дома блог страница 603

Прва и трета награда за прилепските гимназијалци од натпреварот “Млади физичари” (ФОТО)

На 14.11.2024 во просториите на Природно – математичкиот факултет во Скопје, во организација на друштвото на физичари, се одржа XLVI Школа „Млади физичари“, на која учениците се натпреваруваа во областа на експериментална физика.

Покрај натпреварот, се одржаа и предавања од различни области од физиката.

На настанот, заедно со професорките по физика, учествуваа четири ученици од гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп.

Под менторство на професорките по физика, со интересни експерименти од областа на физиката и изработени, оригинални поставки за експериментите, тројца ученици зедоа учество на натпреварот и постигнаа одлични резултати:

-Георги Николски III-4 – прва награда, ментор проф.Ивана Златевска

– Мила Вршкоска I-6 -трета награда, ментор проф.Марина Попоска

-Андреј Вршкоски II-7 – успешно учество, ментор проф.Соња Димовска

Кривична за прилепчанец – Нападнал полицаец на патот кон вештачкото езеро

-СВР Битола поднесе кривична пријава против И.Ќ.(26) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“.

На 08.10.2024 на место викано Поводеници, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија – информираат од МВР.

Д-р Елена Јорданоска Бисероска ќе ја продолжи традицијата на Прилеп како град од кој потекнуваат врвни радиолози – Од “Плодност” и’ посакаа добредојде во тимот

Д-р Елена Јорданоска Бисероска, специјалист по радиодијагностика, која ја продолжува традицијата на Прилеп како град од кој потекнуваат врвни радиолози. Со нејзината исклучителна експертиза, таа го продолжува делото на почитуваниот Прим. д-р Александар Ристески, кој остави значајна трага во областа на радиологијата, напишаа од болницата “Плодност” од Битола, од каде и’ посакаа добредојде на Д-р Јорданоска Бисеркоска во нивниот тим.

-Услугите што ќе бидат достапни во нашиот оддел вклучуваат:

• Ехо на абдомен и мала карлица
• Ехо на уринарен тракт
• Ехо на тироидна жлезда и врат
• Ехо на мускулоскелетен систем
• Ехо на дојки со еластографија
• РТГ на глава, синуси, рбет, горни и долни екстремитети
• РТГ нативна на абдомен и уринарен тракт
• Хистеросалпингографија (ХСГ)
• Пасажа на тенки црева

Среќни сме што д-р Јорданоска Бисероска е дел од нашиот тим и со нетрпение очекуваме заедно да постигнеме уште поголеми успеси – стои во соопштението од болницата “Плодност”.

Уапсени двајца прилепчани за извршена кражба

-На 20.11.2024 во 09.00 часот на патниот правец Градско-Прилеп, кај с.Беловодица, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Е.Б.(35) и Н.А.(33) од Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „кражба“.

По документирање на настанот против нив ќе следуваат соодветни пријави – стои во соопштението од МВР.

Се согласувате ли?! Просечната нето плата во септември била 41.585 денари

Нето платата во септември е зголемена за 9,8 проценти во споредба со истиот период лани, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, во септември просечната исплатена нето-плата по вработен изнесувала 41 585 денари.

Зголемувањето се должи пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите административни и помошни услужни дејности каде има зголемување за 12,6 проценти, во преработувачка индустрија, како и во секторот уметност, забава и рекреација.

Во однос на август годинава, зголемување во септември е забележано во секторите рударство и вадење на камен, административни и помошни услужни дејности и преработувачка индустрија.

Просечната бруто-плата по вработен во септември изнесувала 62 573 денари.

17-та „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Амбасадата на Јапонија, Кинотека и Центарот за култура Битола ќе ја прослават 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со седумнаесеттата „Недела на јапонски филм“.

На 25 ноември во Кинотека, 20 ч. Амбасадорот на Јапонија, г. Оцука, ќе го отвори седумнаесетото издание на „Недела на јапонски филм“ сo “Враќањето на Даимаџин”, култен јапонски филм од 60те, дел од триологијата која има огромно влијание на многу генерации на филмаџии, креатори на каиџу (чудовишта) филмски приказни.

Останатите филмови од селекцијата за Кинотека се современи играни јапонски филмови, додека во Битола двете проекции ќе понудат долгометражни современи јапонски анимации. Сите проекции се бесплатни.

Кинотека | 20 ч.

25.11 | Враќањето на Даимаџин
26.11 | Train Brain Express
27.11 | Уште не сосема мртов
28.11 | Браќата Мамија
29.11 | Сто лаги

Центар за култура Битола | 20 ч.

02.12 | 5 сантиметри во секунда
03.12 | Ветеното место во нашите рани денови

[преводот на филмовите е на македонски и англиски јазик]

ИН МЕМОРИАМ: Замина во вечноста големиот македонски и прилепски уметник Богдан Грабулоски

ИН МЕМОРИАМ

Богдан Грабулоски – Боначо ( 1948 – 2024)

Замина во вечноста големиот прилепски и македонски уметник Богдан Грабулоски Боначо. Вечна му слава!

Боначо остави неизбришлива трага во современата македонска ликовна уметност. Витезот на одделот за уметност наа Ordine Accademika Internazionale – Greci Marino, Вербано, Италија, долго ќе се памети.
Беше уметник кој реализираше бројни самостојни изложби во родниот град, во Скопје, Битола, Охрид, Куманово, а беше дел од претставувањата на групни изложби во Мурска Субота во Словенија, во Софија, Панчево, Истанбул, Суботица, Санкт Петербург.., на Интеранционалното биенале во Сао Паоло.

Богдан Грабулоски Боначо беше дел од манифестациите на ЦСЛУ, на колониите во Сопоча и Комарио. Добитник на наградата во Мурска Субота, на Нерешки мајстори во 1986 година, на СОРОС центарот за годишна изложба. Беше дел и од кусиот филм „ Крикот на глувонемиот“.
Академија за ликовни уметности завршил во Приштина во 1980 година, а магистрирал на Универзитетот за уметност во Белград. Го трасираше својот уметнички пат како вајар, создавајќи многубројни дела во камен, но се „проба“ и во други техники. Беше автор на спомен обележјето Карпалак во кругот на прилепската касарна.

Со години придонесуваше за ликовниот живот во градот, организирајќи изложби во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Административно од ЦК „Марко Цепенков“ во пензија замина со изложба, на која тогаш рече: ,, Софија на стол“ е скулптура во камен на која работев 30 години. Ја изложувам заради тоа што и сега е актуелна, интересна и ја претставува мудроста на малиот стол.

Инспиративна е мудроста во мислата. Од бел камен сивец е“ рече тогаш Боначо.
За речиси 30 годишното творештво создаде многу дела, слики и цртежи, велејќи дека уметноста пулсира во секоја негова клетка.

Почивај во мир Бонач!

(ВИДЕО) Избегната тепачка во Собрание помеѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Инцидент во Собрание меѓу лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – објави “СИТЕЛ ТВ”.

Во жестока размена на зборови меѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и Апасиев кој од своето пратеничко место му дофрлаше на Мицевски кој беше на собраниската говорница.

Одеднаш околу Апасиев се собраа повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, по што тој во еден момент фрли со предмет по пратениците од најголемата владеачката партија.

Со цел да се избегне поголем инцидент, Гаши ја прекина седницата и го повика собраниското обезбедување да интервенира.

Утре студен бран со дожд, снег и ветер

Времето утре ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, попладне во западните делови ќе бидат пообилни (над 40 l/m2). Ќе дува засилен јужен ветер, кој во текот на ноќта ќе го промени правецот во северен (над 70 km/h). Врнежите од дожд најпрвин на планините ќе преминат во снег и ќе се формира снежна покривка. Во текот на ноќта и во сабота претпладне врнежи од снег ќе има и на некои пониски места каде ќе се формира помала снежна покривка, соопшти УХМР.

Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури и магла по котлините.

Во Скопје утре времето ќе биде претежно облачно и ветровито со врнежи од дожд, повремено пообилни. Во текот на ноќта со засилен северен ветер ќе има услови во повисоките делови од котлината врнежите од дожд да преминат во снег со слаб интензитет.

Бајден го собори рекордот: Влезе во историјата како најстар американски претседател

Американскиот претседател Џо Бајден вчера наполни 82 години и стана најстариот шеф на САД во историјата.

Претседателот немаше јавни настани во неговиот календар вчера, откако се врати од патување во Јужна Америка доцна во вторникот вечерта.

Семејството, пријателите и колегите, вклучително и првата дама Џил Бајден и поранешниот претседател Барак Обама, му оддадоа почит на социјалните мрежи.

„Среќен роденден на мојот драг пријател и нашиот неверојатен претседател Џо Бајден“, објави потпретседателката Камала Харис на Икс.

Бајден се повлече од претседателската трка во јули поради верувањето на гласачите дека е премногу стар и се сомневаат во неговиот ментален капацитет по лошиот настап во дебатата против републиканецот Доналд Трамп во јуни.

Трамп (78) ја победи демократската кандидатка, потпретседателката Камала Харис (60) на изборите на 5 ноември. Трамп треба да го надмине возрасниот рекорд на Бајден во неговиот следен мандат, бидејќи тој ќе има 82 години и седум месеци на крајот од неговиот мандат во 2029 година.

Роналд Реган претходно го држеше рекордот за најстар претседател со завршување на вториот четиригодишен мандат на 77-годишна возраст.