Потпелистерското село Трново и годинава беше собиралиште на Македонците од татковината, соседните земји и дијаспората. Во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на големиот празник Илинден, по 55-ти пат се одржа традиционалната Семакедонска средба – манифестација која со децении ја негува врската меѓу Македонија и нејзините иселеници.
Организатори на настанот се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ и Светскиот Македонски Конгрес.
По интонирањето на македонската химна, пред присутните се обратија повеќе говорници, испраќајќи пораки за зачувување на националниот идентитет, традицијата и зацврстување на врските со македонската дијаспора.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека Општина Битола и понатаму останува поддржувач на оваа значајна манифестација, која претставува препознатливо обележје на градот и неговите бројни иселеници.
„Ви посакувам добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји. Битола ја носи историјата на печалбарски крај, но сите посакуваме таа историја да остане зад нас – да живееме и создаваме овде, во родниот крај, градејќи подобра иднина за младите генерации. Светското искуство на нашите иселеници е драгоцено и верувам дека еден ден многумина од нив ќе го вложат токму овде, во Македонија“, порача Коњановски.
Тој додаде дека нема ништо повредно од родниот крај и дека Општина Битола ќе продолжи да ги негува и унапредува културните врски со иселениците од Македонија.
На Семакедонската средба свои обраќања имаа и митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ Александар Јаневски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како и пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Манифестацијата заврши со богата културно-уметничка програма, исполнета со македонски песни и ора, уште еднаш потврдувајќи дека Семакедонската средба останува симбол на заедништвото, традицијата и нераскинливата врска меѓу Македонија и нејзините иселеници ширум светот.


































