дома блог страница 735

Учениците од денеска се на пролетен распуст, а еве како ќе се одработат неработните денови поради изборите

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

– Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

Детско дружење, игра, забава и музика на Могила – падна и ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ пинг-понг дуел (ФОТО)

Во Паркот на револуцијата денеска во Прилеп, денеска на Цветници се одржа голем забавен хепенинг, насловен како “Пролетта не’ мами, на Могила не’ кани”.

Голем број дечиња го искористија топлото време и играа различни игри, се забавуваа на музичка програма, цртаа, спортуваа, а во активноситете се приклучија и двајца градоначалници, поранешниот Марјан Ристески и актуелниот Борче Јовчески, кои одиграа и меѓусебен пинг-понг дуел.

-Навистина е задоволство да се гледаат парковите исполнети. Посебно вака денес, во овој убав пролетен ден, во кој што организиравме уште еден Хепенинг исполнет со многу забава и многу активности за сите генерации. Денес е голем празник, Цветници, сакам да им го честитам именденот на сите кои што слават. Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжиме со организација на вакви настани, на различни локации во нашиот град, со цел да понудиме анимација, вклученост и забава за сите наши сограѓани – порача Јовчески на ФБ.

Бидете внимателни во центарот на Прилеп, може да ви падне малтер на глава (ФОТО)

До нашата редакција пристигнаа фотографии од загрижени граѓани, кои забележале поголем одрон на малтер од тераса на зграда во строгиот центар на Прилеп.

Нашите читатели апелираат граѓаните да бидат внимателни кога поминуваат по ова шеталиште.

Се работи за постар станбен објект, на кои итно му е потребна санација.

Приведени тројца прилепчани за нарушување на јавниот ред и мир – се степале пред угостителски објект

Денеска (28.04.2024) во 01.30 часот полициски службеници од ОВР Прилеп ги привеле О.П(34), Д.Т.(41) и Ф.С.(28) сите од Прилеп, затоа што пред угостителски објект во Прилеп го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Целосна доминација и директен пласман во следен круг на убавата Мелиса од Лажани: Од нејзиниот моќен глас без зборови остана целото жири на “Ѕвездите на Гранд” (ВИДЕО)

Две Македонки настапија во дуел во „Ѕвездите на Гранд“ и го украдоа шоуто со своите моќни интерпретации.

Станува збор за скопјанката Андријана Петрушовска (23) и Мелиса Зијадиќ (18) од прилепско Лажани.

18-годишната Мелиса ги задоволи и високите критериуми на Драган Стојковиќ Босанац, а од коментарот на Марија Шерифовиќ, беше јасно дека младата девојка од прилепско ќе продолжи понатаму во шоуто.

“Мелиса, лудило! Генерално добро пееш, меѓутоа ти укажав да бидеш поведра. Вечерва се’ ми се допадна и браво после осум кругови”, порача Шерифовиќ.

Коментарот на Босанац беше следен:

“Мелиса јас ќе те пофалам, а твојата менторка ќе ти каже каде имаш погрешено. Ти мене ми личиш како на приказната за лебедот, првиот и вториот круг беше преплашена, а сега доби крила и леташ злато мое, одличен трилер, одлична боја на гласот. Браво, ти си за мене чиста десетка”, рече Стојковиќ.

На крајот и Цеца, која е ментор на Мелиса, не го криеше задоволството што нејзината кандидатка помина директно во наредниот круг.

Настапот на Мелиса можете да го погледнете од 1:20:49, на видеото во продолжение:

На сред село кај “Роко Брзи”, низ песна со Славче Ристески, која ќе ве натера да го посетите едно од најубавите македонски села (ВИДЕО)

Живописното село Богомила, или некогашна општина Богомила, е дестинација која би му ја препорачале секому. Прекрасната природа, ридско-планинските селца во околината и реката Бабуна се рај и одмор за душата.

Во Богомила ќе ги најдете едни од најгостопримливите мештани, а неодминлива дестинација е продавницата на “РОКО БРЗИ” на сред село, каде најдобро ќе запознаете многумина од нив.

Имавме една убава прилика да се дружиме со чичко Славче Ристески, прекрасен човек кој потекнува од ова село, а дружбата ни помина со многу пеење, смеа и раскажување на многу анегдоти и случки од секојдневниот живот.

Впечаток ни остави неговата изведба на песната “На сред село едно дрво”, која ви ја пренесуваме во продолжение:

Нека оваа мелодија ве примами да ги посетите овие полни со љубов краишта на нашата преубава Македонија.

Браво Андреа, Прилеп се гордее со тебе! Пред една недела стана државен првак, а сега застана и рамо до рамо со најдобрите од цел Балкан (Фото галерија)

Македонската бодибилдинг и фитнес репрезентација денес се враќа по успешниот настап ма 33-тото Балканско првенство кое викендов се одржуваше во Темишвар, Романија.

Нашите репрезентативци освоија три златни медаљи, Георги Георгиевски, Петар Стојаноски и Ајремин Јусуфи, една сребрена, Дејан Димков и една бронзена, Томче Николовски.

Дел од македонската репрезентација беше и Андреа Аврамоска од Прилеп, која беше четвртопласирана. Во голема конкуренција од целиот Балкан, нашата Андреа, преку упорност и многу работа застана рамо до рамо со најдобрите.

Пред само една недела стана државен шампион во категоријата боди-фитнес, а сега и докажа дека сосема заслужено ја доби оваа титула.

Да и’ посакаме овој најнов успех да биде поттик и до година да ја видиме на самиот врв на Балканот и Европа.

Два турнири по ред, Тамара на врвот – медали и за Ангела, Анабела и Јована – Девојките од БК “7-ми Мај” Прилеп газат каде и да се појават

Вчера во Косово се одржа меѓународниот турнир “Хани Елези”, каде одново главниот збор го имаа прилепските борачки. Минатонеделната победничка во Качаник, Тамара Цветкоска, и на овој турнир освои прво место и беше избрана за најдобар странски борач.

Покрај Тамара, со медали во своите конкуренции се стекнаа и:

Ангела Трајкоска и Анабела Стојаноска, кои освоија втори места, а Јована Тодороска беше третопласирана.

Честитки за девојките и нивните тренери. Благодарение на нивните успеси, Прилеп е во самиот врв во борењето во Македонија.

Автомобил удри во пешак на улица “Партизанска” во Битола

На 27.04.2024 во 09.13 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Партизанска“ во Битола, патничко возило „лада“ со битолски регистарски ознаки, управувано од З.Р.(51) удрило во пешакот Ј.С.(73), двајцата од Битола.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола – информриаат од СВР Битола.

Влегувањето на Исус во Ерусалим: Православните христијани го празнуваат Цветници – За многу години!

Православните христијани денеска го празнуваат Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници.

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.