинет, купен со пари кои потекнуваат од кривичните дела, картички од кражба во приватна лабораторија, како и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Со него бил затекнат и малолетникот А.О., кој претходно бил пријавен дека се оддалечил од домот, а кој потоа бил вратен на старателот.

За случајот бил известен Јавен обвинител, а малолетникот бил предаден на социјален работник од Центарот за социјални работи Битола. По целосно документирање на случаите ќе биде поднесена соодветна пријава.

Без паника, Битиќи смирува: Годишната инфлација ќе биде 10-11%, сме се справиле и со потешки ситуации

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека доколку се одржиме на проекциите на крај на годината просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 проценти.

Тоj во гостување на ТВ Телма рече дека во период на криза дури и влегувањето во рецесија не е најстрашното што може да се случи и порача дека е важно да имаат ефект одлуките што ги носат сите чинители.

-Сме се справиле и со потешки ситуации, ќе се справиме и од излегување од рецесија како земја, а особено сме покажале дека економијата е доволно флексибилна за да се справи со сето тоа ако има добар партнер во Владата, а ние покажавме дека во период на ковид и тоа како има добар партнер. И затоа јас не стравувам многу дали ќе влеземе во рецесија, рече Битиќи, истакнувајќи дека е важно дали даваат одреден ефект одлуките коишто ги носат сега различните чинители.

Ефектот што сака да се постигне е, како што рече, да го намалиме притисокот за зголемувањето на инфлацијата на ниво на коешто ќе биде неиздржливо.

-Ние ако се одржиме на проекциите, а мислам дека на крај на годината просекот во цела година ќе биде отприлика 10 до 11 проценти инфлација во една од најтешките години со низа на кризи. Сметам дека е доста добра стапка на инфлација, и да кажеме, разумна за нашата економија за да може да се покрие наредниот период. Неразумно е се што е над 20 проценти, рече Битиќи.

Тој се осврна на преговорите за набавка на струја со Бугарија и посочи дека се додека има преговори ние не велиме дека сме се откажале. – Впрочем преговорите се отвораат за да преговараш, рече Битиќи.

Во тој контекст ја нагласи важноста на јавните средства бидејќи, како што посочи, на крајот на денот стопанствениците коишто евентуално би ја добиле електричната енергија со евентуална набавка или договор што ќе би се постигнал со Бугарија и со која било друга земја може утре да излезат и да кажат сега плаќаме, 70, 80 или 100 евра повисока цена отколку што би платиле да почекавте една недела.

Поднесен предлог: Зимскиот распуст да трае 2 месеци, а летниот само еден поради сметките за стpyja

Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.

За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.

-Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн.

Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари

Вечерва пристигнува есента – ќе трае 89 дена, а утре денот и ноќта ќе бидат еднакви

Годинашната есен, во 2022 година ќе „пристигне“ во ноќта меѓу 22 и 23 септември, петок, на 266 ден од годината, во 38. седмица, во 3:03 часот по средноевропско време, и ќе трае до 21 декември во 22:48 часот, кога и официјално започнува зимата.

Утре, петок, кога е првиот есенски ден, сонцето ќе изгрее во 6.26 часот, а ќе зајде во 18.34 часот.

Во истиот момент на јужната хемисфера на Земјата ќе започне пролетта, а на северната каде сме и ние, сонцето изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад, денот и ноќта се еднакви и траат по 12 часа, есенска рамноденица, кога центарот на Сончевиот диск достигнува нулта деклинација.

Есента ќе трае 89 дена, 20 часа и 44 минути, што е за шест минути повеќе од лани.

Инаку,според метеоролозите, односно нивното толкување, за нив летото заврши на 31 август, а есента ќе трае од 1 септември до крајот на декември 2022 година.

По 3.000 денари еднократна парична помош за секое запишано прваче во општина Битола

Се известуваат семејствата кои имаат запишано дете во прво одд. во учебната 2022/2023 год, дека согласно Одлуката на Советот на Општина Битола еднократната парична помош ќе се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата до основното училиште каде е запишано детето, со уредно приложена документација со која ќе се потврди запишувањето на првачето во основно училиште на територијата на Општина Битола ( потврда ја издава училиштето), копија од извод од матичната книга на родените (сродството со првачето), копија од лична карта и трансакциска сметка на име на еден од родителите/ старател (подносител на барањето).

Еднократна парична помош е во износ од 3.000,00 денари нето износ по дете , на семејства кои запишале дете во прво одделение во Општинските основни училишта.

Основното училиште  комплетните документи подоцна ги доставува до архивата на  Општина Битола.

Барањето ќе може да се подигне од ВЕБ страната на општината www.bitola.gov.mk. или од училиштето.

За повеќе информации Ве молиме контактирајте го соодветното основно училиште.

Барање за еднократна за првачиња

Итно исфрлете ги ако ги имате во фрижидерот: Во виршлите од овој познат бренд пронајдена опacна бaктepиja

Врз основа на добиена нотификација за пласиран небезбеден производ на пазарот во Република Северна Македонија, – виршли од брендот Wudy, кај кои вo земја членка на ЕУ, било утврдено присуство на бактерија Listeria мonocytogenes ST 155, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (RASSF) на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), нареди итно повлекување на следниве небезбедни серии од овој производ:

Кај компанијата увозник извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3 030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Овие количини, нештетно ќе бидат уништени заедно со количините кои ќе бидат повлечени од пазарот.

За небезбедниот производ преку RASSF системот на ЕУ известила Италија, која врз основа појавата на труење предизвикано со патогената бактерија Lysteria monocitogenes ST 155 ја креирала наведената нотификација која била поткрепена и со лабораториска анализа. Спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија во земјава биле увезени преку компанијата Колид С Тим од Колешино Струмица.

Се повикуваат потрошувачите кои ги имаат купено посочените серии од производот истите да не ги употребуваат, односно, да ги вратат на местото каде се купени. Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на [email protected].