дома блог страница 632

Коњановски има со што да се пофали: “Во Битола изминативе 3 години се гради како никогаш досега” (ВИДЕО)

Во Битола се гради како никогаш досега, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

„Во моментов се работи на над 15 локации во урбаниот дел од општината и руралните средини. Изминативе три години комплетно се реконструирани улици во должина од над 50 километри, а се градат и повеќе значајни објекти од високоградбата. Иако, дневно информираме за сите отпочнати проекти, како и за фазите на реализација во кои се наоѓаат истите, денес сакам да потенцирам неколку важни работи, кои ја одбележуваат годинава која изминува или – најважните проекти кои се реализираа во последните дванаесет месеци во Општина Битола.

Тоа се проекти со кои во Битола се чувствуваат промените кои значајно ја подобруваат инфраструктурата и овозможуваат подобри услови за живот на сите граѓани, за збогатување на културно – туристичката понуда, но и за економско заживување на градот и нови инвестиции. Накратко би ги споменал:

– Изградбата на влезот во Битола од страната на Прилеп, проект на кој активно работиме.

-Изградбата на улица кај новоотворениот трговски центар БЛИС.

-Изградбата на нова противпожарна зграда каде исто така активностите се во полн ек.

-Изградбата на новата детска градинка во АРМ во партнерство со Кромберг и Шуберт, која е во напредна фаза.

-Во завршна фаза е и адаптацијата на новата детска градинка во Домот за доенчиња и мали деца, по што ќе следува опремување на просторот, а веќе работиме и на решавање на проблемите кои беа затекнати за изградба на новата детска градинка кај основното училиште „Свети Климент Охридски“ за што сме во комуникација со ресорното министерство. Постоечкиот објект во состав на ДГ Славејче кој во минатото се користел од страна на градинката сега е адаптиран за згрижување на деца, со што се потврдува нашата заложба за зголемување на згрижувачките капацитети за најмладите.

-Започнавме изградба на велосипедски патеки во должина од над 5 километри и конечно започнуваме со реализација на идејата „Битола вело град“.

-Со поддршка на ПСК Пелистер го возобновуваме опожарениот планинарски дом „Копанки“ и веќе со радост и гордост можеме да кажеме дека таму новиот објект е во фаза на карабина и дека ќе се заложиме ова култно место за битолчани конечно повторно да ги отвори вратите за граѓаните.

-Во соработка со ФФМ го подготвивме стадионот „Петар Милошевски“ за ноќни натпревари и таму веќе се одиграа првите натпревари под рефлектори.

-После многу напори и долги процедури, отворено е прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“, како системски пристап во справување со проблемот со уличните кучиња.

-Изградена е пешачка патека на потегот Тумбе кафе – Смолево, омиленото место за рекреација на битолчани.

-Уреден е Новиот парк во Нова Битола и поставена е урбана опрема и спортски реквизити.

-По примерот на светските метрополи, осветлени се сите значајни архитектонски градби со што блесна најпознатата и најамбиентална улица во Битола, Широк Сокак, каде е поставена и нова урбана опрема.

-Реконструирани или во завршна фаза на реконструкција се над 18 километри патна инфраструктура, од кои голем дел имаат целосна реконструкција на водоводната, канализационата мрежа, коловозот, а каде што е потребно и улично осветлување. Во инфраструктурните проекти се вбројуваат улиците во урбаниот и руралниот дел од општината, меѓу кои би ги издвоил : улиците во Горно Оризари, Долно Оризари, Цапари, локалниот пат до с. Магарево, улицата Захарија Шумљанска кон новите Светонеделски гробишта, Стив Наумов, Индустриска, Бурса, „Нико Фундали“, „Солунска“, улицата „Крушевска република“ и други улици, потоа уредени се нови паркинг простори, направени се хуманитарни паркинг простори, направен е нов кружен тек, реконструирани се спортските игралишта во ОУ „Елпида Караманди“ во Брусничка населба и други инфраструктурни проекти за кои најмногу сакам да им се заблагодарам на граѓаните за нивните предлози за време на буџетските форуми, но и за нивното трпение во оваа интензивна градежна офанзива на општината, во која работиме на многу локации, со цел колку е можно повеќе да ги подобриме условите во општината и да реализираме повеќе проекти. Битола повторно станува привлечна за инвестиции, се отвори трговскиот центар Блис, наскоро најавено е отворањето на брендот „Лидл“, а очекуваме и нови инвестиции во Индустриската зона „Жабени“, една ја најави и премиерот Мицкоски. Реализирани се и повеќе проекти за подобрување на условите во основните и средните училишта во градот, проекти за поддршка на младите, учениците и студентите.

-Во делот на енергетската ефикасност, преку проектот „Сончеви училишта“, 6 основни училишта ќе добијат фотонапонски централи за производство на електрична енергија. Фотоволтаици ќе бидат поставени на основните училишта Стив Наумов, Елпида Караманди, Коле Канински, Кирил и Методиј, Александар Турунџев во с. Кукуречани и Крсте Петков Мисирков во с. Бистрица. Веќе една година, во објектот на подрачното основно училиште Даме Груев и градинката во населбата Долно Оризари, работат поставените фотонапонски централи и веќе, по една година, треба да ги добиеме првите резултати на заштеда. Во постапка на поставување фотонапонски централи се и средните училишта д-р Јован Калаузи, Ѓорѓи Наумов и гимназијата Таки Даскало. Ова значи дека до крајот на годинава, 10 училишта во Битола ќе имаат фотоволтаици.

-Преку проект со УСАИД, во процедура е подготвување на комплетна проектна документација за енергетска ефикасност на три училишта и една градинка, а преку 16-те проекти од Владата, основното училиште Стив Нумов, ќе добие нова енергетски ефикасна фасада. Започнавме со засадување на 1500 различни видови садници, односно дрвја, на 10 локации во градот, преку проектот EU4CleanAir (ЕУ фор клин ер), проект кој го работиме заедно со Европската Унија и УНОПС. И од овој проект очекуваме дополнителни бенефити околу грејните инсталации на неколку јавни објекти. – За прв пат во државата, нашата општина беше домаќин на Форумите за праведна транзиција, од кои произлезе и Визијата за Битола, како заеднички осврт на барањата на претставниците на сите засегнати страни од јавниот сектор, образованието, науката, приватниот сектор и невладините организации.

-Општина Битола е лидер во транспарентноста и отвореноста во државата според анализите на Центарот за граѓански комуникации и Метаморфозис, за што континуирано сме насочени кон подобрување на услугите на граѓаните преку постепено воведување на електронски услуги и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работата на локалната самоуправа. Ова се дел од проектите на кои работиме изминатата една година. За 16 нови проекти веќе добивме владина поддршка во висина од 230 милиони денари, а подготвуваме и проектна документација за реконструкција на девет спортски игралишта и изградба на две спортски сали во општина Битола“, изјави Коњановски.

-Како што ја започнавме годинава што изминува, така и завршуваме со асфалтирања на повеќе локации. Но, не го забораваме ниту културно туристичкото раздвижување на градот, кое оваа година, по четврти пат низ прекрасната „Зимска приказна“, од 20 декември до 06 јануари ќе создаде прекрасна атмосфера во Битола.

Градот веќе се украсува, не премногу, не премалку, туку доволно за Битола повторно да блесне во својата уникатна светлина, која изминативе три години, навистина го враќа својот сјај во повеќе области, потемцира Коњановски.

Ристески: Наскоро ќе биде објавени деталите за новогодишната потрошувачка кошничка

Новогодишната кошничка се подготвува, ќе има значителни намалувања, со цел да се заштити стандардот на граѓаните, најави денеска заменик министерот за економија, Марјан Ристески во Куманово, одговарајќи на новинарски прашања. Тој кажа дека деталите за производите, за намалувањата ќе бидат сооопштни на прес-конференција.

– Се знае дека кошничката е при крај, ќе има повеќе стотина производи, сигурно повеќе од претходната „есенската кошничка“ и мислам дека ќе бидат задоволни граѓаните од производите мои ќе бидат понудени во таа кошничка. Ќе има значителни намалувања коишто ќе бидат позитивна мерка во однос на заштита на стандардот на граѓаните, задржување на стабилност на цените, стабилен процент на инфлацијата којашто засега е на задоволително ниво, рече заменик министерот.

Вакви мерки владата ќе спроведува и во иднина, дополни Ристески, особено околу празниците, кога е евидентирана најголема потрошувачка. Во оваа кошничка како што соопшти ќе бидат опфатени традиционални производи, храна и пијалаци за празниците, пред и после Нова година. Кошничката е направена со претходна детална поопсежна анализа во која учествувале стопанските комори, синдикатите, организација на заштита на потрошувачите.

– И да најавам дека оваа кошничка ќе биде многу поразлична од претходните во начинот на определување на производите, кажа заменик министерот.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека во наредниот период, по кошничката во зависност од условите ќе се разгледуваат решенија за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Мерките кои ќе се предложат ќе бидат во насока на стабилизација на цените и подобрување на животниот стандард. Влијание ќе има и општествената одговорност на фирмите, маркетите, увозниците, производителите …

-Ако ги прашате економските експерти ќе ви кажат дека не е добро да се преземаат мерки и директно да се мешаме во бизнисот, во понудата и побарувачката на пазарот. Меѓутоа кога во услови во државата имаме стабилна и ниска инфалција во услови кога претходно имаме намалување на енергенсите, намалување на транспортните трошоци и дел од суровините, бевме сведоци дека во претходните период и години имавме драстично зголемување на цените на производите. Со тоа, бевме предизвикани да направиме вакви мерки во кои беа и овие кошнички коишто беа спроведени во претходниот период и што ќе ги има во наредниот период и како што кажав на почетокот дел од нашата иницијатива за продуцирање вакви мерки е пред сè подобрување на животниот стандард, стабилизација на цените на производите и стабилизација на инфлацијата. Ќе видиме како ќе се движат цените во наредниот период, да видиме колку ќе покажат општествена одговорност, самите фирми, производители, добавувачи, увозници, маркети, од сето тоа ќе зависат и идните мерки или носење идни законски решенија, предложени од министерството за економија, донесени од владата, рече Ристески.

Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка која траеше до 31 октомври. Со неа беа опфатени околу 70 производи на кои им беа ограничени профитните маржи.

МВР со известување до граѓаните: До 31. декември да се променат возачките дозволи со старото уставно име

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година. Министерството ги повикува сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни гужви.

Сите капацитети на министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и гужви.

Теодора Ѓорѓиоска од Прилеп ДРЖАВЕН ПРВАК во шах за средношколци

На 28.11.2024 во основното училиште „Мите Богоевски“ во Ресен, се одржа Државното првенство во шах за основни и средни училишта.

На натпреварот настапи и Теодора Ѓорѓиоска, ученик во I година во Гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп, и забележа одличен резултат освојувајќи го првото место во категорија на ученици средношколци во женска конкуренција.

Честитки за Теодора и желби за уште поголеми успеси во иднина.

Да се обединиме за малиот Амар од Прилеп: 7-годишното момче боледува од церебрална парализа и потребно е да се лекува во Турција

7-годишниот Амар Ајвазоски oд Прилеп, ученик во ООУ “Добре Јованоски” од Прилеп, боледува од церебрална парализа и потребно му е итно лекување во Турција.

Неговите родители не се во можност да ги соберат потребните средства и бараат помош од сите хумани и добронамерни граѓани и општествено-одговорни компании.

Колективот на ООУ “Добре Јованоски”, ги повикува сите хумани граѓани да му помогнат на малиот Амар.

-Драги пријатели, на нашиот ученик Амар Ајвазоски му е потребна нашата помош за лекување во Турција. Ве замолувам да не го одбегнувате овој пост со кој сите можеме да помогнеме да се соберат средства за да се изврши операцијата. Неговите родители не се во можност да ги обезбедат овие средства, ама затоа ние сите заедно можеме да помогнеме. Ве повикувам сите што сте во можност да донирате, посебно фирмите и добронамерните граѓани! Верувам во вас и вашите благородни срца. За повеќе информации ѕвонете на мојот телефонски број 078230041! Ви благодарам  – напиша на ФБ директорката на училиштето, Панде Николоска.

Освен на приложената жиро сметка, секој граѓанин парични средства може да донира и во училиштето.

 

 

Проекција на филмот “Ескорт” во киното “Мис Стон” во Прилеп

На 5.12.2024 /четврток/ од 19.00 часот во кино Мис Стон ќе биде прикажан филмот „Ескорт“ / драма/ трилер.

Возрасна категорија: 18+

Влезници ќе се продаваат на билетарницата од киното среда и четврток од 10 до 12.00 часот и еден час пред проекцијата на филмот!

ЗА филмот ЕСКОРТ

Приказната го следи Миро кој за време на службено патување, за прв пат во животот, вечерта ја поминува со ескорт дама кој некој ја испратил во неговата хотелска соба. После страстниот секс, тој ја наоѓа девојката мртва во тоалетот. Успешен, среќно оженет и татко на две деца, Миро ја прикрива несреќата со помош на двајца вработени во хотелот, кои набрзо почнуваат да бараат од него да им ја возврати услугата. На почетокот, тоа се мали нешта, но наскоро нивните барања почнуваат да излегуваат од контрола. Двајцата соучесници во неговото „злосторство“ одеднаш добиваат голема улога во неговиот живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.

Авторски потпис на филмот ставаат и Фране Памиќ како кинематографер, Славен Зеќевиќ – монтажа, сценографијата е на Иван Вељача, костимографија –Жељка Франуловиќ, шминка – Мојца Горогранц Петрушевска, автор на оригиналната музика е македонскиот композитор Александар Пејовски, а дизајнот на звук е на ИгорПоповски. Продуценти на филмот се Хрвоје Перван, Драган Јуриќ и Анкица ЈуриќТилиќ, а како копродуценти се потпишуваат Томи Салковски и Фатмир Спахиу.

Главните улоги ги толкуваат Живко Аночиќ, Крешмир Микиќ, Никша Бутијер, Хрвојка Беговиќ, Игор Ковач, Хрвоје Баришиќ, Пашко Вукасовиќ и Лена Медар.

„Ескорт“е копродукција на Кинорама од Хрватска со Скопје Филм Студио и Бука Продукција од Косово, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот Аудио визуелен Центар, ХРТ и Косовскиот Центар за кинематографија.

Трејлер:https://www.youtube.com/watch?v=gYQN0oDpjEA

IMDB: https://www.imdb.com/title/tt28150540/

https://www.kinorama.hr/filmovi/Escort/77

Уште една во низата! Прва награда за гимназијалецот Георги Николоски од натпреварот “Ноември – месец на науката 2024”

На 30.11.2024 година во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје беше одржана манифестацијата за популаризација на природните науки „Ноември – месец на науката 2024“.

Главен организатор на манифестацијата е Сојузот на математичари (СММ) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ), а во реализацијата беа вклучени и Македонското биолошко друштво, Македонското географско друштво, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, Македонското еколошко друштво и Скопското астроносмско друштво.

На натпреварот под мотото „Истражувај, експериментирај и откриј нови светови!“ зеде учество и гимназијалецот од прилепската гимназија “Мирче Ацев”, Георги Николоски од III 4 клас. Георги ја освои првата награда со експериментот од областа на биологијата „Ефектот на млечно-киселите бактерии врз растот и развојот на растенијата“ под менторство на професорката Софија Крстеска.

Георги е ученик кој во континуитет ги освојува првите места на државните натпревари, а воедено е и кандидат за Олимпијадата по биологија и Олимпијадата по хемија.

Му посакуваме големи успеси и во идните натпреварувања!

Храмот Св. Петка од Прилеп организира Духовна академија во чест на Св. Климент Охридски

-Храмот „Св. Петка“ со радост ве поканува на свечената духовна академија во чест на Св. Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Настанот ќе се одржи на 7 декември 2024 година, со почеток во 19:00 часот, во нашиот храм – стои во поканата од храмот.

Овој величествен поетско-музички перформанс е дело на учениците од СОУ гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп, кои преку поетски и прозни рецитали и хорски музички изведби ќе го претстават ликот и делото на овој голем светител. Академијата е подготвена под менторство на професорот по македонски јазик и литература Дарко Ристески и професорката по музичка уметност Татјана Иваноска, во соработка со храмот „Св. Петка“.

Св. Климент Охридски, првиот словенски епископ и најистакнатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, претставува столб на духовноста, просветителството и културниот напредок на нашиот народ. Неговото дело продолжува да инспирира, а преку вакви настани имаме можност да го доближиме неговото наследство до новите генерации.

Храмот „Св. Петка“ ја продолжува својата мисија како духовен, културен и образовен центар, со особен акцент на младите како носители на иднината. Гордост ни е што соработуваме со гимназијата „Мирче Ацев“, а нашата цел е ваквите активности да ги прошириме со сите основни и средни училишта во нашиот град.

Сите љубители на духовноста, културата и уметноста се добредојдени да бидат дел од оваа свечена вечер, исполнета со духовна радост и сеќавање на еден од најголемите светилници на нашата вера и култура.

Ве очекуваме!
Со почит,
В.д. старешина на храм Св. Петка
Протоереј Љупче Петрески

Прилепчанец ограбил две жени – првата на улица, на втората и’ влегол дома со нож

-СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Ј.(25) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојништво“ и „тешка кражба“ на дрзок начин.

На 24.11.2024 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, пријавениот со употреба на сила од оштетената И.Ч.С. од Охрид одзел чанта, а на 25.11.2024 преку отворен прозорец влегол во домот на оштетената С.Џ. од Охрид и заканувајќи ѝ се со остар предмет ѝ одзел пари и накит.

На него му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена – информираат од МВР.

(ФОТО) Напредува изградбата на катната гаража во центарот на Прилеп

На просторот од паркингот позади поранешно “Игор дракстор”, забрзано се одвиваат работите за изградба на новата монтажна катна гаража во Прилеп.

Изградбата на оваа катна гаража, која се планира да го растерети сообраќајот во централното градско подрачје започна летоска, а ја гради фирмата “ИБО ПОД”.

Вкупната сума, според договорот објавен на веб страната на Бирото за јавни набавки, изнесува 18,5 милиони денари (со ДДВ).