На 23.10.2022 во 09.30 часот во Полициска станица Прилеп е пријавено дека на ул.„Бошко Корчагин“ во Прилеп, во куќа сопственост на М.З.(28), настанал пожар во кој биле опожарени просторија со покуќнината во неа и дел од покривната конструкција. Пожарот е изгаснат од страна на противпожарната единица од Прилеп.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициска станица Прилеп – информираат од СВР Битола.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја повика Европа да биде внимателна пред зимата поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот и сезонскиот грип.
„Ова не е време за опуштање“, рече регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге на онлајн прес-конференција.
На почетокот на есента, европскиот регион, кој опфаќа 53 земји повторно беше епицентар на епидемијата на коронавирусот, а во исто време беше забележана и сезонска инфекција со грип.
„Вакцинацијата останува една од нашите најефективни алатки против грип и коронавирусот“, рече Клуге.
На 23.10.2022 во 22.30 часот во СВР Битола е пријавено дека во изнајмен објект на ул.„Елпида Караманди“ во Битола, каде се одржувала прослава, биле присутни малолетни лица кои консумираат алкохол.
Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција, Отсек за општ криминал при СВР Битола и Полициската станица Битола излегле на местото, при што било констатирано дека на малолетници им било овозможено консумирање на алкохолни пијалаци, набавени од В.С.(19) од Битола, кој бил присутен на местото, со што постои сомнение дека сторил кривично дело казниво по чл.204 ст.1 од Кривичниот законик.
При контрола кај девет малолетници е утврдено присуство на алкохол и истите се предадени на родителите. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од СВР Битола.
Во прекрасна организација на боксерскиот клуб “АС” од Прилеп и во присуство на градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Националната боксерска федерација, Примислав Димовски, во саботата во спортската сала на С.О.У “Ристе Ристески Ричко” во Прилеп, се одржа четвртото коло од младинска и прва лига во бокс на Македонија.
Од прилепскиот боксерски клуб пријавени беа осум боксери, а настапија само четворица во официјалните борби.
Во официјалните борби :
Во категорија до 54 кг.(деца) Теодор Тошески победи против боксер од БК “Хасан Бег” Скопје .
Во категорија до 52кг.(кадети) Илче Малиноски загуби против боксер од БК “Хасан Бег” Скопје .
Во категорија до 80 кг. (кадети) Матеј Чатлески победи против боксер од БК “Пинк Пантер” од Штип.
Во категорија до 80 кг. (јуниори) Мануел Абдуловски загуби против боксер од БК “Аперкат” од Скопје.
Додека Максим Стојановски 75кг, Марко Петрески 50 кг.,Стефан иваноски 57кг. и Давид Наумоски 70 кг. немаа противници.
Во уводните борби настапија: Јаков Димоски, Димитар Тошески, Константин Талимче, Димитар Талимче, Мартин Трајкоски, Влатко Димоски и Лука Тодороски.
-Како тренери задоволни сме од прикажаните борби на нашите боксери. Во уводните борби сите наши боксери прикажаа одлични борби и добро се снаоѓаат во рингот. Во официјалните борби Теодор Тошески прикажа одлична борба ,со добрата техника убедливо го победи својот противник. Матеј Чатчески надмоќно го победи својот противник со прекин во првата рунда.Задоволни сме од организацијата и благодарни за поддршката од страна на публиката во полната трибина – истакна тренерот на клубот Дарко Чатлески.
За публиката највозбудлива беше борбата на Матеј Чатлески против боксер од БК “Пинк Пантер” од Штип. Матеј неодамна по втор пат стана државен првак на Македонија во неговата категорија, па несомнено вниманието на љубителите на боксот во Прилеп беше свртено кон него.
Чатлески по само 10 секунди во рингот го победи својот противник, што предизвика вистинска ерупција во спортската сала.
Не престануваат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи за високите цени. Најновата објава која масовно се споделува се однесува на цените на кубик огревно дрво во Германија и кај нас.
Додека кај нас цената за кубик дрва достигна и до огромни 5.000 денари, во Германија истата количина се продава по цена од 49 евра.
За 5 кубици во Германија ќе платите 190 евра, а кај нас дури 25.000 денари…
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, на средбата со неговата македонска колешка Славјанка Петровска изрази подготвеност Косовските безбедносни сили (КБС) да ѝ обезбедат обука на Армијата на Република Македонија (АРМ) во областа на потрагата и спасувањето.
„Во моментов КБС е подготвена да ѝ понуди обука на македонската армија на полето на потрагата и спасувањето, за што нашите војници се исклучително подготвени, додека македонската страна ќе го размени со нас искуството од внатрешните реформи на патот кон програмата Партнерство за мир, во која и ние имаме намера да бидеме членка“, напиша Мехај на Фејсбук.
Друга област во која вели дека се согласиле да соработуваат е интеграцијата на жените во армијата, размената на најуспешните практики, образованието на офицерите и нивната обука.
Ирена Ванчоска од Прилеп која е втора година на Медицинскиот факултет во Штип насока фармација, ја доби првата стипендија од Хуманитарното здружение кое го носи името на прерано починатиот доктор Симеон Василев – објави телевизија “M НЕТ”
Ирена за време на пандемијата од Ковид-19 во пет дена ги загуби двајцата родители. По загубата Ирена живее со нејзината малолетна сестра и нивниот дедо, снаоѓајќи се со скромни примања.
Благодарение на доделената стипендија, Ирена ќе може да го продолжи своето образование, за што е неизмерно благодарна.
Стипендијата Ирена ќе ја добива се до диплонирање, а исто така ќе ги добива и потребните книги и материјали кои и’ се неопходни во студирањето.
Заврши 37.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Оваа година фестивалот немаше натпреварувачки карактер. На ревијалната вечер синоќа се слушнаа вкупно 18 песни на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, каде што по две години поради пандемијата се врати во оваа сала, каде се испеани безвременските хитови.
Новина е што публиката во текот на годината ќе одлучи која песна ќе биде најслушана, а на 38.издание на „Макфест“ во 2023 година ќе се додели парична награда. Општина Штип беше организатор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ заедно со спонозори и општествено одговорни компании.
Првата вечер „Макфест” во најголем дел беше посветен на помладата генерација музичари и ни го презентираше новиот потенцијал на домашната поп сцена, па имавме прилика да слушнеме жанровски различни песни, од балади преку салса до нумери со модернистички предзнак.
Особено впечаток остави изведбата на Мелани Тарчуловска, која со само 17 години имаше дебитантски настап за паметење.
Мелани се претстави со денс-латино песна „Con el diablo”. Во продолжение уживајте во нејзината изведба:
На 23.10.2022 во 03.00 часот во Полициска станица Крушево е пријавено дека на ул.„Таќа Бербер“, во близина на куќа во изградба во Крушево, е затекнат повpeден К.Г.(29) од Крушево.
Според пpиjaвеното, тој со повpeди се здобил при работа на куќа во изградба, по што бил пренесен во Медицински центар „Борка Талески“ – Прилеп каде му е yкажана лекapcка помош.
Намалување на цената на лебот може да се случи по Нова година. Новите мерки предвидуваат намалување на цената на струјата од 1 декември за производителите на храна, со очекување прво да се стабилизира цената, а потоа да се намали цената на лебот и другите производи. Ова е ставот на претставниците на двете стопански комори.
Според здружението на индустријата на мелничари и пекари, при Стопанската комора, за реално намалување на цената потребно е Владата да ги активира и стоковите резерви за да се намали влијанието на светските берзи, каде цените постојано растат.
Иако официјалните лица проценуваат дека во текот на оваа година се ожнеани околу 250 илјади тони пченица, додека се потребни околу 330 илјади тони, сепак, дел од пченицата не се продава во мелниците, додека се уште се увезува. Цената за пченицата ја одредува светската берза каде цената е 18 денари, додека во жетварскиот период достигна и до 22 денари за килограм.
„Ако Владата дозволи мелниците и пекарската индустрија да купуваат струја по цена од 80 до 100 евра за мегават час, за што преговараме една недела, тогаш до декември цената на брашното и лебот ќе се стабилизира, додека од следната година може да се очекува да ја намалат цената за 10%“, вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничарско-пекарската индустрија, при Стопанската комора.
Ова е трет обид на Владата да ги намали цените на основните прехранбени производи. Прво имаше замрзнување на цените, па ги ограничија маржите што граѓаните не ги почувствуваа поради континуираното поскапување на малопродажните цени. Од друга страна, со мерката за поевтина струја се очекува да бидат опфатени околу 150 фирми.