дома блог страница 651

Николоски: Експресниот пат Прилеп-Градско ќе биде готов до Нова година, а автопатот Прилеп-Битола ќе стартува до крајот на октомври

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конференција соопшти дека до Нова година ќе бидат ставени во функција експресните патишта Прилеп – Градско и Ранковце – Крива Паланка.

Како што истакна Николоски по повод сработеното во првите 100 дена, решени се сите проблеми во однос на реализирањето на овие два проекта.

-Ги решивме проблемите на делницата Прилеп – Градско, финансирана делумно од ЕУ. ЕУ во 2023 година побарала формирање меѓуресорска комисија од Министерството за транспорт и ЈПДП, но година и пол не беше формирана. Две недели откако стапив на функцијата министер, ја решивме таа работа и веќе се работи инетнзивно. Делницата Прилеп – Градско ќе ја завршиме до Нова година и целата ќе биде оперативна. Ќе може да се вози по нов експресен пат со два тунела со брзина од 110 – 130 километри на час. Слична беше ситуацијата и на потегот Ранковце – Крива Паланка. И таму ги решивме проблемите. И таму имаме финансирање од ЕУ и до Нова година и оваа делница ќе биде ставена во фунција, подвлече Николоски.

Тој најави и дека до крајот на овој месец ќе почне, како што рече, првата реална работа во однос на коридорите 8 и 10.

-Ќе стартуваме со Прилеп – Битола со конкретни активности на терен и изградба на автопат, како и со Гостивар – Бокојчани, популарната Стража. Тоа се двете секции кои први ќе одат, истакна министерот, дополнувајќи дека Владата само на овој проект заштеди 252 милиона евра.

ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ПРИЛЕП: Советниците ќе гласаат за прогласување на ДЕН НА ЖАЛОСТ

По трагедијата која утрово во црно го зави целиот град, кога во сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола животот го загубија тројца лекари од Прилеп, Советот на општина Прилеп закажа вонредна седница.

Седницата ќе се одржи денеска (03.10) со почеток од 18 часот, а единствена точка на дневниот ред е прогласување на ДЕН НА ЖАЛОСТ во Општина Прилеп.

Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 49-та ВОНРЕДНА седница на
Совет на Општина Прилеп

Свикувам 49-та ВОНРЕДНА седница на Советот на Општина Прилеп која ќе се одржи денес 03.10.2024 година, со почеток во 18,00 часот, со следниот предлог на:

Д Н Е В Е Н Р Е Д

1.Предлог-Одлука за прогласување Ден на жалост во Општина Прилеп.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Совет на Општина Прилеп
Ирена Стерјовска Локвенец с.р

(ВИДЕО) Со 43 бакли во форма на крст, навивачите од “Мајмуни” го одбележаа 40-дневниот помен на Благојче Спиркоски-Џерио

Во чест на прерано починатиот Благојче Хаџи Спиркоски, кој пред 40 дена ја загуби битката со тешката болест и не’ напушти, неговите другари од навивачката група “Мајмуни”, синоќа му оддадоа почит, палејќи 43 бакли во форма на крст. Бројот на баклите ги симболизираа годините кои Благојче ги имаше.

Благојче Хаџи Спиркоски е роден на 9 септември 1981 година во Прилеп. Потекнува од скромно семејство, мајка и татко, тој и неговите две сестри. Основно образование завршил во Општинското основно училиште “Кочо Рацин” во Прилеп, средно образование завршил во Електро-машинскиот училиштен центар “Ристе Ристески Рицко” во Прилеп, а студираше на Универзитетот “Свети Климент Охридски” во Битола.

Од мал е љубител на хип-хоп музиката, бил дел од македонската музичка група “Македонски синови”. Голем љубител е на уметноста, посебно на ликовната уметност. Бил член на прилепската навивачка група “Мајмуни”.

Последните години од неговиот живот се предаде на Бога. Беше ревносен исповедник на верата Христова, знаеше да каже “Само од Христа се плашам, само на Него да не му згрешам!“

“Витаминка” е компанија каде доминираат жените: 1/3 од раководните места и најголем број од технолозите се жени (ФОТО)

Во периодот од 2 – 3 октомври 2024 година во Скопје се одржува “WOMEN ECONOMIC FORUM” – G100 Meeting – Balkans 2024, кој настан е поддржан и од страна на „Витаминка“ АД како златен спонзор. Во рамките на третиот панел, учество како панелист зеде д-р Орде Ѓорѓиоски, Директор на правни и општи работи. Присутни беа и Натали Петреска, Директор на Контрола и Душица Неделкоска, Маркетинг и ПР Координатор.

-Панелот беше насловен “Shaping a Business Landscape for Women’s Career Success”, а нашиот претставник се осврна на многуте практики кои ние како компанија ги имаме за поддршка на жените, презентирајќи го фактот дека „Витаминка“ е компанија во која доминираат жените вработени со повеќе од 50% во вкупниот број, но и компанија во која најмалку 1/3 жени се на раководни позиции, а дури 60% од вкупниот број технолози се жени. Исто така, директорот изнесе и лични согледувања поврзани со темата, особено за подобрувањето на положбата на жената во компаниите и потребата од зголемување на бројот на жени претприемачи, за што се разви исклучително корисна дискусија. Овој Форум претставува извонредна можност да се научи нешто ново и да се споредат компаниските практики со светските трендови, а во правец на уште поголема инклузија и давање приоритет на знаењето и индивидуалните способности.Нашите колеги присуствуваат на настанот во овие два дена. Ја користиме приликата да се заблагодариме на организаторот за одличниот Форум, со желби да продолжи соработката за вакви и слични иницијативи во иднина – стои во соопштението од компанијата.

Kривична за градоначалник и пет лица вработени во урбанизам: Легализирале објекти кои не можат да бидат легализирани

Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против градоначалник на една скопска општина, пет лица вработени во Секторот за урбанизам во истата општина и правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Имено, по поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на пријавеното правно лице, пријавените пет вработени во општината излегле на местото, бил изготвен записник за увид на место, во кој спротивно на Законот за градење и Законот за утрдување на правен статус на бесправно изградени објекти, констатирале дека наводно објектите за спорт и рекреација – тениски игралишта ги исполнуваат условите за нивна легализација, иако таков вид на објекти се времени објекти и не можат да бидат предмет на легализација, по што изготвиле и заедно со пријавениот градоначалник потпишале урбанистичка согласност, а по плаќањето на одредениот данок на имот, изготвиле и потпишале решение за утврдување на правен статус на бесправен објект.

На тој начин му овозможиле на пријавеното правно лице да ги запише наводно бесправните објекти во вкупна површина од 3993 метри квадратни, односно да се стекне со противправна имотна корист во износ од 147.341.700 денари.

(ФОТО) Тројцата загинати утрово се лекари од Прилеп во болницата “Плодност”

Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа. Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.- напишаа предмалку од болницата “Плодност” на социјалните мрежи.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.

Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги.

MВР со детали за трагичната сообраќајка кај Прилеп, во која утрово загинаа три лица

Утрово во 7 часот и 51 минута, на патот Прилеп-Битола кај селото Лагово, се судрија патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски таблички управувано од Н.В. (42) од Прилеп, со сопатниците А.Р. и Ф.Ј., сите од Прилеп, и товарно возило „волво“ со скопски регистарски таблички управувано од Г.Р. (51) од Битола, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Патничко возило се движело во правец кон Битола, а камионот се движел во обратен правец кон Прилеп.

„Во несреќата патничкото возило се запалило и на самото место починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Прилеп“, се вели во соопштението од МВР.

На местото на несреќата се врши увид од страна на јавен обвинител и полициски службеници од ОВР Прилеп.

Сообраќајот на магистралниот пат Битола-Прилеп е затворен за сообраќај во двата правци.

СПЛОТЕНИ ЗА МАЛИОТ НИКОДИМ! Голем број музички ѕвезди на Могилата, заедно да го спасиме малото ангелче од Прилеп!

Во животот човек не се станува со пари. Богати сме доколку помагаме, богати сме доколку имаме човечност, срце… Големината на човекот е во помагањето на другите. Колку сме богати и големи зависи од нас. На 9.10.2024 на Могилата на непобедените во Прилеп во големиот стадион дојдете, бидете хумани и покажете дека заедно можеме да спасиме живот – стои во поканата од “Дрим тим од деца за деца” кои организираат хуманитерен концерт за помош на Никодим Мидоски, малото ангелче од Прилеп кое боледува од тумор на мозокот.

На концертот ќе настапат голем број музички имиња од естрадата, меѓу кои и: Јордан Митев, Стојне Николова, Ламбе Алабаковски, Елена Јовческа…

Влезницата чини 150 денари, а концертот е со почеток од 18 часот.

Секоја купена влезница е ваша директна донација за да помогнеме Никодим да ја победи болеста и да живее здраво и среќно детство.

Дојдете, забавувајте се и донирајте за Никодим, за повторно да покажеме дека Прилеп е град на хуманоста!

Прилеп му се “истури” на фенерџијата: Радовиш поразен со 11 гола разлика

Ракометарите на РК Прилеп стигнаа до вториот триумф сезонава во Супер лигата. Во рамките од петтото коло во “Ричко” гостуваше фенерџијата на табелата, екипата на Радовиш.

Прилепчани забележаа рутинска и висока победа со 11 гола разлика. Крајниот резултат на семафорот беше 35:24 (19:12 на полувремето).

По почетните изедначени минути, при резултат 8:8, Прилеп направи серија од 6:0 и го трасираше патот кон нов триумф.

Вториот дел разликата постојано растеше и во ниту еден момент Радовиш не успеа да се врати резултатски во натпреварот.

Кај домаќините синоќа најдобар поединец беше Божидар Илиески со 8 погодоци, а го следеа Денис Шабановиќ со 5 и Христи Бикоски со 4 погодоци.

Во наредното коло Прилеп му гостува на Бутел.

Денеска до 26 степени, од утре дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови во западните делови ќе има зголемена облачност и повремен локален дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.

Во Скопје времето ќе биде сончево со умерена облачност, која кон крајот на денот ќе се зголеми. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Минималните температури ќе бидат во интервал од 4 до 18, а максималните дневни ќе достигнат 26 степени.

Под влијание на циклонска активност утре и во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и со засилен ветер.