Светски куп во Прилеп со натпреварувачи од целиот свет, а од Општината само 500 евра поддршка

Додека Прилеп деновиве беше домаќин на едни од најзначајните воздухопловни натпревари во светот, FAI World Cup „Prilep Cup – Trophy of Prilep“, како и Светското јуниорско и Европското сениорско првенство во воздухопловно спортско моделарство, повторно се отвори прашањето за поддршката што локалната самоуправа ја обезбедува за вакви настани.

Еден од највпечатливите моменти на Светскиот куп беше победата на Ерменецот Артур Худојан, кој по патување од околу 4.000 километри до Прилеп успеа да го освои првото место на престижниот FAI World Cup „Prilep Cup – Trophy of Prilep“ во дисциплината F1B.

Но, покрај спортските успеси, во јавноста одекна и реакцијата на Воздухопловниот спортски клуб „Фил Феникс“, организатор на натпреварите. Од клубот посочија дека од Општина Прилеп за организација на Светското јуниорско и Европското сениорско првенство добиле 30.000 денари, односно околу 500 евра.

Според нив, станува збор за манифестација која во Прилеп донесе околу 470 спортисти, 45 национални селекции од 30 држави и три континенти, со повеќе од 5.000 ноќевања и значителен економски ефект за локалното стопанство преку хотелски, угостителски и транспортни услуги.

Од клубот оценуваат дека доделените средства не ја одразуваат важноста на настанот, потсетувајќи дека Прилеп веќе години наназад е препознатлив во светот како организатор на светски и европски првенства, како и натпревари од Светскиот куп во воздухопловно спортско моделарство.

Организаторите сметаат дека ваквите меѓународни спортски настани претставуваат сериозна промоција на Прилеп и Македонија и заслужуваат значително поголема институционална поддршка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.