дома блог страница 688

Во 7 години се сменија 5 министри, а прилепските актери се’ уште чекаат на ветувањето за нов театар (ВИДЕО)

На крајот од годинашното, инаку доста успешно 58-мо театарско издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, и на македонските театарџии како да им „пукна филмот“ – зошто театарски Прилеп се’ уште нема нов театар, а кој беше ветуван цели 7 години и кој досега требаше да биде готов – објави “АЛФА ТВ”

„На Прилеп му треба театарска зграда! Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество“ – порача Зоја Бузалковска – професорка и театарска режисерка.

Сега веќе фамозната изградба на новиот театар во Прилеп, ја најави уште екс-премиерот Заев, кој во декември 2020-та од центарот на Прилеп оптимистички се пофали дека во 2021 година ќе се започне со изградбата.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметката наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“, – изјави Зоран Заев, екс-премиер (19.12.2020).

По безмалку четири години оттогаш, ветениот театар останува да биде пуста желба на прилепчани, а особено на театарските работници кои со години работат во субстандардните услови од постоечкиот театар кој е сместен во стогодишен објект. А Проектот за новиот театар дури годинава бил испратен на ревизија и се чека ревидентот да го одобри за потоа да се бара дозвола за градба.

„Мислам дека цел град посакува нов театар и има потреба, затоа што во Прилеп се одржуваат и Театарските игри „Војдан Чернодрински, а веќе во Македонија имаме толку модерни театри, така што ние се соочуваме со проблеми на сцена, и на техника, и на изведување на претставите, затоа што ние не можеме да ги опслужиме на вистинскиот начин, на кој што е потребно и заслужуваат сите професионални театри во нашава држава“ – изјави Јасмина Мицовска – Станкоска, в.д. директор на НУЦК „Марко Цепенков“, Прилеп.

Инаку, во изминативе седум години, во Минстерството за култура се сменија дури пет министри, но Прилеп, се’ уште никако да добие нов театар.

Каролина Дурло

Брука: Ја нападнала својата колешка на работно место во РЕК Битола

-На 15.06.2024 во 18.00 часот во СВР Битола, М.Б.С.(36) од Битола пријавила дека на работното место во РЕК Битола била физички нападната од нејзината колешка Н.Ч.Б. од Битола.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

Прилепскиот ракометен амбасадор ја донесе француската екипа во Македонија: Уживале во убавините и храната, а дома се враќаат и со тетоважи “РАКИЈА” (ФОТО)

После една напорна и успешна сезона екипата од францускиот ракометен клуб “Иер Хандбал” (Hyeres Handball), каде што палката е на нашиот интернационален тренер Томе Петрески, решија фондот на клубот да го искористат и да ја посетат туристички Македонија.

Изминатава седмица ракометарите со тренерот Томе го посетија Охрид, Битола и Прилеп.

Задоволството и воодушевеноста од убавините на Македонија е огромно, гостопримството на народот ги фасцинира и недвосмислено изјавуваат дека ова е прв пат да ја посетат Македонија, но не и последен.

Секако македонската храна го зачини впечатокот за Македонија, а особено салатите и жолтата ракија. Како спомен секој од нив си тетовираа со кирилично писмо “На здраје” и “ракија”.

Доприносот за промоција на Македонија на нашиот врвен ракометар е огромен и позитивен чекор кој добро е секој од нас да го применува.

Во Битола се одржа дебата на тема: “Приватни наспроти државни унизерзитети” – Заклучокот е дека се потребни итни реформи во високото образование!

Во киното „Манаки“ во Битола се одржа возбудлива дебата на една од најрелевантните теми во високото образование: „Приватни наспроти државни универзитети“. Како дел од проектот „Зајакнување на вашиот потенцијал“, ценети професори, студенти и членови на локалната заедница се собраа да дебатираат за квалитетот во високообразовните институции во Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваат тие.

Во ерата обележана со стремеж за квалитет во образованието, традиционалната поделба помеѓу приватните и државните универзитети е сè повеќе оспорувана. Учесниците на дебатата: проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје, проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Силвија Попчановска, постдипломец на БАС „Академија Смилевски“ и Борис Гушевски, студентски лидер на УСС УКЛО, навлегоа токму во ова клучно прашање и дискутираа за иновативните перспективи за иднината на високото образование.

Учесниците на дебатата се согласија дека приватните и државните универзитети се интегрални компоненти на еден ист образовен систем, чија соработка треба да биде насочена кон поттикнување на иновациите и подобрување на пристапноста, а со тоа кон подигање на стандардот на образованието во државата. Тие истакнаа дека наместо да се занимава со вештачките граници наметнати помеѓу приватните и државните универзитети, приоритетно прашање за општеството и за институциите треба да се биде квалитетното наспрема неквалитетно образование. Метриката за оценување на квалитетот е клучна за тоа секој студент да го добие калибарот на образование што го заслужува.

На дебатата, учесниците особено истакнаа дека образованието не значи само пренесување знаење, туку и негување генерации способни и ангажирани граѓани. Ректорот Миленковски ја нагласи важноста од охрабрувањето и поттикнување на младите луѓе да го продолжат своето образование дома, но во средина што ќе го вреднува нивниот придонес и што ќе им овозможи активно да придонесуваат за напредокот и просперитетот на татковината и на нацијата.

На крајот на дебатата, учесниците упатија апел за итни системски реформи во високото образование чија приоритет ќе биде воспоставување основни стандарди за квалитет и повикаа на итна акција за да се надмине овој предизвик, а сѐ со цел да се обезбеди пристап за сите ученици до висококвалитетно образование.

Во Прилеп се оддржа традиционалната „Палачинкијада“ и се прогласија првенци на генерација: Ова се највредните ученици годинава! (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Традиционално, крајот на учебната година во Прилеп, и годинава беше одбележан со манифестацијата Палачинкијада. Учениците од основните и средните училишта се засладија со вкусни палачинки и лимонада, а беа прогласени и првенците на генерацијата во секое училиште.

Најдобрите ученици добија плакети од градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

Палачинкијадата предизвика голем интерес кај децата кои неделава завршија уште една школска година. Да им посакаме убаво да се одморат летово, а од септември со нови сили да редат само успеси.

На Прилеп му треба нова театарска зграда! Заврши 58. издание на МТФ “Војдан Чернодрински” (Фото галерија)

Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења... Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам! – рече Ана Стојаноска

На Прилеп му треба театарска зграда! Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество – громогласен аплауз заслужи пораката на режисерката Зоја Бузалковска синоќа на врачувањето на наградите на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Бузалковска ја прими наградата за најдобра режија на претставата „Иванов“ на Македонскиот народен театар. Оваа претстава доби седум награди на фестивалот.

-Ваков тип на претстава како „Иванов“ не е возможно да го направите ако немате колектив во вистинската смисла на зборот – актерите, цел сценографски тим, која работеше на тоа да биде возможно во овие не баш поволни услови за играње големи претстави, какви што во моментов ги имаме во Прилеп. Во тие услови успеавме да направиме магија, за жал некои луѓе не видоа делови од претставата и многу им благодарам што останаа до крај. За крај, ќе се заблагодарам на жирито, на целиот прекрасен тим – рече Бузалковска.

Да се создава фестивал значи да се раѓа една креативна идеја, концепт, смисла, приказна и таа да може да се чита на сите можни начини. Да се создава театарски фестивал значи да се практицира менаџирање на петстотини и повеќе човечки приказни секоја со својата потреба, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

-Да се создава театарски фестивал во Македонија, а посебно во Прилеп, значи да се бориш со сите ветерници, а истовремено ветрот во грб да ти го дуваат сите помошници од првиот до последниот. Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења. Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам! – рече Стојаноска.

Таа на сцената ги покани тимот на фестивалот, вредните волонтери, сите што на некаков начин помогнале за реализирањето на претставата.

Наградата за претстава за уметничко остварување ја доби Театарот „Антон Панов“ од Струмица за „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За струмичкиот театар оваа награда доаѓа на 75-годишнината од основањето.

-Струмичкиот театар по 45 години од историјата на овој фестивал, ја добива наградата за најдобра претстава, токму оваа година прославува 75 години постоење. Постарите прилепчани ги знаат добрите времиња на струмичкиот театар, кога освојуваше награди. Се надевам дека ова ќе ни биде поттик за следната година, имаме тим, актери, техники, голема благодарност до режисерот Љупчо Ѓоргиевски во името на целиот ансамбл – рече Драган Маџиров, раководител на театарот.

За улогата на Силјан во истата претстава, актерот Васил Михаил ја освои наградата за најдобра машка улога.

-Посебно ми е драго што оваа награда ми се случи според текст на Горан Стефановски, во пиесата базирана на митот за Силјан Штркот, запишан од Марко Цепенков, уште еден прилепчанец. Горан праќа уште подлабока порака а тоа е дека овде во овој живот треба да го побараме она што постојано мислиме дека недостасува. Таа друга страна на животот – љубовта. Ви благодарам – рече Михаил.

Мојата прва професионална претстава беше токму на Прилеп, а ова е моја трета награда токму на „Чернодрински“, моето потекло и корени се од Прилеп. Ви благодарам публико, секогаш е задоволство да се игра пред вас – видно возбудена истакна актерката Дарја Ризова, примајќи ја наградата за најдобра женска улога за претставата „Иванов“.

-Голема благодарност до моите прекрасни колеги од претставата, кои со голем труд влегоа во овој процес и без нив немаше да бидам тука. Благодарам на мојот другар и колега Благој, фала ти што секогаш си тука покрај мене и во најтешките моменти од животот. Оваа награда ја посветувам на нашето долгогодишно другарство – тоа е најважно – рече Ризова.

Нејзиниот колега Ѓорѓи Јолевски ја освои наградата за најдобра споредна улога. Тој истакна дека редовно учествува на речиси секој фестивал.

-Оваа награда ми значи затоа што е награда за тимот што беше на сцената, водена од главниот актер Благој Веселинов, кој беше диригент на таа оркестрација. Благодарниост до целиот тим во МНТ, како мравки работевме на таа претстава и бевме наградени многу од вас, драга прилепска публико – рече Јолевски.

Актерката Анкица Бенинова ја прими наградата за женска епизодна улога.

-За вас постоиме и ќе постоиме и театарот дури и да се распаѓа, ние живееме – рече Бенинова.

Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Григор Јовановски за улогата на Љвов во „Иванов“. Тој се потсети дека неговиот прв настап на театарска сцена бил токму во Прилеп на сцена со Благоја Спиркоски-Џумерко.

– Оваа награда е благодарение на сите луѓе што се дел од процесот. Благодарам на организацијата на фестивалот, за сè она што го правте за ние да бидеме овде, особено на професорката Ана Стојаноска. Да сте живи и здрави! Прилепската публика е најдобрата што човек може да ја посака – порача Јовановски.

Навистина сум многу возбудена и иако добивам награда за млад актер, сметам дека оваа улога мене сосема ме промени, навистина станав позрела. Се надевам дека нема да биде последна, сакам да се заблагодарам на жирито и на организаторите, рече Јована Миладинова од претставата „Едвард Втори“, наградена за најдобра млада актерка.

-Чест ми е што играв во овој Дом на култура. Навистина сум многу возбудена и иако добивам награда за млад актер, сметам дека оваа улога мене сосема ме промени, навистина станав позрела. Се надевам дека нема да биде последна, сакам да се заблагодарам на жирито, на организаторите – рече Миладинова.

Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола ја прими наградата за колективно остварување. Наградата за најдобра музика за Ристо Вртев ја прими Томе Темелкоски, кој беше дел од музичкиот состав што ја изведуваше музиката во претставата „На дното“ на прилепскиот театар.

-Го затвораме 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Ги собираме впечатоците, го собираме уморот, се обидуваме да го одржиме пламенот на креацијата и страста во создавањето нови промени. Обично на вакви вечери, главниот и одговорен за тоа прави рецензија, самоевалуација и се обидува во свечен тон да ја заокружи целата недела што изминала. Јас ветувам дека ќе бидам поинаква. И тоа е дел од промената! – рече Ана Стојаноска.

Во чест на наградените синоќа настапи дуото Добрила и Дориан со нивната прекрасна музика.

Се претера со моторите, граѓаните не спијат навечер, полицијата почна да казнува: Во неколку часа казнети 30 моторциклисти на територијата на СВР Битола

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на вчерашниот ден (14.06.2024), во периодот од 18.00 до 24.00 часот продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на СВР Битола изречени се вкупно 30 мерки за возачи кои управуваат мотоцикли, од кои 18 мерки за некористење на заштитна кацига, 9 мерки за непоседување на возачка дозвола.

При контролата откриени биле и 13 останати прекршоци…

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – велат од СВР Битола.

Детали за хоророт кој ја вознемири цела Македонија: Мажот ја давел и тепал сопругата, таа се ослободила, па ги убила и него и свекорот

Маж од Кратово ја тепал и ја давел својата сопругата. Таа се ослободила и со нож го убила него и неговиот татко. Што претходело на ужасното двојно убиство кое ја вознемири Македонија?

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36 – годишна жителка на Кратово, осомничена дека сторила кривичнo делo – Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

-При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место, стои во соопштението.

По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената.

Битолчанец украл “тико”, по неколку часа го фатиле

На 15.06.2024 во 01.30 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Е.А.(33) од Битола.

Тој се сомничи дека во периодот од 22 до 24.00 часот на 14.06.2024 одзел патничко возило „тико“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на З.Т.(48) од Битола.

Возилото било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицето било приведено во полициска станица.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

(Фото галерија) Во ЦК “Марко Цепенков” отворена изложбата “Испразнетото гнездо”, од уметницата Марија Конеска

Синоќа, 14.06.2024, во Ликовната галерија беше отворена изложбата “Испразнетото гнездо” од уметницата Марија Конеска, во која се говори за емиграцијата.

Изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, посочувајќи дека се работи за инсталација со фотографии печатени на пластика, на кои се претставени напуштени куќи, градби и игралишта.

-Со цел да ја акцентира тридимензионалноста во просторот и сегашноста и да го вовлече посетителот како активен учесник во визуелната композициска нарација, уметницата пред фотографиите поставува пластични силуети, претходно исечени со ласер.Поставените силуети потсетуваат на одамна минато време обременето со заборавени уморни ветувања”сенки без спомени”.

Уметницата Конеска со богат визуелен јазик на автентичен начин ја опишува емигрантската приказна и ја претставува животната приказна која ја остава секој иселеник зад себе”-рече Димеска.