дома блог страница 671

Aплицирајте! Општина Прилеп доделува 20 стипендии за студенти од Економскиот факултет

Општина Прилеп и оваа година ќе додели 20 стипендии за студентите на Економски факултет Прилеп од Општина Прилеп.

Целта е да се покаже опшествена одговорност кон младите со цел нивно академско усовршување во Општината каде што живеат, како и обезбедување на социјална заштита на социјално ранливи категории на студенти од Општина Прилеп.

Крајна цел на доделувањето на стипендиите е придонес на студентите кон Општина Прилеп за нејзина афирмација.

Стипендиите ќе се доделуваат на студенти кои ќе се запишат на Економски факултет Прилеп во тековната академска година во прв и втор уписен рок, како редовни студенти и ќе се однесуваат на партиципацијата за студирање за првата академска година.

Вкупниот број на стипендии изнесува 20 стипендии.

По 10 стипендии ќе се доделат на двете категории студенти и тоа:

– стипендии за најдобри студенти и

– стипендии за социјално ранливи категории на студенти.

Право на стипендирање имаат студентите кои што ги исполнуваат следните услови:

Да се жители на Општина Прилеп;
Да се државјани на Република Македонија;
Да се запишале како редовни студенти на прв циклус студии на Економски факултет Прилеп во прв уписен рок.
Стипендиите ќе се доделат врз основа на претходно распишан Јавен повик.

Јавниот повик ќе биде распишан од Општина Прилеп, понеделник (16.09.2024 година) и истиот ќе биде објавен на огласната табла на Општина Прилеп, на веб-страната на Општина Прилеп и на локалните електронски медиуми во Општина Прилеп.

Јавниот повик ќе трае 5 (пет) денови, не сметајќи го денот на неговото објавување.

Сите услови, критериумите како и постапката за доделување на стипендии за најдобри студенти и за социјално ранливи категории на студенти од Општина Прилеп е утврдена со Правилник за доделување стипендии на студенти од Општина Прилеп.

Правилникот можете да го симнете ТУКА

Мицкоски: За 80 дена имаме покачени пензии, исплата на заостанати плати, субвенции, нови инвестиции, додека јас сум премиер нема да има недопирливи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Претрес со Ландов“ говорејќи за работата на Владата во овие изминати 80 дена истакна досега има покачено пензии, исплата на заостанати плати, како и нови инвестиции, воедно говорејќи за одговорноста потенцираше дека додека е премиер нема да има недопирливи.

„На 24 јуни сметката беше минус 12 милијарди денари или отприлика околу минус 200 милиони евра, нешто што досега се нема случено. Ја реструктуиравме самата влада, односно ги оптимиравме секторите во кои цениме дека треба да се развиваме како држава, и мислам дека направивме добар потег за идните генерации“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека се донесе ребалансот на буџетот, а со него се предвидоа многу работи кои што беа изоставени од претходната влада.

„Ќе споменам неколку. Во буџетот пред да биде донесен ребалансот недостасуваа без тековното законско покачување на пензиите, не зборувам за линеарното, околу 5 милијарди денари, односно повеќе од 80 милиони евра не беа предвидени. Ги вративме платите кои не им беа исплаќани со месеци на вработените во Национални шуми и АД Водостопанство, некаде околу 350 милиони денари, околу 6 милиони евра. За земјоделците предвидовме една милијарда денари средства кои претходно не биле предвидени, стари долгови, а долгот е околу 3,2 милијарди денари. Предвидовме една милијарда денари која недостасуваше за исплата на К15 во вработените во јавна администрација. Повеќе од 83.000 вработени ќе добијат по 11.000 денари кон крајот на годината“, изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека со ребалансот се предвидоа 6 милијарди денари за капитални инвестиции во општините, но и пари за покачување на пензиите.

„Денеска можам со задоволство да кажам дека ден пред истекот на рокот на јавниот повик 66 општини пријавија 215 проекти, и тие не се само ВМРО-ДПМНЕ и очекуваме утре да стигнат и други. Тоа се 215 проекти кои ќе го променат животот на граѓаните. Предвидовме средства за зголемување на пензиите оваа година 2.500 денари линеарно по пензионер, од март уште 2.500 денари, со тоа нашето клучно ветување за првата година, ние во првите 9 месеци ќе го испорачаме кај граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски исто така нагласи дека се донесе огромна странска инвестиција од половина милијарда долари во делот на енергетиката која треба да креира повеќе од 600 работни места, да произведува 1 терават час електрична енергија што е отприлика 25-30% од вкупното наше годишно производство и тоа е чекор кон енергетска сувереност и независност, огромен потег кој досега регионално не можеше да се замисли.

„Заокруживме три други странски инвестиции како она Епсотек, Вабтек и компанијата која практично започна пред два дена во ТИРЗ Скопје 2. Тоа се нови три инвестиции кои ќе имаат повеќе од 1.000 вработувања и отприлика 200 до 220 милиони евра извоз и додадена вредност врз домашниот производ. Работиме уште на три такви инвестиции, од кои две се проширување на производниот капацитет на веќе постојни инвестиции и една нова од 150 милиони евра каде сме во потесна конкуренција со голема држава членка на ЕУ“, рече Мицкоски.

Говорејќи за ветената одговорност, премиерот Мицкоски истакна дека додека е премиер нема да има недопирливи.

„Пред граѓаните мора да сме отчетни и поднесеме отчет што сме правеле. Секој што се огрешил пред закон ќе одговара. Јас не сум од оние политичари кој ќе рече ќе стави бројчаник, а после од него да нема ни Б. Нема да најавувам спектакли, да ангажирам полициски специјални единици да растревожувам семејства, естрада од оваа Влада нема да има“, изјави Мицкоски.

Конечно место за вистински гурмани во Прилеп: Ресторан “Гурман” ве кани на целосно гастрономско уживање (Фото галерија)

Богатата гастрономска понуда на градот под Марковите Кули од неодамна доби ново место за вистинско гурманско доживување.

Позади поранешен хотел “Липа”, се отвори ресторанот “ГУРМАН”, место со богата понуда на македонска традиционална храна и пријатен амбиент, кое ќе стане вистински магнет и главна дестинација за сите гурмани и вљубеници во вкусот на традицијата.

Станува збор за едно ново мераклиско место каде семејните дружби и веселби, деловните ручеци и дружбата со пријателите ќе биде вистинско уживање, а зошто тоа е така?!

По во “Гурман” можете да уживате баш гурмански од А до Ш. Почнувајќи од пребогатата понуда на домашни и странски вкусови на салати, па преку вкусна чорба и разно-разни мезлаци до традиционална прилепска скара, разни печења, традиционални македонски јадења и рибни специјалитети.

Умот да ти зајде, вистинска царска трпеза која вреди да се испроба уште денеска.

Широкиот простор на ресторан “ГУРМАН” е отмено уреден, па и најпребирливите гости тешко ќе најдат мана. Амбиентот е топол и пријатен, а услугата на ниво на задачата.

Целта е да уживате од првиот до последниот миг додека сте нивни гости, задоволни да го напуштите ресторанот, а потоа одново да се вратите и топло да го препорачате.

Сопствениците ветуваат многу изненадувања за гурманските вљубеници во градот. Ќе ги следат желбите и потребите до најситен детаљ, па искрено им посакуваме успешна работа и многу, многу задоволни гости.

За резервации јавете се на телефонскиот број: 070 985 110.

НАЗДРАВЈЕ!

Кои се предностите на предвремена отплата на кредит?

Размислувате за да отплатите кредит пред рокот? Научете кои се предностите за предвремена отплата на кредит и донесете ја вистинската финансиска одлука.

Сите корисници на кредити имаат право кое е регулирано со закон и договорот за кредит делумно или целосно да ја исплатат недоспеаната сума од кредитот. Но што значи тоа за корисниците и зошто би го направиле тоа? Кои се предностите на предвремена отплата на кредит?

Важен дел од секој кредитен процес е отплатата на кредитот. Сите се запознаени дека навременото плаќање е препорачано, задоцнетите рати се предмет на провизии, но што се случува кога корисникот сака да го исплати кредитот пред време?

Кои се Предностите од Предвремена Отплата на Кредит?

Секој корисник на кредит има право предвремено да го отплати кредитот. Најчесто, тоа се прави со поднесување на посебно барање за предвремена отплата кај кредиторот. Без разлика дали се работи за традиционални или брзи кредити, предностите од предвремена отплата за кредити се исти.

Генерално гледано, бенефитите од предвремена отплата на било кој вид на кредит се поврзуваат со позитивното влијание врз финансиската состојба на поединецот. Трите најголеми предности поради кои многумина одлучуваат да ги затворат своите кредити пред договорениот рок на исплата вклучуваат:

  • Намалување на вкупните трошоци за кредитот
  • Подобрување на кредитниот рејтинг
  • Достигнување на финансиска слобода

Намалени вкупни трошоци за кредитот

Еден од начините како предвремената отплата на кредит може да ви заштеди пари е тоа што вашите вкупни трошоци за истиот ќе се намалат. Висината на сумата која кредиторот треба да ја врати ги вклучува главницата и каматната стапка. Со предвременото плаќање на кредитот, главницата се исплаќа во целост, но трошоците за каматата предвидени во договорот се намалуваат.

Кога ќе се поднесе и одобри барање за делумно или целосно предвремено отплаќање на кредитот, кредиторот е должен да ги намали финансиските обврски на потрошувачот. Целокупните трошоци на корисникот кои претходно биле договорени, ќе се намалат за износот на каматата од денот на предвремената исплата, до самиот рок на исплата.

Подобрување на кредитен рејтинг

Секое плаќање, без разлика дали е тоа навремено, предвремено или задоцнето е забележано во кредитна историја. Финансиските институции имаат увид во кредитната историја и таа е особено важна за нив кога некој клиент бара услуги од нив. Но, кои се придобивките од предвремената отплата на кредит на долг рок?

Кога станува збор за предвремената отплата на кредит, таа може позитивно да влијаe врз кредитниот рејтинг на корисникот. Најчесто, предвремената отплата, се поврзува со финансиска дисциплина и одговорност, слично на навременото плаќање на месечните рати.

Затоа, еден од бенефитите на делумна или целосна отплата на кредитот може да ја зголеми кредитната способност на корисникот. Со тоа, шансите за одобрување на секое барање на финансиска помош во иднина може позитивно да влијае на исходот од апликацијата и да ги подобри условите за кредитирање.

Финансиска слобода

Месечните рати за кредит, без разлика на нивната висина, претставуваат финансиска обврска и товар. Доколку корисникот има доволно средства делумно или целосно да го отплати кредитот предвремено, тоа ќе ја зголеми неговата финансиска слобода и флексибилност на долг рок.

Видови на Предвремена Отплата

Во договорот за кредитирање и законските решенија на државата се предвидуваат два видови на предвремена отплата: делумна и целосна.

Делумна предвремена отплата на кредитот е кога должникот бара да исплати само дел од преостанатитот износ на кредитот пред договорениот рок. После делумна предвремена отплата, има две сценарија како може да продолжи процесот на подмирување на преостанатиот долг, и тоа:

  • Се скратува рокот на отплата и месечните аниуитети остануваат исти како претходно
  • Месечните аниутите се намалуваат а рокот на отплата е ист

Целосната предвремена отплата на кредит, како што кажува и самото име, е кога кредитот се затвора комплетно. Корисникот ја исплаќа целата сума на кредитот пред рокот и се ослободува од сите месечни рати и камати.

Дали Се Наплаќа Провизија за Предвремена Отплата?

Во договорот за кредит, задолжително е јасно и прецизно да бидат наведени сите услови и трошоци поврзани со предвремената отплата на кредитот. Кредиторите најчесто одредуваат дали и колкави провизии ќе наплатат за предвремена отплата според видот на кредит. Постојат многу понуди за кредити за кои не е предвидена провизија за предвремена делумна или целосна отплата на кредитот.

Но, во исто време, одредени кредитни производи предвидуваат процентуална пресметка на трошоците за предвремена отплата. Дополнително, некои кредитори имаат одредби со кои висината на трошоците за предвремена уплата зависат од потеклото на средствата.

Пример, трошоците за предвремена отплата најчесто се пониски доколку се покријат со сопствени средства отколку со рефинансирање. Исто така, некои одредби можат да предвидуваат провизии за подготовка и обработка на барањето кои треба да ги сноси корисникот.

Заклучок

Да резимираме: кои се придобивките од предвремената отплата на кредит? Трите причини кои можат позитивно да влијаат врз одлуката за отплата на кредит пред рокот се намалување на вклупните трошоци за кредитот, подобрување на кредитниот рејтинг и зголемување на финансиската слобода.

Супер деби за Несторовски: Го однесе Славен во осминафиналето на Купот на Хрватска

Македонскиот фудбалер Илија Несторовски имаше одлично деби за новиот клуб Славен Белупо, каде постигна гол кој на тимот му донесе пласман во осминафиналето на Купот на Хрватска.

Напаѓачот по едногодишниот престој во Асколи, се врати во ХНЛ-лигата и даде гол за Славен во дуелот против Кустошија (1-0) во рамки на 1/16-финалето од Купот. Победничкиот погодок Несторовски го постигна во 55-та минута од натпреварот.

Славен Белупо противникот во следната фаза од Купот на Хрватска ќе го добие на ждрепка.

“Вечер на евергрини”: Група “Марифет” вечерва со свој концерт на камената бина во Прилеп

Како дел од проектот “Од 0 до култура”, вечерва со почеток од 21 часот на Камената бина во центарот на Прилеп, свој настап ќе има групата “Марифет”, а пред прилепчани ќе се претстават со одличен репертоар на евергрини.

Музичката група „Марифет“ до Прилеп е активна на музичката сцена, во Македонија и надвор од неа, повеќе од 9 години. Групата „Марифет“, во текот на своето постоење, има направено повеќе видео записи, ковер композиции од различни музички жанрови. Оваа година успешно снимивме аудио и видео запис за новата авторкса песна „Правите боеми“, и настапивме на познатиот битолски фестивал „Битолска Серенада“, исто така со авторска песна. Во иднина е планирано континуирано творење своја авторска музика и заокружување на наше десетгодишно постоење со самостоен концерт во 2025 година. Групата ја сочинувааат активни професионални музичари, тројца од нив музички образовани. Продефилирале во повеќе музички состави од различни музички стилови.

Членови на бендот:
Христијан Ангелкоски – вокал
Кире Гаралоски – Бас гитара
Димче Џагадуроски – Тапани
Пеце Христоски -Клавијатури
Тоде илиоски – гитара

На културниот настан од 0 до култура, во организација и покровителство на општина Прилеп, Групата „Марифет“ ќе земе ативно учество со целовечерен концерт.

Концертот е насловен „Вечер на евергрини“.

Ќе бидат изведени најпознатите евергрин композиции од 60ти до 90ти години од македонската забавна музика, на извонредните вокални изведувачи: Драган Мијалкосвки, Славе Димитров, Диме Поповски, Зоран Милосавлевиќ, Никола Автовски и други.

Битолчанка уапсена во Прилеп: Го нарушила јавниот ред и мир

-На 11.09.2024, полициски службеници од ОВР Прилеп лишиле од слобода 38 годишна битолчанка затоа што го нарушила јавниот ред и мир со агресивно и недолично однесување.

По документирање на настанот против неа ќе следува соодветен поднесок – информираат од СВР Битола.

Битола подготви 16 проекти вредни 4 милиони евра: Еве што градот на конзулите ќе добие со државна помош!

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, денес ги потпиша 16-те проекти аплицирани од страна на општина Битола, на Јавниот повик
за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА- Инфраструктурни проекти во
општините, со комплетно подготвена проектна документација, во вредност од над 4 милиони евра.

Станува збор за изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа во должина од речиси 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу
6 километри.

Проектите опфаќаат и поставување на ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште.
Општина Битола аплицираше и за изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина и поставување на
ограда околу фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.

Tри лица повредени: Тешка сообраќајка на патот Битола – Демир Хисар

На 09.09.2024 во 22.16 часот во СВР Битола било пријавено дека на регионалниот пат Битола – Демир Хисар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хјундаи“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(21) од Битола и патничко возило „фолксваген поло“ со битолски регистарски ознаки, управувано од И.А.(30) од с.Белче, демирхисарско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатникот од возилото „хјундаи“, М.Г.(21) од с.Брусник, битолско и возачот на возилото „фолксваген поло“, додека со телесни повреди се здобил возачот на возилото „хјундаи“, констатирани во Клиничка болница во Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола.

За ручек без мана и избор на јадења умот да ви зајде! “МАНЏА БАР” Прилеп, место каде готварската мајсторија се спојува со традицијата и вкусовите (ФОТО)

Го освојуваше Медитеранот и Истанбул, донесе еден грст награди и признанија во Прилеп и еден куп воодушевувања од неговите карвинг дела на кој и натпревар да се појавеше, а сега готвачот од Прилеп со уметничка душа, почна да ги освојува и трпезите во секој дом и на секоја прослава.

Неодамна градот под Марковите Кули доби ново гастрономско место. Станува збор за “МАНЏА БАР” на Влатко Алексоски и Дејан Недески, место каде преку готварската мајсторија се спојуваат традицијата и вкусовите. Ако мислите дека станува збор за уште еден кетеринг, се лажете! Зошто?! Затоа што овој дуќан, мајсторијата и понудата на готвени јадења тука “се испечени” преку макотрпна работа во изминатите две децении.

Шеф Влатко својот занает и доверба кај прилепчани ја градеше долги години, а сега кога успеа на едно место да ги понуди сите вкусови на македонската традиционална кујна, ги знае сите готварски марифети, го знае буквално вкусот на секоја манџа и сите гурмански навики на своите сограѓани, а да им погодиш на прилепчани секогаш е тешко, затоа што важат за одлични познавачи на добрата храна.

Во “МАНЏА БАР” секојдневно ќе најдете мени како царска трпеза! Од традиционални македонски јадења како: мусака, полнети пиперки, тавче гравче, разни специјалитети со месо и разни македонски тави…, па се до интернационални вкусови. За секого по нешто, а како ретко каде тука ќе најдете и оригинален прилепски ширден.

Се што треба е редовно да ја следите Фејсбук фан страната на “МАНЏА БАР”, а наша препорака е да не чекате да ве фати после пладне, туку од утро да одберете што одговара на трпезата за вас и вашите најмили. Се наоѓаат на булеварот “Александар Македонски”, веднаш до поранешниот маркет “Земјоделци” и за кратко време станаа број еден дестинација за голем број наши сограѓани.

И не само готвењето, туку за пофалба им се и кетеринг услугите. Тимот на “МАНЏА БАР” ви стои на располагање за сите помали и поголеми свечености. Нудат кетеринг по ваш вкус и ваш мерак, а со нивната услуга вашите прослави ќе добијат посебно значење и изглед.

Довербата се гради макотрпно, за довербата се вложува секој атом енергија, а кога во целиот труд ќе се вложи и малку уметност, трпение и љубов, се добива ремек дело, и само тогаш секој залак е како елексир и мелем за душа. Со овие убави зборови ви упатуваме денеска во “МАНЏА БАР” и ви посакуваме пријатен семеен ручек.

НАЗДРАВЈЕ!

Контакт телефон:078 867 171