дома блог страница 616

Најмладите ќе уживаат! Две премиери во Битолскиот театар во пресрет на празниците – “Снежана и седумте џуџиња” и “Снежната кралица”

Битолскиот театар во последните 3 (три) месеци успеа да реализира 7 (седум) премиери на театарски претстави, успеа да ја зголеми посетеноста на изведбите, успеа да го врати театарот на публиката.

„Чудата се случуваат само ако верувате во нив“, истакна на денешната прес конференција директорот Васко Мавровски, а по повод најновите премиери, спектаклот за деца “Снежана и седумте џуџиња” и новогодишна претстава “Снежната кралица”. Тој се осврна на сите проекти кои беа реализирани во периодот од 4.септември до денес.

„Успеавме нашите театарски сали да бидат исполнети до последно место, за 30 проценти зголемена е посетеноста на сите претстави. Благодарност за целиот тим на Битолскиот театар, кој веруваше и верува во мотото „Театарот повторно твој“. Работиме се со цел да го вратиме театарот каде некогаш беше. Започнати се и проектите за унапредување на условите за работа, завршивме со проектот дигитализација на репертоарот, набавен е софтвер за дигитално архивско работење. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата, во завршна фаза е видео надзорот со кој се заштитува сопственоста на Народен театар Битола. Ќе имаме видео снимки од театарските претстави, се реновираат многу простори каде актерите работат во текот на подготвување на претставите. Со други зборови успеавме за многу кратко време да направиме многу работи и сум горд на вработените на театарот кои во ниту еден момент не ме оставија сам да ги придвижам овие работи“.

За следната година Мавровски најави фокусирање на претстави на македонски автори и режисери. Па така ќе биде изведена претставата по текст на Игор Кузмановски, „Жиголо“, во режија на Благој Мицевски кој е и костимограф на претставата, композитор Марјан Неќак, сценограф Сергеј Светозарев. Премиерата ќе биде на 1.март и тоа ќе биде првата премиера на НТБ за 2025, и е реализирана со сопствени средства.

“Снежана и седумте џуџиња” е по текст на Љубивое Ршумовиќ во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак.

„Ова е моја трета соработка со Битолскиот театар и секогаш со многу љубов се враќам во оваа куќа. Оваа приказна за Снежана, сите добро ја познаваме. Во последните години интензивно се занимавам со различни теми кои се обидувам да им ги раскажам на децата, па барам различни начини да им пренесеме нешто и да им го задржиме вниманието, во денешно време кое е многу брзо и со цела технологија околу нив. Нашата претстава зборува на еден специфичен јазик кој е поетски, но близок на денешните деца. Се обидовме да создадеме еден простор кој на различни генерации им е близок и да го споиме со денешното темпо и да создадеме еден нов автентичен свет“, истакна режисерката Милошевски Попова.

„Работењето на детска претстава е најкомплексното нешто“, додава драматургот Билјана Крајчевска.

„Темите и целта на овие претстави се многу важни. Се надевам дека со оваа претстава ќе почне една нова ера каде ќе се посвети внимание на децата. Ние постојано го поставуваме прашањето како да имаме подобро општество, една тема која треба најдобро што може да се обработи и од етичка и од естетска смисла, па така ние заклучивме дека е најдобро раскажувањето на приказни, после претставата децата да имаат можност да ја раскажат сопствената приказна.Текстот е на Ршумовиќ, но користиме и референци од бајките на браќата Грим“.

За прв пат во НТБ како кореограф работи Игор Киров, еден од најактуелните и најбарани светски кореографи.

„Се обидовме да создадеме една претстава која ќе ја гледаат не само децата, туку и возрасните. Мило ми е што театарот дава можности на македонските креативци, уметници да творат, како и мене кој сум долги години ангажиран на сцените надвор од Македонија, а на овој начин имам можност да го дадам својот допринос за развивање на нашата култура, да создадеме нешто кое се надевам ќе остане на репертоарот и сите ќе бидеме задоволни од крајниот производ“.

Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката ќе биде сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик -од прекрасната Снежана , низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица -оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.Суфлер е Гордана Михајлова, инспициент Димитар Михајловски.

„Мило ми е што сум дел од ваков проект бидејќи играме пред најискрената публика и се надевам дека децата кога ќе излезат од салата ќе имаат нова љубов кон театарот, добра поука и насмевка“, рече актерката Ана Грамосли.

„Месец и половина работиме многу сериозно, напорно и ретко во нашите кариери се случува да сретнеме луѓе кои некогаш ќе чепнат во нешто друго кое го носиме, но сме го сокриле некаде. И покрај тоа што станува збор за детска претстава, пристапот е сериозен, сите бевме максимално вложени.Оваа комбинација од Драгана и Игор направи одлична работа, постигнавме нешто што не бевме свесни дека можеме, сите танцуваме, направија одлични сцени. Поместивме граници и на естетиката и на тоа што значи театар за деца со сите можности кои ги имаме во Битолскиот театар“, додава актерката Јулијана Мирчевска.

Претставата „Снежната кралица“ е работена со поддршка на Општина Битола и ќе се игра во рамките на Зимската приказна.Ќе има 8 изведби. Работена е според бајката на Андерсен, режија Јулијана Мирчевска, костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев. Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Хари Михајловски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Михајлова, Огнен Дранговски, Марија Стефановска,Петар Спировски, Никола Пројчевски и Живко Борисовски. Музиката е на Миодраг Неќак.

Двете претстави се во рамките на програмата на НТБ на претстави за најмладите и мотото „Театарот повторно на децата“. Премиерата на “Снежана и седумте џуџиња” ќе биде изведена на 23.12 во 18 часот, а само два дена потоа и премиерата на детската новогодишна претстава “Снежната кралица” која ќе биде на репертоарот до 30.12.

Важно соопштение од Јавниот градски превоз Прилеп: Од 01.01.2025год. нов начин на плаќање!

Соопштение од Градскиот автобуски превоз Прилеп до корисниците на услугите:

-Се известуваат сите граѓани, корисници на автобусите од Автобуски Градски Превоз – Прилеп, започнувајќи од 01.01.2025 година наплатата во автобусите ќе биди исклучиво со електронски картички, кои ќе бидат персонализирани и истите можат да се купат во наплатниот центар.

Се замолуваат граѓаните да си набават електронски картички за превоз, бидејќи ќе има зголемена контрола на патниците во автобусите, па за да нема несакани ситуации во текот на превозот на патниците, пожелно е секој патник да го има регулирано своето возење преку електронска наплата во самите автобуси.

Плаќањето со монети (кеш) во автобусите се исфрла од употреба, односно е забрането.

Митрополитот Петар од Прилеп: “Да се прогласи Св. Никола за неработен ден, за сите да можеме да се најдеме во храмовите и заеднички да празнуваме” (ВИДЕО)

По 17-ти пат прилепчани вчера се поклонија пред својот заштитник на градот, Светиот Николај Чудотворец, празник кој најмасовно се празнува во градот под Марковите Кули.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.

Како и секоја година, така и оваа празникот се одбележа со водосвет и прережување на празничниот колач пред параклисот, а потоа и со празнична посна трпеза на плоштадот “Александрија”, каде беа послужени традиционалните прилепски сармички, вкусно гравче и риба.

Пред верниците традиционално се обрати и Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски, Владиката Петар, кој одржа прекрасна празнична проповед.

Митрополитот Петар меѓудругото упати апел до локалните власти, градоначалникот и општинската администрација, празникот од наредната година да биде неработен ден, за секој, од најмлад до највозрасен да може да присуствува во торжественото празнување и да може да ги посети светите храмови.

“Упатувам апел до градоначалникот, претседателот на Советот и општинарите, да се прогласи овој ден да биде ден слободен, неработен, и сите да се најдеме во храмовите, сите да прославуваме. Сега кога доаѓавме тука, дечињата од училиштето не’ забележаа и почнаа да ни тропаат на прозорците за да не поздрават. Зошто да не се и тие слободни денеска, сите да сме слободни, па ако нема друг начин за да се прогласи овој ден да биде неработен, односно ден на прослава, ден на заедничко славење на Светиот Николај, нека биде макар со одработување во друг ден од седницата”, порача Митрополитот Петар кој упати срдечни празнични честитки до сите верници.

Целото обраќање на Владиката Петар проследете го од четвртата минута во видеото во продолжение:

Битолчанка му пронашла дрога на сопругот, па го пријавила во полиција, друга пак пренесувала дрога до затвореник преку пакети со храна

СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.Т.(28) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во мај 2023 година, во повеќе наврати преку посредници кои ги користела како транспорт без нивно знаење, во пакет со храна, пријавената пренесувала марихуана до осуденик во Казнено – поправната установа Затвор Битола.

Исто така СВР Битола поднесе кривична пријава против Х.Г.(30) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.05.2023 во СВР Битола, сопругата на пријавениот пријавила дека во домот пронашла метамфетамин, сопственост на пријавениот и ја предала на полициските службеници.

Актерот Борис Чоревски засади дрвце во Алејата на добитниците на награди за животно дело во Градскиот парк во Битола (ФОТО)

Доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски, овогодинешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело, денес, ја продолжи традицијата на засадување дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело. На настанот присуствуваа Градоначалникот Тони Коњановски, директорот на ЈП Комуналец, Горан Степановски и други гости.

Градоначалникот Коњановски изрази задоволство што на денешниот празник „Свети Никола“ се реализира оваа активност и ја истакна можноста, во блиска иднина да се исправи неправдата спрема сите останати добитници на 4 Ноемвриската награда пред 2018 година и да се засадат дрвца во Алејата на добитници на наградата за животно дело.

Актерот Чоревски најпрво го честита празникот „Свети Никола“ на сите што го празнуваат и ја искажа својата благодарност кон Општина Битола и Советот на Општина Битола и сите оние кои одлучуваа да му се додели наградата за животно дело.

„Оваа награда ми значи многу, со своето постоење во овој град , со својот живот веќе 75 години јас сум среќен и радосен што сум добитник на оваа награда како признание на она што сум направил во Битола“ – рече Чоревски.

(ФОТО/ВИДЕО) Прекрасна традиција! И тризломаалци во Прилеп традиционално го одбележаа заштитникот на градот, Светиот Николај Чудотворец

По 17-ти пат прилепчани вчера се поклонија пред својот заштитник на градот, Светиот Николај Чудотворец, празник кој најмасовно се празнува во градот под Марковите Кули.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест. Параклиси има и во населбите “Жабино Маало”, но и во населбата “Тризла”, каде вчера традиционално поголем број верници го одбележаа празникот со посна трпеза.

Традицијата во оваа прилепска населба започна во 2016 година, кога малото паракливче на улица “Мице Козар” беше осветено, а секоја година на денот си има и домаќини како што е редот.

Годинава таа улога ја имаа нашите сограѓани Душко Костадиноски, Стојчески Кристијан и Талески Мартин со фамилиите, а в година ќе бидат: Филип Аризанкоски, Менде Петрески, Мацко Алексоски и Деанче Јосифоски.

На домаќините и идните домаќини да им посакаме среќа и здравје, а на тризломаалци оваа традиција да им стане што помасовна, па во наредните години да им доаѓаат што повеќе гости и од останатите населби во Прилеп.

ФОТО/ВИДЕО: Јосиф Трајкоски

Денеска започнува “ЗИМСКАТА ПРИКАЗНА” во Битола – На 10 локации музика, забава, еден куп изведувачи….

Со официјална прес-конференција, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и директорот на Културно – информативниот центар, Благојче Божиновски го најавија почетокот на Зимската Приказна 2024, која ќе трае од 20 декември до 6 јануари. Со нови атракции, празнична атмосфера и привлечна туристичка понуда, Битола оваа година е подготвена да го привлече вниманието на туристите од цела Македонија и регионот.

Зимска Приказна – Поддршка за локалната економија

Годинава, акцентот на Зимска Приказна е ставен на поддршката за локалните трговци, угостители и хотелиери. Очекувањата се дека зголемената посетеност на туристи и граѓани ќе има директно позитивно влијание врз локалната економија.

„Зимската Приказна е повеќе од празнична програма – таа е можност за Битола да го покаже својот туристички потенцијал. Нашата цел е сите трговци, угостители и хотелиери во градот да почувствуваат економска придобивка. Празничната сезона е шанса за развој на локалниот бизнис, зголемување на прометот и привлекување на нови туристи,“ изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Преку зголемување на посетеноста во ресторани, кафулиња, продавници и сместувачки капацитети, се очекува Битола да ја зацврсти својата позиција како туристичка дестинација во зимскиот период.

„Имаме прекрасна 18 дневна програма исполнета со различни настани, кои сигурен сум дека ќе привлечат интерес кај сите генерации, зошто токму такви се и програмските содржини.

Годинава имаме слоган, кој гласи „Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“, зошто токму во овие празнични денови, Битола ќе биде вистинска бајка во која ќе се одиграат повеќе театарски претстави, ќе се случуваат детски музички настани, а секако имаме и добри изведувачи, кои ќе ја исполнат и разубават атмосферата во градот.Како што споменав, започнуваме утре (20.12) во 17:30 од пред Офицерскиот дом со Дефиле на Дувачкиот оркестар на Државното музичко училиште од Битола низ Широк Сокак до плоштадот Магнолија, каде официјално ќе биде отворено лизгалиштето со настап на Танцовиот спортски клуб „Експоуз“ од Битола и многу музички и сценски изненадувања.
Годинава ги прошируваме и локациите на кои ќе се одвиваат содржините, кои се над 10, сепак задржувајќи ги како главни локации: Платото на Офицерски дом, Широк Сокак, Старата чаршија, Плоштадот Магнолија. Во програмските содржини имаме соработка со Културно информативниот центар, а ги вклучуваме и дел од основните и средните училишта кои покажаа интерес, детските градинки, приватни едукативни школи, танцови школи, ди џеи, ја доближуваме германската и француската култура, а посебно ставаме акцент на домашната култура и традиција. Меѓу настаните сакам да ги истакнам настапите на групите „Фолтин“, „Љубојна“, „Ареа“, Некст тајм, „Пауза за ракија“, потоа изведувачите Бојана Скендеровски, Ѓоко Танески и многу други. Дочекот на Нова година ќе биде со настанот „Ноќ на нови почетоци“ – Вечер со Андријана Јаневска, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Димитар Андоновски, Дувачки оркестар „Блезери“ и група Фонтана“
, изјави градоначалникот Коњановски.

Лизгалиште на Плоштад Магнолија – Главна атракција и простор за забава

Една од најголемите атракции оваа година е лизгалиштето на Плоштад Магнолија, кое ќе биде отворено за сите генерации – деца, млади и возрасни. Просторот ќе функционира секој ден, а посетителите ќе можат да уживаат во зимската забава на мразот.

Мечо – Симбол на празничната приказна

Симболот на детската радост во Битола – добро познатиот „Мечо“ – и оваа година добива централно место во празничната програма. Неговото присуство кај Офицерски дом ќе биде место каде што најмладите ќе можат да направат фотографија и да го доживеат духот на празниците.

„Лизгалиштето“ и Возот „Мечо“ се содржини кои се реализираат во соработка со ЈП „Паркинзи“, додека Културно информативниот центар е соработник на општината во организацијата на програмскиот дел.

„Оваа година земаме поголема активност во реализацијата и во имплементирањето на програмските активности. Со оглед на тоа што ние во изминатата година реализиравме преку 400 настани препознаени од страна на публиката, гостите и луѓето кои директно беа вклучени во тие настани, преку заеднички разговори успеавме да вклучиме спонзори кои активно сакаат да не подржат и во наредната година. КИЦ влегува во договорот и во цела оваа програма и за наредната година со Општината. Целата наша логистика во смисла на светло, аудио што ја имаме на располагање со цел да се реализират сите настани, ние ќе учествуваме и со визуелно презентирање на туристичката мапа на градот и на самата Зимска приказна, каде преку дигитална форма ќе можат да се следат настаните“, изјави директорот на КИЦ – Битола, Благојче Божиновски.

Повик до граѓаните и туристите

Битола е подготвена за празничната магија! Со нови атракции, уникатна атмосфера и поддршка за локалната економија, Зимска Приказна 2024 ќе биде можност граѓаните да уживаат во своето слободно време, додека туристите ќе имаат шанса да го доживеат празничниот дух на градот.

„Ги повикуваме сите граѓани на Битола и туристите од Македонија и регионот да бидат дел од ова празнично доживување. Оваа година создадовме уште поголема магија, со повеќе содржини и повеќе можности за сите. Сите заедно ќе создадеме незаборавни спомени,“ изјави градоначалникот Тони Коњановски.

67-годишен битолчанец со “застава 101” yдрил во своја сограѓанка – жената со тешки повреди пренесена во болница

-На 18.12.2024 во 11.07 часот во СВР Битола, било пријавено дека на ул.,,Македонска фаланга“ во Битола, патничко возило „застава 101“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(67) од Битола, удрило во Д.М.(68) од Битола.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Д.М., констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола – информираат од СВР Битола.

Кожувчанка донира 8,5 тони вода на Клиничкиот центар во Скопје (ФОТО)

Во знак на солидарност и поддршка за пациентите и здравствените работници во Клиничкиот центар ”Мајка Тереза” во Скопје, Компанијата Кожувчанка денеска донираше 8,5 тони природна Изворска вода, со цел да помогне во справувањето со моменталниот недостиг на вода во главниот град.

Како Компанија која секогаш посветено се грижи за доброто на своите граѓани, Кожувчанка ја препознава сериозноста на состојбата во која се наоѓа Скопје, со оглед на актуелните предизвици со недостигот на вода овие денови.

Знаеме дека водата е основна потреба за функционирање на здравствените институции, а Клиничкиот центар ”Мајка Тереза” во Скопје, кој секојдневно се соочува со бројни пациенти, сега има огромна потреба од стабилен снабдувачки капацитет.

Кожувчанка и понатаму ќе продолжи да биде активно вклучена во иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на условите во заедницата и секогаш ќе биде поддршка на здравствените институции во периоди на криза.

По 17-ти пат прилепчани се поклонија пред својот заштитник и ја одбележаа градската слава Св. Никола – Догодина домаќини ќе бидат компаниите “Матадор” и “Бимфуд” (ФОТО ГАЛЕРИЈА/ВИДЕО))

Градот под “Марковите Кули” уште еднаш го прослави својот заштитник Св. Никола. Големиот христијански празник, кој за своја куќна слава го празнуваат во речиси секоја трета куќа во Прилеп, и оваа година со богат празничен ручек и музичка програма беше одбележан во центарот на градот.

Домаќини оваа година беше општина Прилеп, а за в година домаќини ќе бидат прилепските компании “МАТАДОР” и “БИМФУД”.

Одбележувањето на празникот започна со Света божествена литургија во храмот Св. Благовештение, а со истата чиноначалствуваше Владиката Петар, а потоа следуваше Литија во чест на светецот низ улиците на градот.

Традицијата на одбележување на празникот започна пред 17 години, па досега повеќе компании од градот приредија богати посни трпези во центарот на градот, а гости секоја година им се голем број прилепчани и посетители од соседните градови.

Традицијата на празнување во централното градско подрачје ја започна претходниот градоначалник на општината, Марјан Ристески, кој заедно со локалната самоуправа направија бренд од оваа манифестација.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.

Трпезата како и секоја година ја сочинуваа малите поосни сармички, вкусното светиниколско гравче и риба, а посетителите се загреваа со топла ракија, греано вино и чај.

Токму посните сармички го внесоа Прилеп за прв пат во Гинисовата книга на рекорди. Во 2008 година во очи на празникот прилепчанки завиткаа 80.000 посни сарми, доволно за Прилеп да биде запишан и запознаен од светот.